Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  август 2017

Како да ја соблечеме старата личност

Како да ја соблечеме старата личност

Соблечете ја старата личност и нејзините дела (КОЛ. 3:9)

ПЕСНИ: 83, 129

1, 2. Што забележуваат луѓето кај Јеховините сведоци?

МНОГУМИНА ги забележуваат убавите особини што ги имаат Јеховините сведоци. На пример, писателот Антон Гил во врска со браќата и сестрите во нацистичка Германија напишал: „Јеховините сведоци си навлекоа голема омраза од страна на нацистите... До 1939 год., 6.000 од нив веќе беа во [концентрационите логори]“. Тој рекол дека, иако доживеале сурови страдања, Сведоците биле доверливи, останале смирени под притисок, му биле верни на Бог и останале обединети.

2 Во поново време, луѓето во Јужноафриканската Република исто така забележале дека Јеховините сведоци имаат убави особини. Еден период, на Сведоците во таа земја кои биле од различна раса не им било дозволено да се собираат заедно. Сепак, во недела на 18 декември 2011 год., повеќе од 78.000 Сведоци од различни раси од Јужноафриканската Република и од соседните земји се собрале заедно на најголемиот стадион во Јоханесбург за да уживаат во еден посебен теократски настан. Еден од управниците на стадионот рекол: „Досега не сум видел ниту една друга група луѓе на овој стадион да се однесува толку убаво. Сите сте убаво облечени.  И многу добро го исчистивте стадионот. Но, најважно од сѐ, меѓу вас навистина има луѓе од различни раси“.

3. Зошто нашето братство е нешто посебно?

3 Според тоа, дури и луѓето кои не се Сведоци можат јасно да видат дека нашето меѓународно братство е нешто посебно (1. Пет. 5:9). Зошто толку се разликуваме од другите организации? Со помош на Библијата и на светиот дух, ние вложуваме голем труд за да го отфрлиме од нас сето она што не му се допаѓа на Јехова. Послушни сме на библискиот совет: „Соблечете ја старата личност... а облечете ја новата личност“ (Кол. 3:9, 10).

4. Што ќе разгледаме во оваа статија, и зошто?

4 Откако ќе ја соблечеме старата личност треба да внимаваме никогаш повеќе да не ја облечеме. Во оваа статија, ќе видиме како можеме да ја соблечеме старата личност, и зошто тоа е толку важно. Ќе видиме дека е можно секој да направи огромни промени во својот живот без оглед на тоа во колкава мера прави некои лоши работи. Потоа ќе разгледаме што можат да сторат оние кои се многу години во вистината за да не дозволат старата личност повторно да стане дел од нив. Зошто се потребни вакви потсетувања? За жал, некои што му служеле на Јехова станале невнимателни и повторно се вратиле на лошите навики. Затоа, секој од нас треба да го земе при срце следново предупредување: „Кој мисли дека стои, нека внимава да не падне!“ (1. Кор. 10:12).

УСМРТИ ГИ СИТЕ НЕМОРАЛНИ ЖЕЛБИ

5. а) Наведи пример кој покажува зошто мора веднаш да ја соблечеме старата личност. (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Според Колошаните 3:5-9, кои работи се дел од старата личност?

5 Што би направил кога би забележал дека твојата облека е валкана и дека непријатно мириса? Би ја соблекол колку што е можно побрзо. Слично на тоа, ако забележиме дека правиме некои работи што Јехова ги мрази, треба веднаш да прекинеме со нив. Добро е да го послушаме јасниот совет кој Павле им го дал на христијаните од негово време: „Отфрлете го сето ова“. Да разгледаме две работи кои ги спомнал Павле: блудот, односно сексуалниот неморал, и нечистотијата. (Прочитај Колошаните 3:5-9.)

6, 7. а) Како зборовите на Павле покажуваат дека е потребно да вложиме голем труд за да ја соблечеме старата личност? б) Каков живот водела Фумико, и што ѝ помогнало да се смени?

6 Сексуален неморал. Изразот „блуд“ кој се користи во Библијата укажува на сексуални односи меѓу две лица кои не се законски венчани или кои се од ист пол. Павле им рекол на соверниците да ги „усмртат“ своите „делови на телото“ во однос на сексуалниот неморал. Ова значи дека треба многу да се трудиме за да ги искорениме погрешните желби. Оваа битка не е лесна, но можеме да победиме!

