Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  декември 2016

Благоста — доказ за мудрост

Благоста — доказ за мудрост

Антонија работи како патронажна сестра. Еднаш, кога требало да направи домашна посета, на вратата излегла една средовечна жена, која ја чувала својата постара мајка. Таа почнала да ѝ вика и да ја навредува затоа што не дошла порано. Антонија воопшто не задоцнила. Сепак, останала смирена и ѝ се извинила на жената за недоразбирањето.

ПРИ следната посета, жената повторно ѝ се развикала. Како реагирала Антонија? Таа вели: „Ми падна многу тешко. Немаше никаква причина да постапи така“. И покрај тоа, повторно ѝ се извинила на жената, и ѝ рекла дека ѝ е жал што минува низ толку тежок период.

Како ќе постапеше ти да беше на местото на Антонија? Дали ќе избувнеше? Дали ќе ти беше тешко да останеш смирен? Се разбира, воопшто не е лесно да останеш прибран во вакви ситуации. Кога сме под стрес или кога некој нѐ провоцира, голем предизвик е да покажуваме благост.

Меѓутоа, Библијата ги поттикнува христијаните да бидат благи. Всушност, Божјата Реч ја поврзува благоста со мудроста. Јаков напишал: „Кој е меѓу вас мудар и разборит? Со примерниот живот нека ги покаже своите дела со благост која ѝ е својствена на мудроста“ (Јак. 3:13). Зошто може да се каже дека благоста е доказ за небесна мудрост? Што ќе ни помогне да ја развиваме оваа христијанска особина?

 ЗОШТО Е МУДРО ДА ПОКАЖУВАМЕ БЛАГОСТ

Благоста може да ја намали напнатоста. „Благиот одговор го смирува гневот, а остриот збор предизвикува лутина“ (Изр. 15:1).

Ако реагираме гневно, тоа може уште повеќе да ја влоши непријатната ситуација бидејќи така само ќе додадеме дрва на огнот (Изр. 26:21). Спротивно на тоа, благиот одговор најчесто ја смирува напнатоста. Може дури и да го омекне оној што е спремен да се кара.

Антонија се уверила во ова. Нејзиниот благ одговор толку ја трогнал жената што таа се расплакала, а потоа објаснила дека ја притискаат многу лични и семејни проблеми. Антонија дала убаво сведоштво, и жената се согласила да ја проучува Библијата. Сето ова било резултат на тоа што постапила смирено и благо.

Ако покажуваме благост, ќе бидеме среќни. „Среќни се оние што имаат благ нарав, зашто ќе ја наследат земјата“ (Мат. 5:5, фус.).

Зошто оние кои покажуваат благост се среќни? Многумина што порано биле насилни направиле промени кога, во симболична смисла, се облекле во благост. Бидејќи сега водат подобар живот и знаат дека ги очекува прекрасна иднина, тие се вистински среќни (Кол. 3:12). Адолфо, кој служи како покраински надгледник во Шпанија, раскажува каков бил пред да ја прифати вистината.

„Немав никаква смисла во животот“, вели тој. „Бидејќи често избувнував, дури и некои мои пријатели се плашеа кога реагирав гневно и насилно. Но, животот ми се смени од корен кога во една тепачка завршив со шест убоди од нож, и речиси искрварив до смрт.“

Сега Адолфо — и со своите зборови и со своите постапки — ги поучува другите да бидат благи. На мнозина им е драг затоа што е срдечен и пријатен човек. Тој вели дека е среќен што успеал да направи промени. Благодарен му е на Јехова што му помага да покажува благост.

Оној што е благ го радува Јехова. „Биди мудар, сине мој, и израдувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној што ми се подбива“ (Изр. 27:11).

Ѓаволот, кој му е најголем непријател на Јехова, постојано се подбива со него и намерно го навредува. Поради тоа, Бог има многу причини да се гневи. Сепак, Библијата вели дека Јехова е „бавен на гнев“ (2. Мој. 34:6). Кога се трудиме да бидеме благи и бавни на гнев како Јехова, постапуваме мудро и многу го радуваме (Еф. 5:1).

Ние живееме во еден немилосрден свет. Поради тоа, може да наидеме на луѓе кои се „вообразени, надуени, хулители... клеветници, без самосовладување, сурови“ (2. Тим. 3:2, 3). Но, тоа не треба да нѐ спречи да покажуваме благост. Во Божјата Реч пишува дека мудроста одозгора е мирољубива и разумна (Јак. 3:17). Ако сме мирољубиви и разумни, ќе покажеме дека сме стекнале Божја мудрост. Таа ќе ни помогне да останеме смирени и благи кога некој ќе нѐ стави под притисок, и ќе ни помогне уште повеќе да се зближиме со Јехова, кој е извор на бескрајна мудрост.