Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  февруари 2017

Јехова ќе ја исполни својата намера!

Јехова ќе ја исполни својата намера!

Ја кажав својата намера, и ќе ја исполнам. Она што го наумив, тоа и ќе го извршам (ИСА. 46:11)

ПЕСНИ: 147, 149

1, 2. а) Што ни открил Јехова? б) Во што нѐ уверуваат зборовите од Исаија 46:10, 11 и 55:11?

ВО ПРВИОТ стих од Библијата се запишани следниве едноставни, но длабоки зборови: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мој. 1:1). Луѓето откриле само мал дел од работите што ги создал Бог во универзумот. Но дури и за многу работи што ги истражувале, како што се просторот, светлината и гравитацијата, имаат прилично мало познавање (Проп. 3:11). Сепак, Јехова ни открил каква намера има со Земјата и со луѓето. Тој ги создал луѓето според својот лик и сакал да се радуваат на животот на Земјата (1. Мој. 1:26). Тие требало да бидат негови деца, а тој нивни Татко.

2 Од третото поглавје од 1. Мојсеева дознаваме дека намерата на Јехова била оспорена (1. Мој. 3:1-7). Сепак, не постои проблем кој тој не може да го реши. Никој не може да го спречи Јехова да го исполни тоа што го наумил (Иса. 46:10, 11; 55:11). Можеме да бидеме уверени дека тој ќе ја оствари својата намера во вистинско време.

3. а) Кои важни учења сме ги дознале од Библијата? б) Зошто сега ќе ги разгледаме тие учења? в) На кои прашања ќе добиеме одговор?

 3 Ние знаеме која е Божјата намера со Земјата и со луѓето и знаеме дека Исус има клучна улога во исполнувањето на таа намера. Ова се многу важни библиски вистини и веројатно, кога сме почнале да ја проучуваме Библијата, најпрво сме ги дознале нив. Сега сакаме да им помогнеме и на другите да ги дознаат овие важни учења. Во овој период од годината, кога ги каниме луѓето на Спомен-свеченоста, имаме посебна прилика да го правиме тоа (Лука 22:19, 20). Оние што ќе дојдат на овој важен настан ќе научат повеќе за Божјата прекрасна намера. Затоа, сега е добро време да размислиме кои прашања може да ги користиме за да ги поттикнеме луѓето да присуствуваат на Спомен-свеченоста. Во оваа статија ќе разгледаме три прашања: Која е Божјата намера со Земјата и со луѓето? Каков проблем се појавил? Зошто откупната жртва на Исус има клучна улога во исполнувањето на Божјата намера?

КОЈА БИЛА ПРВОБИТНАТА НАМЕРА НА ТВОРЕЦОТ?

4. Како созданието ја објавува Божјата слава?

4 Јехова е величествен Творец. Тој создал сѐ совршено (1. Мој. 1:31; Ерем. 10:12). Што можеме да научиме од убавината на созданијата и редот што се гледа во нив? Кога ги набљудуваме творбите на Јехова, сфаќаме дека се создадени со добра цел. Како се чувствуваш кога ќе ги видиш ѕвездите на небото, кога ќе видиш штотуку родено бебе или, пак, прекрасно зајдисонце? Сигурно им се восхитуваш затоа што Јехова нѐ создал со способност да препознаеме што е навистина убаво. (Прочитај Псалм 19:1; 104:24.)

5. Што направил Јехова за сѐ во универзумот да функционира складно?

5 На сите свои творби Јехова им поставил ограничувања, односно закони. Тој одредил физички и морални закони за да може сѐ да функционира во совршен склад (Пс. 19:7-9). Сѐ во универзумот си има точно определено место и функција. На пример, законот за гравитација ја држи атмосферата блиску до Земјата и ги контролира океаните, како и плимата и осеката. Без гравитација, не би постоел живот на Земјата. Законите што ги поставил Јехова во природата придонесуваат да има совршен ред во универзумот. Тоа покажува дека тој има одредена намера со Земјата и со луѓето. Дали би можел да им помогнеш на оние што ги среќаваш во службата да го запознаат Творецот на величествениот универзум? (Отк. 4:11).

6, 7. Кои скапоцени дарови им ги дал Јехова на Адам и Ева?

6 На почетокот, Јехова имал намера луѓето да живеат засекогаш на Земјата (1. Мој. 1:28; Пс. 37:29). Тој великодушно им дал на Адам и Ева најразлични скапоцени дарови. (Прочитај Јаков 1:17.) Ги обдарил со слободна волја, способност да размислуваат, да покажуваат љубов и да склопуваат пријателства. Творецот го поучил Адам за тоа како да му биде послушен. Исто така, Адам научил како да се грижи за себе, за животните и за земјата (1. Мој. 2:15-17, 19, 20). Јехова ги создал Адам и Ева со сетило за вид, слух, допир, мирис и вкус. Така тие можеле да му се радуваат  на животот во својот прекрасен рајски дом и во сета вечност да учат и да откриваат нови работи.

