Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  август 2016

Зошто треба духовно да напредуваме?

Зошто треба духовно да напредуваме?

Посвети се на јавното читање, на поттикнувањето, на поучувањето (1. ТИМ. 4:13)

ПЕСНИ: 45, 70

1, 2. а) Како се исполнува пророштвото од Исаија 60:22 во ова време на крајот? б) Од што има голема потреба земниот дел на Јеховината организација?

„ОД МАЛИОТ ќе стане илјада, и од незначителниот — силен народ“ (Иса. 60:22). Ова пророштво се исполнува денес, во времето на крајот. Всушност, во текот на 2015 год., 8.220.105 Јеховини сведоци ја проповедаа добрата вест за Царството по целиот свет. Во врска со порастот на својот народ, Бог рекол: „Јас, Јехова, ќе го забрзам тоа кога ќе дојде време“. Исто како што патниците во едно возило чувствуваат кога тоа забрзува, така и ние чувствуваме дека делото на проповедање зема сѐ поголем замав. Дали даваме сѐ од себе за да ја проповедаме добрата вест и за да ги поучуваме луѓето за вистината? Многу браќа и сестри служат како општи или помошни пионери. Некои се селат на места каде што има поголема потреба од објавители, а други напорно работат во изградбата на сали за состаноци.

2 Бидејќи се основаат околу 2.000 нови собранија годишно, има потреба од сѐ повеќе работници. На пример, за да може секое ново собрание да има по пет старешини, секоја година 10.000 слуга-помошници треба да ги исполнат условите за да служат како надгледници. Ова, пак,  значи дека илјадници браќа треба да ги исполнат библиските барања за да станат слуга-помошници. Сеедно дали сме браќа или сестри, сите можеме да бидеме зафатени во делото на Господарот бидејќи навистина има уште многу работа (1. Кор. 15:58).

ШТО Е ПОТРЕБНО ЗА НЕКОЈ ДУХОВНО ДА НАПРЕДУВА?

3, 4. Како може некој духовно да напредува?

3 Прочитај 1. Тимотеј 3:1. Апостол Павле ги пофалил браќата кои сакале да служат како надгледници. Грчкиот глагол кој во овој стих е преведен со „сака да служи“ дословно значи „посегнува“, слично како што некој посегнува со раката за да дофати нешто што е малку подалеку од него. Со тоа што го употребил овој збор, апостол Павле нагласил дека е потребно да вложиме напор за да напредуваме во духовен поглед. На пример, ако еден брат сака да стане слуга-помошник, треба да се труди уште повеќе да ги развие своите христијански особини. А откако ќе биде именуван за слуга-помошник, тој и понатаму вложува труд за да ги исполни условите да стане старешина.

4 Слично на тоа, браќата и сестрите кои сакаат да бидат пионери, да служат во Бетел или да помагаат во изградбата на сали, треба да вложат труд за да ја исполнат својата цел. Да видиме како Библијата може да му помогне на секого од нас духовно да напредува.

ПРОДОЛЖИ ДУХОВНО ДА НАПРЕДУВАШ

5. На кои начини младите можат да ја користат својата сила во службата за Јехова?

5 Младите можат да прават многу во службата за Јехова бидејќи имаат сила и добро здравје. (Прочитај Изреки 20:29.) Некои млади браќа и сестри што служат во Бетел помагаат во печатењето на Библии и библиски публикации. Многу други учествуваат во изградба и одржување на салите за состаноци. Некои служат како доброволци во акциите за помош при катастрофи. Освен тоа, голем број млади пионери учат друг јазик или се селат на други места за да ја проповедаат добрата вест.

6-8. а) Како Арон го сменил својот став кон службата за Јехова, и кој бил резултатот од тоа? б) Како може да вкусиме и да видиме колку е добар Јехова?

6 Сите ние го сакаме Јехова и сакаме да му го дадеме нашето најдобро. Сепак, понекогаш можеби се чувствуваме исто како еден брат по име Арон. Иако пораснал во семејство на Сведоци, тој признава: „Состаноците и службата ми беа досадни“. Бидејќи сакал радосно да му служи на Бог, се прашувал зошто не е среќен. Што направил?

7 Арон вложил труд редовно да ја чита Библијата, да се подготвува за состаноците и да коментира. Исто така, почнал почесто да се моли. Сето ова му помогнало духовно да напредува. Уште подобро го запознал Јехова и уште повеќе го засакал. Затоа се чувствувал многу посреќен. Оттогаш тој служел како пионер, учествувал во акции за помош и проповедал во друга земја. Сега е старешина и служи во Бетел. Што мисли за својот живот? Арон вели: „Вкусив и видов дека Јехова е добар. Бидејќи толку ме благословува, спремен сум да правам многу повеќе во службата. Тоа, пак, ми носи уште поголеми благослови!“

8 Псалмистот напишал: „На оние што го бараат Јехова нема да им недостасува ниедно добро“. (Прочитај Псалм 34:8-10.) Навистина, Јехова никогаш не ги разочарува оние што ревносно му служат. Кога правиме сѐ што можеме во службата за него, гледаме  колку е добар и се чувствуваме неизмерно среќни.

НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ!

9, 10. Зошто е важно стрпливо да чекаме?

9 Можеби сакаш да правиш повеќе во службата за Јехова. Но, што ако подолго време чекаш да добиеш некои одговорности во собранието или да ти се сменат околностите на подобро? Биди стрплив и не се откажувај (Мих. 7:7). Можеби Јехова нема да ја смени твојата ситуација, но биди сигурен дека нема да те разочара. Можеме да извлечеме една важна поука од примерот на Авраам. Иако Јехова му ветил дека ќе има син, тој требало да чека многу години за да се роди Исак. За тоа време, Авраам бил стрплив и никогаш не ја изгубил својата доверба во Јехова (1. Мој. 15:3, 4; 21:5; Евр. 6:12-15).

10 Се разбира, не е лесно да чекаме (Изр. 13:12). Но, ако постојано мислиме на нашите неисполнети очекувања, може многу да се обесхрабриме. Наместо тоа, добро е да го искористиме времето за да ги развиваме особините кои ни се потребни за да извршуваме одредени задачи во собранието.

11. Кои особини и способности можеме да ги развиваме, и зошто тие се важни?

11 Труди се да ги развиваш потребните особини и способности. Ако ја читаш Библијата и размислуваш за прочитаното, може да стекнеш мудрост, разборитост, способност за расудување, знаење и остроумност. Всушност, овие особини им се неопходни на браќата кои се грижат за собранието (Изр. 1:1-4; Тит 1:7-9). И од нашите публикации можеме да откриеме што мисли Јехова за многу работи. Тоа, пак, може да  ни помогне секој ден да донесуваме одлуки што ќе го радуваат. На пример, ќе знаеме како да постапуваме со другите, како да ги користиме парите, и како да избереме добра забава и соодветна облека.

12. Како може секој член на собранието да покаже дека е достоен за доверба?

12 Совесно врши ги задачите што ти се дадени, и покажи дека си достоен за доверба. Без разлика дали сме браќа или сестри, сите ние треба совесно да ја вршиме секоја теократска задача. Кога Божјите слуги по втор пат го граделе храмот, на Неемија му биле потребни мажи што ќе можат да извршуваат најразлични задачи. Тој ги избрал оние кои биле богобојазливи, доверливи и верни (Неем. 7:2; 13:12, 13). Слично и денес, оние што се верни и совесно ги вршат своите задачи ќе бидат на добар глас, а можеби ќе добијат и поголеми одговорности (1. Кор. 4:2). Добрите дела не остануваат незабележани. (Прочитај 1. Тимотеј 5:25.)

13. Како може да ти помогне примерот на Јосиф доколку другите постапуваат неправедно со тебе?

13 Потпирај се на Јехова и дозволи му да те пречисти. Што можеш да направиш ако другите постапуваат неправедно со тебе? Можеби ќе можеш да им објасниш како се чувствуваш. Но, ако упорно се браниш и тврдиш дека си во право, би можел уште повеќе да ги влошиш работите. Размисли за Јосиф. Иако неговите браќа постапиле лошо со него, тој не бил огорчен на нив. Подоцна бил лажно обвинет и неправедно фрлен в затвор. Сепак, Јосиф дозволил Јехова да го води. Кој бил резултатот од тоа? Библијата вели: „Јеховината реч го пречисти“ (Пс. 105:19). Додека ги трпел тие неволји, Јосиф стекнал многу особини кои подоцна му помогнале да ја изврши важната задача која му била дадена (1. Мој. 41:37-44; 45:4-8). Ако другите постапуваат неправедно со тебе, моли го Јехова за мудрост. Тој ќе ти помогне да останеш смирен, и да бидеш љубезен и благ кон нив. (Прочитај 1. Петрово 5:10.)

ПОДОБРУВАЈ СЕ ВО СЛУЖБАТА

14, 15. а) Зошто треба и понатаму добро да внимаваме како проповедаме? б) Како можеш да се приспособиш на околностите на луѓето? (Види ја сликата на почетокот од статијата и рамката „ Спремен ли си да сведочиш на поинаков начин?“)

14 Павле го советувал Тимотеј: „Посвети се на јавното читање, на поттикнувањето, на поучувањето. Добро внимавај како живееш и како поучуваш“ (1. Тим. 4:13, 16). Тимотеј веќе бил искусен проповедник на добрата вест. Сепак, за да биде делотворен во службата, тој требало и понатаму добро да внимава на своето поучување. Тимотеј бил свесен дека луѓето и нивните околности се менуваат. Затоа и тој требало да ги менува своите методи на поучување во склад со нивните потреби. Како објавители на Царството, и ние треба да го правиме истото ако сакаме да допреме до срцето на луѓето со нашата порака.

