Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  август 2016

Нешто многу повредно од злато

Нешто многу повредно од злато

Дали некогаш си пронашол зрнце злато? Многу малку луѓе успеале во тоа. Сепак, милиони нашле нешто многу повредно. Тие ја пронашле Божјата мудрост, која „не може да се добие ни за чисто злато“ (Јов 28:12, 15).

ИСКРЕНИТЕ лица кои ја проучуваат Библијата се како трагачи по злато. Тие треба да вложат голем труд додека ја истражуваат Божјата Реч за да најдат скапоцени зрнца мудрост. Да разгледаме три начини на кои може да се најде злато, и да видиме каква поука може да извлечеме од тоа.

ПРОНАОЃАШ ЗРНЦЕ ЗЛАТО

Замисли си дека се шеташ покрај река и одеднаш здогледуваш нешто што личи на ситно камче кое светка на сонцето. Се наведнуваш да го земеш, и сфаќаш дека тоа е зрно злато — нешто што е многу поретко од скапоцен дијамант. Се разбира, веднаш почнуваш да бараш наоколу за да најдеш уште зрна.

Оваа споредба можеби ти го враќа во мислите денот кога за првпат ја слушна библиската порака од Јеховините сведоци. Се сеќаваш ли на моментот кога го најде првото духовно зрно злато? Можеби тоа беше кога за првпат виде во Библијата дека Бог се вика Јехова или кога дозна дека можеш да станеш негов пријател (Пс. 83:18; Јак. 2:23). Сигурно веднаш сфати дека најде нешто многу повредно од злато и едвај чекаше да пронајдеш уште такви духовни зрнца!

НАОЃАШ УШТЕ ЗРНЦА!

Во потоците и во реките понекогаш се таложи златна прашина, која се нарекува алувијално злато. Во само една сезона, неуморните трагачи можат да најдат во таквите наслаги и по неколку килограми злато во вредност од десетици илјади долари.

Кога почна да ја проучуваш Библијата со Јеховините сведоци, можеби се чувствуваше како трагач кој наишол на златоносен песок. Како што просејувањето на песокот му помага на трагачот да го одвои и собере чистото злато, така длабокото размислување за библиските стихови ти помогна да го зголемиш своето знаење, односно те збогати во духовен поглед. Додека ги собираше тие скапоцени библиски вистини во срцето, постепено сфаќаше како можеш да се зближиш со Јехова и да ја зачуваш неговата љубов за да живееш засекогаш (Јак. 4:8; Јуда 20, 21).

Слично на еден трагач кој неуморно бара злато, дали вложуваш труд за да ги разбереш скапоцените библиски вистини?

Исто како што еден трагач бара скапоцени наслаги со алувијално злато, можеби и ти  упорно си трагал по вистинско духовно богатство. Откако си ги дознал основните библиски вистини, веројатно си презел чекори за да му се заветуваш на Јехова и да се крстиш (Мат. 28:19, 20).

ПРОДОЛЖИ ДА БАРАШ!

Понекогаш копачите на злато може да откријат многу мала количина од овој скапоцен метал во вулкански карпи. Ако таквите карпи содржат поголеми количини злато, станува збор за златна руда. Таа се ископува и подоцна се претопува за да се добие чисто злато. Можеби на прв поглед златото во рудата нема да биде видливо. Зошто? Затоа што еден тон висококвалитетна златна руда може да содржи само околу 10 грама злато. Како и да е, копачите воопшто не жалат за трудот што го вложуваат да го ископаат златото.

Слично на ова, потребно е да вложуваш напори за да ја истражуваш Божјата Реч дури и откако ќе ги разбереш основните учења за Христос (Евр. 6:1, 2). Треба да даваш сѐ од себе за да извлечеш нови и практични поуки. Како можеш секогаш одново да учиш нови работи, и покрај тоа што можеби ја проучуваш Библијата со години?

Немој да мислиш дека веќе знаеш сѐ. Обрнувај внимание на деталите. Ако продолжиш да вложуваш труд, ќе најдеш скапоцени духовни зрнца на Божјата мудрост (Рим. 11:33). За да го збогатиш своето знаење, научи добро да го користиш сето она што ни е достапно за истражување на Библијата. Стрпливо барај одговор на твоите библиски прашања. Прашај ги другите кои стихови и статии особено им помогнале и ги охрабриле. Сподели ги со нив интересните мисли што си ги открил додека си ја проучувал Божјата Реч.

Се разбира, целта не е само да стекнеш поголемо знаење. Апостол Павле напишал: „Знаењето го прави човек надуен“ (1. Кор. 8:1). Затоа, дај сѐ од себе да останеш понизен и да имаш цврста вера. Редовното семејно и лично проучување на Библијата ќе ти помогне да живееш во склад со Јеховините мерила и ќе те поттикне да им помагаш на другите. Што е уште поважно, ќе бидеш среќен затоа што си пронашол нешто многу повредно од злато (Изр. 3:13, 14)