Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  декември 2016

Ослободени преку Божјата незаслужена доброта

Ослободени преку Божјата незаслужена доброта

Гревот не смее да владее над вас, бидејќи сте под незаслужена доброта (РИМ. 6:14)

ПЕСНИ: 2, 61

1, 2. Зошто е важен стихот од Римјаните 5:12?

ВО РИМЈАНИТЕ 5:12 пишува: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“. Ова е многу познат стих кој често го користиме кога ги поучуваме луѓето за Божјата Реч.

2 Го има на многу места во книгата Што навистина учи Библијата? Кога ги проучуваме поглавја 35 и 6 со нашите деца или со заинтересираните лица, сигурно го разгледуваме Римјаните 5:12. Можеби го користиме овој стих за да им помогнеме да сфатат зошто Земјата не е рај, зошто ни е потребна откупнината и зошто умираме. Но, колку често го поврзуваме овој стих со нашиот однос со Јехова, со нашите постапки и со нашата надеж за иднината?

3. Што треба да имаме на ум во врска со гревот?

3 За жал, сите ние сме несовршени и секој ден грешиме. Но, уверени сме дека Бог е милосрден и си спомнува дека сме прав (Пс. 103:13, 14). Исус нѐ поучил да го молиме  Јехова да ни ги прости гревовите (Лука 11:2-4). Затоа, немаме никаква причина да продолжиме да се измачуваме за грешките од минатото кои Бог веќе ни ги простил. Но, врз основа на што ни простува Јехова?

НЕЗАСЛУЖЕНАТА ДОБРОТА — ТЕМЕЛ ЗА ПРОСТУВАЊЕ

4, 5. а) Што ни помага да ги разбереме зборовите од Римјаните 5:12? б) На што укажува изразот „незаслужена доброта“?

4 Посланието до Римјаните, особено 6. поглавје, ни помага да ги разбереме зборовите од Римјаните 5:12 и да сфатиме на темел на што ни простува Јехова. Во 3. поглавје, апостол Павле рекол: „Сите згрешија... но дар е тоа што преку неговата незаслужена доброта се прогласени за праведни затоа што се ослободени со откупнината што ја плати Христос Исус“ (Рим. 3:23, 24). Грчкиот збор преведен со „незаслужена доброта“ укажува на услуга што некој спремно ја прави без да очекува нешто за возврат и без другиот да го заслужува тоа.

5 Според еден библиски изучувач, кога во Библијата се спомнува незаслужената доброта на Бог или на Христос, најчесто се мисли на она што тие спремно го направиле за да го спасат човечкиот род од гревот и од смртта. Затоа е многу соодветно што во Преводот Нов свет изворниот грчки збор е преведен со „незаслужена доброта“. Но, како Јехова покажал незаслужена доброта? И како таа е поврзана со нашата надеж и нашето пријателство со него?

6. Кој може да извлече корист од Божјата незаслужена доброта, и како?

6 Сите луѓе наследиле грев и смрт од Адам. Затоа Библијата вели: „Поради престапот на еден човек, смртта царуваше“. Но, Јехова покажал голема незаслужена доброта со тоа што му овозможил на целото човештво да се спаси преку Исус Христос (Рим. 5:12, 15, 17). Павле напишал: „Преку послушноста на [Исус] мнозина ќе станат праведни“. Всушност, благодарение на Божјата незаслужена доброта, луѓето можат „да добијат вечен живот преку Исус Христос“ (Рим. 5:19, 21).

7. Зошто откупнината е незаслужен дар и израз на Божјата доброта?

7 Јехова не морал да го испрати Исус на Земјата за да си го даде животот како откупнина. Сепак, Бог покажал голема доброта со тоа што го жртвувал својот Син, и на тој начин се погрижил да нѐ спаси од гревот и смртта. Ниту еден човек не го заслужува она што Јехова и Исус го направиле за нас! Многу сме благодарни што овозможиле да ни бидат простени гревовите и да живееме засекогаш! Затоа, да ја покажуваме нашата благодарност на секое поле од животот.

БЛАГОДАРНИ ЗА БОЖЈАТА НЕЗАСЛУЖЕНА ДОБРОТА

8. Од кој став треба да се чуваме?

8 Ние знаеме дека Бог е спремен да простува дури и сериозни гревови. Но, не треба да ја злоупотребуваме неговата незаслужена доброта, користејќи ја како изговор да постапуваме неисправно. Би било многу погрешно да си мислиме: „Дури и да згрешам, Јехова ќе ми прости“. За жал, во првиот век, додека некои апостоли сѐ уште биле живи, имало христијани со таков став. (Прочитај Јуда 4.) Можеби ние никогаш не сме кажале такво нешто. Сепак, мора да внимаваме да не развиеме погрешен став во срцето —  сеедно дали сами од себе или под влијание на другите.

