Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  февруари 2016

Продолжи да му служиш на Јехова со радост

Продолжи да му служиш на Јехова со радост

КОЈ бил најсреќниот ден во твојот живот? Дали можеби денот кога си стапил во брак или кога ти се родило првото дете? Или, пак, тоа бил денот кога си се крстил како Јеховин слуга? Веројатно токму тој бил најважниот и најрадосниот ден во твојот живот. Сигурно и на твоите соверници им било многу мило кога со своето крштавање си покажал пред сите дека го сакаш Бог со сето срце, душа, ум и сила! (Мар. 12:30).

Без сомнение, од тој ден наваму си чувствувал голема радост во службата за Јехова. За жал, некои наши браќа и сестри не се радосни како што биле порано. Зошто ја изгубиле радоста? Од кои причини можеме и понатаму радосно да му служиме на Јехова?

ЗОШТО НЕКОИ ЈА ГУБАТ РАДОСТА

Пораката за Царството ни носи голема радост. Зошто? Затоа што Јехова ветува дека тоа Царство наскоро ќе му стави крај на сегашниот злобен свет и ќе ни помогне да влеземе во неговиот нов свет. Освен тоа, Софонија 1:14 нѐ уверува: „Близу е големиот ден на Јехова. Близу е и доаѓа многу брзо“. Сепак, ако чекаме подолго отколку што сме се надевале, тоа може да ни ја одземе радоста која сме ја чувствувале порано и да нѐ забави во службата за Бог (Изр. 13:12).

Изградувачкото дружење со Божјиот народ исто така ни помага да продолжиме радосно да му служиме на Јехова. Всушност, можеби токму доброто однесување на неговите слуги нѐ поттикнало да ја прифатиме вистината и да почнеме да му служиме со радост (1. Пет. 2:12). Но, што ако некој соверник ги прекрши библиските мерила? Во таков случај, некои што биле привлечени кон вистината поради доброто однесување на Јеховините слуги би можеле да се обесхрабрат и да ја изгубат радоста.

Рекламната индустрија на Сатановиот злобен свет може исто така да ни ја одземе радоста. Ѓаволот сака да нѐ натера да купуваме работи кои, всушност, воопшто не ни се потребни. Но, добро е да ги имаме на ум следниве зборови на Исус: „Никој не може да им робува на двајца господари, зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го сака, или ќе биде приврзан кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да му робувате и на Бог и на богатството“ (Мат. 6:24). Не е можно да му служиме на Јехова  со радост ако истовремено се обидуваме да го искористиме светот во потполност.

‚ДА СЕ ВЕСЕЛИМЕ ПОРАДИ БОГОТ НА НАШЕТО СПАСЕНИЕ‘

Ако го сакаме Јехова, нема да ни биде тешко да му служиме (1. Јов. 5:3). Сети се што рекол Исус: „Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас ќе ве закрепнам. Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души! Зашто, мојот јарем е пријатен и мојот товар е лесен“ (Мат. 11:28-30). Тоа што го носиме Христовиот јарем како негови ученици нѐ закрепнува и ни причинува радост. Навистина имаме многу причини ‚да се веселиме поради Богот на нашето спасение‘! (Авак. 3:18). Да разгледаме три од нив.

Ние му служиме на среќниот Бог кој ни подарил живот (Дела 17:28; 1. Тим. 1:11). Свесни сме дека му го должиме своето постоење на нашиот Творец. Затоа, да продолжиме да му служиме со радост, сеедно колку години поминале откако сме се крстиле.

За да не ја изгуби радоста, Хектор се труди и понатаму да проповеда и постојано да мисли на надежта за Царството

Размисли за Хектор, кој 40 години бил покраински надгледник. Иако е во поодминати години, тој сѐ уште ревносно му служи на Јехова (Пс. 92:12-14). Бидејќи жена му е болна, Хектор не може да се троши во службата исто како порано. Сепак, тоа не ја згаснало неговата радост. Тој вели: „Иако ми е многу жал кога гледам како здравјето на жена ми сѐ повеќе се влошува и грижата за неа не е секогаш лесна, не дозволувам тоа да ме спречи и понатаму радосно да му служам на вистинскиот Бог. Тоа што знам дека му го должам својот живот на Јехова, кој не нѐ создал бесцелно, е доволно силна причина да го сакам и да му служам со сето срце. За да не ја изгубам радоста, се трудам и понатаму да проповедам и постојано да мислам на надежта за Царството“.

