Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  февруари 2016

Угледај се на блиските пријатели на Јехова

Угледај се на блиските пријатели на Јехова

„Јехова е близок со оние што се бојат од него“ (ПС. 25:14)

ПЕСНИ: 106, 118

1-3. а) Од каде знаеме дека може да станеме Божји пријатели? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

ВО БИБЛИЈАТА, Авраам трипати е наречен Божји пријател (2. Лет. 20:7, фус.; Иса. 41:8; Јак. 2:23). Бидејќи овој израз се користи само за него, дали треба да заклучиме дека тој бил единствениот човек кој станал Божји пријател? Не. Божјата Реч јасно покажува дека секој од нас може да изгради пријателство со Јехова.

2 Во Библијата има многу извештаи за верни мажи и жени, кои имале страхопочит кон Бог, покажале вера во него и му станале блиски пријатели. (Прочитај Псалм 25:14.) Тие се дел од ‚големиот облак од сведоци‘ кој го спомнал апостол Павле (Евр. 12:1). Иако биле различни, сите биле Божји пријатели.

3 Да разгледаме нешто повеќе за тројца Јеховини блиски пријатели кои се опишани во Библијата: 1) Рут, млада вдовица од Моав која му била лојална на Бог; 2) Езекија, кој бил праведен цар на Јуда; и 3) Марија, понизна жена која му станала мајка на Исус. Што може да научиме од начинот  на кој секој од нив станал Божји пријател?

ТАА ПОКАЖАЛА ЛОЈАЛНА ЉУБОВ

4, 5. Каква одлука требало да донесе Рут, и зошто таа одлука била тешка? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

4 Ноемина и нејзините две снаи, Орфа и Рут, чекореле по патот што се извивал низ моавските рамници. Во еден момент, Орфа ги напуштила бидејќи одлучила да се врати дома во Моав. Но, Ноемина била цврсто решена да оди во својата родна земја, Израел. А што направила Рут? Таа се нашла пред една од најважните одлуки во својот живот. Можела да се врати кај својот народ во Моав или да остане со својата свекрва, Ноемина, и да продолжи заедно со неа кон Витлеем (Рут 1:1-8, 14).

5 Рут можела да размислува дека ќе ѝ биде многу полесно да се врати во Моав, каде што било нејзиното семејство. Мајка ѝ и другите роднини можеле да ја земат кај себе оваа млада вдовица и да се грижат за неа. Впрочем, Моав бил нејзината татковина. Таа добро го познавала моавскиот народ, како и неговиот јазик и култура. Ноемина не можела да ѝ вети дека ќе има такви погодности во Витлеем. Всушност, таа ја советувала Рут да остане во Моав, бидејќи се плашела дека нема да може да ѝ најде ниту маж ниту дом. Но, за разлика од Орфа, која ‚се вратила кај својот народ и своите богови‘, Рут одлучила да не им се врати на лажните богови на кои им служел нејзиниот народ (Рут 1:9-15).

6. а) Каква мудра одлука донела Рут? б) Со кои зборови Вооз ја пофалил Рут, и на што би можело да нѐ потсети тоа?

6 По сѐ изгледа, Рут дознала за Јехова Бог од својот починат сопруг или од Ноемина. Јехова не бил како моавските богови. Рут знаела дека тој заслужува да го сака и да му служи. Но, не било доволно само да го познава Јехова. Таа морала да одлучи дали ќе го избере за свој Бог. Рут донела мудра одлука. Таа ѝ рекла на Ноемина: „Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог мој Бог“ (Рут 1:16). Љубовта што Рут ја чувствувала кон Ноемина навистина нѐ допира до срце! Но, уште повпечатлива била нејзината љубов кон Јехова. Вооз подоцна ја пофалил оваа млада жена затоа што дошла ‚да побара засолниште под Јеховините крилја‘, слично како што едно пиленце се засолнува под крилјата на својата мајка. (Прочитај Рут 2:12; Пс. 36:7; 91:1-4). Јехова со љубов се грижел за Рут и ја наградил за нејзината вера. Таа никогаш немала причина да зажали за својата одлука.

7. Што може да им помогне на оние што сѐ уште не донеле одлука да му се заветуваат на Јехова?

7 Многу луѓе го запознаваат Јехова, но се колебаат да побараат засолниште кај него. Тие сѐ уште не донеле одлука да му го заветуваат својот живот и да се крстат како негови слуги. Ако и ти се двоумиш да го направиш тој чекор, дали си се прашал што те спречува во тоа? Секој жив човек на Земјата му служи на некој бог (Ис. Нав. 24:15). Зошто не побараш засолниште кај единствениот вистински Бог? Ако му го заветуваш својот живот, ќе покажеш вера во него. Јехова ќе ти помогне да живееш во склад со својата одлука и да ги совладаш сите предизвици на кои можеби ќе наидеш. Токму тоа го направил и за Рут.

