Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  март 2016

Дали придонесуваш за единството во собранието?

Дали придонесуваш за единството во собранието?

„Тој го поврзува и обединува целото тело, за да функционира како сложна целина“ (ЕФ. 4:16, Радосна Вест)

ПЕСНИ: 53, 107

1. Што било отсекогаш обележје на Божјите созданија обдарени со разум?

ЈЕХОВА и Исус биле обединети уште од самиот почеток. Исус бил првото Божје создание. Како олицетворение на мудроста, тој рекол: „Бев крај него како вешт градител и му бев посебна радост, од ден на ден“ (Изр. 8:30). Таткото и Синот соработувале додека го создавале целокупниот жив свет што постои денес. И Божјите слуги на Земјата работеле заедно за да ги извршат задачите што им биле доверени. На пример, Ное и неговото семејство заедно ја направиле арката. Израелците соработувале кога го правеле светиот шатор, и подоцна кога го расклопувале и го пренесувале од место до место. Во храмот, тие заедно пееле и свиреле на музички инструменти за да го фалат Јехова со прекрасни песни. Јеховините слуги можеле да ги прават сите овие работи благодарение на заемната соработка (1. Мој. 6:14-16, 22; 4. Мој. 4:4-32; 1. Лет. 25:1-8).

2. а) Што било карактеристично за првите христијани? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

2 И христијаните во првиот век соработувале под  водство на Исус Христос, кој е глава на собранието. Апостол Павле објаснил дека сите тие биле делови на „едно тело“ иако имале различни дарови и извршувале разни служби. (Прочитај 1. Коринќаните 12:4-6, 12.) А како е денес? Како можеме меѓусебно да соработуваме додека ја проповедаме добрата вест? И како можеме да соработуваме во собранието и во семејството?

ДА СОРАБОТУВАМЕ ДОДЕКА ПРОПОВЕДАМЕ

3. Какво видение добил апостол Јован?

3 При крајот на првиот век од н.е., апостол Јован добил видение за седум ангели на кои им биле дадени седум труби. Кога петтиот ангел затрубил, Јован видел како една „ѕвезда“ паѓа од небото на Земјата. Оваа „ѕвезда“ го претставува Исус, кој држел клуч со кој ја отворил бездната. Оттаму се кренал густ чад од кој излегол рој скакулци. Но, наместо да ги опустошат растенијата и зеленилото, овие симболични скакулци добиле заповед да им наштетат ,само на луѓето кои го немале Божјиот печат на своите чела‘ (Отк. 9:1-4). Без сомнение, Јован знаел колку голема штета може да направи еден рој скакулци. Во времето на Мојсеј, скакулците го опустошиле Египет (2. Мој. 10:12-15). Симболичните скакулци што ги видел Јован ги претставуваат помазаните христијани кои ги објавуваат Јеховините остри осуди над лажната религија. Денес им се придружиле милиони други лица кои имаат надеж за вечен живот на Земјата. Сите заедно учествуваат во ова проповедничко дело со кое им се помага на многу луѓе да излезат од Големиот Вавилон и да се ослободат од власта на Сатана.

4. Каква задача имаат Божјите слуги, и само на кој начин можат да ја извршат?

4 Јеховините слуги имаат огромна задача — тие треба да ја проповедаат ,добрата вест‘ низ целиот свет пред да дојде крајот на овој поредок (Мат. 24:14; 28:19, 20). Ние мора да го поканиме „секој што е жеден“ да земе „бесплатно од водата на животот“ (Отк. 22:17). Ќе успееме во тоа само ако сме обединети и ако сложно соработуваме (Еф. 4:16).

5, 6. Што ни помага обединето да ја проповедаме добрата вест?

5 За да им проповедаме на што е можно повеќе луѓе, мора да го правиме тоа на организиран начин. Во ова ни помагаат упатствата што ги добиваме преку собранието. Откако ќе се одржи состанокот за проповедање, излегуваме да им ја објавиме пораката за Царството на другите. Освен тоа, им нудиме и библиска литература. Всушност, досега имаме поделено стотици милиони публикации! Дали учествуваш со сета душа и во посебните акции за сведочење? Кога го правиме тоа, ние сме обединети со милиони други соверници кои ја проповедаат истата порака низ целиот свет. А соработуваме и со ангелите, кои му помагаат на Божјиот народ да ја објавува добрата вест (Отк. 14:6). Колку се радуваме кога во Годишникот читаме за сето она што се постигнува по целата Земја!

