Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  март 2016

Јехова го води својот народ по патот до вечен живот

Јехова го води својот народ по патот до вечен живот

„Тоа е патот, одете по него!“ (ИСА. 30:21)

ПЕСНИ: 65, 48

1, 2. а) Кое предупредување им го спасило животот на многу луѓе? (Види ја сликата погоре.) б) Што може да им го спаси животот на Божјите слуги?

„ЗАСТАНИ, ПОГЛЕДНИ, СЛУШАЈ!“ Ова предупредување им го спасило животот на безброј луѓе. Тие три збора биле напишани на големи знаци кои пред повеќе од 100 години биле поставени на премините на железничките пруги во Северна Америка. Овие знаци им помагале на возачите да не ја преминат пругата во погрешен момент и да бидат удрени од возовите кои се движеле со огромна брзина. Сите што обрнале внимание на тоа предупредување си го зачувале животот.

2 Јехова не поставува знаци за опасност. Но, прави нешто подобро. Тој им дава водство на своите слуги и ги штити од многу опасности за да останат на патот кој води до вечен живот. Бог е како грижлив пастир кој го води своето стадо и ги предупредува овците да не тргнат по опасни патеки. (Прочитај Исаија 30:20, 21.)

 ЈЕХОВА ОТСЕКОГАШ ГО ВОДЕЛ СВОЈОТ НАРОД

3. На кој начин човечкиот род се нашол на пат кој води во смрт?

3 Низ историјата, Јехова давал детални упатства. На пример, во рајската градина тој дал јасни упатства кои требало да ги водат луѓето до вечен живот исполнет со радост и среќа (1. Мој. 2:15-17). Ако Адам и Ева го послушале, ќе биле поштедени од трагични последици. Немало да страдаат и на крајот да умрат без никаква надеж. Но, наместо да го послуша Бог, Ева го послушала советот што изгледало дека доаѓа од една обична змија. А Адам ја послушал својата жена — човечко суштество од крв и месо. И двајцата му свртеле грб на својот грижлив Татко. Како резултат на тоа, целиот човечки род зачекорил по пат кој води во смрт.

4. а) Зошто после Потопот имало потреба од нови упатства? б) На кој начин новите околности откриле како размислува Бог?

4 Бог му дал на Ное упатства со кои се спасиле животи. После Потопот, Јехова дал конкретна забрана во врска со крвта. Зошто? Затоа што околностите се смениле. Бидејќи Јехова им дозволил на луѓето да ги користат животните за храна, биле потребни нови упатства. Тој им рекол: „Само не смеете да јадете месо со неговата душа, односно со неговата крв!“ (1. Мој. 9:1-4). Оваа заповед јасно покажува како гледа Бог на животот, чиј Извор е самиот Тој. Како Творец, Јехова има право да поставува правила во врска со животот. На пример, тој им забранил на луѓето да убиваат други луѓе. Бидејќи за Бог животот и крвта се свети, тој ќе ги казни сите што не ги користат на исправен начин (1. Мој. 9:5, 6).

5. Што ќе разгледаме сега, и зошто?

5 Бог продолжил да го води својот народ и по времето на Ное. Во оваа статија ќе разгледаме неколку примери за тоа како им давал упатства на своите слуги. Ова ќе ја зајакне нашата решеност да го следиме неговото водство за да влеземе во новиот свет.

НОВ НАРОД, НОВИ УПАТСТВА

6. Зошто на Израелците им биле потребни законите кои Јехова им ги дал преку Мојсеј, и каков став требало да имаат тие?

6 Во времето на Мојсеј, Јехова му дал на својот народ јасни упатства за тоа како да постапува и како да му служи. Зошто? Затоа што околностите повторно се смениле. Повеќе од два века, Израелците живееле во Египет, земја во која било обичај да се обожаваат мртвите, да се користат идоли и да се прават многу други работи кои му биле одвратни на Јехова. Кога Божјите слуги биле избавени од ропството на Египќаните, им биле потребни нови упатства. Тие веќе не живееле како робови, туку како слободен народ кој требало да биде послушен само на Јеховиниот закон. Во некои прирачници пишува дека коренот на хебрејскиот збор преведен со „закон“ значи „насочува, води, упатува“. Всушност, Мојсеевиот закон служел како ѕид кој ги штител Израелците од расипаниот морал и лажните религии на околните народи. Кога го слушале Бог, тој ги благословувал. Но, кога не ги држеле неговите закони, тие трпеле страшни последици. (Прочитај 5. Мојсеева 28:1, 2, 15.)