9, 10. Во која смисла Павле и другите христијани биле ослободени од гревот и смртта?

9 Павле нагласил дека е опасно еден христијанин да си мисли: „Бог ме разбира. Тој ќе ми прогледа низ прсти ако грешам“. Зошто? Затоа што во Римјаните 6:1, 2, овој апостол им напишал на христијаните во првиот век: „[Ние] умревме за гревот“. (Прочитај.)

10 Преку откупнината, Бог им ги простил гревовите на Павле и на другите христијани во негово време. Јехова ги помазал со свет дух и ги усвоил како свои синови. Ако останеле верни, тие ќе можеле да живеат на небото и да владеат со Христос. Но, Павле кажал дека се „мртви за гревот“ иако сѐ уште биле живи и му служеле на Бог на Земјата. Тој го објаснил ова така што ја споредил нивната состојба со она што му се случило на Исус. Христос умрел како човек и, откако бил воскреснат како бесмртен дух на небото, смртта повеќе немала власт над него. Слично било и со помазаните христијани. Тие умреле во симболична смисла затоа што престанале да им се покоруваат на своите грешни желби. Со други зборови, биле „мртви“ во однос на својот поранешен начин на живот и давале сѐ од себе за да постапуваат како што сака Јехова. Затоа Павле можел да каже дека тие се „мртви за гревот, а живи за Бог преку Христос Исус“ (Рим. 6:9, 11).

11. Во кој поглед христијаните денес се „мртви за гревот“?

11 А како е со нас денес? Во кој поглед ние сме „мртви за гревот“? Можеби во минатото честопати сме правеле лоши работи, без да бидеме свесни како гледа Јехова на нашите постапки. Сме биле „робови на нечистотијата и на беззаконието“, односно „робови на гревот“ (Рим. 6:19, 20). Но, кога сме ја дознале вистината, сме направиле промени во животот, сме му го заветувале својот живот на Бог и сме се крстиле. Оттогаш имаме силна желба да му бидеме послушни на Јехова и да го радуваме неговото срце. Библијата вели: „Поради тоа што сте ослободени од гревот, станавте робови на праведноста“ (Рим. 6:17, 18).

12. Каков избор има секој од нас?

12 Павле им го дал следниов поттик на христијаните: „Не дозволувајте гревот и понатаму да царува во вашето смртно тело така што ќе им се покорувате на желбите на телото“ (Рим. 6:12; Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013). Според тоа, ние сѐ уште имаме избор — да им се препуштиме на грешните мисли и желби или да ги држиме под контрола. Но, вистинското прашање е што, всушност, сакаме во срцето. Затоа, добро е да се прашаш: „Дали понекогаш им попуштам на погрешните желби или, пак, веднаш ги отфрлам? Дали сум мртов за гревот и жив ‚за Бог преку Христос Исус‘?“ Ако од срце сме благодарни за незаслужената доброта што ни ја покажува Јехова, ќе правиме сѐ што можеме за да му угодиме.

МОЖЕШ ДА ГО ПОБЕДИШ ГРЕВОТ

13. Што нѐ уверува дека можеме да постапуваме исправно?

13 Во првиот век, некои Божји слуги во Коринт порано биле крадци, хомосексуалци, прељубници, идолопоклоници и пијаници. Но, се смениле кога го запознале и кога го засакале Јехова. Тие се срамеле од она што го правеле во минатото (Рим. 6:21; 1. Кор.  6:9-11). И христијаните во Рим требало да направат слични промени. Павле им напишал: „Не предавајте му ги деловите на своето тело на гревот, за да бидат оружје на неправдата, туку предајте му се себеси на Бог, како оживеани од мртвите, и деловите на своето тело предајте му ги на Бог, за да бидат оружје на правдата“ (Рим. 6:13). Павле бил уверен дека можат да продолжат да постапуваат исправно и на тој начин да извлечат корист од Божјата незаслужена доброта.

14, 15. Кои прашања треба да си ги поставиме?

14 Слично е и денес. Некои браќа и сестри во минатото живееле како христијаните во Коринт. Сепак, откако го запознале Јехова, се смениле и почнале да водат чист живот. Всушност, секој од нас морал да направи промени за да му угоди на Бог. Но, и понатаму сакаме да му покажуваме колку ја цениме неговата незаслужена доброта. Затоа сме решени да се бориме со погрешните желби и да го користиме животот за да му служиме на Јехова.

