Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 6, 2017

Зошто има толку многу Библии?

Зошто има толку многу Библии?

Зошто денес има толку многу преводи на Библијата? Дали новите преводи ни помагаат или ни отежнуваат да ја разбереме Библијата? Ако дознаеш нешто повеќе за тоа како биле направени тие преводи, ќе ти биде полесно да процениш во кои од нив можеш да имаш доверба.

Најпрво да видиме кој ја напишал Библијата и кога.

БИБЛИЈАТА

Библијата обично се дели на два дела. Првиот дел има 39 книги кои ги содржат „светите Божји објави“ (Римјаните 3:2). Под водство на Бог, некои верни мажи ги напишале овие книги во текот на долг период од околу 1.100 години — од 1513 год. пр.н.е. до некое време по 443 год. пр.н.е. Тие главно пишувале на хебрејски, па затоа овој дел го нарекуваме Хебрејски списи, а познат е и како Стар завет.

Вториот дел има 27 книги кои исто така се „реч Божја“ (1. Солуњаните 2:13). Под водство на Бог, некои ученици на Исус Христос ги напишале овие книги во текот на многу пократок период од околу 60 години — некаде од 41 год. од н.е. до 98 год. од н.е. Бидејќи главно пишувале на грчки, овој дел го нарекуваме Христијански грчки списи, а познат е и како Нов завет.

Овие 66 книги ја сочинуваат Библијата — пораката од Бог до луѓето. Но, зошто биле направени различни преводи на Библијата? Еве три главни причини:

  • Да можат луѓето да ја читаат Библијата на мајчин јазик.

  • Да се поправат грешките што ги направиле препишувачите и со тоа да се зачува изворниот текст на Библијата.

  • Да се заменат застарените и нејасни изрази.

Да видиме како овие работи важат за два постари преводи.

 ГРЧКАТА СЕПТУАГИНТА

Околу 300 години пред Исус, еврејските изучувачи почнале да ги преведуваат Хебрејските списи на друг јазик — грчки. Овој превод станал познат како грчката Септуагинта. Зошто бил направен? За да можат големиот број Евреи, кои во тоа време повеќе го зборувале грчкиот отколку хебрејскиот јазик, да ги познаваат „светите списи“ (2. Тимотеј 3:15).

Исто така, Септуагинтата им помогнала на милиони не-Евреи кои зборувале грчки да дознаат за што поучува Библијата. Како? Професор Вилберт Хауард рекол: „Од средината на првиот век, на неа почнало да се гледа како на Библија на христијанската црква, чии мисионери оделе од синагога до синагога докажувајќи од светите списи дека Исус е Месијата“ (Дела 17:3, 4; 20:20). Според библискиот изучувач Фредерик Брус, тоа било една причина зошто многу Евреи почнале „сѐ помалку да ја користат Септуагинтата“.

Како што биле завршувани книгите од Христијанските грчки списи, учениците на Исус ги додавале на Септуагинтата. Така настанала Библијата што ја имаме денес.

ЛАТИНСКАТА ВУЛГАТА

Околу 300 години откако било завршено пишувањето на Библијата, изучувачот Ероним ја превел Библијата на латински. Тој превод станал познат како латинската Вулгата. Со оглед на тоа што веќе постоеле преводи на Библијата на латински, зошто било потребно да се направи уште еден? Во една енциклопедија пишува дека Ероним сакал да ги поправи „грешките во преводот, очигледните грешки и местата каде што бил додаден или одземен текст“ (The International Standard Bible Encyclopedia).

Ероним поправил многу такви грешки. Но, со текот на времето, црковните водачи направиле огромна штета. Тие ја прогласиле латинската Вулгата за единствен одобрен превод на Библијата, и тоа останало така со векови! На тој начин, наместо да му помогне на обичниот народ да ја разбере Библијата, латинската Вулгата не му користела речиси никому, бидејќи повеќето луѓе воопшто не знаеле латински.

 СЀ ПОВЕЌЕ ПРЕВОДИ

Во меѓувреме, некои луѓе продолжиле да прават нови преводи на Библијата како, на пример, познатата сириска Пешита, која била завршена некаде во петтиот век од н.е. Но, дури во 14 век биле вложени нови напори за многу луѓе да ја добијат Библијата на својот јазик.

Во Англија, при крајот на 14 век, Џон Виклиф почнал да ја преведува Библијата на англиски за да може да ја разбере и обичниот народ. Кратко потоа, со помош на печатарската машина на Јохан Гутенберг, сѐ повеќе библиски изучувачи можеле да ги умножуваат новите преводи на Библијата на најразлични јазици кои се зборувале низ цела Европа.

Кога се појавиле повеќе англиски преводи, некои критичари сметале дека не е потребно да се прават нови преводи на истиот јазик. Англискиот свештеник Џон Луис, кој живеел во 18 век, напишал: „Бидејќи со текот на времето јазикот застарува и станува неразбирлив, неопходно е старите преводи да се обноват во склад со современиот јазик за да бидат разбирливи за новите генерации“.

Денес, библиските изучувачи можат многу полесно да ги ревидираат старите преводи. Тие многу подобро ги разбираат јазиците на кои била напишана Библијата и имаат на располагање древни библиски ракописи кои биле пронајдени во поново време. Благодарение на тие ракописи, изучувачите можат уште поточно да утврдат што стоело во изворниот текст на Библијата.

Новите преводи на Библијата имаат голема вредност. Се разбира, со некои преводи е потребно да бидеме внимателни. * Но, доколку преведувачите биле поттикнати од искрена љубов кон Бог, нивниот превод на Библијата може многу да ни користи.

 

^ пас. 24 Види ја статијата „Како да избереш добар превод на Библијата?“ во Стражарска кула од 1 мај 2008.