7. а) Од која друга причина Јехова му дал нови упатства на својот народ? б) Во која смисла Законот послужил како „воспитувач“ за израелскиот народ?

7 Биле потребни нови упатства и од друга причина. Мојсеевиот закон укажувал на нешто многу важно во Јеховината намера — на доаѓањето на Месијата, Исус Христос. Законот јасно им ставил до знаење на Израелците дека  се несовршени. Освен тоа, им покажал колку им е потребна откупнина, односно совршена жртва која потполно ќе ги отстрани нивните гревови (Гал. 3:19; Евр. 10:1-10). Исто така, ја заштитил семејната лоза од која требало да дојде Месијата, и им помогнал на Израелците да го препознаат кога тој се појавил. На некој начин, Законот послужил како привремен „воспитувач“ кој го водел Божјиот народ до Христос (Гал. 3:23, 24).

8. Зошто треба да нѐ водат начелата кои ги содржи Мојсеевиот закон?

8 Како христијани, и ние може да извлечеме корист од упатствата во Мојсеевиот закон. Како? Така што ќе им обрнеме внимание на начелата на кои се темели тој. Иако овие закони не важат за нас, многу од нив сѐ уште можат да ни пружат практично водство во секојдневниот живот и во службата за Јехова. Тој дозволил да бидат запишани во Библијата за да учиме од нив, за да живееме во склад со начелата на кои се темелат и за да ги разбереме повисоките морални мерила кои важат за христијаните. Забележи што рекол Исус: „Сте чуле дека било речено: ‚Не врши прељуба!‘ А јас ви велам: секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“. Според тоа, освен што не смееме да правиме прељуба, мора да ги искорениме неморалните мисли и желби (Мат. 5:27, 28).

9. Поради кои променети околности имало потреба Бог да даде нови упатства?

9 Откако Исус дошол како Месија, Јехова дал нови упатства и открил уште некои детали во врска со својата намера. Зошто ова било неопходно? Затоа што околностите на Божјиот народ повторно се смениле. Во 33 год. од н.е., Јехова ги отфрлил родените Израелци како свој народ и ги заменил со христијанското собрание.

ВОДСТВО ЗА ДУХОВНИОТ ИЗРАЕЛ

10. Зошто на христијанското собрание му бил даден нов закон, и како тој се разликувал од Мојсеевиот закон?

10 Јехова му го дал Мојсеевиот закон на израелскиот народ за да ги поучи Евреите како да живеат и како да му служат во Ветената земја. Но, оние што станале христијани во првиот век не потекнувале само од еден туку од повеќе народи. Библијата вели: „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Првите христијани го сочинувале духовниот Израел, и за нив важел еден нов сојуз. Тие требало да живеат според „законот Христов“, кој не бил врежан на камени плочи, туку во нивното срце. Христовиот закон требало да важи за сите христијани, сеедно каде живеат (Гал. 6:2).

11. На кои две полиња од христијанскиот живот требало да влијае „законот Христов“?

11 Духовните Израелци извлекуваат огромна корист од водството што им го дава Бог преку својот Син. Пред да стапи на сила новиот сојуз, Исус дал две многу важни заповеди. Едната била поврзана со проповедањето. Другата се однесувала на начинот на кој христијаните требало да постапуваат едни со други. Тие заповеди важеле за сите христијани. Затоа важат и за нас денес, сеедно дали имаме надеж за вечен живот на небото или на Земјата.

12. Што било ново во врска со проповедањето?

12 Во минатото, луѓето од другите народи морале да доаѓаат кај Израелците ако сакале да му служат на Јехова (1. Цар. 8:41-43). Но, подоцна Исус ја дал заповедта која се наоѓа во Матеј 28:19, 20. (Прочитај.) Тој им рекол на своите ученици ,да одат‘ кај сите народи. На Педесетница 33 год. од н.е.,  Јехова покажал дека сака добрата вест да се проповеда низ целиот свет. Истиот ден, тој го излеал светиот дух врз околу 120 членови на новооснованото собрание, и тие почнале да им зборуваат на разни јазици на Евреите и на преобратениците во еврејската вера (Дела 2:4-11). Потоа подрачјето за проповедање се проширило и на Самарјаните. На крајот, во 36 год. од н.е., христијаните почнале да им проповедаат и на необрежаните не-Евреи. На некој начин, може да се каже дека подрачјето за проповедање се проширило толку многу што, од едно симболично „езерце“, прераснало во огромен „океан“!

13, 14. а) Што вклучува ,новата заповед‘ која ја дал Исус? б) Што учиме од примерот на Исус?