15 За да успееме во тоа, не смееме да ги правиме тешките гревови што ги правеле некои христијани во Коринт. Не можеме да грешиме на таков начин и да очекуваме Бог да ни простува и да ни покажува незаслужена доброта. Но, што е со оние гревови кои некои сметаат дека не се толку сериозни? Дали сме решени да се напрегаме со сите сили за да му бидеме послушни на Јехова во сѐ? (Рим. 6:14, 17).

16. Од каде знаеме дека не смееме да правиме и други гревови освен оние што се спомнати во 1. Коринќаните 6:9-11?

16 Размисли за апостол Павле. Тој напишал: „Јас сум телесен, продаден во ропството на гревот. Зашто, не разбирам што правам. Всушност, не го правам она што го сакам, туку она што го мразам, тоа го правам“ (Рим. 7:14, 15). Иако не ги правел гревовите спомнати во 1. Коринќаните 6:9-11, Павле признал дека сѐ уште греши. Но, бидејќи сакал да го радува Јехова, се борел да не постапува погрешно. (Прочитај Римјаните 7:21-23.) Да го следиме неговиот пример и да правиме сѐ што е во наша моќ за да му бидеме послушни на Бог.

17. Зошто сакаш да бидеш чесен?

17 Ние знаеме дека секој слуга на Јехова мора да биде чесен. (Прочитај Изреки 14:5; Ефешаните 4:25.) Не сакаме да бидеме како Сатана, кој е „татко на лагата“. Освен тоа, знаеме дека Ананија и неговата жена умреле затоа што излажале. Бидејќи не сакаме да бидеме како нив, не лажеме (Јован 8:44; Дела 5:1-11). Но, да се биде чесен не значи само да не се кажуваат лаги. Ако вистински ја цениме Божјата незаслужена доброта, ќе бидеме чесни во секој поглед.

18, 19. Што значи да бидеме чесни?

18 Некој може да биде нечесен и без да каже лага. На пример, Јехова им заповедал на Израелците: „Не крадете, не лажете и не мамете го својот ближен“. Зошто не требало да постапуваат така? Јехова им рекол: „Бидете свети, зашто сум свет јас, Јехова, вашиот Бог!“ (3. Мој. 19:2, 11). Иако можеби нема да кажеме лага, би било нечесно и да ги наведуваме другите на погрешен заклучок.

Дали сме решени да не лажеме и да не мамиме? (Види во пасус 19)

19 На пример, некој му кажува на шефот или на колегите дека  следниот ден ќе мора да излезе порано од работа затоа што треба да оди на лекар. Но, тој само треба да сврати кратко кај лекарот за да земе упат. Вистинската причина поради која сака порано да го напушти работното место е да го искористи тоа време за да сработи нешто приватно. Дали овој човек е искрен или ги мами другите? Иако делумно ја кажува вистината, тој всушност намерно ги наведува на погрешен заклучок. Понекогаш луѓето ги мамат другите за да избегнат казна или да извлечат некоја лична корист. Но, ние сме му послушни на Јехова, кој рекол: „Не мамете го својот ближен“. Сакаме да го правиме она што е исправно и свето во негови очи (Рим. 6:19).

20, 21. Што нема да правиме ако сме длабоко благодарни за Божјата незаслужена доброта?

20 Се разбира, ние не вршиме прељуба, не се опиваме и не правиме други тешки гревови. Но, бидејќи длабоко ја цениме Божјата незаслужена доброта, се трудиме и да не правиме ништо друго со кое би го повредиле Јехова. На пример, не само што не вршиме никаков неморал туку и не се изложуваме на забава во која се прикажува неморал. Освен тоа, не само што не се опиваме туку внимаваме и да не пиеме неумерено. Иако можеби треба да вложиме голем труд за да се бориме со ваквите искушенија, можеме да победиме во таа битка.

21 Нашата цел е да постапуваме како што нѐ советувал Павле: „Не дозволувајте гревот и понатаму да царува во вашето смртно тело така што ќе им се покорувате на желбите на телото“ (Рим. 6:12; Превод Нов свет, ревидирано издание; 7:18-20). Факт е дека не е можно никогаш да не згрешиме. Но, кога се бориме против секаков грев, покажуваме дека сме длабоко благодарни за незаслужената доброта на Бог и на Христос.

22. Каква награда ги очекува оние кои од дното на душата се благодарни за Јеховината незаслужена доброта?

22 Јехова ни ги простил гревовите и ќе продолжи да ни ги простува. Од дното на душата ја цениме неговата незаслужена доброта! Затоа, да вложуваме голем напор да не правиме работи што Јехова ги мрази иако другите можеби не ги сметаат за грев. Каква награда ќе добиеме ако постапуваме така? Павле рекол: „Сега, кога сте ослободени од гревот и станавте робови Божји, плодот што го донесувате е светоста, која води во вечен живот“ (Рим. 6:22).