Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  август 2017

 ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Истрајноста во тешки ситуации носи благослови

Истрајноста во тешки ситуации носи благослови

„ТИ СИ многу суров татко“, налутено ми кажа инспекторот на КГБ. * „Си ги оставаш на цедило твојата бремена жена и твојата ќеркичка. Кој ќе ги храни и кој ќе се грижи за нив? Одречи се од својата вера и ќе можеш да си одиш дома!“ Јас му одговорив: „Не, јас не го напуштив моето семејство. Вие ме уапсивте! И тоа за што?“ Инспекторот остро ми рече: „Нема поголемо злодело од тоа некој да биде Сведок“.

Овој разговор се случи во 1959 год., во еден затвор во градот Иркутск (Русија). Дозволете ми да ви раскажам зошто јас и мојата жена Марија бевме подготвени да трпиме неволји „поради праведноста“ и какви благослови добивме затоа што му останавме верни на Јехова (1. Пет. 3:13, 14).

Роден сум во Украина во 1933 год., во селото Золотники. Во 1937 год., тетка ми и тетин ми, кои беа Сведоци, нѐ посетија од Франција и ни ги оставија книгите Влада и Избавување. * Откако ги прочита овие книги, татко ми повторно почна да верува во Бог. За жал, во 1939 год. тој тешко се разболе, но пред да умре ѝ кажа на мајка ми: „Ова е вистината. Пренеси им ја на децата“.

СИБИР — НОВО ПОДРАЧЈЕ ЗА ПРОПОВЕДАЊЕ

Во април 1951 год., властите почнаа да ги протеруваат во Сибир Сведоците од западниот дел на Советскиот Сојуз. Заедно со мајка ми и мојот помлад брат Григориј бевме протерани од Украина. Откако патувавме 6.000 километри со воз, пристигнавме во градот Тулун во Сибир. Две седмици подоцна, мојот постар брат Богдан пристигнал во еден логор во близина на градот Ангарск. Беше осуден на 25 години тешка работа.

Јас, мајка ми и Григориј проповедавме во населените места околу Тулун, но моравме да се снаоѓаме. На пример, ние обично прашувавме: „Дали познавате некој што продава крава?“ Кога ќе дознаевме дека некој продава крава, ќе му спомневме на тоа лице колку прекрасно се создадени кравите. Така, набрзо почнувавме да зборуваме за Творецот. Во тоа време, во еден весник пишуваше дека Сведоците бараат крави, а ние, всушност, баравме „овчички“! И навистина, на ова необработено подрачје најдовме понизни и гостољубиви луѓе со кои беше вистинско задоволство да се проучува Библијата. Денес, во Тулун има собрание со повеќе од 100 објавители.

 КАКО БЕШЕ ИСПИТАНА ВЕРАТА НА МАРИЈА

Мојата сопруга Марија ја дознала вистината во Украина за време на Втората светска војна. Кога имала 18 години, еден агент на КГБ почнал да ја вознемирува и се обидувал да ја натера да изврши неморал со него, но таа одлучно го одбила тоа. Еден ден, кога се вратила дома го видела тој човек како лежи во нејзиниот кревет. Марија побегнала. Агентот се разгневил и ѝ се заканил дека ќе ја стави в затвор бидејќи е Јеховин сведок. И навистина, во 1952 год., Марија била осудена на затворска казна од десет години. Таа се чувствувала исто како Јосиф, кој бил затворен затоа што му останал верен на Бог (1. Мој. 39:12, 20). Возачот што ја префрлил Марија од судницата до затворот ѝ рекол: „Не плаши се. Многу луѓе одат во затвор, но излегуваат од таму без да им биде погазено достоинството“. Овие зборови многу ја охрабриле.

Од 1952 до 1956 год., Марија била испратена во работнички логор во близина на градот Горки (сега Нижни Новгород) во Русија. Ѝ било наредено да откопува дрвја сосе корен, дури и на многу студено време. Поради тоа ѝ се нарушило здравјето, но во 1956 год. била ослободена и заминала за Тулун.

ДАЛЕКУ ОД ЖЕНА МИ И ДЕЦАТА

Кога еден брат од Тулун ми кажа дека треба да дојде една сестра, се качив на мојот велосипед и отидов до автобуската станица за да се сретнам со неа и да ѝ помогнам со багажот. Марија ми се допадна од првиот момент кога ја видов. Не беше лесно да ѝ го освојам срцето — ама успеав! Се венчавме во 1957 год. Една година подоцна, се роди нашата ќерка Ирина. Бев пресреќен, но мојата радост траеше многу кратко. Во 1959 год., ме уапсија бидејќи печатев библиска литература. Пола година бев затворен во самица. За да останам смирен во тој период, постојано се молев, пеев теократски песни и си замислував како би проповедал кога би бил повторно на слобода.

