Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  декември 2016

Јехова ги наградува оние што ревносно го бараат

Јехова ги наградува оние што ревносно го бараат

Оној што му пристапува на Бог мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние што ревносно го бараат (ЕВР. 11:6)

ПЕСНИ: 85, 134

1, 2. а) Како љубовта е поврзана со верата? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

НИЕ го сакаме Јехова затоа што прво тој покажал љубов кон нас (1. Јов. 4:19). Бидејќи ги сака своите верни слуги, тој им ветува дека ќе ги благослови. Колку повеќе расте нашата љубов кон Јехова, толку посилна станува и нашата вера во него. Со други зборови, стануваме сѐ поуверени дека тој не само што постои туку и ги наградува оние што ги сака. (Прочитај Евреите 11:6.)

2 Јехова е Бог кој секогаш ги наградува своите слуги. За него е незамисливо да постапи поинаку. Затоа, не може да кажеме дека имаме вистинска вера во Бог ако не сме уверени дека тој ќе ги награди оние што ревносно го бараат. Всушност, самата Библија вели: „Верата е цврста увереност дека ќе се случи она на кое се надеваме“ (Евр. 11:1). Значи, оној што има вера нема ни ронка сомнеж дека Бог ќе ги исполни сите свои ветувања и ќе го благослови својот народ. Но, како ни помага тоа што Јехова ветил дека ќе нѐ награди? Како тој ги благословувал своите слуги во минатото, и како го прави тоа денес? Да видиме.

 ЈЕХОВА ВЕТУВА ДЕКА ЌЕ ГИ БЛАГОСЛОВИ СВОИТЕ СЛУГИ

3. Кое ветување е запишано во Малахија 3:10?

3 Јехова Бог ветил дека ќе ги награди своите верни слуги. Тој нѐ повикува да му го дадеме нашето најдобро и да имаме доверба дека ќе нѐ благослови. Во Библијата се запишани следниве негови зборови: „Испитајте ме во тоа, ве молам... зар нема да ви ги отворам небесните брани и да ви излеам благослов додека не биде доста?“ (Мал. 3:10). Покажуваме длабоко ценење и благодарност кога ја прифаќаме оваа великодушна покана.

4. Зошто може да имаме доверба во ветувањето на Исус запишано во Матеј 6:33?

4 Исус им ветил на своите ученици дека Бог ќе се грижи за нив ако го стават Царството на прво место. (Прочитај Матеј 6:33.) Тој го кажал ова бидејќи знаел дека Бог секогаш си стои на зборот (Иса. 55:11). Затоа, може да бидеме сигурни дека, ако имаме потполна доверба во Јехова, тој ќе го одржи и следново ветување: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“ (Евр. 13:5). Всушност, ова ветување е тесно поврзано со изјавата на Исус запишана во Матеј 6:33.

Исус им ветил на учениците дека ќе бидат наградени за жртвите што ги прават (Види во пасус 5)

5. Зошто нѐ охрабрува одговорот што Исус му го дал на Петар?

5 Во една прилика, апостол Петар му рекол на Исус: „Ние оставивме сѐ и те следиме. Што ќе добиеме за тоа?“ (Мат. 19:27). Исус не го прекорил што му го поставил ова прашање. Напротив, тој им рекол на учениците дека ќе бидат наградени за жртвите што ги прават. Во иднина, апостолите и други верни Божји слуги ќе владеат заедно со  Исус од небото. Но, тој ветил дека ќе бидат благословени уште пред да ја добијат својата небесна награда, кога им рекол: „Секој што оставил куќи или браќа или сестри или татко или мајка или деца или земја заради моето име, ќе добие многу повеќе и ќе наследи вечен живот“ (Мат. 19:29). Денес, сите следбеници на Исус можат во собранието да најдат татковци, мајки, браќа, сестри и деца. Тоа вреди многу повеќе од сите жртви што сме ги направиле за Царството.

„КОТВА ЗА ДУШАТА“

6. Зошто Јехова ветува дека ќе ги награди своите слуги?

6 Со тоа што им ветува на своите слуги дека ќе ги награди, Јехова им помага да му останат верни кога доживуваат неволји. Освен многуте благослови кои ги имаат уште сега, тие со нетрпение ги очекуваат и прекрасните благослови што тој ќе ги излее врз нив во иднина (1. Тим. 4:8). Ако сме цврсто убедени дека Јехова „ги наградува оние што ревносно го бараат“, нашата вера ќе остане цврста и непоколеблива (Евр. 11:6).

7. Во која смисла надежта е како котва?

