Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  август 2017

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Зошто се разликуваат извештаите од Матеј и Лука во врска со раното детство на Исус?

Извештаите од Матеј и Лука во врска со раѓањето на Исус и неговото рано детство се разликуваат бидејќи писателите ги раскажуваат настаните од различен агол.

Во извештајот на Матеј главно се спомнуваат настани во кои бил вклучен Јосиф. На пример, Матеј опишува како реагирал Јосиф кога дознал дека Марија е бремена, го спомнува неговиот сон во кој еден ангел му ја објаснил ситуацијата и опишува како Јосиф ги следел упатствата на ангелот (Мат. 1:19-25). Исто така, во извештајот се зборува за тоа како еден ангел му рекол на Јосиф во сон да избега со семејството во Египет и како тој го послушал. Освен тоа, Матеј спомнува дека Јосиф имал и друг сон во кој еден ангел му рекол да се врати во Израел, и дека тој се вратил со своето семејство да живее во Назарет (Мат. 2:13, 14, 19-23). Во првите две поглавја од своето евангелие, Матеј го спомнува името Јосиф седум пати, а името Марија четири пати.

Од друга страна, Лука во своето евангелие повеќе се осврнува на Марија. Тој опишува како ангелот Гавриел ја посетил Марија, како таа ја посетила својата роднина Елисавета и како Марија со своите зборови го фалела Јехова (Лука 1:26-56). Исто така, Лука спомнува што ѝ кажал Симеон на Марија во врска со страдањата што Исус требало да ги доживее во иднина. Освен тоа, Лука ја опишува ситуацијата кога Исус и неговото семејство отишле во храмот кога тој имал 12 години. Дури и во овој извештај, Лука ги цитира зборовите на Марија, а не на Јосиф. Тој спомнува и дека овие настани оставиле силен впечаток врз Марија (Лука 2:19, 34, 35, 48, 51). Во првите две поглавја, Лука го спомнува името на Марија 12 пати, а на Јосиф само 3 пати. Значи, Матеј повеќе се осврнува на мислите и постапките на Јосиф, а Лука на мислите и постапките на Марија.

Освен тоа, во едното евангелие е наведена семејната лоза на Исус преку Марија, а во другото преку Јосиф. Матеј го навел родословието на Јосиф кое покажува дека Исус, како посвоен син на Јосиф, имал законско право на царската власт на Давид. Зошто? Бидејќи Јосиф бил потомок на цар Давид преку неговиот син Соломон (Мат. 1:6, 16). За разлика од Матеј, Лука го навел родословието на Марија, кое потврдува дека Исус „по тело“, односно по крвна линија има право на престолот на цар Давид (Рим. 1:3). Зошто? Бидејќи Марија била потомок на цар Давид преку неговиот син Натан (Лука 3:31). Но, зошто Лука не ја наведува Марија како ќерка на Или, нејзиниот татко? Бидејќи службените родословни записи обично ги наведувале само мажите од семејството. Значи, тоа што Лука го навел Јосиф како син на Или, за луѓето значело дека Јосиф му бил зет на Или (Лука 3:23).

Родословијата наведени во евангелијата на Матеј и Лука јасно покажуваат дека Исус бил проречениот Месија. Всушност, фактот дека Исус бил потомок на Давид бил толку познат што дури ни фарисеите и садукеите не можеле да го оспорат. Денес, родословијата на Исус кои се запишани во евангелијата на Матеј и Лука ни ја зајакнуваат верата и ни помагаат да бидеме цврсто уверени дека ќе се исполнат и сите други ветувања што ги дал Јехова.