Во работен логор (1962)

Во текот на едно сослушување додека бев во затвор, инспекторот ми се развика и ми рече: „Наскоро ќе ве смачкаме како глувци!“ Јас му одговорив: „Исус рекол дека добрата вест за Царството ЌЕ БИДЕ проповедана кај сите народи, и никој не може да го спречи тоа“. Потоа, како што спомнав на почетокот, инспекторот ја смени тактиката и се обиде на подмолен начин да ме натера да се откажам од мојата вера. Бидејќи не дадоа резултат ниту заканите ниту разубедувањата, бев осуден на седум години тешка работа во еден логор близу градот Саранск. Додека бев на пат за логорот, дознав дека се родила нашата втора ќерка Олга. Иако жена ми и ќерките беа далеку од мене, ме тешеше тоа што знаев дека и јас и Марија сме му верни на Јехова.

Марија и нашите ќерки, Олга и Ирина (1965)

Еднаш годишно, Марија патуваше со воз за да ме посети, иако патувањето од Тулун до Саранск и назад траеше вкупно 12 дена. Секоја година ми носеше нов пар чизми. Во петиците од чизмите беа скриени примероци од Стражарска кула. Една година, посетата на Марија ми беше особено значајна бидејќи ги доведе и нашите две ќеркички. Замислете колку бев трогнат што можев да ги видам и да бидам со нив!

НА НОВИ МЕСТА СО НОВИ ПРЕДИЗВИЦИ

Во 1966 год., ме ослободија од работниот логор, и со моето семејство се преселивме во градот  Армавир, близу Црното Море. Таму се родија нашите синови Јарослав и Павел.

По кратко време, агентите на КГБ почнаа да упаѓаат во нашиот дом за да бараат библиска литература. Тие пребаруваа насекаде, дури и во храната за кравите. Во една таква прилика, агентите беа испотени од жешкото време, а нивната облека беше прекриена со прашина. На Марија ѝ падна жал за нив бидејќи тие само извршуваа наредби. Затоа им даде да се напијат компот и им донесе четка за облека, леѓен со вода и пешкири. Подоцна, кога пристигна нивниот шеф, агентите му кажаа колку убаво се однесувавме со нив. Кога си одеа, шефот се насмевна и ни мавна со раката. Се израдувавме што видовме колку добри резултати можат да произлезат кога се обидуваме злото да го надвладееме со добро (Рим. 12:21).

И покрај таквите упади од полицијата, ние продолживме да проповедаме во Армавир. Исто така, ѝ помагавме на една мала група објавители во блискиот град Курганинск. Многу се радувам што денес има шест собранија во Армавир, а четири во Курганинск.

Низ годините, имаше моменти кога не му служевме на Јехова како што треба. Но, благодарни сме што тој користеше верни браќа да нѐ исправат и да нѐ зајакнат духовно (Пс. 130:3). За нас беше голем испит на верата и тоа што му служевме на Јехова меѓу агенти на КГБ кои се вовлекоа во собранијата без да го знаеме тоа. Тие оставаа впечаток дека се ревносни и беа многу активни во службата на проповедање. Некои дури стигнаа и до одговорни положби во организацијата. Сепак, со текот на времето откривме кои всушност се тие.

Во 1978 год., кога Марија имаше 45 години, повторно забремени. Бидејќи имаше хроничен проблем со срцето, лекарите беа загрижени за нејзиниот живот и се обидуваа да ја убедат да абортира. Марија го одби тоа. Затоа, некои од нив ја следеа насекаде во болницата со шприц во рацете и се обидуваа да ѝ дадат инекција за предвреме да го роди бебето. Марија сакаше да го заштити нероденото дете и затоа избега од болницата.

КГБ ни нареди да го напуштиме градот. Се преселивме во едно село близу градот Талин во Естонија, која тогаш беше дел од Советскиот Сојуз. Во Талин, спротивно на проценките на лекарите, Марија роди здраво бебе. Тоа беше нашиот син Виталиј.

Подоцна, се преселивме од Естонија во населбата Незлобнаја во јужниот дел на Русија. Проповедавме претпазливо во соседните градови во кои имаше туристи од целата држава. Тие доаѓаа од здравствени причини, но некои од нив си одеа со надеж за вечен живот!

