Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

Select language македонски

Јоханес Рауте во служба, веројатно во 1920-тите

 ОД НАШАТА АРХИВА

„Собирам плод за слава на Јехова“

„Собирам плод за слава на Јехова“

„СИТЕ војни во минатото... се ништо во споредба со големата војна која сега се води во Европа.“ Со овие зборови, Стражарска кула од 1 септември 1915 год. ја опишала Првата светска војна во која до крајот се вклучиле околу 30 земји. Во продолжение пишувало дека, поради жестоките воени судири, „делото за Царството наидува на пречки, особено во Германија и во Франција“.

Во текот на таа светска војна, Истражувачите на Библијата не го разбирале во потполност начелото за христијанска неутралност. Сепак, биле решени да ја објавуваат добрата вест. Бидејќи бил спремен да учествува во ова дело, Вилхелм Хилдебрант нарачал примероци од трактатот Месечник на Истражувачите на Библијата на француски јазик. Тој не бил во Франција како колпортер, односно полновремен проповедник, туку како германски војник. Овој наводен непријател, облечен во воена униформа, им пренесувал порака на мир на вчудовидените Французи кои поминувале покрај него.

Од писмата што биле објавени во Стражарска кула се гледа дека и други Истражувачи на Библијата од Германија сакале да ја споделуваат добрата вест за Царството додека служеле во војската. Брат Лемке, кој служел во германската морнарица, известил дека пет души од екипажот на бродот се заинтересирале за библиската порака. Тој напишал: „Дури и тука собирам плод за слава на Јехова“.

Георг Кајзер заминал на фронтот како војник, а се вратил дома како слуга на вистинскиот Бог. Како дошло до тоа? Георг случајно добил публикација од Истражувачите на Библијата, со сето срце ја прифатил библиската вистина и одбил да се бори. Затоа му биле доделени цивилни задачи во војската. Откако завршила војната, тој со години ревносно служел како пионер.

Иако Истражувачите на Библијата не сфаќале во потполност што значи да бидат неутрални, нивниот став и однесување биле сосема различни од ставот и однесувањето на луѓето кои ја поддржувале војната. Додека политичарите и црковните водачи ги застапувале националните интереси, Истражувачите на Библијата го застапувале Кнезот на мирот (Иса. 9:6). Дури и оние Истражувачи што не биле потполно неутрални, јасно сфаќале дека не смеат да убиваат. Ова се  гледа и од зборовите на Конрад Мертер, тогашен Истражувач на Библијата, кој рекол: „На темел на Божјата Реч, сфатив дека христијаните не смеат да убиваат“ (2. Мој. 20:13). *

Ханс Хелтерхоф користи количка за да го рекламира списанието Златен век

Во Германија, каде што законот не дозволувал никакви отстапки за лицата кои имале приговор на совеста, повеќе од 20 Истражувачи на Библијата одбиле да учествуваат во војната на каков и да било начин. Некои биле прогласени за ментално болни. Еден од нив бил Густав Кујат, кој бил однесен во душевна болница и ставен под седативи. Ханс Хелтерхоф, кој исто така одбил да биде регрутиран, бил фрлен в затвор, каде што одбил да извршува каква и да било задача поврзана со војната. Стражарите го облекле во лудачка кошула и толку цврсто го врзале што рацете му отрпнале. Кога и со тоа не успеале да му ја скршат решеноста, тие исценирале лажно погубување. И покрај сѐ, Ханс му останал верен на Бог во текот на целата војна.

Други браќа кои биле регрутирани одбиле да носат оружје и побарале да извршуваат цивилни задолженија во војската. * Јоханес Рауте зазел таков став и бил испратен да работи на железничката пруга. Конрад Мертер добил задача да служи како болничар, а Рајнхолт Вебер работел како медицински техничар. Аугуст Крафциг не морал да оди на бојното поле затоа што бил задолжен за багажот на војниците. Овие Истражувачи на Библијата, како и некои други, биле решени да му служат на Јехова верно и од срце во склад со она што сметале дека е исправно во негови очи.

Поради начинот на кој постапувале во војната, Истражувачите на Библијата се нашле под лупа на властите. Во годините што следеле, во Германија се воделе илјадници судски случаи против нив затоа што проповедале. За да им пружи помош, подружницата во Германија основала правно одделение во Бетелот во Магдебург.

Со текот на времето, Јеховините сведоци уште подобро разбрале што значи христијанската неутралност. Кога избувнала Втората светска војна, тие останале потполно неутрални така што не учествувале во никаква воена служба. Затоа биле сметани за непријатели на германската држава и биле немилосрдно прогонувани. Ова ќе биде разгледано во некоја друга статија од оваа рубрика. (Од нашата архива во Централна Европа.)

^ пас. 7 Види ја статијата „Од нашата архива — тие останале цврсти ,во часот на искушувањето‘“ во Стражарска кула од 15 мај 2013. Во неа е објаснето каков став зазеле Истражувачите на Библијата од Британија во Првата светска војна.

^ пас. 9 Во шестиот том од комплетот Зора на илјадагодишното владеење (1904), како и во германското издание на Сионска Стражарска кула од август 1906, регрутираните браќа биле поттикнати да побараат цивилни задолженија во војската. Но, една статија што излегла во Стражарска кула од септември 1915 им помогнала на Истражувачите на Библијата појасно да го разберат прашањето за неутралноста. Во неа било укажано дека не треба да се оди во војска. Меѓутоа, оваа статија не излегла во германското издание.