Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  август 2017

Како да ја облечеме новата личност

Како да ја облечеме новата личност

Облечете ја новата личност (КОЛ. 3:10)

ПЕСНИ: 43, 106

1, 2. а) Зошто е можно да ја облечеме новата личност? б) Кои особини од новата личност се спомнати во Колошаните 3:10-14?

ИЗРАЗОТ „новата личност“ се појавува двапати во Светото Писмо — превод Нов свет (Еф. 4:24; Кол. 3:10). Овој израз се однесува на личноста која е „создадена по Божја волја“. Дали е можно да ја облечеме оваа нова личност? Да. Јехова ги создал луѓето според својот лик, и затоа можеме да ги покажуваме неговите прекрасни особини (1. Мој. 1:26, 27; Еф. 5:1).

2 За жал, поради несовршеноста што сме ја наследиле, одвреме-навреме на сите ни се појавуваат погрешни желби. Исто така, врз сите нас влијае околината во која живееме. Сепак, поради својата огромна милост, Јехова ни помага да станеме личности какви што тој сака да бидеме. За да ја зајакнеме нашата желба да ја постигнеме оваа цел, ќе разгледаме неколку особини кои се дел од новата личност. (Прочитај Колошаните 3:10-14.) Потоа, ќе видиме како можеме да ги покажуваме овие особини во службата на проповедање.

 „СИТЕ ВИЕ СТЕ ЕДНО“

3. Која е една особина на новата личност?

3 Павле објаснил дека непристрасноста е важен дел од новата личност. Тој напишал: „Тука нема повеќе ниту Грк ниту Евреин, ниту обрежување ниту необрежување, ниту туѓинец, ниту Скит, ниту роб, ниту слободен“. * Во собранието, никој не треба да си мисли дека е подобар од другите поради својата раса, националност или положба во општеството. Зошто? Бидејќи како следбеници на Христос сите ние сме едно (Кол. 3:11; Гал. 3:28).

4. а) Како треба слугите на Јехова да постапуваат со другите? б) Зошто во некои делови од светот може да биде тешко за браќата да бидат обединети?

4 Оние што ја имаат облечено новата личност покажуваат почит кон сите луѓе без оглед на расата или општественото потекло (Рим. 2:11). Ова може да биде многу тешко во некои делови од светот. На пример, во минатото, властите во Јужноафриканската Република одредиле луѓето од различни раси да живеат во различни населби. Повеќето луѓе во таа земја, вклучувајќи ги и Сведоците, сѐ уште живеат во такви населби. Водечкото тело сакаше да ги поттикне нашите браќа широко да ги отворат своите срца. За таа цел, во октомври 2013 год., беше одобрено да се организира посебна програма која требаше да им помогне на браќата од различни раси подобро да се запознаат едни со други (2. Кор. 6:13).

5, 6. а) Што било организирано во една земја за да се зајакне единството на Божјите слуги? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Какви се резултатите од таа програма?

5 Браќата организирале заеднички активности за објавителите од собранија на различни јазици или раси. За време на одредени викенди, објавителите од две собранија требало да соработуваат во службата, да одат заедно на состаноци и да одат на гости едни кај други. Стотици собранија се вклучиле во оваа заедничка програма, а подружницата добила многу позитивни извештаи и коментари, дури и од лица кои не се Јеховини сведоци. На пример, едно свештено лице рекло: „Јас не сум Сведок, но можам да кажам дека вашата проповедничка активност е извонредно организирана. Освен тоа, вие сте обединети и покрај различните раси“. А како влијаела оваа програма врз браќата и сестрите?

6 На една сестра, по име Нома, која зборува на јазикот коса, во почетокот ѝ било непријатно да покани во својот скромен дом браќа од белата раса од собранието на англиски јазик. Но, откако проповедала заедно со некои од нив и откако отишла на гости кај нив, веќе не се чувствувала така. Таа рекла: „И тие се луѓе исто како нас!“ Затоа, кога дошол редот нејзиното собрание да му покаже гостопримство на собранието на англиски јазик, Нома подготвила јадење и викнала некои од тие објавители на гости. Меѓу гостите бил и еден старешина белец. Нома рекла: „Бев воодушевена што не му пречеше да седи на една пластична гајба“. Благодарение на оваа програма која сѐ уште е во тек, многу браќа и сестри си стекнале нови пријатели, и решени се и понатаму да се запознаваат со оние кои се од поинакво потекло.

„ОБЛЕЧЕТЕ СЕ ВО НАЈДЛАБОКА СОМИЛОСТ, ЉУБЕЗНОСТ“

7. Зошто треба секогаш да бидеме сочувствителни?

7 Сѐ додека не му дојде крајот на овој свет кој е под власта на Сатана, слугите на Јехова ќе доживуваат неволји и проблеми. Секој од нас може да се  соочи со невработеност, тешка болест, прогонство, природни катастрофи или други неволји. За да си помогнеме еден на друг во тие тешки ситуации, мора да покажеме сомилост, односно да бидеме вистински сочувствителни. Сочувството ќе нѐ поттикне да постапуваме љубезно со другите (Еф. 4:32). Овие особини се дел од новата личност. Тие ќе ни помогнат да се угледаме на Бог и да ги тешиме другите (2. Кор. 1:3, 4).