‚ТОЈ ЦВРСТО СЕ ДРЖЕЛ ЗА ЈЕХОВА‘

8. Во какво семејство пораснал Езекија?

8 За разлика од Рут, младиот Езекија се родил во народ кој му бил заветуван на Јехова. Но, сите Израелци не живееле во склад со тој завет. На пример, татко му на Езекија, цар Ахаз, бил  злобен. Тој го навел народот во Јуда на идолопоклонство, па дури го осквернил и Јеховиниот храм во Ерусалим. Тешко е да си замислиме какво детство имал Езекија. Некои од неговите браќа биле убиени на ужасен начин — биле живи изгорени како жртви на еден лажен бог! (2. Цар. 16:2-4, 10-17; 2. Лет. 28:1-3).

9, 10. а) Зошто Езекија лесно можел да стане огорчен? б) Зошто не треба да му се лутиме на Бог? в) Зошто не треба да мислиме дека семејното потекло има пресудна улога врз тоа каква личност ќе бидеме?

9 Лошиот пример на Ахаз лесно можел да го наведе Езекија да стане огорчен и да му се лути на Бог. Некои што минале низ многу помали неволји сметаат дека можат со право ‚да му се лутат на Јехова‘ или да бидат огорчени на неговата организација (Изр. 19:3). Други, пак, кои пораснале во нездрава семејна средина, мислат дека поради тоа се осудени да водат лош живот, па дури и да ги повторат грешките на своите родители (Езек. 18:2, 3). Дали ваквото размислување е исправно?

10 Воопшто не! Ова јасно го потврдува извештајот за животот на Езекија. Никогаш немаме оправдана причина да му се лутиме на Јехова бидејќи тој не е изворот на злото во овој свет (Јов 34:10). Точно е дека родителите можат да извршат силно влијание врз своите деца, сеедно дали добро или лошо (Изр. 22:6; Кол. 3:21). Но, ова не значи дека семејното потекло има пресудна улога во нечиј живот. Напротив, Јехова ни дал на сите еден бесценет дар — можност да избереме што ќе правиме и какви личности ќе бидеме (5. Мој. 30:19). Како Езекија го искористил овој дар?

Многу млади луѓе ја прифаќаат вистината иако пораснале во нездрава семејна средина (Види во пасуси 9-10)

11. Зошто може да се каже дека Езекија бил еден од најдобрите цареви на Јуда?

11 Иако бил син на еден од најлошите цареви на Јуда, Езекија бил еден од најдобрите. (Прочитај 2. Царевите 18:5, 6.) Тој одлучил да не го следи лошиот пример на својот татко. Наместо тоа, избрал внимателно да ги слуша Јеховините пророци, како што биле Исаија, Михеј и Осија. Цар Езекија обрнал внимание на нивните совети и опомени, и дозволил тие да продрат длабоко во неговото срце. Тоа го поттикнало  да се потруди да ги исправи последиците од страшните злодела на својот татко. Ова го направил така што го исчистил храмот, принел жртви за гревовите на народот и ги уништил идолите на лажните богови низ целата земја (2. Лет. 29:1-11, 18-24; 31:1). Кога асирскиот цар Сенахирим се заканил дека ќе го нападне Ерусалим, Езекија покажал голема храброст и вера. Тој го зајакнал својот народ со збор и со пример бидејќи имал цврста доверба дека Јехова ќе ги избави (2. Лет. 32:7, 8). Подоцна, кога добил совет затоа што покажал вообразеност, тој се понизил и се покајал (2. Лет. 32:24-26). Очигледно, Езекија не дозволил минатото да му ја уништи сегашноста ниту да го остави без иднина. Наместо тоа, покажал дека е Јеховин пријател и на тој начин ни дал одличен пример.

12. Слично на Езекија, како мнозина денес успеале да станат Јеховини пријатели?

12 Бидејќи живееме во еден суров и немилосрден свет, многу деца растат без потребната љубов, грижа и заштита од родителите (2. Тим. 3:1-5). Голем број христијани денес успеале да изградат блиско пријателство со Бог иако носат лоши спомени од детството поради тоа што пораснале во лоши семејни околности. Слично на Езекија, тие се жив пример дека минатото на еден човек не мора да има пресудно влијание врз неговата иднина. Бог ни подарил слободна волја, и за нас е чест што можеме да ја користиме за да се држиме цврсто за него и да го славиме неговото име, како што правел и Езекија.

„ЕВЕ ЈА ЈЕХОВИНАТА РОБИНКА!“

13, 14. Зошто задачата што ја добила Марија можеби изгледала претешка, но како таа му одговорила на Гавриел?

