Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  април 2017

„Судијата на целата земја“ секогаш постапува праведно

„Судијата на целата земја“ секогаш постапува праведно

Тој е Карпа, делото му е совршено, зашто сите негови патишта се правда (5. МОЈ. 32:4)

ПЕСНИ: 112, 89

1. Како Авраам покажал дека има доверба во Јеховината праведност? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

„ЗАРЕМ Судијата на целата земја нема да го прави она што е праведно?“ (1. Мој. 18:25). Верниот Божји слуга Авраам не го поставил ова прашање затоа што се сомневал во Јеховината праведност. Напротив, со тоа покажал увереност дека Јехова ќе постапи совршено праведно во случајот со градовите Содом и Гомор. Тој бил уверен дека Јехова никогаш „не би го погубил праведникот заедно со злиот“. За Авраам тоа било незамисливо. Околу 400 години подоцна, Јехова му рекол на Мојсеј да го опише со следниве зборови: „[Бог] е Карпа, делото му е совршено, зашто сите негови патишта се правда. Тој е верен Бог, без неправда, праведен е и вистинољубив“ (5. Мој. 31:19; 32:4).

2. Зошто е невозможно Јехова да постапува неправедно?

2 Зошто Авраам бил уверен дека Јехова секогаш постапува праведно? Затоа што самиот Јехова е совршен  пример за тоа што е правда. Значи, Јехова секогаш ќе суди исправно бидејќи неговите мерила се праведни. Освен тоа, за Бог во Библијата пишува: „Ги сака праведноста и правдата“ (Пс. 33:5).

3. Наведи еден пример за неправда во светот.

3 Навистина е утешно тоа што знаеме дека Јехова секогаш постапува праведно. Сепак, во светот денес има неправди на секој чекор. На пример, некои луѓе биле неправедно осудени и ставени во затвор за злодела што не ги извршиле. Подоцна, кога се појавиле ДНК-тестовите, се докажало дека некои од нив се невини и биле ослободени, но дури откако поминале многу години во затвор. Ваквите неправди предизвикуваат гнев и огорченост. Но, за христијаните може да биде потешко да издржат еден друг вид неправда. За што станува збор?

ВО СОБРАНИЕТО

4. Што може да ја стави на испит нашата вера?

4 Како христијани, очекуваме дека ќе доживееме неправди надвор од христијанското собрание. Сепак, нашата вера може да биде ставена на испит ако забележиме или доживееме нешто што ни изгледа како неправда во собранието. Како ќе реагираш во таков случај? Дали ќе дозволиш тоа да ти биде причина за спрепнување?

5. Зошто не треба да се изненадиме ако забележиме или ако самите доживееме некаква неправда во собранието?

5 Сите ние сме несовршени и правиме грешки. Затоа, можно е некој да постапи неправедно со нас или ние да постапиме неправедно кон некој друг во собранието (1. Јов. 1:8). Иако ова ретко се случува, верните христијани не се изненадени ниту, пак, дозволуваат тоа да ги спрепне. Јехова ни дал практични совети во својата Реч кои можат да ни помогнат да му останеме верни ако некој од нашите соверници ни нанесе неправда (Пс. 55:12-14).

6, 7. Каква неправда доживеал еден брат, и кои особини му помогнале да постапи исправно?

6 Размисли за искуството на Вил Диел. Во 1931 год., брат Диел почнал да служи во Бетелот во Берн (Швајцарија). Во 1946 год., тој присуствувал на осмиот клас од школата Гилеад во Њујорк (САД). Кратко по дипломирањето, почнал да служи во патувачкото дело во Швајцарија. Во својата животна приказна брат Диел рекол дека во мај 1949 год. ја известил подружницата во Швајцарија дека планира да стапи во брак. Како реагирале на тоа одговорните браќа? Тие му рекле дека ќе му ги одземат сите одговорности. Му дозволиле само да биде општ пионер. Брат Диел вели: „Не ми беше дозволено да држам предавања... Многумина повеќе не ни зборуваа, и се однесуваа со нас како со исклучени“.

7 Како реагирал брат Диел? Тој рекол: „Знаевме дека стапувањето во брак не е спротивно на библиските начела, и затоа му се молевме на Јехова и ги оставивме работите во негови раце“. До оваа неправда дошло поради тоа што некои браќа не го разбирале исправно Јеховиното гледиште за бракот. Но, по некое време ваквото гледиште било сменето и на брат Диел повторно му биле дадени одговорностите што ги имал претходно. Јехова го наградил за неговата  верност. * Добро е да се прашаме: „Доколку би доживеал ваква неправда, дали и јас би бил стрплив и би чекал Јехова да ги исправи работите? Или би ги зел работите во свои раце и би се трудел по секоја цена да ја исправам неправдата?“ (Изр. 11:2; прочитај Михеј 7:7).

