Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  август 2017

Мирот Божји ја надминува секоја мисла

Мирот Божји ја надминува секоја мисла

Мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца (ФИЛ. 4:7)

ПЕСНИ: 76, 141

1, 2. Што им се случило на Павле и на Сила во Филипи? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

ЗАМИСЛИ ја следнава ситуација. Било полноќ. Двајца мисионери, Павле и Сила, се наоѓале во внатрешниот дел од затворот во градот Филипи. Не можеле да се движат бидејќи нозете им биле ставени во клада, а чувствувале и силни болки во грбот поради тоа што биле истепани (Дела 16:23, 24). Претходно истиот ден, една толпа ненадејно ги одвлечкала на плоштадот каде што без да бидат законски осудени им била соблечена облеката и биле сурово истепани со стапови (Дела 16:16-22). Тоа навистина било голема неправда! Како римски граѓанин, Павле имал право на законско судење. *

2 Додека бил во затворот, Павле можеби размислувал за она што му се случило тој ден и за луѓето од Филипи. Во тој град немало ниту една еврејска синагога, за разлика од многу други градови во кои бил. Всушност, за  да го слават Бог, Евреите од ова место се собирале надвор од градските ѕидини близу една река (Дела 16:13, 14). Дали Евреите немале синагога поради тоа што во градот немало дури ни 10 мажи кои биле Евреи — најмалиот потребен број за да се основа синагога? Жителите на Филипи многу се гордееле со тоа што биле римски граѓани (Дела 16:21). Тие не ни помислиле дека Павле и Сила, кои биле Евреи, би можеле да бидат и римски граѓани. Можеби затоа неправедно постапиле со нив. Како и да е, Павле и Сила се наоѓале во затвор.

3. Зошто можеби Павле бил збунет кога бил ставен во затвор, но каков став покажал?

3 Можеби Павле си размислувал и за настаните што се случиле во изминатите неколку месеци. Тој бил од другата страна на Егејското Море, во Мала Азија. Додека бил таму, светиот дух во неколку наврати го спречил да проповеда на одредени подрачја. На некој начин, светиот дух како да го насочувал да оди на друго место (Дела 16:6, 7). Но каде? Додека бил во Троада, Павле добил видение во кое му било кажано: „Прејди во Македонија“. Бидејќи било очигледно која е Јеховината волја, Павле веднаш се упатил за Македонија. (Прочитај Дела 16:8-10.) Но, што се случило потоа? Набрзо откако пристигнал во Македонија, бил фрлен во затвор. Зошто Јехова дозволил да му се случи тоа? Колку долго ќе бил затворен? Дури и ако овие прашања му минувале низ главата, Павле не дозволил да му ја поткопаат верата и да му ја одземат радоста. Заедно со Сила почнале да се молат и со песна да го фалат Бог (Дела 16:25). Тие го почувствувале мирот Божји кој ги утешил нивното срце и нивниот ум.

4, 5. а) Како можеме ние некогаш да се најдеме во слична ситуација како апостол Павле? б) Каква неочекувана промена на околностите доживеал Павле?

4 Дали некогаш си се чувствувал како Павле? Можеби некогаш си го молел Бог да ти помогне да донесеш некоја одлука и си сметал дека го следиш водството на светиот дух, но работите не излегле онака како што си очекувал. Си доживеал многу проблеми или си морал да направиш големи промени во својот живот (Проп. 9:11). Денес, кога ќе помислиш на тоа, можеби се прашуваш зошто Јехова дозволил да се случат некои работи. Што може да ти помогне да продолжиш со доверба да му служиш на Јехова? За да го дознаеме одговорот, да се вратиме на библискиот извештај за Павле и Сила.

5 Додека Павле и Сила пееле, почнале да се случуваат сосема неочекувани настани. Одеднаш затворот го затресол силен земјотрес. Се отвориле вратите од затворот. Им се отвориле оковите на сите затвореници. Еден од затворските чувари сакал да си го одземе животот, но Павле го спречил во тоа. Чуварот и целото негово семејство се крстиле. Следното утро, градските управители испратиле службеници да ги пуштат Павле и Сила од затворот и да им кажат мирно да си заминат од градот. Кога управителите сфатиле дека Павле и Сила се римски граѓани, им станало јасно колку голема грешка направиле и дошле самите да ги испратат. Но, пред да си заминат од градот, Павле и Сила отишле да се поздрават со нивната новокрстена сестра Лидија. Тие ја искористиле приликата и да ги зајакнат браќата во Филипи (Дела 16:26-40). Колку брзо се смениле работите!

 „ЈА НАДМИНУВА СЕКОЈА МИСЛА“

6. Што ќе разгледаме во оваа статија?

