Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  февруари 2017

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Апостол Павле напишал: „Бог... нема да дозволи да бидете искушани повеќе отколку што можете да поднесете“ (1. Кор. 10:13). Дали ова значи дека Јехова однапред гледа што можеме да издржиме и според тоа избира со кои искушенија ќе се соочиме?

Доколку ова би било точно, размисли како би влијаело врз нашиот живот. Еден брат чиј син извршил самоубиство рекол: „Дали Јехова однапред видел дека јас и жена ми ќе можеме да го издржиме самоубиството на нашиот син? Дали тоа се случи затоа што Бог сметал дека ќе ја поднесеме трагедијата?“ Денес, многумина од нас се соочуваат со неволји. Има ли основа да веруваме дека Јехова има контрола над сѐ што ни се случува во животот?

Додека ги разгледуваме зборовите запишани во 1. Коринќаните 10:13, доаѓаме до следниов заклучок: Библијата не ни дава основа да веруваме дека Јехова однапред гледа што можеме да издржиме и дека потоа одлучува кои неволји да нѐ погодат. Да видиме кои четири причини нѐ водат до овој заклучок.

Прво, Јехова им дал на луѓето слободна волја, односно право на избор. Тој сака самите да носиме одлуки (5. Мој. 30:19, 20; Ис. Нав. 24:15). Кога донесуваме одлуки со кои го радуваме Јехова, можеме да имаме доверба дека тој ќе нѐ води (Изр. 16:9). Но, кога носиме лоши одлуки, мора да живееме со последиците (Гал. 6:7). Доколку Јехова избира со какви искушенија ќе се соочиме, дали тогаш може да се каже дека имаме слободна волја?

Второ, Јехова не нѐ штити од непредвидени настани (Проп. 9:11). Некој може да доживее несреќа едноставно затоа што се нашол на погрешно место во погрешно време. На пример, Исус спомнал една трагедија во која загинале 18 луѓе кога една кула паднала врз нив. Тој јасно кажал дека Бог не предизвикал тие да умрат (Лука 13:1-5). Според тоа, дали е разумно да веруваме дека, пред да се случи некоја трагедија, Јехова избира кој ќе загине, а кој ќе се спаси?

Трето, секој од нас има можност да му остане верен на Јехова. Сатана тврди дека му  служиме на Јехова од себични мотиви и дека нема да му останеме верни ако доживееме неволји (Јов 1:9-11; 2:4; Отк. 12:10). Ако Јехова спречи да доживееме некоја неволја затоа што смета дека нема да можеме да ја издржиме, зарем тоа не би изгледало како Сатана да е во право?

Четврто, Јехова не ја користи секогаш својата способност да гледа во иднината за да предвиди што ќе ни се случи. За да може однапред да одреди со какви неволји ќе се соочиме, Јехова мора да знае сѐ за нашата иднина. Но, ваквото гледиште нема библиска основа. Се разбира, доколку сака, Јехова може да ја предвиди иднината (Иса. 46:10). Но, од Библијата дознаваме дека тој не предвидува сѐ однапред (1. Мој. 18:20, 21; 22:12). Јехова нѐ сака и е праведен. Затоа не нѐ спречува да ја користиме слободната волја за самите да носиме одлуки (5. Мој. 32:4; 2. Кор. 3:17).

Тогаш, што мислел Павле кога рекол „Бог... нема да дозволи да бидете искушани повеќе отколку што можете да поднесете“? Со ова Павле сакал да укаже на она што Јехова го прави додека трае некое искушение, а не пред да се случи. * Сеедно со какви тешкотии ќе се соочиме, Јехова ќе ни помага ако имаме доверба во него (Пс. 55:22). Овие утешни зборови на Павле се темелат на две вистини.

Како прво, она што го доживуваме е „вообичаено за луѓето“. Сѐ додека живееме во светот на Сатана, ќе се соочуваме со тешки ситуации, па можеби дури и со трагедии. Но, ако се потпираме на Јехова, можеме да истраеме во неволјите и да му останеме верни (1. Пет. 5:8, 9). Во контекстот на 1. Коринќаните 10:13, Павле спомнал некои од испитите со кои се соочиле Израелците во пустината (1. Кор. 10:6-11). Оние што имале доверба во Јехова можеле да истраат. Но, некои Израелци не му биле послушни на Јехова. Тие не останале верни затоа што не се потпирале на него.

Како второ, „Бог е верен“. Што значи ова? Кога читаме како Јехова се грижел за своите слуги низ историјата, гледаме дека тој верно им помага на „оние што го сакаат и ги држат неговите заповеди“ (5. Мој. 7:9). Извештаите од Библијата ни покажуваат дека Јехова секогаш ги исполнува своите ветувања (Ис. Нав. 23:14). Можеме да бидеме уверени дека 1) Јехова нема да дозволи ниту едно искушение да стане толку тешко што би било невозможно да го поднесеме и 2) ќе „направи излез“.

Јехова „нѐ теши во секоја наша неволја“

Како Јехова ќе „направи излез“ за оние што имаат доверба во него? Се разбира, ако е во склад со неговата волја, тој може да ја отстрани неволјата. Но, да се присетиме на зборовите што ги кажал Павле: „Бог... ќе направи излез кога ќе дојде искушението за да можете да го издржите“. Честопати, Јехова ни дава излез така што нѐ зајакнува за да можеме да му останеме верни. Да видиме некои начини на кои го прави тоа.

  • Јехова „нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Кор. 1:3, 4). Тој може да ни даде внатрешен мир преку својата Реч, светиот дух и духовната храна што ја дели верниот и разборит роб (Мат. 24:45; Јован 14:16, фус.; Рим. 15:4).

  • Јехова може да го користи својот дух за да нѐ води (Јован 14:26). Светиот дух може да ни помогне да се потсетиме на библиски извештаи и начела за да можеме да носиме мудри одлуки.

  • Јехова може да ги користи ангелите за да ни помагаат (Евр. 1:14).

  • Јехова може да ни помогне преку нашите соверници. Тие можат да нѐ зајакнат со своите зборови и постапки (Кол. 4:11).

Според сето ова, што можеме да заклучиме од зборовите на Павле запишани во 1. Коринќаните 10:13? Јехова не одредува однапред со кои неволји ќе се соочиме. Но, можеме да бидеме уверени дека, ако имаме доверба во него, тој ќе ни помогне да истраеме во секоја неволја. Знаеме дека Јехова ќе „направи излез“ во секоја тешка ситуација за да можеме да му останеме верни.

^ пас. 2 Грчкиот збор преведен со „искушение“ може да се однесува и на испит на верата или на неволја.