6 Обединети сме и кога ги делиме поканите за нашите регионални, специјални и меѓународни конгреси. На овие собири, слушаме охрабрувачки библиски говори, и гледаме драми и разни прикази. Тоа нѐ поттикнува да му служиме на Јехова со сета душа и да му го дадеме нашето најдобро. Обединети сме и кога секоја година на 14 нисан по зајдисонце ја одбележуваме  Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт (1. Кор. 11:23-26). Се собираме бидејќи сме благодарни за незаслужената доброта што ни ја покажал Бог и бидејќи сме послушни на заповедта што ја дал Исус. Исто така, во седмиците пред Спомен-свеченоста каниме колку што е можно повеќе луѓе да присуствуваат на овој важен настан заедно со нас.

7. Што постигнуваме со тоа што меѓусебно соработуваме?

7 Еден скакулец не може да направи многу. Слично на тоа, можеби ни се чини дека трудот што го вложуваме како поединци не е ништо посебно. Но, благодарение на тоа што соработуваме, ние можеме да им го насочиме вниманието на милиони луѓе кон Јехова — оној што ја заслужува сета фалба и чест!

ДА СОРАБОТУВАМЕ ВО СОБРАНИЕТО

8, 9. а) Која споредба ја употребил Павле за да ги поучи христијаните да останат обединети? б) Како може да соработуваме во собранието?

8 Во своето послание до Ефешаните, Павле објаснил како е организирано собранието. Но, нагласил и колку е битно секој негов член ,да порасне до зрелост‘. (Прочитај Ефешаните 4:15, 16.) Тој дал споредба со човечкото тело за да објасни дека секој христијанин може да придонесе за единството така што ќе го следи Исус Христос — главата на собранието. Павле рекол дека сите делови соработуваат бидејќи се меѓусебно поврзани со зглобови кои си ја исполнуваат својата цел. Затоа, сеедно дали сме млади или стари, дали имаме добро здравје или не, што треба да прави секој од нас?

9 Исус поставил старешини за да предводат во собранието, и тој сака да ги почитуваме и да ги слушаме упатствата кои ни ги даваат (Евр. 13:7, 17). Ова не е секогаш лесно. Но, можеме да бараме водство од Бог. Неговиот моќен свет дух може да ни помогне со сета душа да ги следиме упатствата. Освен тоа, треба да размислуваме колку многу ќе придонесеме за единството во собранието ако понизно соработуваме со старешините. Ваквата соработка ќе ни помогне уште повеќе да се сакаме едни со други.

10. На кој начин слуга-помошниците придонесуваат за единството во собранието? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

10 Слуга-помошниците исто така многу придонесуваат за единството во собранието. Без оглед на својата возраст, овие браќа несебично се трошат за другите. На пример, тие им помагаат на старешините така што водат сметка да има доволно публикации за службата на проповедање. Освен тоа, ги пречекуваат заинтересираните лица кои доаѓаат на состанок. А се грижат и за редовното чистење и одржување на салата. Кога соработуваме со овие браќа, помагаме сите активности во собранието да се одвиваат без пречки. (Спореди Дела 6:3-6.)

11. Како можат помладите браќа да придонесат за единството во собранието?

11 Голем број зрели браќа имале многу одговорности низ годините. Но, можеби поради староста сега не можат да служат исто како порано. Помладите браќа можат да им бидат од голема помош. Иако допрва треба да стекнат искуство, со соодветна обука ќе можат да преземат повеќе одговорности. Ако слуга-помошниците се трудат да ги исполнат библиските барања, еден ден ќе можат да служат и  како старешини (1. Тим. 3:1, 10). Со текот на времето, некои помлади старешини ги исполниле условите да учествуваат во покраинското дело и да ги охрабруваат браќата и сестрите во многу собранија. Зарем не сме благодарни што помладите браќа се спремни да им служат на своите соверници? (Прочитај Псалм 110:3; Проповедник 12:1.)

ДА СОРАБОТУВАМЕ ВО СЕМЕЈСТВОТО

12, 13. Што може да им помогне на сите во семејството да соработуваат еден со друг?

12 Како може да им помогнеме на членовите на нашето семејство да соработуваат едни со други? Мнозина увиделе дека редовното семејно проучување ја зајакнува врската меѓу родителите и децата. Бидејќи во текот на Семејната вечер тие размислуваат за духовни работи, единството во семејството уште повеќе се зајакнува. Ако во тие прилики вежбаат што ќе кажат во службата, сите добро ќе се подготват да проповедаат. Освен тоа, кога разговараат за вистината и гледаат колку секој од нив го сака Јехова и се труди да му угоди, тие стануваат уште поблиски еден со друг.