ГИ ВОСПИТУВАМЕ ДЕЦАТА ДА ГО САКААТ ЈЕХОВА

Се обидовме да всадиме во нашите синови и ќерки љубов кон Јехова и желба да му служат. Кај нас дома честопати каневме браќа кои имаа добро влијание врз нашите деца. Меѓу тие браќа беше и брат ми Григориј кој служеше како патувачки надгледник од 1970 до 1995 год. Целото семејство уживаше во неговите посети бидејќи беше весел човек и имаше смисла за хумор. Кога ни доаѓаа гости, честопати игравме  библиски игри, и затоа нашите деца ги засакаа историските извештаи од Библијата.

Моите синови и нивните сопруги.

Од лево на десно, заден ред: Јарослав, Павел помладиот, Виталиј

Преден ред: Аљона, Раја, Светлана

Во 1987 год., нашиот син Јарослав се пресели во Рига (Летонија), каде што имаше можност слободно да проповеда. Но, кога одби да служи воен рок, беше осуден на една и пол година затвор, и беше префрлуван во девет различни затвори. Тоа што му кажував за моето искуство од затвор, му помогна да истрае. Подоцна, почна да служи како пионер. Во 1990 год., нашиот син Павел, кој тогаш имаше 19 години, сакаше да служи како пионер на Сахалин, еден остров северно од Јапонија. Во почетокот, не сакавме да оди. На целиот остров имаше само 20 објавители, а ние живеевме 9.000 километри далеку од него. Но, на крајот се согласивме, и тоа беше добра одлука. Тамошните жители убаво реагирале на добрата вест. За неколку години, биле формирани осум собранија. Павел служеше на Сахалин до 1995 год. Во тоа време, само нашиот најмлад син, Виталиј, уште живееше со нас. Тој од дете многу сакаше да ја чита Библијата. На 14 години започна со пионерска служба, и две години заедно служевме како пионери. Тоа беше многу убав период. Кога наполни 19 години, Виталиј си отиде од дома за да служи како специјален пионер.

Во 1952 год., еден агент на КГБ ѝ рекол на Марија: „Откажи се од твојата вера или ќе одиш десет години во затвор. Кога ќе излезеш од таму, ќе бидеш стара и осамена“. Но, работите испаднаа сосема поинаку. Ја чувствувавме љубовта од нашиот верен Бог, Јехова, од нашите деца и од многуте други на кои имавме чест да им помогнеме да ја дознаат вистината за Бог. Јас и Марија многу се радувавме што можевме да ги посетиме местата каде што служеа нашите деца. Видовме колку многу беа благодарни луѓето на кои тие им помогнале да го запознаат Јехова.

БЛАГОДАРНИ ЗА ЈЕХОВИНАТА ДОБРИНА

Во 1991 год., активностите на Јеховините сведоци беа законски признати. Таа одлука ги поттикна браќата уште поревносно да проповедаат. Нашето собрание дури купи еден автобус со кој можевме секој викенд да патуваме до соседните градови и села.

Јас и Марија (2011)

Среќен сум што Јарослав и неговата жена Аљона, и Павел и неговата жена Раја, служат во Бетел, додека Виталиј и неговата жена Светлана служат во патувачкото дело. Нашата најстара ќерка Ирина, живее во Германија со семејството. Нејзиниот сопруг Владимир и нивните три сина служат како старешини. Нашата ќерка Олга живее во Естонија и редовно ми се јавува. За жал, мојата мила жена Марија, почина во 2014 год. Едвај чекам повторно да ја видам кога ќе воскресне! Сега живеам во градот Белогорд, и браќата и сестрите ми се голема поддршка.

Низ годините научив дека, ако некој сака да му остане верен на Јехова, мора да биде спремен на жртви, но внатрешниот мир што го дава тој има непроценлива вредност. Благословите што јас и Марија ги добивме поради нашата непоколеблива вера беа поголеми од тоа што можев да си замислам. Пред распадот на Советскиот Сојуз во 1991 год., имаше нешто повеќе од 40.000 објавители. А денес, во земјите што беа дел од поранешниот Советски Сојуз има повеќе од 400.000 објавители! Сега имам 83 години и сѐ уште служам како старешина. Постојано добивам сила од Јехова за да издржам и покрај тешкотиите. Навистина, Јехова богато ме награди (Пс. 13:5, 6).

^ пас. 4 КГБ е руска кратенка за Советската служба за државна безбедност.

^ пас. 6 Издадени од Watch Tower Society.