Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  август 2016

Ти можеш да имаш среќен брак!

Ти можеш да имаш среќен брак!

Секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе а жената длабоко да го почитува својот маж (ЕФ. 5:33)

ПЕСНИ: 87, 3

1. Иако бракот обично има радосен почеток, што може да очекуваат сопружниците? (Види ја сликата погоре.)

НА ДЕНОТ на венчавката, младенците изгледаат прекрасно и зрачат од радост. Спремни се да ја крунисаат својата љубов со брак и да си ветат дека ќе си бидат верни еден на друг. Се разбира, кога ќе запловат во брачните води, и двајцата ќе треба да прават промени. Јехова, кој го основал бракот, сака мажот и жената да бидат среќни, и затоа им дал мудри совети во својата Реч (Изр. 18:22). Сепак, Библијата вели дека, кога двајца несовршени луѓе ќе стапат во брак, „ќе имаат телесни неволји“ (1. Кор. 7:28). Што ќе им помогне да ги сведат брачните проблеми на минимум? И како можат да имаат среќен брак?

2. Кои видови на љубов треба да се покажуваат во бракот?

2 Библијата нагласува дека љубовта е многу важна. На пример, сопружниците треба да си покажуваат срдечна наклоност (грчки: филиа). Меѓу нив треба да постои и силна физичка привлечност (ерос). Освен тоа, ако имаат деца,  многу е важно да покажуваат и љубов која нормално постои меѓу членовите на семејството (сторге). Сепак, за еден брак да биде вистински среќен, брачните другари треба да си покажуваат љубов што се темели на начела (агапи). Апостол Павле зборувал токму за оваа љубов кога напишал: „Секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе, а жената длабоко да го почитува својот маж“ (Еф. 5:33).

ОДГОВОРНОСТИТЕ ВО БРАКОТ

3. Колку силна љубов треба да си покажуваат оние што се во брак?

3 Павле напишал: „Мажи, сакајте ги своите жени, како што и Христос го сакаше собранието и се предаде себеси за него“ (Еф. 5:25). Христијаните го следат примерот на Исус и се сакаат еден со друг исто како што тој ги сакал своите ученици. (Прочитај Јован 13:34, 35; 15:12, 13.) Божјите слуги кои се во брак треба толку многу да се сакаат што ќе бидат спремни да умрат еден за друг. Но, кога меѓу нив ќе се појават сериозни проблеми, тоа можеби е последното нешто што им паѓа на памет. Што може да им помогне во такви ситуации? Љубовта која се темели на начела. Таквата љубов „сѐ поднесува, сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ трпи“ и „никогаш не престанува“ (1. Кор. 13:7, 8). Брачните другари никогаш не смеат да заборават дека си дале завет. Тие ветиле дека ќе се сакаат и дека ќе си бидат верни еден на друг. Ако го имаат ова на ум, ќе бидат поттикнати да бараат помош од Јехова и да се трудат да ги решат сите несогласувања до кои можеби ќе дојде.

4, 5. а) Каква одговорност има мажот како глава на семејството? б) Како треба да гледа жената на поглаварството? в) Какви промени требало да направи една брачна двојка?

4 Павле кажал кои одговорности ги има секој од сопружниците: „Жените нека им бидат подложни на своите мажи како на Господарот, зашто мажот е глава на жената како што е и Христос глава на собранието“ (Еф. 5:22, 23). Ова не значи дека мажот е подобар од својата жена. Јехова кажал дека жената ќе има скапоцена улога во бракот, кога рекол: „Не е добро човекот да биде сам. Ќе му направам помошничка, како негово дополнение“ (1. Мој. 2:18). Жената треба да му помага на мажот добро да ја извршува својата улога како семеен поглавар. Мажот, пак, треба да го следи убавиот пример на Исус, кој е „глава на собранието“, и со љубов да го спроведува своето поглаварство. Кога го прави тоа, жената се чувствува сигурно и многу ѝ е полесно да го почитува, да го поддржува и да му биде подложна.

5 Кети, [1] која е мажена за Фред, признава: „Пред да се омажам, бев самостојна и се грижев за себеси. Во бракот морав да правам промени и да учам да се потпирам на маж ми, иако тоа не ми е секогаш лесно. Но, станавме многу блиски затоа што се трудиме да постапуваме како што сака Јехова“. Фред вели: „Отсекогаш ми беше тешко да донесувам одлуки. Бидејќи во бракот треба да одлучувам за двајца, тоа е уште поголем предизвик. Но, ми станува сѐ полесно бидејќи го молам Јехова за водство и го земам предвид мислењето на жена ми. Сега соработуваме како вистински тим!“

6. Во која смисла љубовта совршено ги поврзува сопружниците кога ќе дојде до проблеми во бракот?