6 Што учиме од овие настани? Бидејќи Јехова може да ни помогне на начин на кој не очекуваме, не треба да бидеме премногу загрижени кога ќе се соочиме со тешки ситуации. Павле го доживеал ова на своја кожа и тоа оставило силен впечаток врз него. Ова се гледа од писмото што подоцна им го напишал на браќата во Филипи во врска со грижите и мирот Божји. Во оваа статија ќе ги разгледаме зборовите на Павле запишани во Филипјаните 4:6, 7. (Прочитај.) Потоа, ќе видиме и неколку други библиски извештаи во кои се опишува како Јехова им помогнал на своите слуги на неочекуван начин. Исто така, ќе разгледаме како „мирот Божји“ може да ни помогне да истраеме со потполна доверба во Јехова.

7. Која поука сакал Павле да им ја истакне на браќата во Филипи со своето писмо, и што можеме да научиме од неговите зборови?

7 За што размислувале браќата од Филипи кога го прочитале писмото што им го испратил Павле? Повеќето од нив веројатно се сетиле на она што им се случило на Павле и на Сила, и на неочекуваниот начин на кој им помогнал Јехова. Која поука сакал Павле да им ја истакне со своето писмо? Главно, да не се грижат. Да се молат и потоа ќе го почувствуваат мирот што го дава Бог. Павле им кажал дека Мирот Божји ја надминува секоја мисла. Што значи овој израз? Во некои Библии тој е преведен со „ги надминува сите наши соништа“ или „ги надминува сите човечки планови“. Со други зборови, Павле сакал да каже дека „мирот Божји“ може да влијае врз нас многу посилно од тоа што можеме да си замислиме. Понекогаш не знаеме кое е решението за нашите проблеми, но Јехова знае и може да ни помогне на начин на кој не очекуваме. (Прочитај 2. Петрово 2:9.)

8, 9. а) До кој позитивен исход водела неправдата што Павле ја доживеал во Филипи? б) Зошто браќата во Филипи можеле да имаат потполна доверба во зборовите на Павле?

8 Писмото на Павле сигурно ги зајакнало браќата во Филипи бидејќи ги поттикнало да размислуваат за сѐ што направил Јехова за нив во изминатите десет години. Иако Јехова дозволил Павле и Сила да доживеат неправда, тоа на крајот придонело да биде одбрането и законски потврдено правото да се проповеда добрата вест (Фил. 1:7). Оттогаш, градските управители во Филипи веројатно не се осмелиле да го прогонуваат новото христијанско собрание. Можеби токму поради тоа што Павле го спомнал своето римско граѓанство, неговиот соработник Лука можел да остане во Филипи откако Павле и Сила си заминале. На тој начин, Лука можел да им помогне на новите христијани во тој град.

9 Кога го прочитале писмото на Павле, браќата во Филипи знаеле дека она што им го напишал било од негово лично искуство бидејќи и самиот доживеал тешки неволји. Всушност, додека им го пишувал своето писмо, тој бил во куќен притвор во Рим. Но, било очигледно дека сѐ уште го има „мирот Божји“ (Фил. 1:12-14; 4:7, 11, 22).

„НЕ БИДЕТЕ ЗАГРИЖЕНИ ЗА НИШТО“

10, 11. Што треба да правиме кога сме премногу загрижени поради некој проблем, и што можеме да очекуваме?

10 Што може да ни помогне да не бидеме „загрижени за ништо“, туку да го имаме „мирот Божји“? Зборовите на Павле до Филипјаните ни покажуваат дека најдобар лек за грижите е молитвата.  Затоа, сите наши грижи треба да му ги кажеме на Јехова во молитва. (Прочитај 1. Петрово 5:6, 7.) Моли се со вера, имајќи на ум дека Јехова е заинтересиран за тебе. Благодари му за секој благослов што ќе го добиеш од него. И никогаш не заборавај дека Јехова може „да направи неизмерно повеќе од сѐ што молиме или што ќе го замислиме“ (Еф. 3:20).

11 Слично како Павле и Сила, можеби ќе се изненадиме од она што Јехова го прави за да ни помогне. Можеби тоа нема да биде некое чудо, но секогаш ќе биде она што ни е потребно (1. Кор. 10:13). Тоа не значи дека не треба ништо да правиме и само да чекаме Јехова да ја поправи ситуацијата или да го реши нашиот проблем. Напротив, треба да постапуваме во склад со нашите молитви (Рим. 12:11). Нашите постапки покажуваат дека сме искрени и дека му даваме можност на Јехова да нѐ благослови. Но, во исто време не треба да заборавиме дека тој може да направи многу повеќе од она за што го молиме или што го очекуваме од него. Понекогаш Јехова нѐ изненадува така што ни помага на начин на кој не очекуваме. Затоа да разгледаме неколку примери кои ќе ни ја зголемат довербата дека Јехова има моќ да го направи тоа.

ПРИМЕРИ КОГА ЈЕХОВА ПОСТАПИЛ НА НЕОЧЕКУВАН НАЧИН

12. а) Што направил цар Езекија кога цар Сенахирим му се заканил? б) Што учиме од начинот на кој Јехова му помогнал на Езекија?