7 Во Проповедта на гората, Исус рекол: „Радувајте се и воскликнувајте, зашто голема е вашата награда на небесата. Зашто, така ги прогонуваа и пророците пред вас“ (Мат. 5:12). Во склад со овие зборови, некои Божји слуги ќе бидат наградени со живот на небото. Но, други ќе можат да живеат вечно во рајот на Земјата. Ова е силна причина и тие да се радуваат и да воскликнуваат (Пс. 37:11; Лука 18:30). За сите нас, надежта може да биде „сигурна и цврста котва за душата“ (Евр. 6:17-20). Исто како што котвата цврсто го држи бродот за да не биде одвлечен од брановите кога има бура, така и нашата надеж ни помага да останеме цврсти и стабилни во емоционален, психички и духовен поглед. Таа може да ни влее сила да издржиме кога ни е тешко.

8. Како надежта може да ни ја ублажи загриженоста?

8 Надежта може да ни ја ублажи загриженоста. Исто како што мелемот може да ја смири болката на некоја рана, така Божјите ветувања можат да го успокојат нашето загрижено срце. Утешно е што знаеме дека Јехова ќе ни помага ако му ги довериме своите грижи (Пс. 55:22, фус.). Може да бидеме потполно уверени дека тој не само што ќе ни го даде она што го бараме од него туку ќе „направи неизмерно повеќе од сѐ што молиме или што ќе си го замислиме“ (Еф. 3:20).

9. Што треба да правиме за да ја добиеме наградата од Јехова?

9 За да ја добиеме наградата, мора да покажуваме непоколеблива вера во Јехова и да бидеме послушни на упатствата што ни ги дава. Мојсеј му рекол на израелскиот народ: „Јехова, твојот Бог, ќе те благослови само ако го слушаш неговиот глас и ако совесно постапуваш според сите овие заповеди што ти ги давам денес. Ќе те благослови Јехова, твојот Бог, како што ти вети“ (5. Мој. 15:4-6). Дали си апсолутно сигурен дека Јехова ќе те благослови ако продолжиш верно да му служиш? Имаш добра причина да бидеш уверен во тоа.

ЈЕХОВА ГИ НАГРАДИЛ СВОИТЕ СЛУГИ ВО МИНАТОТО

10, 11. Како Јехова го наградил Јосиф?

10 Библијата е запишана за наша корист. Од многу библиски извештаи дознаваме дека во минатото Бог навистина ги наградувал своите верни слуги (Рим. 15:4). Извештајот за Јосиф јасно ни го потврдува ова. Најпрво неговите браќа го продале како роб во Египет, а потоа жената на неговиот господар изнела  лажно обвинение против него поради кое бил фрлен в затвор. Дали затворските ѕидови го одвоиле од Бог? Во никој случај! Библијата вели: „Јехова и понатаму беше со Јосиф и беше милостив кон него... и Јехова го круниса со успех сето она што тој го работеше“ (1. Мој. 39:21-23). Дури и во тоа тешко време, Јосиф стрпливо чекал неговиот Бог да направи нешто.

11 Со години подоцна, тој бил ослободен од затвор. Овој понизен роб станал моќен владетел на Египет, втор човек по фараонот! (1. Мој. 41:1, 37-43). Потоа му се родиле два сина. Библијата вели: „На првородениот, Јосиф му го даде името Манасија, зашто, како што рече: ‚Бог ми даде да ја заборавам сета моја неволја и целиот дом на мојот татко‘. А на другиот му го даде името Ефрем, зашто, како што рече: ‚Бог ме направи плоден во земјата на мојата неволја‘“ (1. Мој. 41:51, 52). Јехова го наградил Јосиф затоа што му останал верен. Благодарение на овој Божји слуга, и Израелците и Египќаните не умреле од глад. Јосиф добро знаел дека Јехова бил тој што го наградил (1. Мој. 45:5-9).

12. Што му помогнало на Исус да остане верен иако се соочил со разни неволји?

12 Исус Христос исто така му останал послушен на Бог во разни неволји, и Јехова го наградил. Што му помогнало да остане верен? Божјата Реч ни го дава одговорот: „Поради радоста што стоеше пред него, претрпе маченички столб, не мислејќи на срамот“ (Евр. 12:2). Исус многу се радувал што можел да го посвети Божјето име. Самото тоа било голем благослов за него. Но, Јехова го наградил и со посебни одговорности. Библијата вели дека Христос седнал „од десната страна на Божјиот престол“. Во Филипјаните 2:9 пишува: „Бог го возвиши и му подари име кое е над секое друго име“.

ЈЕХОВА НЕ ГО ЗАБОРАВА ОНА ШТО ГО ПРАВИМЕ

13, 14. Како гледа Јехова на она што го правиме за него?

13 Може да бидеме сигурни дека сѐ што правиме за Јехова е скапоцено во негови очи. Тој разбира зошто понекогаш сме несигурни или се сомневаме во своите способности. Сочувствува со нас кога сме оптоварени со грижи околу работата или издршката на семејството. И многу добро знае со какви чувства се бориме ако, поради болест или емоционални проблеми, не можеме да му служиме како порано. Нема никаква причина да се сомневаме дека Јехова многу нѐ цени затоа што му остануваме верни и покрај сите тешкотии низ кои минуваме. (Прочитај Евреите 6:10, 11.)