15 Кога проповедаме од врата до врата, честопати многу луѓе не се дома. А понекогаш се дома, но не можеме да влеземе во зградата во која живеат. Ако ова е случај и на твоето подрачје, можеш ли да пробаш да стапиш во контакт со станарите на друг начин?

16. Како може успешно да проповедаме на јавни места?

16 Сведочењето на јавни места е убав начин на кој се шири добрата вест. Многу Сведоци успешно проповедаат на железнички и автобуски станици, пазари или во паркови. На пример, еден Сведок може да започне разговор со некое лице во врска со најновите вести, може да ги пофали  неговите деца или да му постави прашање за неговата работа. Ако лицето е расположено за разговор, објавителот може да спомне нешто од Библијата и да го праша што мисли за тоа. Честопати луѓето се спремни да го продолжат разговорот на библиска тема.

17, 18. а) Што ќе ти помогне да стекнеш поголема самодоверба за да сведочиш на јавни места? б) Како можеш да го фалиш Јехова со иста ревност и позитивен став како Давид?

17 Можеби не ти е лесно да започнуваш разговор на улица со луѓе кои не ги познаваш. Но, не се откажувај! И Еди, пионер од Њујорк, го имал истиот проблем. Сепак, со текот на времето успеал да стекне одредена мера самодоверба. Што му помогнало во тоа? Тој вели: „На семејната вечер, со жена ми баравме одговори на прашањата и приговорите што вообичаено ги имаат луѓето. Исто така, баравме предлози и од други Сведоци“. Сега Еди со радост сведочи на јавни места.

18 Ако се трудиме да се подобруваме во службата, нашиот духовен напредок ќе им биде видлив на другите. (Прочитај 1. Тимотеј 4:15.) Освен тоа, можеби ќе му помогнеме некому да ја прифати вистината и да стане Јеховин сведок. Давид рекол: „Ќе го благословувам Јехова во секое време, пофалбата за него постојано ќе ми биде на усните. Со Јехова ќе се гордее мојата душа, кротките ќе чујат и ќе се радуваат“ (Пс. 34:1, 2).

СЛАВИ ГО ЈЕХОВА ТАКА ШТО ДУХОВНО ЌЕ НАПРЕДУВАШ

19. Зошто еден верен Божји слуга треба да биде радосен дури и ако се наоѓа во тешки околности?

19 Давид напишал: „Сите твои дела ќе те фалат, Јехова, твоите лојални слуги ќе те благословуваат. За славата на твоето царство ќе зборуваат и за твојата моќ ќе кажуваат, за да им ги објават на синовите човечки твоите големи дела и славата на твоето величествено царување“ (Пс. 145:10-12). Сите што го сакаат Јехова и му се верни имаат силна желба да им кажуваат на другите за него. Но, што ако поради болест или старост не можеш да учествуваш во службата од куќа до куќа толку колку што би сакал? Никогаш не заборавај дека го славиш Јехова секогаш кога им зборуваш за него на тие околу тебе, на пример, на медицинските сестри или лекарите. Ако си во затвор поради својата вера, можеби сѐ уште можеш да им сведочиш на другите, а тоа го радува Јеховиното срце (Изр. 27:11). Исто така, тој е многу среќен ако му служиш иако другите членови на твоето семејство не го прават тоа (1. Пет. 3:1-4). Дури и во многу тешки ситуации, можеш да го фалиш Јехова, да се зближуваш со него и духовно да напредуваш.

20, 21. Како ќе им користи на другите тоа што духовно ќе напредуваш?

20 Јехова сигурно ќе те благослови ако продолжиш да напредуваш во духовен поглед. Можеби со тоа што ќе направиш промени во твојот распоред или во начинот на живот, ќе имаш повеќе прилики да им помагаш на луѓето да ги дознаат Божјите прекрасни ветувања. Исто така, тоа што духовно ќе напредуваш и самопожртвувано ќе служиш ќе им биде од голема корист на браќата и сестрите. Тие многу ќе те сакаат и ќе те ценат поради тоа!

21 Без разлика колку долго му служиме на Јехова, сите ние можеме и понатаму духовно да напредуваме. Во следната статија ќе разгледаме како можат зрелите христијани да им помагаат на другите да напредуваат во духовен поглед.