Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  декември 2016

Дали живееш „според духот“?

Дали живееш „според духот“?

Оние што живеат според духот, размислуваат за она што му е својствено на духот (РИМ. 8:5)

ПЕСНИ: 57, 52

1, 2. Зошто 8. поглавје од Римјаните е од посебен интерес за помазаните христијани?

КОГА ја одбележуваме Спомен-свеченоста, понекогаш ги читаме зборовите од Римјаните 8:15-17. Во овие стихови е објаснето од каде знаат помазаните христијани дека имаат надеж да живеат вечно на небото. Во Римјаните 8:1 пишува дека тие „се во единство со Христос“. Но, дали она што го кажал Павле во 8. поглавје важи само за помазаниците? Може ли да им користи и на оние што имаат надеж за вечен живот на Земјата?

2 Ова поглавје првенствено било напишано за оние што имаат небесна надеж. Тие добиваат дух на посинување и го исчекуваат „ослободувањето од своето [физичко] тело преку откупнината“ (Рим. 8:23). Во иднина, помазаниците ќе бидат Божји синови на небото. Ова е можно затоа што Јехова им ги простил гревовите на темел на откупнината и ги прогласил за праведни како свои синови (Рим. 3:23-26; 4:25; 8:30).

3. Зошто 8. поглавје од Римјаните е важно и за оние што имаат надеж за вечен живот на Земјата?

3 Меѓутоа, 8. поглавје од Римјаните е важно и за оние  кои имаат надеж за вечен живот на Земјата, бидејќи Бог и нив во извесна смисла ги смета за праведни. Доказ за ова се зборовите на апостол Павле запишани во 4. поглавје од Римјаните, каде што зборувал за Авраам. Овој верен Божји слуга живеел долго пред Исус да умре за нашите гревови и немал небесна надеж. Сепак, бидејќи покажал извонредна вера, Јехова го сметал за праведен. (Прочитај Римјаните 4:20-22.) И денес Бог ги смета за праведни верните христијани кои се надеваат дека ќе живеат засекогаш на Земјата. Затоа, и тие можат да извлечат корист од советите во 8. поглавје од Римјаните.

4. Кое прашање треба да си го поставиме кога ги читаме зборовите од Римјаните 8:21?

4 Во Римјаните 8:21, Јехова нѐ уверува дека новиот свет навистина ќе дојде и дека луѓето ќе бидат ослободени од гревот и смртта. Таму пишува дека тие ќе ја добијат „славната слобода на Божјите деца“. Дали се гледаш себеси во новиот свет? Да видиме што треба да правиме за да ја добиеме таа награда.

ДАЛИ РАЗМИСЛУВАМЕ „ЗА ОНА ШТО МУ Е СВОЈСТВЕНО НА ТЕЛОТО“?

5. За кого зборувал Павле во Римјаните 8:4-13?

5 Прочитај Римјаните 8:4-13. Во 8. поглавје од Римјаните, Павле зборувал за две групи луѓе — оние што живеат „според духот“ и оние што живеат „според телото“. Некои сметаат дека едниот израз се однесува на христијаните, а другиот на оние кои не биле христијани. Меѓутоа, Павле го напишал ова послание „до сите Божји сакани кои [биле] во Рим, повикани да бидат свети“ (Рим. 1:7). Значи, и оние што живееле „според телото“ и оние што живееле „според духот“ биле христијани. Во кој поглед се разликувале едни од други?

6, 7. а) Што може да означува зборот „тело“ во Библијата? б) Што означува зборот „тело“ во Римјаните 8:4-13?

6 Во Библијата, зборот „тело“ може да означува различни работи. Понекогаш се однесува на нашето дословно тело (Рим. 2:28; 1. Кор. 15:39, 50). Но, може да укажува и на крвно сродство. На пример, за Исус  се вели дека „по тело е потомок на Давид“. Освен тоа, во врска со Евреите, Павле рекол дека му се „роднини по тело“ (Рим. 1:3; 9:3).