6 Бракот може да биде среќен ако сопружниците се поднесуваат еден со друг и ако спремно си простуваат. Бидејќи се несовршени, и двајцата ќе си грешат. Но, кога ќе се случи такво нешто, можат да учат од своите грешки. Тогаш имаат прилика да си простуваат и да си покажуваат љубов, за која  апостол Павле напишал: „Таа совршено ве поврзува“ (Кол. 3:13, 14). Брачните другари можат да покажат ваква љубов со тоа што ќе бидат стрпливи и љубезни, и нема да ги памтат грешките на другиот (1. Кор. 13:4, 5). Кога ќе се појави несогласување, треба да го расчистат колку што е можно побрзо, уште истиот ден (Еф. 4:26, 27). Потребна е понизност и храброст да се каже: „Жал ми е што те повредив“. Но, тоа ќе придонесе да се решат проблемите и уште повеќе ќе ги зближи сопружниците.

ПОСЕБНА ПОТРЕБА ОД ОБЅИРНОСТ

7, 8. а) Какви совети содржи Библијата во врска со интимните односи во бракот? б) Зошто брачните другари треба да бидат обѕирни и нежни еден со друг?

7 Библијата содржи добри совети кои можат да им помогнат на сопружниците да имаат исправно гледиште за интимните односи во бракот. (Прочитај 1. Коринќаните 7:3-5.) Многу е важно секој од нив да биде обѕирен кон чувствата и потребите на другиот. Ако мажот не е обѕирен кон својата жена, овој аспект од брачниот живот би можел да ѝ биде непријатен. Тој треба добро да ја познава својата сопруга и нејзините потреби, и да постапува во склад со тоа знаење (1. Пет. 3:7). Интимните односи треба да си дојдат природно, и никогаш не треба да бидат изнудени. Добро е да се има на ум дека, иако во сексуален поглед мажите обично се возбудуваат побрзо од жените, во емоционален поглед треба и двајцата да бидат спремни на тоа.

8 Библијата не содржи конкретни правила за тоа што е дозволено, а што не е дозволено при нормалните интимни односи меѓу мажот и жената. Сепак, во неа се спомнуваат некои изрази на наклоност (Песна 1:2; 2:6). Важно е брачните партнери да бидат обѕирни и нежни еден со друг.

9. Зошто не смееме да дозволиме кај нас да се роди привлечност кон некој што не ни е брачен другар?

9 Ако чувствуваме силна љубов кон Бог и кон ближниот, нема да дозволиме никој и ништо да го загрози нашиот брак. Некои ја поткопале, па дури и ја уништиле својата брачна врска со тоа што станале зависници од порнографија. Мора да се спротивставиме на секоја желба да гледаме порнографија. Освен тоа, брачните другари не смеат да дозволат кај нив да се роди привлечност кон некој друг. Би било бесчувствително дури и ако само оставаме впечаток дека флертуваме со некој што не е наш брачен другар. Ако сме свесни дека Јехова знае што правиме и што мислиме, ќе имаме уште посилна желба да му угодиме нему и да му останеме верни на брачниот другар. (Прочитај Матеј 5:27, 28; Евреите 4:13.)

КОГА ЌЕ ДОЈДЕ ДО ПРОБЛЕМИ ВО БРАКОТ

10, 11. а) Каква е состојбата со разводите? б) Што вели Библијата за одвојувањето? в) Што ќе им помогне на брачните двојки да не донесат избрзана одлука да се одвојат?

10 Некои брачни двојки одлучуваат да се одвојат или да се разведат затоа што постојано имаат сериозни проблеми. Во некои земји, повеќе од половина од склучените бракови завршуваат со развод. Се разбира, во христијанското собрание нема толку многу разводи. Сепак, сѐ поголем е бројот на брачни парови кои имаат сериозни проблеми.

11 Библијата го дава следниов совет: „Жената да не си заминува од мажот — ако сепак си замине, нека остане немажена или нека се помири со мажот — и мажот да не ја остава жената“ (1. Кор. 7:10, 11). Некои сопружници сметаат дека нивните проблеми се толку тешки што е најдобро да живеат одвоено. Иако може да се чини дека е единствено решение, одвојувањето обично носи  уште повеќе проблеми. Откако кажал дека мажот ќе ги остави родителите и ќе се прилепи до својата жена, Исус го повторил мерилото за бракот кое Јехова го дал во почетокот: „Бог што составил, човек да не разделува!“ (Мат. 19:3-6; 1. Мој. 2:24). Ова јасно покажува дека Јехова го смета бракот за доживотна врска (1. Кор. 7:39). Никогаш не смееме да заборавиме дека секој од нас ќе му положи сметка нему. Ова треба да нѐ поттикне брзо да ги решаваме проблемите за да не станат многу поголеми.

12. Кои проблеми би можеле да ја поткопаат брачната врска?

