Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  август 2016

Бракот — дар од Бог со посебна цел

Бракот — дар од Бог со посебна цел

Јехова Бог рече: „Не е добро човекот да биде сам. Ќе му направам помошничка“ (1. МОЈ. 2:18)

ПЕСНИ: 36, 11

1, 2. а) Како бил основан бракот? б) Што требало да сфатат првите луѓе во врска со бракот? (Види ја сликата погоре.)

БРАКОТ е составен дел од животот. Но, како било основано брачното уредување, и која е неговата цел? Одговорот на овие прашања ќе ни помогне да имаме исправен став кон бракот и уште повеќе да уживаме во благословите што ги носи. Откако го создал првиот човек, Бог му заповедал да им даде имиња на сите животни. Додека го правел тоа, Адам сфатил дека за него немало „помошничка како негово дополнение“. Тогаш Бог пуштил длабок сон врз првиот маж, и му зел едно ребро од кое му направил жена. Потоа ја довел кај него, и таа му станала сопруга. (Прочитај 1. Мојсеева 2:20-24.) Ова јасно покажува дека Јехова е основачот на брачното уредување. Со други зборови, бракот е дар од него.

2 Со години подоцна, Исус ги повторил зборовите што Јехова ги кажал во рајската градина: „Човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело“ (Мат. 19:4, 5). Тоа што Бог ја создал првата жена од реброто на Адам требало да им помогне  и на двајцата да сфатат колку е блиска оваа врска. Јехова никогаш немал намера брачните другари да се разведуваат или да имаат повеќе од еден сопружник во исто време.

БРАКОТ Е ДЕЛ ОД ЈЕХОВИНАТА НАМЕРА

3. Која била една важна цел на бракот?

3 Адам многу ѝ се израдувал на својата жена, која подоцна ја нарекол Ева. Таа му била дополнение и помошничка. Тие требало да бидат среќни како маж и жена, и да му се радуваат на заедничкиот живот (1. Мој. 2:18). Една важна цел на бракот била Земјата да се наполни со луѓе (1. Мој. 1:28). Иако децата требало да ги сакаат своите родители, со текот на времето требало да ги остават за да стапат во брак и да основаат свои семејства. Луѓето требало да ја населат целата Земја и да ја претворат во рај.

4. Што се случило со првиот брак?

4 Првиот брак претрпел тежок удар кога Адам и Ева ја злоупотребиле својата слободна волја и не го послушале Јехова. Сатана Ѓаволот, односно „Празмијата“, ја измамил Ева така што ја навел да поверува дека ќе стекне посебно знаење ако јаде од „дрвото на спознанието на доброто и злото“. Тој тврдел дека така ќе може сама да одлучува што е добро а што лошо. Со тоа што решила да јаде од плодот без најпрво да разговара со Адам, Ева не покажала почит кон него како поглавар на семејството. А како постапил тој? Наместо да го послуша Бог, Адам каснал од плодот што му го дала Ева (Отк. 12:9; 1. Мој. 2:9, 16, 17; 3:1-6).

5. Што учиме од начинот на кој реагирале Адам и Ева кога Јехова ги повикал на одговорност?

5 Кога Јехова ги повикал на одговорност, Адам ја обвинил својата жена. Тој рекол: „Жената што ми ја даде да биде со мене, таа ми даде плод од дрвото, па јадев“. Ева, пак, ја обвинила змијата дека ја измамила (1. Мој. 3:12, 13). Колку бедни изговори за нивната непослушност! Бидејќи не го послушале, Јехова ги осудил како бунтовници. Нивниот пример е силно предупредување за нас! За еден брак да биде среќен, брачните другари мора да му бидат послушни на Јехова и да преземат одговорност за своите постапки.

6. Како би го објаснил пророштвото од 1. Мојсеева 3:15?