7 Но, што означува зборот „тело“ во Римјаните 8:4-13? Одговорот можеме да го дознаеме од она што го кажал Павле во 7. поглавје од истото послание. Таму тој рекол: „Кога живеевме по телото, грешните страсти... дејствуваа во нашите делови на телото“ (Рим. 7:5). Значи, Павле го поврзува телото со грешните страсти. Ова ни помага да сфатиме кои се тие што „живеат според телото“. Тоа се оние кои се преокупирани со своите грешни желби и им се препуштаат на своите нагони, страсти и лоши склоности.

8. Зошто Павле морал да ги предупреди дури и помазаните христијани дека е опасно да живеат „според телото“?

8 Зошто Павле ги предупредил помазаните христијани дека е опасно да живеат „според телото“? И зошто сите христијани денес мора да обрнат внимание на тоа предупредување иако Бог ги смета за праведни и ги прифатил како свои пријатели? За жал, секој верен Божји слуга може да падне во замка да ги стави своите лични желби на прво место во животот. На пример, Павле напишал дека некои браќа во Рим им робувале „на желбите на своето тело“, во кои можеби спаѓале сексуални желби, или желба за јадење, пиење или други задоволства. Некои дури ги наведувале и другите да размислуваат како нив (Рим. 16:17, 18; Фил. 3:18, 19; Јуда 4, 8, 12). Всушност, еден брат во собранието во Коринт некое време вршел неморал со „жената на својот татко“! (1. Кор. 5:1). Јасно е зошто, преку Павле, Бог ги предупредил тие христијани дека е многу опасно да живеат „според телото“ (Рим. 8:5, 6).

9. Што не сакал да каже Павле со зборовите од Римјаните 8:6?

9 Ова предупредување важи и за нас денес. Дури и некој што долги години му служел на Јехова може да почне да живее „според телото“. Павле не сакал да каже дека не смееме никогаш да размислуваме за храна, вработување, рекреација, па дури и за нашите сексуални потреби. Тие работи се составен дел од  животот. На пример, Исус уживал во вкусно јадење, а во неколку прилики обезбедил и храна за другите. Освен тоа, Павле напишал дека е важно сопружниците да ги задоволуваат своите сексуални потреби во бракот.

Што покажуваат твоите разговори? (Види во пасуси 10-11)

10. Што значи некој да размислува „за она што му е својствено на телото“?

10 Тогаш, што значи некој да размислува за она што му е својствено на телото? Грчкиот збор кој во Римјаните 8:5, 6 е преведен со „размислува“ може да се преведе и со изразите: „ги насочува сите мисли на некоја работа“ или „внимателно планира“. Еден библиски изучувач објаснува дека оние што живеат според телото се преокупирани со своите себични желби, без престан зборуваат за нив и постојано мислат како да ги задоволат. Со други зборови, дозволуваат грешните желби да управуваат со нивниот живот.

11. Кои работи би можеле да ни станат премногу важни?

11 Христијаните во Рим требало да се преиспитаат за што размислуваат. Дали постојано мислеле на телесни работи? И ние денес треба да се преиспитаме што ни е најважно. Што највеќе нѐ интересира? За што постојано зборуваме? Што најмногу сакаме да правиме? Некои можеби ќе увидат дека им е најважно да го уредуваат својот дом, да купуваат облека, да инвестираат пари, да планираат одмори, да пробуваат разни вина итн. Овие работи сами по себе не се погрешни. Тие се составен дел од животот. На пример, на една свадба, самиот Исус претворил вода во вино. Освен тоа, апостол Павле го советувал Тимотеј да пие „по малку вино“ затоа што имал проблеми со здравјето (1. Тим. 5:23; Јован 2:3-11). Но, виното не им било најважното нешто. А како е со нас? Околу што се врти нашиот живот?

12, 13. Зошто треба да внимаваме за што размислуваме?

12 Павле го дал следново сериозно предупредување: „Размислувањето својствено за телото донесува смрт“ (Рим. 8:6). Што сакал да каже со ова? Ако „живееме според телото“, би можеле да си го уништиме пријателството со Јехова уште сега и би можеле да го изгубиме животот во иднина. Но, не мора да биде така. Можно е да се смениме. Размисли за неморалниот човек од Коринт. Тој живеел според телото и поради тоа морало да биде исклучен. Сепак, подоцна се променил. Престанал да врши неморал, и продолжил да му служи на Јехова на чист и прифатлив начин (2. Кор. 2:6-8).