8. Кои добри резултати може да произлезат од тоа што сме сочувствителни и љубезни кон сите во собранието? Наведи пример.

8 Како можеме да покажуваме повеќе љубезност кон оние од нашето собрание кои се доселиле од друга земја или кои обично се обесправени во општеството? Така што ќе се спријателиме со нив и ќе им помогнеме да видат дека се потребни во собранието (1. Кор. 12:22, 25). Да видиме што му се случило на Деникарл кој се преселил од Филипините во Јапонија. Бидејќи бил странец, со него постапувале полошо отколку со другите работници. Потоа отишол на еден состанок на Јеховините сведоци. Деникарл вели: „Речиси сите присутни беа Јапонци, а сепак срдечно ме пречекаа како да се познаваме со години“. Љубезноста што браќата постојано ја покажувале кон него му помогнала да се зближи со Јехова. Со текот на времето, Деникарл се крстил и сега служи како старешина. Другите старешини сметаат дека Деникарл и неговата жена Џенифер се вистински благослов за собранието. Старешините за нив велат: „Тие водат многу едноставен живот како пионери и даваат убав пример бидејќи Царството го ставаат на прво место во животот“ (Лука 12:31).

9, 10. Кои добри резултати произлегуваат кога покажуваме сочувство во службата? Наведи примери.

9 Кога ја проповедаме добрата вест за Царството, имаме убава можност „да им правиме добро на сите“ (Гал. 6:10). Од сочувство кон доселениците, многу Сведоци се трудат да го научат нивниот јазик (1. Кор. 9:23). Тоа им носи многу благослови. На пример, Тифани, една сестра од Австралија која служи како пионер, научила свахили за да помага во собранието на тој јазик во Бризбен. Иако не ѝ било лесно да го научи јазикот, таа сега води поисполнет живот. Тифани вели: „Ако сакате службата да ви биде интересна, тогаш треба да служите во собрание на друг јазик. Тоа е како да патуваш во друга земја без да го напуштиш својот град. Така имаш можност од прва рака да го видиш единството кое владее во нашето меѓународно братство. Тоа е вистинско чудо“.

Што ги поттикнува Божјите слуги да им помагаат на доселениците? (Види во пасус 10)

10 Едно семејство во Јапонија направило нешто слично. Ќерката Сакико вели: „Во 1990-тите, во службата на проповедање честопати среќававме бразилски доселеници. Кога им покажувавме  стихови од нивната Библија на португалски јазик, како на пример Откровение 21:3, 4 или Псалм 37:10, 11, 29, тие внимателно слушаа и понекогаш ќе им се насолзеа очите“. Поттикнати од сочувство, членовите на ова семејство сакале да им помогнат на доселениците да ја дознаат библиската вистина, и затоа почнале да учат португалски јазик. Подоцна, ова семејство помогнало да се формира собрание на тој јазик. Низ годините, тие им помогнале на многу доселеници да станат слуги на Јехова. Сакико вели: „Не ни беше лесно да научиме португалски, но благословите се многу поголеми од трудот што го вложивме. Многу сме му благодарни на Јехова“. (Прочитај Дела 10:34, 35.)

„ОБЛЕЧЕТЕ СЕ ВО... ПОНИЗНОСТ“

11, 12. а) Зошто е важно од исправен мотив да ја облечеме новата личност? б) Што ќе ни помогне да бидеме понизни?

11 Од кој мотив треба да ја облечеме новата личност? Мотивот треба да ни биде да се прослави Јехова, а не да добиваме пофалби од луѓето. Не треба да заборавиме дека дури и еден совршен ангел станал горд, и затоа направил грев. (Спореди со Езекиел 28:17.) Ние сме несовршени, и затоа постои уште поголема опасност да станеме горди. Сепак, можеме да се облечеме во понизност. Што ќе ни помогне во тоа?

12 Една работа што ќе ни помогне да бидеме понизни е секој ден да ја читаме Божјата Реч и да размислуваме за она што сме го прочитале (5. Мој. 17:18-20). Особено треба да размислуваме за поуките на Исус и за неговиот извонреден пример на понизност (Мат. 20:28). Тој бил толку понизен што им ги измил нозете на своите апостоли (Јован 13:12-17). Друго нешто што може да ни помогне е да го молиме Јехова да ни го даде светиот дух за да ја победиме склоноста да мислиме дека сме подобри од другите (Гал. 6:3, 4; Фил. 2:3).

13. Какви благослови носи понизноста?

13 Прочитај Изреки 22:4. Јехова бара од сите свои слуги да бидат понизни. Понизноста носи многу благослови. Ако сме понизни, во собранието ќе има мир и единство. Исто така, Јехова ќе ни покаже незаслужена доброта. Апостол Петар рекол: „Сите вие, во меѓусебното однесување, опашајте се со понизност, бидејќи Бог им се спротивставува на вообразените, а им укажува незаслужена доброта на понизните“ (1. Пет. 5:5).