Јехова ја дал за нас откупната жртва на својот Син, и со тоа ни овозможил да водиме радосен живот. Всушност, ‚Бог толку многу го сакал светот што го дал својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот‘ (Јован 3:16). Нашите гревови можат да бидат простени и може да добиеме вечен живот ако покажуваме вера во откупната жртва на Исус, која е скапоцен дар од нашиот Бог. Зарем ова не е извонредна причина да бидеме благодарни? Нашето ценење за откупнината треба да нѐ поттикне радосно да му служиме на Јехова.

Хесус го поедноставил својот живот и со години радосно му служел на Јехова

Еден брат од Мексико по име Хесус, рекол: „Ѝ бев роб на работата. Понекогаш работев пет  смени едноподруго, иако не морав. Го правев тоа само за да заработам повеќе пари. Потоа ја дознав вистината за Јехова и разбрав дека тој го дал својот мил Син за човештвото. Кај мене се роди силна желба да му служам на Бог. Му го заветував својот живот и, по цели 28 години работа во фирмата, решив да дадам отказ и да започнам со полновремена служба“. Тоа бил почеток на неговата долгогодишна служба за Јехова која му причинувала голема радост.

Водиме морално чист живот и тоа ни носи огромна радост. Се сеќаваш ли каков беше твојот живот пред да го запознаеш Јехова? Апостол Павле ги потсетил христијаните во Рим дека, иако порано ‚биле робови на гревот‘, станале „робови на праведноста“. Затоа што воделе чист живот, тие можеле да се надеваат дека ќе живеат вечно (Рим. 6:17-22). Бидејќи и ние се држиме за Јеховините мерила, заштитени сме од жалните последици на неморалното или насилно однесување. Ова навистина е огромна причина за радост!

„Откако му служам на Јехова, посреќен сум од кога и да било порано!“ (Хејми)

Размисли и за Хејми, поранешен атеист и еволуционист, кој се занимавал со бокс. Тој почнал да доаѓа на нашите состаноци и бил восхитен од љубовта што ја покажувале браќата и сестрите. За да го остави лошиот начин на живот, Хејми морал да го моли Јехова да му помогне да поверува во Него. Тој вели: „Постепено сфатив дека постои еден милостив Бог што како Татко се грижи за нас. Тоа што се држам за Јеховините праведни мерила ми служи како заштита. Ако не ги направев потребните промени, веројатно досега ќе бев мртов, исто како некои мои поранешни пријатели кои се занимаваа со бокс. Откако му служам на Јехова, посреќен сум од кога и да било порано!“

НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ!

Како треба да се чувствуваме додека го чекаме крајот на овој злобен свет? Не заборавај, ние ја вршиме Божјата волја и ‚ќе пожнееме вечен живот‘. Затоа, „да не се откажеме од правење добро, бидејќи, ако не се умориме, ќе жнееме кога ќе дојде време“ (Гал. 6:8, 9). Со Јеховина помош, да даваме сѐ од себе за да истраеме, да ги развиваме особините кои ќе ни помогнат да ја преживееме ‚големата неволја‘ и да продолжиме да му служиме на Јехова со радост (Отк. 7:9, 13, 14; Јак. 1:2-4).

Можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе нѐ награди, бидејќи тој никогаш нема да го заборави нашето дело и нашата љубов кон него и кон неговото име. Ако продолжиме да му служиме со радост, ќе бидеме како псалмистот Давид, кој рекол: „Постојано го имам Јехова пред себе. Тој ми е оддесно, затоа нема да се затетеравам. Затоа се радува моето срце и се весели мојата душа. А телото мое ќе почива спокојно“ (Пс. 16:8, 9).