Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  февруари 2017

Пионерите Џорџ Ролстон и Артур Вилис дотураат вода во ладилникот од колата (Северната Територија, 1933 год.)

 ОД НАШАТА АРХИВА

„Ниеден пат не е претежок ниту предолг“

„Ниеден пат не е претежок ниту предолг“

НА 26 март 1937 година, Артур Вилис и Бил Њулендс, уморни од едногодишното патување, пристигнале со својот правлив камионет во Сиднеј (Австралија). Тие поминале над 19.300 километри низ некои од најзафрлените и најтешко достапните места на овој континент. Овие луѓе не биле ниту истражувачи ниту авантуристи. Тие биле само двајца од многуте ревносни пионери кои биле решени да ја пренесат добрата вест за Божјето Царство до најзафрлените делови на Австралија.

Сѐ до крајот на 1920-тите, малиот број Истражувачи на Библијата * во Австралија проповедале главно во или околу крајбрежните градови и помалите населени места од континентот. Внатрешноста на земјата е ретко населено сушно подрачје со големина отприлика колку половина Европа. Меѓутоа, браќата биле свесни дека следбениците на Исус треба да сведочат за него „сѐ до крајот на земјата“, во што спаѓаат и зафрлените делови во Австралија (Дела 1:8). Но како би можеле да извршат една таква огромна задача? Тие биле решени да направат сѐ што можат со целосна доверба дека Јехова ќе го благослови нивниот труд.

ПИОНЕРИТЕ ГО ПОДГОТВИЛЕ ПАТОТ

Во 1929 год., собранијата во Квинсленд и Западна Австралија приспособиле неколку комбиња за да можат да проповедаат во пределите на внатрешноста. Со овие комбиња управувале храбри и издржливи пионери кои можеле да ги поднесат тешките услови и да ги поправаат возилата кога ќе се расипеле. Овие пионери стигнале до многу места на кои никој пред тоа не слушнал за вистината.

Пионерите што не можеле да си дозволат моторно возило решиле да одат на такво патување со своите велосипеди. На пример, во 1932 год., 23-годишниот Бенет Брикел тргнал од Рокхамптон (Квинсленд) на петмесечно проповедничко патување низ зафрлените места на северот од таа држава. На својот велосипед кој бил доста натоварен носел ќебиња, облека, храна и голем број книги. Кога гумите од велосипедот сосема се излижале, тој продолжил понатаму уверен дека Јехова ќе го води. Последните 320 километри го туркал велосипедот низ сушни подрачја каде што некои луѓе претходно умреле од жед. Во следните 30 години, брат Брикел пропатувал стотици илјади километри низ Австралија со велосипед, мотор и кола. Тој го започнал проповедничкото  дело меѓу Абориџините и помогнал да се основаат собранија, со што станал многу познат и ценет низ целата внатрешност на континентот.

КАКО ГИ НАДМИНАЛЕ ТЕШКОТИИТЕ

Австралија е една од најретко населените земји во светот, а тоа важи особено за нејзината внатрешност. И покрај тоа, Јеховините слуги биле решени да ги најдат луѓето што живееле во зафрлените делови од континентот.

Пионерите Стјуарт Келти и Вилијам Торингтон покажале таква решителност. Во 1933 год., тие ја преминале огромната пустина Симпсон, во која има многу песочни дини, за да проповедаат во гратчето Алис Спрингс, во централниот дел од континентот. Кога нивната кола се расипала и морале да ја остават, тие не се откажале од патувањето. Иако брат Келти имал дрвена нога, тој продолжил понатаму јавајќи на камила! Нивниот труд вродил со плод кога сретнале еден сопственик на хотел во едно зафрлено место наречено Вилијам Крик. Овој човек, Чарлс Бернхард, подоцна ја прифатил вистината, го продал својот хотел и сам служел како пионер 15 години во некои од најсушните и најоддалечените делови на Австралија.

Артур Вилис се подготвува за да замине на проповедничко патување во пространата внатрешност на Австралија (Перт, Западна Австралија, 1936 год.)

На овие први пионери сигурно им била потребна храброст и истрајност за да се справат со многуте тешкотии. На своето проповедничко патување, Артур Вилис и Бил Њулендс, кои ги спомнавме на почетокот, во една прилика морале да патуваат цели две седмици за да поминат само 32 километри. Причината за тоа биле обилните дождови кои ја претвориле пустината во море од кал. Понекогаш, во најголемите жештини, целите облеани во пот, со сите сили морале да го туркаат камионетот преку песочните дини, да минуваат низ карпести долини и правливи речни корита. Кога ќе им се расипел камионетот, што честопати се случувало, тие со денови пешачеле или возеле велосипед до најблиското гратче. Потоа, со седмици чекале да ги добијат потребните делови за возилото. И покрај таквите тешкотии, тие останале позитивни. Артур Вилис, со свои зборови изразил една мисла од списанието Златен век: „Ниеден пат не е претежок или предолг за [Божјите] сведоци“.

Долгогодишниот пионер Чарлс Харис објаснил дека тоа што бил далеку од своите блиски, како и тешкотиите што ги доживеал додека проповедал во зафрлените места, уште повеќе го зближиле со Јехова. Тој рекол: „Животот е многу подобар кога имаш помалку материјални работи. Ако Исус бил спремен да спие под отворено небо кога било неопходно, тогаш и ние треба со радост да го сториме истото ако нашата задача го бара тоа од нас“. Токму тоа го правеле многу пионери. Благодарение на нивниот огромен труд, добрата вест стигнала до секое делче од континентот. Тие им помогнале на безброј луѓе да застанат на страната на Божјето Царство.

^ пас. 4 Истражувачите на Библијата го прифатиле името Јеховини сведоци во 1931 год. (Иса. 43:10).