13 Исто така, Исус дал „нова заповед“ за тоа како треба да постапуваме со браќата и сестрите. (Прочитај Јован 13:34, 35.) Освен што мора да покажуваме дека ги сакаме во секојдневниот живот, мора да бидеме спремни дури и да умреме за нив. Мојсеевиот закон не го барал тоа од израелскиот народ (Мат. 22:39; 1. Јов. 3:16).

14 Исус ни оставил најголем пример со тоа што покажал таква несебична љубов кон своите ученици. Всушност, тој толку многу ги сакал што умрел за нив. А очекувал и сите негови следбеници — вклучувајќи нѐ и нас — да бидат спремни да направат такво нешто. Можеби и ние ќе мора да поднесуваме неволји, па дури и да го дадеме својот живот за соверниците (1. Сол. 2:8).

УПАТСТВА ЗА НАШЕВО ВРЕМЕ И ЗА ВО ИДНИНА

15, 16. Во која смисла околностите во кои живееме денес се поинакви од порано, и како Јехова нѐ води?

15 Особено откако бил поставен „верниот и разборит роб“, Исус им дава на своите следбеници духовна храна во вистинско време (Мат. 24:45-47). Во неа спаѓаат и многу важни упатства кои Божјиот народ ги добива секогаш кога ќе се променат околностите. Во која смисла може да се каже дека во нашево време околностите се поинакви од порано?

16 Ние живееме во „последните денови“ и наскоро ни претстои голема неволја каква што немало никогаш порано (2. Тим. 3:1; Мар. 13:19). Освен тоа, Сатана и неговите демони биле исфрлени од небото на Земјата, и тоа предизвикало огромно страдање (Отк. 12:9, 12). Исто така, им ја проповедаме добрата вест на повеќе луѓе и на поголем број јазици од кога и да било порано во човечката историја!

17, 18. Како треба да реагираме на водството што го добиваме?

17 Божјата организација ни обезбедува многу публикации и други работи за да можеме полесно да им проповедаме на луѓето. На состаноците добиваме упатства кои ни помагаат да ги користиме на најдобар можен начин. Дали се трудиш да постапуваш во склад со тие упатства? Дали гледаш на нив како на водство кое доаѓа од Јехова?

18 За да добиеме благослов од Бог, треба да обрнеме внимание на сите упатства што тој ни ги дава преку христијанското собрание. Ако сме послушни уште денес, ќе ни биде полесно да ги следиме упатствата и во текот на ,големата неволја‘, кога ќе му биде ставен крај на целиот злобен свет на Ѓаволот (Мат. 24:21). А потоа ќе ни бидат потребни нови упатства за да можеме да живееме во еден праведен нов свет во кој Сатана ќе нема никакво влијание.

Во рајот на Земјата ќе бидат отворени свитоци кои ќе содржат упатства за животот во новиот свет (Види во пасуси 19-20)

19, 20. Кои свитоци ќе се отворат, и што ќе следи потоа?

19 Во времето на Мојсеј, на израелскиот народ му биле потребни нови  упатства, и затоа Бог им го дал Законот. Подоцна, христијанското собрание требало да го држи „законот Христов“. Слично на тоа, Библијата ни кажува дека во иднина ќе бидат отворени свитоци кои ќе содржат упатства за животот во новиот свет. (Прочитај Откровение 20:12.) Во овие свитоци најверојатно ќе бидат изнесени Јеховините барања за луѓето кои ќе живеат тогаш. Ако ги проучуваат, сите луѓе — вклучувајќи ги и воскреснатите — ќе дознаат што очекува Бог од нив. Без сомнение, овие свитоци ќе ни помогнат уште подобро да разбереме како размислува Јехова. Благодарение на сѐ подлабокото разбирање на Божјата Реч и на она што ќе биде запишано во новите свитоци, оние што ќе живеат во рајот на Земјата сигурно ќе се сакаат и ќе се почитуваат (Иса. 26:9). Замисли какво образовно дело ќе се одвива под водството на нашиот Цар, Исус Христос!

20 Ако постапуваме според упатствата ,напишани во свитоците‘ и ако му останеме верни на Бог во последниот испит, тој трајно ќе ги вреже нашите имиња во „свитокот на животот“. Ќе може да добиеме вечен живот! Затоа, внимателно да ја читаме Божјата Реч, да се трудиме да разбереме како прочитаното се однесува на нас и уште денес да бидеме послушни на водството што ни го дава Јехова. Ако го правиме тоа, ќе ја преживееме големата неволја и ќе продолжиме во сета вечност да учиме за нашиот мудар и грижлив Бог! (Проп. 3:11; Рим. 11:33).