13 Со векови по времето на Езекија, една млада понизна Еврејка од Назарет развила посебно пријателство со Јехова. Тој ѝ дал задача каква што не му дал на никој друг. Таа требало да го роди и да го воспита Божјиот единороден Син! Јехова сигурно многу ја сакал Марија и имал огромна доверба во неа штом ѝ укажал таква неспоредлива чест. Но, како реагирала кога првпат чула за таа задача?

„Еве ја Јеховината робинка!“ (Види во пасуси 13-14)

14 Кога се спомнува Марија, обично мислиме само на честа што ѝ била дадена. Дали некогаш сме помислиле на стравовите и грижите со кои можеби се соочила? Божјиот ангел Гавриел ѝ кажал дека ќе забремени со чудо, без да има односи со маж. Но, тој не се понудил да појде кај нејзините роднини и соседи за да им го објасни тоа. Што можеле да си помислат тие? Марија сигурно била загрижена и како ќе реагира нејзиниот свршеник, Јосиф. Како можела да го увери дека, иако била бремена, сепак не го изневерила? Освен тоа, ѝ била доверена огромна  одговорност да го одгледа и да го поучува единородниот Син на Севишниот! Не знаеме какви сѐ мисли ѝ минувале низ главата додека ѝ зборувал Гавриел. Но, знаеме што му одговорила. Таа рекла: „Еве ја Јеховината робинка! Нека ми биде според твоите зборови!“ (Лука 1:26-38).

15. Зошто Марија имала извонредна вера?

15 Марија навистина имала извонредна вера! Слично на една робинка, таа била спремна да направи сѐ што нејзиниот господар ќе побара од неа. Марија имала доверба дека Јехова ќе се грижи за неа и дека ќе ја заштити. Зошто можела да покаже таква вера? Никој од нас не се раѓа со оваа особина. Таа е резултат на нашиот труд и на Божјиот благослов (Гал. 5:22). Дали има докази дека Марија вложила труд за да ја зацврсти својата вера? Да. Тоа се гледа од начинот на кој слушала и од она што го зборувала.

16. Од каде знаеме дека Марија слушала внимателно?

16 Како Марија слушала. Библијата нѐ советува да бидеме ‚брзи на слушање, а бавни на зборување‘ (Јак. 1:19). Дали Марија слушала внимателно? Очигледно да. Од Евангелието според Лука се гледа дека Марија обрнала посебно внимание на зборовите кои имале длабоко духовно значење, и подоцна размислувала за нив. Кога се родил Исус, неколку овчари ѝ ја пренеле пораката што им ја кажал еден ангел. Околу 12 години подоцна, самиот Исус кажал нешто важно што оставило силен впечаток врз неа. И во двата случаја, Марија слушала, ги запамтила зборовите што ги чула и внимателно размислувала за нив. (Прочитај Лука 2:16-19, 49, 51.)

17. Што учиме за Марија од она што го зборувала?

17 За што зборувала Марија. Во Библијата не се запишани многу зборови што ги кажала таа. Нејзината најдолга изјава е запишана во Лука 1:46-55. Од таму јасно се гледа дека Марија добро ги познавала светите списи. Нејзините зборови биле многу слични на зборовите што во својата молитва ги кажала Ана, мајката на пророкот Самоил (1. Сам. 2:1-10). Изгледа дека во таа прилика Марија цитирала 20 пати од Писмото. Тоа јасно покажува дека многу сакала да зборува за скапоцените вистини кои ги чувала во своето срце, а кои ги дознала од нејзиниот најдобар пријател, Јехова Бог.

18. Како може да се угледаме на верата на Марија?

18 Слично на Марија, понекогаш можеби и ние добиваме задачи кои ни изгледаат претешки. Да го следиме нејзиниот пример така што понизно ќе ги прифатиме, со целосна доверба дека Јехова ќе ни помогне да ги извршиме. Исто така, може да се угледаме на нејзината вера ако внимателно го слушаме Јехова, ако длабоко размислуваме за она што го учиме за него и за неговите намери, и ако радосно им зборуваме на другите за тоа (Пс. 77:11, 12; Лука 8:18; Рим. 10:15).

19. Што ќе добиеме ако продолжиме да го следиме извонредниот пример на вера што ни го оставиле Божјите слуги?

19 Јасно е дека Рут, Езекија и Марија биле Јеховини пријатели, исто како што бил и Авраам. Освен нив, и еден „голем облак од сведоци“, како и многу други верни лица низ историјата, имале чест да бидат пријатели со Бог. Да продолжиме и понатаму да го следиме извонредниот пример на вера што ни го оставиле тие Божји слуги (Евр. 6:11, 12). Ако го правиме тоа, сигурно ќе добиеме голема награда — ќе бидеме Јеховини блиски пријатели засекогаш!