6 И покрај побуната во рајската градина, Јехова им дал надеж на луѓето кога го кажал првото пророштво запишано во Библијата. (Прочитај 1. Мојсеева 3:15.) Ова пророштво открило дека „потомството“ на „жената“ ќе го „смачка“ Сатана. Таа „жена“ го претставува мноштвото праведни духовни суштества на небото, кои му се како жена на Јехова затоа што имаат многу близок однос со него. Библијата открила дека „потомството“ кое ќе го „смачка“ Ѓаволот ќе дојде од таа група на духовни суштества. Ова „потомство“ ќе им овозможи на послушните луѓе да го добијат она што го изгубил првиот брачен пар — вечен живот на Земјата во склад со намерата што Бог ја имал во почетокот (Јован 3:16).

7. а) Кои биле последиците за брачното уредување откако Адам и Ева се побуниле против Јехова? б) Што очекува Бог од сопрузите и сопругите?

7 Побуната на Адам и Ева донела лоши последици за нивниот брак, но и за сите други бракови кои биле склучени потоа. На пример, Ева раѓала деца во болка, а и сите други жени по неа. Освен тоа, жените имаат преголема потреба од љубовта и вниманието на своите мажи. Тие, пак, господарат  над своите жени, па дури и ги малтретираат, како што е случај во многу бракови денес (1. Мој. 3:16). Јехова очекува сопрузите да бидат грижливи семејни поглавари, а сопругите да им бидат подложни (Еф. 5:33). Кога соработуваат заедно како тим, христијанските сопружници можат да решат многу проблеми.

БРАЧНОТО УРЕДУВАЊЕ ОД ВРЕМЕТО НА АДАМ ДО ПОТОПОТ

8. Што се случувало со брачното уредување од времето на Адам па сѐ до Потопот?

8 Пред да умрат, Адам и Ева имале многу синови и ќерки (1. Мој. 5:4). Нивниот прв син, Каин, се оженил со една своја роднина. Ламех, кој бил потомок на Каин, е првиот човек спомнат во Библијата кој имал две жени (1. Мој. 4:17, 19). Од времето на Адам па сѐ до Потопот, само малкумина му служеле на Јехова. Некои од нив биле Авел, Енох и Ное со своето семејство. Во врска со времето на Ное, Библијата вели: „Синовите на вистинскиот Бог забележаа дека човечките ќерки се убави, па си ги земаа за жени, сите што ќе ги избереа“. Тие непослушни ангели се претвориле во луѓе и имале односи со жените на Земјата. Од овие неприродни врски се раѓале синови кои биле насилни џинови наречени нефили. Во тоа време, „лошотијата на човекот на земјата [била] голема“ и „сите мисли на неговото срце [биле] секогаш насочени само кон зло“ (1. Мој. 6:1-5).

9. Што направил Јехова со злите луѓе во времето на Ное, и што учиме од она што се случувало тогаш?

9 Јехова рекол дека ќе предизвика голем потоп на Земјата за да ги уништи сите зли луѓе. Пред Потопот, луѓето биле толку преокупирани со секојдневните работи, во кои спаѓал и бракот, што не обрнале внимание на предупредувањето кое го објавувал Ное, „проповедникот на праведноста“ (2. Пет. 2:5). Исус го споредил времето на Ное со нашево време. (Прочитај Матеј 24:37-39.) Денес, повеќето луѓе не сакаат да ја слушаат добрата вест, која се проповеда по целата Земја пред да дојде крајот на овој свет. Каква поука може да извлечеме од времето на Потопот? Не треба да дозволиме семејните работи, како што се бракот и воспитувањето на децата, да ни станат толку важни што ќе заборавиме дека Јеховиниот ден е близу.

БРАЧНОТО УРЕДУВАЊЕ ОД ПОТОПОТ ДО ВРЕМЕТО НА ИСУС

10. а) Како луѓето од разни култури гледале на неморалот во минатото? б) На кој начин Авраам и Сара дале добар пример со својот брак?