7 Што друго било дел од Божјата намера? Јехова им дал на Адам и Ева способност да имаат совршени деца. Потоа, нивните деца требало да имаат свои деца, и тоа требало да продолжи сѐ додека Земјата не се наполнела со луѓе. Јехова имал намера родителите да ги сакаат своите деца, исто како што тој ги сакал своите совршени деца, Адам и Ева. Земјата, заедно со сите прекрасни работи што ги создал на неа, требало засекогаш да биде нивни дом (Пс. 115:16).

КАКОВ ПРОБЛЕМ СЕ ПОЈАВИЛ?

8. Зошто Бог им ја дал на Адам и Ева заповедта од 1. Мојсеева 2:16, 17?

8 За жал, работите не испаднале веднаш така како што сакал Јехова. Што се случило? Јехова им дал на Адам и Ева едноставна заповед за да знаат дека нивната слобода има граници. Тој рекол: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш до ситост. А од дрвото на спознанието на доброто и злото не смееш да јадеш, зашто во оној ден кога ќе каснеш од него, сигурно ќе умреш“ (1. Мој. 2:16, 17). На Адам и Ева не им било тешко да ја разберат оваа заповед. Освен тоа, не требало да им биде тешко да ја послушаат затоа што во рајската градина имало изобилство вкусна храна.

9, 10. а) Какво обвинение изнел Сатана против Јехова? б) Што одлучиле Адам и Ева? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

9 Сатана Ѓаволот искористил змија за да ја наведе Ева да му биде непослушна на својот Татко, Јехова. (Прочитај 1. Мојсеева 3:1-5; Отк. 12:9.) Тој покренал спор околу тоа зошто Бог не им дозволил на луѓето да јадат „од секое дрво во градината“. Тоа било исто како да рекол: „Значи, не можете да правите сѐ што сакате?“ Потоа ѝ кажал на Ева: „Не, вие нема да умрете“. Тоа било чиста лага. Тогаш, се обидел да ја убеди дека нема потреба да му биде послушна на Бог. Сатана ѝ рекол: „Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете [од дрвото на спознанието на доброто и злото], ќе ви се отворат очите“. Всушност, тој сакал да ѝ каже дека Јехова им забранил да јадат од тоа дрво за да ги спречи да стекнат некакво посебно знаење. На крај, тој ѝ го дал следново лажно ветување: „Ќе станете како Бог и ќе знаете што е добро, а што зло“.

10 Адам и Ева требало да одлучат кого ќе го послушаат — Бог или змијата. За жал, тие избрале да му бидат непослушни на Бог. Го отфрлиле Јехова како свој Татко и му се придружиле на Сатана. Така останале препуштени сами на себе и ја изгубиле Јеховината заштита (1. Мој. 3:6-13).

11. Зошто Јехова морал да преземе нешто кога Адам и Ева згрешиле?

11 Кога ја прекршиле Божјата заповед, Адам и Ева го изгубиле совршенството. Исто така, тие станале Божји непријатели затоа што Бог ја мрази злобата. Библијата вели дека неговите „очи се пречисти“ за да го гледа злото (Авак. 1:13). Ако Јехова не презел ништо кога Адам и Ева згрешиле, ќе била доведена во опасност иднината на сите живи суштества. Освен тоа, и ангелите и луѓето би ја изгубиле довербата во него. Но, Јехова верно се држи за своите мерила и никогаш не ги погазува (Пс. 119:142). Тоа што Адам и  Ева имале слободна волја не им дало право да ја прекршат Божјата заповед. Бидејќи се побуниле против Јехова, на крајот умреле и се вратиле во правта од која биле создадени (1. Мој. 3:19).

12. Што се случило со потомците на Адам?

12 Кога Адам и Ева каснале од забранетиот плод, повеќе не можеле да бидат дел од Јеховиното семејство. Бог ги истерал од рајската градина и не им дозволувал да се вратат (1. Мој. 3:23, 24). Тој ги соочил со последиците од нивната одлука. (Прочитај 5. Мојсеева 32:4, 5.) Бидејќи станале несовршени, не можеле потполно да ги одразуваат Јеховините особини. Адам ја изгубил можноста тој и неговите деца да имаат прекрасна иднина. На своите потомци можел да им пренесе само несовршенство, грев и смрт (Рим. 5:12). Тој им ја одзел можноста на своите деца да живеат вечно. Адам и Ева не можеле да имаат совршени деца, а тоа било случај и со сите нивни потомци. Откако ги навел првите луѓе да му свртат грб на Бог, Сатана постојано се обидува да ги наведе и сите други да го направат истото (Јован 8:44).

