Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  февруари 2016

 ОД НАШАТА АРХИВА

Кола со разглас позната на милиони луѓе

Кола со разглас позната на милиони луѓе

„Во Бразил користиме само една кола со разглас во службата за Господарот, но ја знаат милиони луѓе — позната е како ‚Кола со разглас на Watch Tower‘“ (Натаниел Јул, 1938 год.)

ВО ПОЧЕТОКОТ на 1930-тите, делото за Царството напредувало релативно бавно во Бразил. Во 1935 год., пионерите Натаниел и Мод Јул му испратиле писмо на Џозеф Ратерфорд, кој тогаш го предводел проповедничкото дело. Тие му пишале дека спремно „се ставаат на располагање да служат секаде каде што има потреба“.

Натаниел, кој бил градежен инженер во пензија, тогаш имал 62 години. Тој бил управник за служба во едно собрание на Јеховините сведоци во Сан Франциско (Калифорнија, САД). Таму го организирал проповедањето и користел аудио опрема за да ја објавува добрата вест. Неговото искуство, како и неговиот спремен дух, му биле од голема помош додека ја извршувал својата нова задача како слуга на подружницата во Бразил — земја со огромна територија на која се зборуваат многу јазици.

Во 1936 год., Натаниел пристигнал во Бразил заедно со својата жена Мод и уште еден друг пионер и преведувач, Антониу Андраде. Со себе донеле скапоцен товар — 35 грамофони и кола со разглас. Во тоа време во Бразил, која е петта земја по големина во светот, имало само 60-тина објавители. Сепак, за неколку години, со новата аудио опрема успеале да им сведочат на милиони луѓе.

По еден месец, подружницата организирала конгрес кој бил одржан во градот Сао Паоло. Колата со разглас, која по сѐ изгледа ја возела Мод, првпат била употребена за да се најави јавното предавање, на кое подоцна присуствувале 110 лица! Конгресната програма многу ги охрабрила објавителите, кои биле поттикнати да имаат  уште поголем удел во службата. Тие научиле како да проповедаат користејќи ги публикациите и картичките за сведочење, како и грамофонските снимки на англиски, германски, полски, унгарски, шпански, а подоцна и на португалски јазик.

Со помош на оваа кола со разглас милиони лица ја слушнале добрата вест во Бразил

Трите конгреси, кои во 1937 год. биле одржани во Сао Паоло, во Рио де Жанеиро и во Куритиба, му дале нов полет на проповедничкото дело. Колата со разглас ги следела конгресните делегати додека сведочеле. Жузе Магловски, кој тогаш бил младо момче, подоцна напишал: „Ги стававме нашите библиски публикации на штанд и, додека од колата со разглас се слушаше снимената порака, разговаравме со луѓето кои излегуваа од дома за да видат за што се работи“.

Новите се крштавале во реките, пред очите на бројните капачи. Тоа било одлична прилика да се проповеда добрата вест со колата со разглас! Говорот за крштавање на брат Ратерфорд ечел од звучниците. Љубопитните луѓе се собирале околу колата за да го слушаат говорот кој бил толкуван на португалски. Потоа новите биле потопувани во водата додека од разгласот се слушале теократски песни на полски јазик, а браќата и сестрите пееле на различни јазици. Во Годишникот за 1938 пишувало: „Ова многу потсетуваше на Педесетница, кога секој го слушал својот јазик“.

По конгресите, секоја недела — и на сонце и на дожд — луѓето во парковите, населените места и фабриките во центарот на Сао Паоло и на блиските градови можеле да слушаат снимени библиски предавања кои се пуштале од колата со разглас. Секој месец им се пуштала програма и на 3.000-те лица кои престојувале во една колонија на лепрозни, која се наоѓала на 97 километри северозападно од Сао Паоло. Со текот на времето, таму било основано напредно собрание. И покрај својата тешка болест, тие објавители успеале да добијат дозвола да посетат една друга колонија на лепрозни и да им ја пренесат утешната порака од Библијата.

При крајот на 1938 год., конечно пристигнале снимки со библиски говори на португалски јазик. На празникот Сите светци (Задушница), колата со разглас одела од гробишта до гробишта. Таму биле пуштани снимки од говорите со наслов: „Каде се мртвите?“, „Јехова“ и „Богатства“, кои можеле да ги чујат повеќе од 40.000 лица на кои им умрел некој близок.

Ова смело објавување на библиската вистина ги разбеснило свештениците. Тие честопати вршеле притисок врз локалните власти за да ја замолкнат колата со разглас. Сестра Јул рекла дека еднаш локалниот свештеник подбуцнал насилна толпа, која се собрала околу колата. Но, тогаш дошол градоначалникот заедно со неколку полицајци, и ја слушал целата програма. На крајот, зел неколку наши публикации. Тој ден немало немири. И покрај противењето, во извештајот за Бразил кој излегол во Годишникот за 1940 пишувало дека 1939 год. била „најповолното време дотогаш за да му се служи на Големиот Теократ и да се објавува неговото име“.

Пристигнувањето на „Колата со разглас на Watch Tower“ навистина било пресвртница за проповедничкото дело во Бразил. Таа придонела милиони луѓе да ја слушнат пораката за Царството. Иако оваа позната кола била продадена во 1941 год., стотици илјади Јеховини сведоци продолжиле да им ја објавуваат добрата вест на искрените лица кои живеат на огромното подрачје во Бразил. (Од нашата архива во Бразил.)