Семејното проучување ја зајакнува врската меѓу младите и старите (Види во пасуси 12, 15)

13 Јехова сака мажот и жената меѓусебно да соработуваат. Кога и двајцата го сакаат Јехова, можат да му служат обединето и да бидат среќни. Исто така, треба да си покажуваат дека се сакаат, како што правеле Авраам и Сара, Исак и Ревека, и Елкана и Ана (1. Мој. 26:8; 1. Сам. 1:5, 8; 1. Пет. 3:5, 6). Тоа уште повеќе ќе ги зближи брачните партнери еден со друг, а и со нашиот небесен Татко. (Прочитај Проповедник 4:12.)

14. Како можеш да го зајакнеш својот брак иако можеби твојот сопружник не му служи на Јехова?

14 Библијата јасно кажува дека не треба да стапиме во брак со некој што не му служи на Јехова (2. Кор. 6:14). Но, некои браќа и сестри имаат сопружник кој не е Јеховин сведок. Во некои случаи, тие веќе биле во брак кога ја запознале вистината. Сепак, ако ги применуваат библиските начела, можат да придонесат да има мир во семејството. Ќе успеат во тоа ако соработуваат во најголема можна мера и ако внимаваат да не ги прекршат Божјите мерила. Иако ова може да биде предизвик, сигурно ќе даде добри резултати. Понекогаш е тешко да се применат библиските начела и кога еден од сопружниците ќе се оддалечи од собранието. Токму ова ѝ се случило на една христијанка по име Мери. Таа и нејзиниот сопруг, Дејвид, му служеле заедно на Јехова. Но, пред околу 25 години, тој престанал да оди на состаноци. Мери и понатаму се трудела да биде добра сопруга и да покажува христијански особини. Таа продолжила да ги поучува своите шест деца за Јехова, и да оди на состаноците и на конгресите. Кога децата пораснале и се иселиле од дома, Мери се чувствувала многу осамено. Тогаш Дејвид почнал да ги чита списанијата што таа му ги оставала. Со текот на времето, решил повторно да оди на состаноци, каде што неговото 6-годишно внуче секогаш му чувало место. Кога Дејвид немало да дојде, тоа му велело: „Дедо, кај беше денес? Те немаше на состанок“. Сега Мери е многу среќна што таа и Дејвид повторно заедно му служат на Јехова.

15. Како можат постарите брачни парови да им помогнат на помладите двојки?

15 Денес семејството е една од главните мети на Сатана. Поради тоа, многу е важно сопружниците кои му служат на Јехова да соработуваат  еден со друг. Сеедно колку долго си во брак, размисли што можеш ти лично да направиш за да го зајакнеш. Постарите брачни парови во собранието можат да им дадат добар пример на помладите двојки. Понекогаш на вашата Семејна вечер можете да поканите некој помлад брачен пар. Така помладите ќе можат да видат дека, сеедно колку долго некои се во брак, многу е важно да си покажуваат љубов и да живеат во слога (Тит 2:3-7).

„ДА ПОЈДЕМЕ НА ЈЕХОВИНАТА ГОРА“

16, 17. Каква иднина им претстои на оние што обединето му служат на Бог?

16 Израелците меѓусебно соработувале кога требало да одат на празник во Ерусалим. Тие се подготвувале за патувањето, се грижеле за меѓусебните потреби додека патувале, а потоа обединето го славеле Јехова во храмот (Лука 2:41-44). Додека патуваме кон новиот свет, и ние мора да бидеме обединети и да даваме сѐ од себе за да соработуваме едни со други. Дали треба да се подобриш во овој поглед?

17 Во денешниот свет владее хаос и разединетост. Но, ние сме многу благодарни што Јехова ни помогнал да ја разбереме вистината и да живееме во мир. Неговите слуги низ целата Земја го слават на начин кој тој го одобрува. Особено во овие последни денови, ние му служиме на Бог пообединето од кога и да било порано. Токму како што прорекле Исаија и Михеј, се искачуваме заедно „на Јеховината гора“ (Иса. 2:2-4; прочитај Михеј 4:2-4). Колку ќе бидеме среќни во иднина кога сите луѓе на Земјата ќе бидат обединети и ќе соработуваат еден со друг оддавајќи му чест и слава на Јехова!