14 Не заборавај дека Јехова „ги слуша молитвите“. Тоа значи дека можеме да му ги изнесеме своите грижи со целосна доверба дека тој нѐ слуша (Пс. 65:2). „Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха“ ќе ни даде сѐ што ни е потребно за да останеме блиски со него. Понекогаш Јехова го прави тоа преку нашите браќа и сестри (2. Кор. 1:3). Тој се радува кога сме сочувствителни кон другите. Библијата вели: „Кој е милостив кон сиромавиот, му дава заем на Јехова, и Тој ќе му плати за неговите дела“ (Изр. 19:17; Мат. 6:3, 4). Со други зборови, кога сме великодушни и кога им помагаме на нашите соверници, како да му даваме заем на Јехова. Тој ветува дека ќе нѐ награди за таквите добри дела.

БЛАГОСЛОВИ СЕГА И ВО СЕТА ВЕЧНОСТ

15. Кои благослови ги очекуваш ти лично? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

15 Помазаните христијани очекуваат да го добијат „венецот на праведноста, со кој Господарот, праведниот судија“,  ќе ги награди (2. Тим. 4:7, 8). Сепак, ова не значи дека оние што немаат надеж за живот на небото се помалку вредни во Божји очи. Милиони „други овци“ со нетрпение очекуваат да ја добијат својата награда — вечен живот во рајот на Земјата, каде што „ќе уживаат во изобилен мир“ (Јован 10:16; Пс. 37:11).

16. Каква утеха наоѓаме во 1. Јованово 3:19, 20?

16 Понекогаш можеби ни се чини дека не правиме многу во службата или дека Јехова не е задоволен со трудот што го вложуваме. Можеби дури и си мислиме дека не сме достојни да добиеме никаква награда. Но, никогаш не смееме да заборавиме дека „Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ“. (Прочитај 1. Јованово 3:19, 20.) Ако му служиме затоа што го сакаме и ако имаме силна вера во него, тој ќе нѐ награди дури и да ни се чини дека нашите жртви се безначајни (Мар. 12:41-44).

17. Кои благослови ги имаме уште денес?

17 Дури и во овие последни денови на Сатановиот зол свет, Јехова го благословува својот народ, кој ужива во духовна благосостојба како никогаш порано! Бог се грижи да добиваме изобилство духовна храна, и многу се радуваме што сме дел од едно меѓународно братство (Иса. 54:13). Во склад со ветувањето што го дал Исус, Јехова уште сега нѐ благословил со прекрасно меѓународно семејство кое се состои од духовни браќа и сестри (Мар. 10:29, 30). Освен тоа, оние што горливо го бараат Бог имаат голем душевен мир, задоволство и среќа (Фил. 4:4-7).

18, 19. Што рекле некои Божји слуги за благословите што ги добиваат?

18 Јеховините слуги низ целиот свет можат да посведочат за прекрасните благослови што ги добиваат од својот небесен Татко. На пример, Бјанка од Германија вели: „Неизмерно сум му благодарна на Јехова што е покрај мене секој ден и што ми помага кога ми е тешко. Светот сѐ подлабоко тоне во безредие и мрак. Но, додека соработувам со Бог, се чувствувам сигурно. Секогаш кога ќе направам жртви за него, тој ми враќа со стократен благослов!“

19 Размисли и за 70-годишната Пола од Канада, која има спина бифида, тешка деформација на ’рбетниот столб. Таа вели: „Тоа што не можам многу да се движам не значи дека не можам да проповедам. Се трудам да сведочам на разни начини, на пример, неформално или по телефон. Кога сакам да се охрабрам, разгледувам библиски стихови и мисли од нашите публикации кои ги имам запишано во една тетратка. Ја нареков ‚тетратка за преживување‘. Ако мислиме на Божјите ветувања, сфаќаме дека обесхрабрувањето е само привремено. Јехова секогаш е тука за нас. Нашите лични околности не можат да го спречат да ни помага“. Можеби ти си во сосема поинаква ситуација од Бјанка или од Пола. Сепак, сигурно можеш да се сетиш на кои сѐ начини Јехова те благословил и тебе и другите околу тебе. Многу е важно и понатаму да размислуваш за благословите што тој ти ги дава сега, како и за наградата што ќе ти ја даде во иднина!

20. Што може да очекуваме ако и понатаму даваме сѐ од себе за да му служиме верно на Јехова?

20 Имај на ум дека, ако искрено му се молиме на Јехова, тој богато ќе нѐ благослови. Биди уверен дека, откако ќе ја извршиш Божјата волја, ќе го примиш „она што е ветено“ (Евр. 10:35, 36). Затоа, и понатаму да си ја зајакнуваме верата и да даваме сѐ од себе за да му служиме на Јехова, знаејќи дека од него ќе ја добиеме „соодветната награда“! (Прочитај Колошаните 3:23, 24.)