7 Размисли за она што ѝ се случило на една сестра од Јапонија по име Фумико. * Додека растела, таа честопати се чувствувала осамено и тажно. Од 15 години почнала да има сексуални односи со различни партнери мислејќи дека така ќе ја победи осаменоста. Поради тоа, Фумико имала три абортуси. Таа вели: „На почетокот, тоа што имав сексуални односи ми даваше чувство на сигурност затоа што сметав дека некој ме сака и дека некому сум му потребна. Но, како што минуваше времето, се чувствував сѐ понесигурно“. Фумико водела ваков начин на живот сѐ додека не наполнила 23 години. Тогаш почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, и многу ѝ се допаѓало она што го  учела. Јехова ѝ помогнал да престане да води неморален живот и да се избори со чувствата на вина и срам. Денес Фумико служи како општ пионер и повеќе не се чувствува осамено. Таа вели: „Многу сум среќна бидејќи Јехова секој ден ми покажува колку ме сака“.

КАКО ДА ГИ ОТФРЛИШ ПОГРЕШНИТЕ НАВИКИ

8. Кои навики може да нѐ направат нечисти во Божји очи?

8 Нечистотија. Изворниот грчки збор што во Библијата е преведен со „нечистотија“ не вклучува само сексуален неморал. Тој може да се однесува и на штетни навики како што се пушењето и кажувањето безобразни шеги (2. Кор. 7:1; Еф. 5:3, 4). Исто така, може да се однесува на лоши работи што луѓето ги прават кога се сами, во што спаѓа и читањето книги кои сексуално ги возбудуваат или гледањето порнографија. Овие работи може да водат до друга нечиста навика — мастурбирање (Кол. 3:5). *

9. До што може да води неконтролираната „сексуална страст“?

9 Луѓето кои редовно гледаат порнографија развиваат неконтролирана „сексуална страст“ и можат да станат зависници од секс. Истражувачите утврдиле дека зависноста од порнографија е слична на зависноста од алкохол или дрога. Затоа, воопшто не изненадува фактот дека навиката да се гледа порнографија има штетни последици, како што се силни чувства на срам, намалена продуктивност на работното место, лош семеен живот, развод, па дури и самоубиство. Откако успеал цела година да не гледа порнографија, еден човек рекол дека повторно стекнал самопочит.

10. Како Рибеиро ја победил зависноста од порнографија?

10 Многумина мора да водат голема борба против желбата да гледаат порнографија. Но, тие не се осудени на неуспех. Размисли за примерот на Рибеиро од Бразил. Кога бил тинејџер, тој си заминал од дома и се вработил во фабрика за рециклирање хартија. Таму наишол на порнографски списанија. Рибеиро вели: „Постепено станав зависен, и тоа толку многу што едвај чекав девојката со која живеев да си замине од дома за да можам да гледам порнографски филмови“. Еден ден додека бил на работа, Рибеиро ја забележал книгата Тајната на семејната среќа меѓу еден куп книги кои требало да бидат рециклирани. Ја зел и ја прочитал. Она што го дознал го поттикнало да ја проучува Библијата со Јеховините Сведоци. Сепак, му требало долго време да прекине со својата лоша навика. Што му помогнало да успее во тоа? Тој вели: „Се молев, ја проучував Библијата и длабоко размислував за тоа што го учев, и така стекнував сѐ поголемо ценење за Божјите особини. Со текот на времето, мојата љубов кон Јехова стана посилна од желбата да гледам порнографија“. Со помош на Библијата и на светиот дух, Рибеиро ја соблекол старата личност, се крстил и сега служи како старешина.

11. Што може да ни помогне да не се извалкаме со порнографија?

11 Како што видовме, за да успее во својата борба, Рибеиро ја проучувал Библијата. Но, тоа не било доволно. Тој морал длабоко да размислува за она што го читал во неа и да дозволи тоа да влијае врз неговото срце. Морал да го моли Јехова за помош. Бидејќи ги правел овие работи, љубовта на Рибеиро кон Јехова станала посилна од желбата да гледа порнографија. За да не се извалкаме со порнографија, и ние мора  многу да го сакаме Јехова и да го мразиме злото. (Прочитај Псалм 97:10.)

ОТФРЛИ ГИ ЛУТИНАТА, ПОГРДНИОТ ГОВОР И ЛАЖЕЊЕТО

12. Што му помогнало на Стивен да ги отфрли лутината и погрдниот говор?

12 Луѓето што се избувливи честопати ја изразуваат својата лутина така што им кажуваат навредливи зборови на другите. Поради ваквото однесување може да страда семејниот живот. На пример, еден татко од Австралија, по име Стивен, имал навика многу да пцуе и многу лесно се лутел дури за ситници. Тој вели: „Јас и жена ми три пати се разделивме, и имавме поднесено документи за развод“. Во тој период, почнале да ја проучуваат Библијата со Сведоците, и Стивен се трудел да го применува она што го учи. Тој вели дека пред да го запознае Јехова се чувствувал како бомба која може да експлодира во секој момент бидејќи лесно се разлутувал и за најмали работи. Но, откако почнал да ги применува советите од Библијата, работите тргнале на подобро. Стивен вели: „Сега моето семејство е многу посреќно. Благодарение на помошта од Јехова, чувствувам неопислив мир и спокој“. Денес, Стивен служи како слуга-помошник, а жена му е општ пионер веќе неколку години. Старешините од неговото собрание велат: „Стивен е тивок и трудољубив брат кој покажува понизност“. Тие исто така велат дека никогаш не го виделе налутен. Заслугата за оваа промена Стивен не си ја припишува себеси. Тој вели: „Немаше да доживеам ниту еден од овие прекрасни благослови доколку не ја прифатев помошта од Јехова и не му дозволев да направи ваква коренита промена во мојата личност“.