12 Понекогаш коренот на брачните проблеми лежи во неисполнетите очекувања. Кога не им се остваруваат соништата за среќен брак, некои сопружници се чувствуваат разочарано, измамено па дури и огорчено. Друга причина за несогласувањата може да бидат разликите во воспитанието и во емоционалната градба на брачните другари. А во некои случаи, проблемите се поврзани со парите, односите со семејството на сопружникот или со воспитанието на децата. Сепак, за пофалба е тоа што повеќето христијански брачни парови успеваат да најдат решенија за своите проблеми бидејќи го следат водството од Бог.

13. Кои се основани причини за одвојување?

13 Понекогаш може да има основани причини брачните другари да се одвојат. Некои одлучиле да го направат тој чекор затоа што сопружникот намерно не им давал никаква материјална издршка, бил многу насилен и ги малтретирал во физички поглед или потполно ги спречувал да му служат на Бог. Кога ќе дојде до сериозни проблеми, брачните другари треба да побараат помош од старешините. Овие зрели и искусни браќа можат да им помогнат да ги применат Божјите совети во својот живот. Освен тоа, сопружниците треба да го молат Јехова за свет дух, кој може да им помогне да покажуваат христијански особини и да живеат според библиските начела (Гал. 5:22, 23). [2]

14. Каков совет им дава Библијата на христијаните кои се во брак со некој што не му служи на Јехова?

14 Во некои случаи, христијанинот можеби е во брак со некој што не му служи на Јехова. Библијата дава добри причини зошто и таквите брачни парови треба да останат заедно. (Прочитај 1. Коринќаните 7:12-14.) Таа вели дека сопружникот кој не е верник е „посветен“ бидејќи е во брак со Божји слуга. И нивните малолетни деца се сметаат за „свети“ и ја имаат Јеховината заштита. Павле рекол: „Зашто, како знаеш, жено, дека нема да си го спасиш мажот? Или како знаеш, мажу, дека нема да си ја спасиш жената?“ (1. Кор. 7:16). Речиси во секое собрание на Јеховините сведоци има браќа и сестри кои им помогнале на своите сопружници да станат Божји слуги.

15, 16. а) Какви совети им дава Библијата на христијанките чии мажи не му служат на Бог? б) Каков став треба да има сопружникот кој е христијанин ако „оној што не е верник сака да си оди“?

15 Апостол Петар ги советувал христијанките да им бидат подложни на своите сопрузи. Зошто? Петар објаснил: „За да ги придобиете без збор, со своето однесување, оние што не ѝ се послушни на Божјата реч, кога ќе ги видат вашето чисто однесување и длабоката почит“. Наместо без престан да му зборува на сопругот за своите верувања, една христијанка треба да го покажува „мирниот и благ дух, кој е драгоцен во Божји очи“. Така има многу поголеми шанси да му помогне на својот сопруг да ја прифати вистината (1. Пет. 3:1-4).

16 Но, што ако брачниот другар кој не е Сведок одлучи да живее одвоено? Библијата вели: „Ако оној што не е верник  сака да си оди, нека си оди. Братот или сестрата во тој случај не се врзани, бидејќи Бог ве повика да живеете во мир“ (1. Кор. 7:15). Иако одвојувањето во ваков случај може да донесе извесен мир, христијанинот нема библиска основа да стапи во брак со некој друг. Сепак, не мора да го присилува својот брачен другар да остане со него. Можеби со текот на времето, сопружникот што се одвоил ќе реши да се врати и да го зачува бракот, а во иднина можеби и ќе почне да му служи на Јехова.

ШТО ТРЕБА ДА НИ БИДЕ НАЈВАЖНО ВО БРАКОТ

Сопружниците ќе бидат уште посреќни ако ги стават духовните работи на прво место во бракот (Види во пасус 17)

17. Што треба да им биде најважно на брачните парови?

17 Бидејќи сме на крајот на „последните денови“, живееме во „особено тешки времиња“ (2. Тим. 3:1-5). Блиското пријателство со Јехова може да ни помогне да се спротивставиме на лошите влијанија од овој свет. Павле напишал: „Преостана малку време. Отсега оние што имаат жени нека бидат како да ги немаат... и оние што го користат светот, како да не го користат во потполност“ (1. Кор. 7:29-31). Се разбира, Павле не сакал да каже дека брачните другари треба да се запоставуваат еден со друг. Но, бидејќи живееме во времето на крајот, духовните работи треба да ни бидат на прво место (Мат. 6:33).

18. Зошто христијаните можат да имаат среќен брак?

18 Во овие тешки времиња, многу бракови се распаѓаат. Сепак, ние можеме да имаме среќен брак. Како? Со тоа што ќе останеме блиски со Јехова и со неговиот народ, ќе ги применуваме библиските начела и ќе го следиме водството на светиот дух. Само така ќе го зачуваме она што Бог го составил (Мар. 10:9).

^ [1] (пасус 5) Имињата се сменети.

^ [2] (пасус 13) Види го додатокот „Што вели Библијата за разводот и за одвоеното живеење“ во книгата Зачувај ја Божјата љубов.