Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  април 2017

На што ќе стави крај Божјето Царство?

На што ќе стави крај Божјето Царство?

Светот поминува и неговата желба, но оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш (1. ЈОВ. 2:17)

ПЕСНИ: 134, 24

1, 2. а) Зошто овој свет би можеле да го споредиме со криминалец кој наскоро треба да биде погубен? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Како ќе се чувствува секој на небото и на Земјата откако ќе биде уништен овој злобен свет?

ЗАМИСЛИ си ја следнава сцена. Чуварите на еден затвор водат на погубување еден опасен криминалец кој е осуден на смрт. Иако сѐ уште е жив и изгледа прилично здраво, тој наскоро ќе биде мртов.

2 Злобниот свет во кој живееме е сличен на криминалецот кој треба да биде погубен. Во Библијата пишува: „Светот поминува“ (1. Јов. 2:17). Јехова одлучил да му стави крај на овој свет, и наскоро тоа ќе се оствари. Но има една важна разлика меѓу крајот на овој свет и погубувањето на криминалецот. Некои луѓе можеби ќе сметаат дека тој човек бил неправедно осуден и затоа ќе протестираат со надеж дека погубувањето нема да се изврши. Меѓутоа, Јехова е совршен судија, и неговата одлука да го уништи овој злобен свет е потполно праведна (5. Мој. 32:4). Затоа извршувањето на таа пресуда нема да биде одложено ниту спречено. А откако ќе биде уништен овој свет, секој на небото и на Земјата  ќе се согласи дека тоа било сосема праведно. Тогаш сите ќе почувствуваат големо олеснување!

3. На кои четири работи ќе им стави крај Божјето Царство?

3 Што е вклучено во „светот“ кој „поминува“? Во него спаѓаат лошите работи што станале дел од нашето секојдневие и кои наскоро ќе ги нема. Всушност, тоа е дел од „добрата вест за царството“ (Мат. 24:14). Во оваа статија ќе зборуваме за четири работи на кои Божјето Царство ќе им стави крај: злобните луѓе, злобните организации, грешното постапување и лошите услови во светот. За секој од нив ќе дознаеме 1) како тие влијаат врз нас денес, 2) што ќе направи Јехова со нив и 3) со што ќе ги замени.

ЌЕ БИДАТ ОТСТРАНЕТИ ЗЛОБНИТЕ ЛУЃЕ

4. На кој начин злобните луѓе влијаат врз нас денес?

4 Како влијаат злобните луѓе врз нас денес? Апостол Павле рекол дека „во последните денови ќе настанат особено тешки времиња“. Потоа додал: „Злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо“ (2. Тим. 3:1-5, 13). Дали си го почувствувал исполнувањето на ова пророштво? Многумина од нас биле жртви на напади од насилници, фанатици полни со омраза и свирепи криминалци. Некои од овие злобни луѓе не ги кријат лошите работи што ги прават. Други, пак, се измамници кои се преправаат дека им помагаат на луѓето, а всушност се злобни. Дури и ако ние лично не сме биле жртви на некакво насилство, сепак злобните луѓе влијаат и врз нас. Многу сме вознемирени кога ќе чуеме дека некој сурово постапува со деца, со постари лица и со други кои се беспомошни. Овие злобни луѓе со своите постапки наликуваат на диви ѕверови, па дури и на демони (Јак. 3:15). Сепак, Јеховината Реч ни дава надеж.

5. а) Каква можност сѐ уште постои за злобните луѓе? б) Каков крај ги очекува оние што одбиваат да се променат?

5 Што ќе направи Јехова? Тој денес им дава можност на злобните луѓе да се променат (Иса. 55:7). Иако овој свет како целина е осуден на уништување, луѓето како поединци сѐ уште не добиле конечна пресуда. Но, што ќе се случи со оние кои одбиваат да се сменат и кои ќе го поддржуваат овој поредок сѐ до почетокот на големата неволја? Јехова ветил дека ќе ги отстрани злобните луѓе од Земјата еднаш засекогаш. (Прочитај Псалм 37:10.) Денес, многумина научиле да ги прикриваат лошите работи што ги прават, а честопати поминуваат и без казна (Јов 21:7, 9). Сепак, Библијата нѐ потсетува: „[Божјите] очи се насочени кон човековите патишта, сите негови чекори тој ги гледа. Нема мрак ни густа темнина каде што би можеле да се скријат злосторниците“ (Јов 34:21, 22). Никој не може да се скрие од Јехова. Тој го забележува сето она што го прават злобните луѓе. Тие ќе бидат отстранети — и тоа засекогаш! (Пс. 37:12-15). Откако ќе помине Армагедон, можеби ќе погледнеме на местото каде што биле, но нив ќе ги нема.