„ОБЛЕЧЕТЕ СЕ ВО... БЛАГОСТ И ДОЛГОТРПЕЛИВОСТ“

14. Кој е најдобриот пример за благост и за стрпливост?

14 Во светот денес, кога некој е благ и стрплив, другите обично мислат дека е слаб. Но, тоа не е точно. Овие убави особини доаѓаат од Јехова, најмоќната личност во универзумот. Тој е најдобриот пример за благост и за стрпливост (2. Пет. 3:9). На пример, размисли колку стрпливо одговарал Јехова преку своите ангели кога Авраам и Лот му поставувале прашања (1. Мој. 18:22-33; 19:18-21). Исто така, размисли колкава стрпливост покажувал кон непослушните Израелци во текот на 1.500 години (Езек. 33:11).

15. Каков пример за благост и стрпливост ни дал Исус?

15 Исус исто така бил благ (Мат. 11:29). Тој многу стрпливо ги поднесувал слабостите на своите следбеници. За време на својата служба на Земјата, Исус честопати бил неправедно критикуван и обвинуван од своите противници. Сепак, тој бил благ и стрплив сѐ до својата смрт. Додека трпел огромни болки на маченичкиот столб, Исус го молел својот Татко да им прости на оние што го погубувале. Тој рекол: „Не знаат што прават“ (Лука 23:34). Исус ни дал прекрасен пример со тоа што останал благ и стрплив дури и кога трпел  ужасни маки. (Прочитај 1. Петрово 2:21-23.)

16. Како можеме ние да покажуваме благост и стрпливост?

16 Како можеме ние да покажуваме благост и стрпливост? Павле спомнал еден начин кога напишал: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого. Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие“ (Кол. 3:13). За да им простуваме на другите, мора да бидеме благи и стрпливи. Тоа ќе придонесе да се зачува единството во собранието.

17. Зошто е важно да покажуваме благост и стрпливост?

17 Јехова очекува од нас да бидеме благи и стрпливи со другите. Овие особини се неопходни ако сакаме да живееме во новиот свет (Мат. 5:5; Јак. 1:21). Што е уште поважно, кога сме благи и стрпливи му носиме фалба на Јехова и им помагаме на другите да бидат послушни на библиските совети (Гал. 6:1; 2. Тим. 2:24, 25).

„ОБЛЕЧЕТЕ СЕ ВО ЉУБОВ“

18. Како се поврзани љубовта и непристрасноста?

18 Сите особини што ги разгледавме досега се поврзани со љубовта. На пример, ученикот Јаков морал да им даде совет на браќата бидејќи со богатите постапувале подобро отколку со сиромашните. Тој објаснил дека ова е спротивно на Божјата заповед: „Сакај го својот ближен како себеси“. Потоа додал: „Ако сте пристрасни, правите грев“ (Јак. 2:8, 9). Ако ги сакаме луѓето, нема да имаме предрасуди кон никого поради образованието, расата или положбата во општеството. Нашата непристрасност не смее да биде како маска што ја ставаме по потреба. Напротив, таа мора да биде нераздвоен дел од нашата личност.

19. Зошто е важно да се облечеме во љубов?

19 Исто така, љубовта е „долготрпелива и љубезна“, и „не се возвишува“ (1. Кор. 13:4). Мора навистина да бидеме стрпливи, љубезни и понизни за да можеме да продолжиме да им ја пренесуваме добрата вест на другите (Мат. 28:19). Овие особини ни помагаат и да бидеме во добри односи со сите браќа и сестри во собранието. Ако секој од нас покажува таква љубов, нашето собрание ќе биде обединето и ќе му носи фалба на Јехова. Другите ќе го видат нашето единство и ќе бидат привлечени кон вистината. Затоа е многу соодветно што Библијата го завршува описот на новата личност со зборовите: „Освен тоа, облечете се во љубов, зашто таа совршено ве поврзува“ (Кол. 3:14).

ПРОДОЛЖИ ДА ЈА ОБЛЕКУВАШ НОВАТА ЛИЧНОСТ

20. а) Кои прашања треба да си ги поставиме, и зошто? б) Каква прекрасна иднина нѐ очекува?

20 Секој од нас треба да се праша: „Какви промени треба да продолжам да правам за да ја соблечам и никогаш повторно да не ја облечам старата личност?“ Мора сесрдно да се молиме Јехова да ни помогне. Треба да дадеме сѐ од себе за да ги менуваме мислите и постапките кои би можеле да нѐ спречат да го наследиме Божјето царство (Гал. 5:19-21). Исто така, треба да се прашаме: „Дали продолжувам да го менувам својот начин на размислување за да го радувам Јехова?“ (Еф. 4:23, 24). Ние сме несовршени, и затоа мора многу да се трудиме да ја облечеме и никогаш да не ја соблечеме новата личност. Ова е постојан процес. Замисли колку ќе биде убав животот кога секој човек ќе ја има во потполност облечено новата личност и совршено ќе ги покажува прекрасните особини на Јехова!

^ пас. 3 Во библиско време, луѓето ги презирале Скитите бидејќи ги сметале за нецивилизирани и заостанати.