10 Ное и неговите три сина имале само по една жена. Но, после Потопот, полигамијата станала вообичаена. Во повеќето култури, сексуалниот неморал бил многу раширен, па дури и станал дел од верските обичаи. Кога го послушале Бог и се преселиле во Ханаан, Авраам и Сара се нашле опкружени со неморални луѓе кои не покажувале никаква почит кон брачното уредување. Јехова одлучил да ги уништи Содом и Гомор бидејќи нивните жители тонеле во тежок сексуален неморал. За разлика од нив, Авраам бил добар семеен поглавар, а Сара дала одличен пример со тоа што се подложувала на неговото поглаварство. (Прочитај 1. Петрово 3:3-6.) Овој Божји слуга се погрижил неговиот син Исак да си земе жена која верувала во Јехова. Исак го сторил истото за својот син Јаков, од кого потекнуваат 12-те Израелови племиња.

11. На кој начин Мојсеевиот закон ги штител Израелците?

11 Подоцна, Јехова склучил сојуз со Израелците и им го дал својот Закон  преку Мојсеј. Законот содржел и одредби за брачното уредување, вклучувајќи ја и полигамијата. Тој ги штител Израелците во духовен поглед затоа што им забранувал да стапуваат во брак со оние што им служеле на лажни богови. (Прочитај 5. Мојсеева 7:3, 4.) Кога некои имале сериозни проблеми во бракот, добивале помош од старешините. Имало и закони кои пропишувале што да се прави во случај на брачно неверство, љубомора или сомнежи. Иако разводот бил дозволен, имало прописи кои ги штителе и двајцата сопружници. На пример, еден маж можел да се разведе од својата жена ако „нашол на неа нешто недолично“ (5. Мој. 24:1). Иако не е кажано што се сметало за „недолично“, мажот не требало да се разведе од својата жена поради безначајни причини (3. Мој. 19:18).

НЕМОЈ ДА МУ БИДЕШ НЕВЕРЕН НА СВОЈОТ СОПРУЖНИК

12, 13. а) Како постапувале некои мажи со своите жени во деновите на Малахија? б) Какви ќе бидат последиците ако некој крстен Божји слуга направи прељуба и се разведе со цел да стапи во брак со некој друг?

12 Во деновите на пророкот Малахија, многу Евреи си наоѓале најразлични изговори за да се разведат од своите жени. Всушност, тие се разведувале за да можат да си земат помлади жени или жени од другите народи. Во времето на Исус, Евреите продолжиле да се разведуваат од секакви причини (Мат. 19:3). Јехова Бог ги мразел таквите разводи. (Прочитај Малахија 2:13-16.)

13 Неверството во бракот е неприфатливо за Јеховините слуги. Сепак, што ќе се случи ако еден крстен Сведок направи прељуба и се разведе за да стапи во брак со некој друг? Ако не се кае, тој ќе биде исклучен со цел собранието да остане духовно чисто (1. Кор. 5:11-13). За да биде повторно примен, треба да донесе „плодови кои одговараат на покајанието“ (Лука 3:8; 2. Кор. 2:5-10). Иако нема точно одреден период што мора да помине пред некој да биде вратен, таквото неверство — кое ретко се случува меѓу Божјиот народ — е многу сериозно. Можеби ќе треба да поминат една или повеќе години за оној што згрешил да покаже дека навистина се кае, и да биде повторно примен. Како и да е, тој на крајот ќе „положи сметка за себе пред Бог“ (Рим. 14:10-12; види во англиското издание на Стражарска кула од 15 ноември 1979, стр. 31-32).

БРАЧНОТО УРЕДУВАЊЕ ВО ХРИСТИЈАНСКОТО СОБРАНИЕ

14. На кои начини им помагал Мојсеевиот закон на Израелците?

14 Израелците биле под Мојсеевиот закон повеќе од 1.500 години. Иако неговата главна цел била да ги води до Месијата, Законот им помагал на Божјите слуги на многу начини (Гал. 3:23, 24). Меѓу другото, тој содржел праведни начела кои им помагале да ги решаваат семејните проблеми. Но, откако Исус умрел, стапил на сила новиот сојуз и Мојсеевиот закон престанал да важи (Евр. 8:6). Некои работи што биле дозволени со овој Закон не се прифатливи за христијаните.