13 Штом еден толку неморален човек успеал да се смени, сигурно и ние можеме да направиме промени. Дури и ако некој христијанин почнал да им попушта на грешните желби и престанал да се држи за Јеховините мерила, не е сѐ изгубено. Всушност, јасното предупредување што го дал Павле треба да ни помогне на сите нас да ги направиме потребните промени!

РАЗМИСЛУВАЈ „ЗА ОНА ШТО МУ Е СВОЈСТВЕНО НА ДУХОТ“!

14, 15. а) Според Павле, за што треба да размислуваме? б) Што не значи да размислуваме „за она што му е својствено на духот“?

14 Откако нагласил колку е опасно да размислуваме за телесни работи, Павле рекол: „Размислувањето својствено за духот донесува живот и мир“. Тоа е навистина прекрасна награда! Но, како може да ја добиеме?

 15 Ако некој размислува за „она што му е својствено на духот“, тоа не значи дека нема допир со реалноста. Не значи дека цело време мисли и зборува само за Јехова и за Библијата, и за ништо друго. Павле и христијаните во првиот век кои верно му служеле на Бог воделе прилично нормален живот. Тие јаделе, пиеле, стапувале во брак, имале деца и работеле за да се издржуваат (Мар. 6:3; 1. Сол. 2:9).

16. Што му било најважно на Павле?

16 Сепак, тие Божји слуги не дозволиле да се преокупираат со секојдневните активности. На пример, знаеме дека Павле се издржувал така што изработувал шатори. Но, работата не му била најважна. На прво место во животот му била службата за Бог. Тој потполно се посветил на проповедањето и поучувањето. (Прочитај Дела 18:2-4; 20:20, 21, 34, 35.) Браќата и сестрите во Рим требало да го следат неговиот пример. Истото важи и за нас (Рим. 15:15, 16).

17. Каков ќе ни биде животот ако размислуваме „за она што му е својствено на духот“?

17 Каков ќе ни биде животот ако се посветиме на службата за Јехова? Римјаните 8:6 вели: „Размислувањето својствено за духот донесува живот и мир“. Ова значи дека треба да дозволиме нашите мисли да бидат водени од светиот дух и да научиме да размислуваме како Јехова. Тој ни ветува дека уште денес ќе бидеме задоволни и среќни, а во иднина ќе добиеме и вечен живот.

18. На кој начин добиваме внатрешен мир кога размислуваме за она што е „својствено за духот“?

18 Што мислел Павле кога рекол дека „размислувањето својствено за духот“ донесува мир? Многу луѓе очајно копнеат по внатрешен мир, но малцина го наоѓаат. Благодарение на Јехова, ние имаме вистински душевен мир. Освен тоа, може да бидеме во мир со членовите на семејството и со браќата во собранието. Бидејќи сме несовршени, понекогаш ќе имаме несогласувања со нашите соверници. Кога ќе дојде до вакво нешто, постапуваме во склад со следниов совет на Исус: „Помири се со братот“ (Мат. 5:24). Никогаш да не заборавиме дека и нашиот брат или сестра исто така му служи на Јехова, Богот „кој дава мир“ (Рим. 15:33; 16:20).

19. Со кого е најважно да бидеме во мир?

19 Ако размислуваме за духовни работи, ќе имаме и мир со нашиот Творец. Таквиот мир е од непроценлива вредност. Пророкот Исаија објаснил: „[Ти, Јехова,] ќе ги чуваш во траен мир оние чие срце е постојано, зашто имаат доверба во тебе“ (Иса. 26:3; прочитај Римјаните 5:1).

20. Зошто сме благодарни за советите запишани во 8. поглавје од посланието до Римјаните?

20 Сеедно дали имаме надеж за вечен живот на небото или на Земјата, сите можеме да извлечеме корист од мудрите совети запишани во 8. поглавје од посланието до Римјаните. Благодарни сме што Библијата нѐ поттикнува со сите сили и со сиот ум да му служиме на Јехова, а не на нашите лични желби. Уверени сме дека, ако размислуваме за „она што му е својствено на духот“, ќе добиеме прекрасна награда, бидејќи Павле напишал: „Дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господар“ (Рим. 6:23).