8. Зошто може да дојдеме до погрешен заклучок дека нам или на некој друг му е нанесена неправда?

8 Ако сметаме дека нам или на некој друг член од собранието му е нанесена неправда, треба да имаме на ум дека можеби нашата проценка е погрешна. Зошто? Затоа што сме несовршени и можеби погрешно сме ја разбрале ситуацијата или, пак, можеби затоа што не ги знаеме сите факти. Без разлика дали сме во право или не, треба да му се молиме на Јехова во врска со ситуацијата, да се потпреме на него и да останеме верни. Тоа ќе ни помогне да не почнеме да му се лутиме на Јехова. (Прочитај Изреки 19:3.)

9. Кои примери ќе ги разгледаме во оваа и во следната статија?

9 Можеме многу да научиме од примерите на тројца Божји слуги од минатото кои доживеале неправди. Во оваа статија ќе го разгледаме примерот на Јосиф, правнукот на Авраам, кој страдал поради она што му го направиле неговите браќа. Во следната статија ќе видиме на кој начин постапил Јехова со израелскиот цар Ахав и што му се случило на апостол Петар во сириска Антиохија. Додека ги разгледуваме овие примери, размислувај како можат да ти помогнат да гледаш на работите како Јехова и да го зачуваш твојот однос со него, особено кога сметаш дека доживуваш неправда.

ЈОСИФ БИЛ ЖРТВА НА НЕПРАВДА

10, 11. а) Каква неправда доживеал Јосиф? б) Каква можност му се укажала на Јосиф додека бил во затвор?

10 Јосиф бил верен слуга на Јехова кој доживеал неправда од туѓинци. Но, најмногу го погодила неправдата што му ја нанеле неговите браќа. Кога имал 17 години, браќата го грабнале и го продале како роб. Потоа бил одведен во Египет (1. Мој. 37:23-28; 42:21). Подоцна, таму бил лажно обвинет дека се обидел да силува жена и бил фрлен во затвор без судење (1. Мој. 39:17-20). Јосиф страдал како роб и како затвореник околу 13 години. Како неговиот пример може да ни помогне ако доживееме неправда од некој соверник?

11 Додека Јосиф бил во затвор, главниот пехарник на фараонот исто така бил затворен таму. Една ноќ, пехарникот сонил сон, а Јехова му помогнал на Јосиф да му го протолкува. Тој му кажал на пехарникот дека ќе излезе од затвор и дека повторно ќе биде поставен на положбата што ја имал претходно. Јосиф ја искористил оваа можност за да му ја објасни својата ситуација. Можеме многу да научиме од она што Јосиф го кажал во таа прилика, но и од она што не го кажал (1. Мој. 40:5-13).

12, 13. а) Од каде знаеме дека Јосиф едноставно не се помирил со неправдата? б) Што не му кажал Јосиф на пехарникот?

12 Прочитај 1. Мојсеева 40:14, 15. Забележи дека Јосиф рекол дека бил грабнат. Очигледно, тој бил жртва на неправда. Исто така, Јосиф рекол дека не го извршил злоделото поради  кое бил фрлен во затвор. Затоа го замолил пехарникот да го спомне пред фараонот и да го извади од затворот.

13 Дали Јосиф едноставно се помирил со ситуацијата без да се обиде да направи нешто во врска со тоа? Не! Јосиф бил свесен дека бил жртва на повеќе неправди. Затоа му ја опишал својата ситуација на пехарникот, надевајќи се дека тој ќе може да му помогне. Но, никаде во Библијата не пишува дека Јосиф му кажал на некој, дури ни на фараонот, дека бил грабнат од своите браќа. Всушност, кога неговите браќа дошле во Египет и се помириле со него, фараонот љубезно ги примил и ги поканил да се преселат во Египет и да уживаат во сѐ што било добро во египетската земја (1. Мој. 45:16-20).

Ако зборуваме негативно за оној со кого имаме проблем, уште повеќе ќе ги влошиме работите (Види во пасус 14)

14. Што ќе ни помогне да не зборуваме негативно за некого ако сме доживеале неправда во собранието?