ОТКУПНИНАТА НИ ОВОЗМОЖУВА ДА БИДЕМЕ БЛИСКИ СО БОГ

13. Каква намера има Јехова со луѓето?

13 И покрај побуната на Адам и Ева, Јехова не престанал да ги сака луѓето. Тој имал намера нивните деца да бидат блиски со него. Никогаш не сакал луѓето да умираат (2. Пет. 3:9). Затоа, Бог веднаш презел чекори за да можат луѓето повторно да имаат добар однос со него и да бидат избавени од смртта. Како успеал во тоа без да ги погази своите праведни мерила?

14. а) Според Јован 3:16, што направил Бог за да го избави човештвото од гревот и смртта? б) За кое прашање би можеле да разговараме со луѓето?

14 Прочитај Јован 3:16. Овој стих обично им го читаме на луѓето кои ги каниме на Спомен-свеченоста. Но, како жртвата на Исус ни овозможува да имаме вечен живот? Можеме да им помогнеме на луѓето да го дознаат одговорот на ова прашање кога ги покануваме на Спомен-свеченоста, кога присуствуваат на овој важен настан или подоцна кога ги посетуваме. Откако ќе научат нешто повеќе за откупнината, искрените лица веројатно ќе сфатат колку многу Јехова ги сака луѓето и колку е мудар. Кои мисли во врска со откупнината можеме да им ги пренесеме?

15. Каква разлика постоела меѓу Исус и Адам?

15 Јехова се погрижил на Земјата да се роди совршен човек кој можел да го даде својот живот како откупнина. Тој требало да му биде верен на Јехова и да биде спремен да го даде својот живот за луѓето (Рим. 5:17-19). Јехова го пренел животот на Исус, своето прво создание, од небото на Земјата (Јован 1:14). Така тој станал совршен човек, исто како што бил Адам. Но, за разлика од Адам, Исус се држел за мерилата за кои Јехова очекувал да се држи еден совршен човек. Дури и кога се соочил со најтешките испити, не прекршил ниту една Божја заповед.

16. Зошто откупнината е толку скапоцен дар?

16 Со тоа што умрел како совршен човек, Исус овозможил сите луѓе да се ослободат од гревот и смртта. Тој бил она што требало да биде самиот Адам — совршен човек, потполно верен  и послушен на Бог (1. Тим. 2:6). Со својата смрт, Исус им дава можност на сите мажи, жени и деца да живеат вечно (Мат. 20:28). Откупната жртва на Исус има клучна улога во исполнувањето на Божјата намера (2. Кор. 1:19, 20).

ЈЕХОВА ЈА ОБЕЗБЕДИЛ ОТКУПНИНАТА

17. Што ни овозможува откупнината?

17 Јехова платил висока цена за откупнината (1. Пет. 1:19). Тој толку многу нѐ сака што бил спремен да дозволи неговиот мил Син да умре за нас (1. Јов. 4:9, 10). Може да се каже дека Исус станал наш татко наместо Адам (1. Кор. 15:45). Освен што ни дал можност да живееме вечно, Исус ни овозможил и да станеме дел од Божјето семејство. Благодарение на откупнината, луѓето ќе станат совршени и Јехова ќе може да ги прими повторно во своето семејство без да ги погази своите закони. Замисли си колку ќе биде убаво кога сите што му се верни на Јехова ќе станат совршени! Конечно, сите суштества обдарени со разум и на небото и на Земјата ќе бидат обединети како едно семејство. Тогаш, сите ќе бидеме Божји деца (Рим. 8:21).

18. Кога Јехова ќе им стане „сѐ на сите“?

18 Иако нашите прародители Адам и Ева го отфрлиле Јехова, тој не престанал да им покажува љубов на луѓето. Освен тоа, иако сме несовршени, Сатана не може да нѐ спречи да му бидеме верни на Јехова. Преку откупнината, Јехова ќе ни помогне да станеме праведни во вистинска смисла на зборот. Замисли каков ќе биде животот кога секој што верува во Исус ќе живее вечно (Јован 6:40). Нашиот грижлив и мудар Татко ќе ја исполни својата намера и ќе им помогне на луѓето да станат совршени. Тогаш, Јехова ќе им стане „сѐ на сите“ (1. Кор. 15:28).

19. а) На што треба да нѐ поттикне благодарноста за откупнината? (Види ја рамката „ Продолжи да ги бараш достојните“.) б) Што ќе разгледаме во следната статија?

19 Нашата благодарност за откупнината треба да нѐ поттикне да им кажуваме на другите за овој бесценет дар. Луѓето треба да знаат дека, преку откупната жртва, Јехова им дава можност на сите луѓе да живеат вечно. Но, со откупнината се постигнува нешто многу поважно. Таа дава одговор на спорните прашања што ги покренал Сатана во рајската градина. Ова ќе го разгледаме во следната статија.