13. Зошто е опасно да се лутиме, и каков совет ни дава Библијата?

13 Библијата нѐ советува да ги отстраниме од нас лутината, викањето и навредливиот говор (Еф. 4:31). Овие работи честопати водат до насилство. Денес, многумина во светот мислат дека насилното однесување е нешто нормално. Но, таквиот начин на однесување му нанесува срам на нашиот Творец. Многу наши браќа и сестри морале да се сменат и да ја облечат новата личност. (Прочитај Псалм 37:8-11.)

14. Дали е можно некој што е насилен да стане кроток?

14 Размисли за примерот на Ханс, кој служи како старешина во едно собрание во Австрија. Координаторот на старешинството на собранието во кое припаѓа Ханс вели: „Тој е еден од најкротките луѓе што ги познавам“. Но, Ханс не бил отсекогаш таков. Кога бил тинејџер, почнал прекумерно да пие алкохол и станал насилен. Еднаш кога бил пијан, толку многу се разгневил што ја убил својата девојка. Тој добил затворска казна од 20 години, но животот во затворот не го сменил како личност. Додека сѐ уште бил во затвор, мајка му замолила еден старешина да го посети, и така Ханс почнал да ја проучува Библијата. Тој рекол: „Воопшто не ми беше лесно да ја соблечам старата личност. Но, многу ми помогнаа библиските стихови од Исаија 55:7, каде што стои: ’Злосторникот нека го остави својот пат‘ и 1. Коринќаните 6:11, каде што за оние што се смениле пишува: ’Такви беа некои од вас‘. Со години, преку својот свет дух Јехова стрпливо ми помагаше да ја облечам новата личност“. Ханс се крстил додека сѐ уште бил во затвор, и бил ослободен откако отслужил 17 и пол години од својата казна. Тој рекол: „Благодарен сум за Јеховината огромна милост и спремност да прости“.

15. Која навика е вообичаена меѓу луѓето, но што вели Библијата за неа?

15 Лажењето е навика која исто така е дел од старата личност. На пример, многу луѓе лажат за да не плаќаат даноци  или за да ја избегнат одговорноста за своите грешки. Но, Јехова е Бог на вистината (Пс. 31:5). Затоа, тој очекува сите негови слуги да ја зборуваат вистината и да не лажат (Еф. 4:25; Кол. 3:9). Значи, секогаш треба да ја кажуваме вистината, дури и кога поради тоа може да се засрамиме или да се најдеме во непријатна ситуација (Изр. 6:16-19).

ШТО ИМ ПОМОГНАЛО ДА ПОБЕДАТ ВО БОРБАТА

16. Што ќе ни помогне да ја соблечеме старата личност?

16 Не можеме да ја соблечеме старата личност со сопствена сила. Фумико, Рибеиро, Стивен и Ханс морале да водат голема борба за да ги остават своите лоши навики. Но, успеале да победат во таа борба благодарение на помошта од Божјата Реч и светиот дух (Лука 11:13; Евр. 4:12). За и ние да успееме да ја соблечеме старата личност, мора секој ден да ја читаме Библијата, да размислуваме за она што го читаме и постојано да се молиме Јехова да ни даде мудрост и сила да ги примениме библиските совети (Ис. Нав. 1:8; Пс. 119:97; 1. Сол. 5:17). Исто така, дозволуваме Божјата Реч и светиот дух да влијаат врз нас кога се подготвуваме за состаноците и кога присуствуваме на нив (Евр. 10:24, 25). Сакаме да ја користиме сета духовна храна што Јеховината организација ни ја дава преку публикациите, онлајн-телевизијата JW Broadcasting, апликацијата JW Library и интернет-страницата jw.org (Лука 12:42).

Што може да ни помогне да ја соблечеме старата личност? (Види во пасус 16)

17. Што ќе разгледаме во следната статија?

17 Во оваа статија разгледавме неколку лоши навики кои христијаните мора да ги отфрлат и да внимаваат да не се вратат на нив доколку сакаат да му угодат на Јехова. Но, потребно е уште нешто. Треба да ја облечеме новата личност и да се трудиме таа постојано да биде дел од нашиот живот. Во следната статија, ќе видиме како можеме да го правиме тоа.

^ пас. 7 Некои имиња во оваа статија се сменети.

^ пас. 8 Види во 25. поглавје од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1.