14 Доколку сметаме дека сме доживеале некаква неправда во собранието, треба да внимаваме да не се впуштиме во оговарање. Се разбира, сосема е во ред да побараме помош од старешините и да им кажеме ако некој направил сериозен грев (3. Мој. 5:1). Меѓутоа, во многу случаи во кои не станува збор за сериозен грев можно е да се реши несогласувањето без да се вклучува некој друг, дури ни старешините. (Прочитај Матеј 5:23, 24; 18:15.) Да покажеме дека сме верни на тој начин што ќе ги применуваме овие библиски начела кога ќе се најдеме во такви ситуации. Во некои случаи можеби ќе сфатиме дека погрешно сме ја разбрале ситуацијата и дека, всушност, не сме биле жртви на неправда. Сигурно ќе ни биде многу мило што не сме наклеветиле некој наш соверник и така не сме ги влошиле работите. Да имаме на ум дека, сеедно дали сме во право или не, тоа што ќе зборуваме негативно за некого нема да ја подобри ситуацијата. Ако сме им верни на Јехова и на нашите  браќа, нема да направиме таква грешка. Псалмистот рекол: „Оној што живее беспрекорно... не клевети со јазикот. Не му прави никакво зло на ближниот свој и не го срамоти пријателот свој“ (Пс. 15:2, 3; Јак. 3:5).

ЗАДРЖИ НА УМ ШТО Е НАЈВАЖНО

15. Што можел да види Јосиф поради тоа што останал близок со Јехова?

15 Од примерот на Јосиф можеме да извлечеме уште една важна поука. Иако трпел неправди 13 години, целиот тој период се трудел да гледа на ситуацијата онака како што гледа Јехова (1. Мој. 45:5-8). Јосиф никогаш не го обвинил Јехова за својата ситуација. Се разбира, тој не го заборавил она што му се случило, но не станал огорчен. Што е најважно, не дозволил слабостите и погрешните постапки на другите да го оддалечат од Јехова. Бидејќи бил верен, можел да види како Јехова ја исправа неправдата и го благословува него и целото негово семејство.

16. Зошто треба уште повеќе да го зајакнеме нашето пријателство со Јехова кога доживуваме неправда во собранието?

16 Исто како Јосиф, и ние мора да го цениме и да се трудиме да го зачуваме нашето пријателство со Јехова. Никогаш не смееме да дозволиме слабостите на нашите браќа и сестри да не оддалечат од Богот кој го сакаме и на кој му служиме (Рим. 8:38, 39). Наместо тоа, ако доживееме неправда во собранието, да го следиме примерот на Јосиф и уште повеќе да се зближиме со Јехова, трудејќи се да гледаме на работите онака како што гледа тој. Откако сме сториле сѐ што можеме за да решиме некој проблем следејќи ги библиските начела, треба да ги оставиме работите во Јеховини раце. Можеме да бидеме уверени дека тој ќе ја исправи неправдата во вистинско време и на најдобар можен начин.

ИМАЈ ДОВЕРБА ВО „СУДИЈАТА НА ЦЕЛАТА ЗЕМЈА“

17. Како можеме да покажеме дека имаме доверба во „Судијата на целата земја“?

17 Сѐ додека живееме во овој злобен свет, можеме да очекуваме неправди. Во ретки случаи, можеби ќе ти се чини дека тебе или некому што го знаеш му е нанесена неправда во собранието. Не дозволувај тоа да те спрепне (Пс. 119:165). Наместо тоа, остани му верен на Бог, моли го да ти помогне и потпирај се на него. Не заборавај дека поради несовршеноста, можеби погрешно си ја разбрал ситуацијата или, веројатно, не ги знаеш сите факти. Следи го примерот на Јосиф и немој да зборуваш негативно за другите бидејќи тоа може уште повеќе да ги влоши работите. И, наместо да ги земеш работите во свои раце, биди решен да останеш верен и стрпливо чекај Јехова да ја исправи неправдата. Ако постапуваш така, исто како Јосиф, и ти ќе останеш близок со Бог и ќе го добиеш неговиот благослов. Можеш да бидеш сигурен дека Јехова, „Судијата на целата земја“, секогаш постапува праведно бидејќи „сите негови патишта се правда“ (1. Мој. 18:25; 5. Мој. 32:4).

18. Што ќе разгледаме во следната статија?

18 Во следната статија, ќе ги разгледаме примерите на уште двајца Божји слуги од минатото кои доживеале неправда. Од нив ќе научиме како понизноста и простувањето се поврзани со Јеховиното гледиште за правдата.

^ пас. 7 Види ја животната приказна на Вил Диел со наслов „Јехова е мој Бог во кого ќе имам доверба“, која излезе во Стражарска кула од 1 ноември 1991 год.