12 Во Библијата се спомнати многу ситуации во кои Јехова им помогнал на своите слуги на неочекуван начин. На пример, цар Езекија живеел во времето кога царот на Асирија, Сенахирим, ја нападнал Јуда и ги освоил сите градови освен Ерусалим (2. Цар. 18:1-3, 13). Потоа, Сенахирим дошол да го нападне Ерусалим. Што направил цар Езекија во таа опасна ситуација? Прво, побарал помош од Јехова во молитва и му се обратил на пророкот Исаија за совет (2. Цар. 19:5, 15-20). Исто така, Езекија покажал дека е разумен со тоа што го платил данокот кој му го барал Сенахирим (2. Цар. 18:14, 15). И на крајот, Езекија го подготвил градот за долга опсада (2. Лет. 32:2-4). Како завршила таа ситуација? Јехова испратил еден ангел за да убие 185.000 војници на Сенахирим за една ноќ. Дури ни самиот Езекија не го очекувал тоа! (2. Цар. 19:35).

Што учиме од она што го доживеал Јосиф, а е запишано во 1. Мојсеева 41:42? (Види во пасус 13)

13. а) Што учиме од она што му се случило на Јосиф? б) Што Сара не очекувала да доживее?

13 Да го разгледаме примерот на младиот Јосиф. Додека бил во затвор, Јосиф не можел да си замисли дека ќе стане втората најмоќна личност во Египет ниту, пак, дека Јехова ќе го употреби за да си го спаси семејството од глад (1. Мој. 40:15, фус.; 41:39-43; 50:20). Без сомнение, она што го направил Јехова ги надминало сите  очекувања на Јосиф. Размисли и за Сара, прабабата на Јосиф. Дали таа очекувала дека Јехова ќе ѝ овозможи да роди син на стари години? Раѓањето на Исак сигурно било многу повеќе од она што Сара можела да си го замисли (1. Мој. 21:1-3, 6, 7).

14. Каква доверба можеме да имаме во Јехова?

14 Ние не очекуваме и не бараме Јехова преку чудо да ги реши сите наши проблеми пред да дојде новиот свет. Но знаеме дека тој на извонредни начини им помагал на своите слуги во минатото. Освен тоа знаеме дека Јехова не се менува. (Прочитај Исаија 43:10-13.) Ова ни влева доверба во него. Можеме да бидеме сигурни дека ќе ни ја дава потребната сила за да ја вршиме неговата волја (2. Кор. 4:7-9). Што учиме од примерите на Езекија, Јосиф и Сара? Јехова може да ни помогне дури и во најтешките ситуации ако му останеме верни.

Јехова може да ни помогне дури и во најтешките ситуации ако му останеме верни

15. Што ќе ни помогне да го добиеме „мирот Божји“ дури и кога имаме проблеми?

15 Како можеме да го добиеме „мирот Божји“ дури и кога имаме проблеми? Така што ќе се трудиме да го зачуваме добриот однос со Јехова. Таков однос може да имаме само благодарение на откупната жртва на Исус Христос. Откупнината е едно од чудесните дела на Јехова. На темел на откупнината, тој може да ни ги прости гревовите, а ние можеме да имаме чиста совест и да се зближиме со него (Јован 14:6; Јак. 4:8; 1. Пет. 3:21).

ЌЕ ГИ ЧУВА НАШЕТО СРЦЕ И НАШИОТ УМ

16. Што се случува кога го добиваме „мирот Божји“? Наведи пример.

16 Што се случува кога го добиваме „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“? Библијата вели дека тој ги чува нашето срце и нашиот ум (Фил. 4:7). Зборот што е преведен со „чува“, на изворниот јазик се користел како воен израз кој укажувал на чета војници која има задача да чува еден град. Филипи бил еден таков град. Неговите жители можеле мирно да спијат бидејќи знаеле дека ги чуваат војници. Слично на тоа, кога го имаме „мирот Божји“, нашето срце и нашиот ум не се вознемирени. Знаеме дека Јехова се грижи за нас и дека сака да бидеме вистински среќни (1. Пет. 5:10). А тоа ни помага да не се чувствуваме оптоварени од грижи и да не се обесхрабруваме.

17. Што ќе ни помогне да имаме доверба во Јехова за време на големата неволја?

17 Наскоро човештвото ќе се соочи со неволја каква што никогаш не се случила на Земјата (Мат. 24:21, 22). Не знаеме што точно ќе доживее секој од нас поединечно. Но, нема потреба да бидеме претерано загрижени. Иако не знаеме што сѐ ќе направи Јехова, ние го познаваме нашиот Бог. Знаеме што направил во минатото за своите верни слуги. Уверени сме дека без разлика што ќе се случи, Јехова ќе се погрижи да се изврши неговата намера. А тоа може да го направи и на сосема неочекуван начин! Секојпат кога ќе се најдеме во тешка ситуација, Јехова може да ни помогне на нов, поинаков начин кој ќе ни овозможи да го почувствуваме „мирот Божји кој ја надминува секоја мисла“.

^ пас. 1 Изгледа дека и Сила бил римски граѓанин (Дела 16:37).