6. Кој ќе остане на Земјата откако ќе бидат отстранети злобните луѓе, и зошто тоа е добра вест?

6 Кој ќе остане на Земјата откако ќе бидат отстранети злобните луѓе?  Јехова го дава следново прекрасно ветување: „Кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“. А подоцна во истиот псалм читаме: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Пс. 37:11, 29). Кои се „кротките“ и „праведниците“ што се спомнати во овие стихови? Кротките се оние што понизно учат од Јехова и го следат неговото водство. Праведниците се оние што сакаат да го прават она што е исправно во Божји очи. Во светот денес има многу повеќе злобни отколку праведни луѓе. Но, во новиот свет, ќе има само кротки и праведни луѓе, и тие ќе ја претворат Земјата во рај.

ЌЕ БИДАТ УНИШТЕНИ ЗЛОБНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ

7. Како влијаат врз нас злобните организации?

7 Како влијаат врз нас злобните организации? Поголемиот дел од лошите работи во светот не ги прават поединци, туку организации. Милиони луѓе се заведени од религиозните организации, кои кажуваат лаги за тоа кој е Бог, велат дека не може да ѝ се верува на Библијата, кажуваат невистини за иднината на Земјата и на човештвото и шират многу други лаги. Голем број влади подбуцнуваат војни и етнички судири, и ги угнетуваат сиромашните и беспомошните. Овие влади стануваат сѐ побогати и помоќни затоа што се пристрасни и земаат поткуп. Освен тоа, многу корпорации кои се жедни за профит ја загадуваат планетата, ги уништуваат природните ресурси и се богатат на грбот на милиони луѓе кои живеат во крајна сиромаштија. Јасно е дека сите овие злобни организации се во голема мера одговорни за страдањата во светот денес.

8. Според Библијата, што ќе се случи со организациите кои на многу луѓе денес им изгледаат цврсти и стабилни?

8 Што ќе направи Јехова? Големата неволја ќе започне кога политичките организации ќе ги нападнат сите лажни религиозни организации, кои Библијата ги опишува како блудницата Големиот Вавилон (Отк. 17:1, 2, 16; 18:1-4). Тие религиозни организации ќе бидат потполно уништени. Но, што ќе се случи со другите злобни организации? Библијата ги споредува со планини и острови бидејќи многу од нив изгледаат цврсти и стабилни. (Прочитај Откровение 6:14.) Сепак, во неа пишува и дека човечките влади и сите други организации што не го поддржуваат Божјето Царство ќе бидат уништени. Ова ќе се случи во последната фаза од големата неволја (Ерем. 25:31-33). Никогаш повеќе нема да постои ниту една злобна организација!

9. Зошто можеме да бидеме сигурни дека новата земја ќе биде добро организирана?

9 Со што ќе бидат заменети злобните организации? Дали по Армагедон ќе постои некоја организација на Земјата? Библијата вели: „Според неговото ветување очекуваме нови небеса и нова земја во кои ќе живее праведноста“ (2. Пет. 3:13). Старите небеса ги претставуваат злобните влади, а старата земја го претставува човечкото општество кое е под нивна власт. Со што ќе бидат заменети откако ќе бидат уништени? Со „нови небеса и нова земја“. Новите небеса укажуваат на нова влада, односно  на Царството кое го сочинуваат Исус Христос и неговите 144.000 совладетели. Новата земја укажува на луѓето кои ќе бидат под власт на Божјето Царство. Исус и оние што ќе владеат со него совршено ќе ги одразуваат особините на Јехова, кој е Бог на редот (1. Кор. 14:33). Значи „новата земја“ ќе биде организирана. За неа ќе се грижат добри и верни мажи (Пс. 45:16). Тие ќе служат под водство на Христос и на 144-те илјади. Замисли си го времето кога сите злобни организации ќе бидат заменети со една обединета организација која никогаш нема да се расипе!

ЌЕ МУ БИДЕ СТАВЕН КРАЈ НА ГРЕШНОТО ПОСТАПУВАЊЕ

10. Какво грешно постапување е вообичаено во местото каде што живееш, и како тоа влијае врз тебе и врз твоето семејство?

10 Како влијае грешното постапување врз нас денес? Живееме во свет во кој неморалот, нечесноста и насилството се секојдневие. Светот на забавата ги прикажува таквите работи како привлечни, а ги исмева мерилата на Јехова за исправно и погрешно (Иса. 5:20). Особено родителите мора да вложат голем напор за да ги заштитат своите деца од таквото расипано влијание. Всушност, сите вистински христијани мора силно да се напрегаат за да го зачуваат својот однос со Јехова во овој свет во кој не се почитуваат Божјите мерила.