15. а) Кое мерило за бракот важи во христијанското собрание? б) Кои работи треба да ги земе предвид еден христијанин ако размислува за развод?

15 Кога фарисеите му поставиле едно прашање за бракот, Исус рекол дека Мојсеј направил отстапка со тоа што им дозволил на Израелците да се разведуваат. Но, во почетокот Бог немал намера да биде така (Мат. 19:6-8). На тој начин, Исус покажал дека во христијанското собрание ќе  важи мерилото за бракот што Јехова го поставил уште во рајската градина (1. Тим. 3:2, 12). Бидејќи се „едно тело“, брачните другари треба да останат заедно. Тие треба да ја зајакнат својата врска така што ќе го сакаат Бог и ќе се сакаат еден со друг. Сопружниците кои законски се разведуваат без некој од нив да направил прељуба, не се слободни да стапат во брак со друг (Мат. 19:9). Се разбира, во случај на прељуба, изневерениот брачен партнер може да прости ако другиот се кае, исто како што пророкот Осија ѝ простил на својата неверна жена. Слично на овој пророк, и Јехова покажал милост кон Израелците кои направиле духовна прељуба, но се покајале поради тоа (Оси. 3:1-5). Исто така, ако некој знае дека неговиот сопружник го изневерил, а потоа сепак има интимни односи со него, тоа значи дека му простил, и повеќе нема библиска основа за развод.

16. Што рекол Исус за самештвото?

16 Исус рекол дека, за вистинските христијани, единствената причина за развод е сексуалниот неморал. А потоа ги спомнал и оние што решиле да останат самци. Тој рекол: „Кој може да живее така нека живее така“ (Мат. 19:10-12). Мнозина одлучуваат да не стапат во брак бидејќи сакаат да му служат на Јехова со неподелено внимание. Тие навистина заслужуваат пофалба!

17. Што ќе му помогне на еден христијанин да одлучи дали да стапи во брак?

17 Што ќе му помогне некому да одлучи дали да стапи во брак или не? Тој треба да процени дали може да остане самец. Апостол Павле го препорачал самештвото, но исто така рекол: „Бидејќи блудот е многу раширен, секој маж нека има своја жена и секоја жена нека има свој маж“. А потоа додал: „Ако не можат да се самосовладуваат, нека стапат во брак, зашто подобро е да се стапи во брак отколку да се гори од страст“. Точно, ако некој стапи во брак, тоа може да го спречи да направи неморал или да стекне навика да мастурбира. Сепак, треба да се земе предвид и возраста, бидејќи Павле рекол: „Ако некој мисли дека не може да владее со своите полови нагони и дека за него е најдобро да стапи во брак, особено ако повеќе не е во цутот на младоста, нека прави што сака, не греши. Таквите нека стапат во брак“ (1. Кор. 7:2, 9, 36; 1. Тим. 4:1-3). Не треба да ги поттикнуваме младите да се мажат или да се женат само затоа што имаат силни сексуални желби. Тие можеби сѐ уште не се зрели да ги понесат одговорностите во бракот.

18, 19. а) Со кого треба да стапат во брак христијаните? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

18 Христијаните треба да стапат во брак само со некој што е крстен Божји слуга и што го сака Јехова со сето свое срце. Освен тоа, љубовта што ја чувствуваат еден кон друг треба да биде толку силна што ќе сакаат да бидат заедно засекогаш. Јехова ќе ги благослови бидејќи го послушале советот да стапат во брак „само во Господарот“ (1. Кор. 7:39). Тие ќе имаат среќен брачен живот ако и понатаму ги слушаат библиските совети.

19 Во овие последни денови, многу луѓе немаат особини кои се потребни за среќен брак (2. Тим. 3:1-5). Во следната статија ќе разгледаме неколку библиски начела кои можат да им помогнат на христијаните да бидат среќни во бракот, и покрај проблемите и предизвиците со кои се соочуваат. На тој начин, ќе продолжат да чекорат по патот што води до вечен живот (Мат. 7:13, 14).