11. Што учиме од фактот дека Јехова ги уништил Содом и Гомор?

11 Што ќе направи Јехова со грешното постапување? Размисли што направил со одвратните работи кои се случувале во градовите Содом и Гомор. (Прочитај 2. Петрово 2:6-8.) Лот бил праведен човек. Тој и неговото семејство многу страдале поради сите расипани работи што ги правеле луѓето околу нив. Јехова го уништил целиот тој регион за да му стави крај на одвратното постапување. Но, со тоа им дал и пример на злобните луѓе од наше време. Исто како што направил во минатото, Јехова ќе му стави крај и на грешното постапување денес кога ќе го уништи овој злобен свет.

12. Кои работи едвај чекаш да ги правиш откако ќе биде уништен овој стар свет?

12 Со што ќе биде заменето грешното постапување? Во новиот свет ќе уживаме во изобилство прекрасни активности. На пример, ќе ја претвориме целата Земја во рај и ќе градиме домови за нас и за нашите блиски. Освен тоа, ќе ги пречекаме милионите луѓе кои ќе воскреснат и ќе ги поучуваме за Јехова и за сето она што тој го направил за човештвото (Иса. 65:21, 22; Дела 24:15). Во тоа време ќе бидеме зафатени со разни активности кои ќе ни носат радост и со кои ќе го славиме Јехова!

ЌЕ БИДАТ ОТСТРАНЕТИ ЛОШИТЕ УСЛОВИ ВО СВЕТОТ

13. До што довела побуната на Сатана, Адам и Ева?

13 Како влијаат врз нас лошите услови во светот? Злобните луѓе и организации, како и грешното постапување придонеле да живееме во лоши услови. Врз секој од нас влијаат војните, сиромаштијата, расизмот, болестите и смртта. Овие лоши услови се појавиле поради тоа што Сатана, Адам и Ева се побуниле против  Јехова. Сите ние ги трпиме последиците од нивната побуна.

14. Што ќе направи Јехова со лошите услови?

14 Што ќе направи Јехова со лошите услови? Тој ветил дека ќе им стави крај на војните. (Прочитај Псалм 46:8, 9.) Ќе ги отстрани болестите (Иса. 33:24). Засекогаш ќе ја уништи смртта (Иса. 25:8). Ќе ѝ стави крај и на сиромаштијата (Пс. 72:12-16). Јехова ќе го стори тоа и со другите лоши услови кои ни го загорчуваат животот. Дури ќе го отстрани и лошото влијание на Сатана и неговите демони! (Еф. 2:2).

Замисли си каков ќе биде животот во свет без војни, болести и смрт! (Види во пасус 15)

15. Наведи некои работи што ќе ги нема по Армагедон.

15 Можеш ли да си замислиш каков ќе биде животот во свет без војни, болести и смрт? Нема да има војски, оружја и воени споменици. Нема да има потреба од болници, лекари, медицински сестри, мртовечници, гробари и гробишта. Ќе нема криминал, па затоа нема да бидат потребни полиција, аларми, а можеби ниту брави ниту клучеви. Сите лоши услови што нѐ измачуваат денес ќе бидат отстранети засекогаш.

16, 17. а) Какво олеснување ќе почувствуваат оние што ќе го преживеат Армагедон? Наведи пример. б) Што треба да правиме за да го преживееме уништувањето на овој стар, злобен свет?

16 Каков ќе биде животот кога ќе бидат отстранети лошите услови? Денес е тешко да замислиме како ќе се чувствуваме тогаш. Зошто? Толку долго живееме во лоши услови што можеби веќе не ни забележуваме колку многу тие влијаат врз нас. Тоа може да се спореди со луѓе што живеат блиску до железничка станица и веќе не ја забележуваат бучавата, или со луѓе што живеат близу до ѓубриште и повеќе не ја чувствуваат смрдеата. Колку големо олеснување ќе биде кога Јехова ќе ги отстрани сите лоши услови!

17 Со што ќе биде заменет притисокот што го чувствуваме денес? За оние што ќе живеат во новиот свет, во Псалм 37:11 пишува: „Ќе уживаат во изобилен мир“. Навистина е многу утешно што знаеме дека Јехова ни посакува токму таква иднина. Дај сѐ од себе за да останеш близок со Јехова и со неговата организација во овие тешки времиња. Твојата надеж за иднината е скапоцена! Затоа длабоко размислувај за неа и несебично споделувај ја со другите (1. Тим. 4:15, 16; 1. Пет. 3:15). Така ќе можеш да го преживееш уништувањето на овој стар и злобен свет, и ќе имаш среќен и исполнет живот во цела вечност!