Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 6, 2017

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КОЈ Е НАЈДОБРИОТ ПОДАРОК?

Во потрага по совршениот подарок

Во потрага по совршениот подарок

Не е лесно да се најде вистинскиот подарок. На крајот на краиштата, вредноста на подарокот ја одредува оној што ќе го добие. Она што за некого е совршен подарок, за друг можеби и нема да има некоја вредност.

На пример, за еден тинејџер совршен подарок би можел да биде најновиот електронски уред. Од друга страна, една возрасна личност можеби повеќе би ценела подарок со емоционална вредност како, на пример, семеен накит кој се пренесува од колено на колено. Во некои култури, и помладите и постарите најмногу би сакале како подарок да добијат пари, за да можат самите да си го купат она што им е потребно.

Иако понекогаш е предизвик да се избере соодветен подарок, многу луѓе вложуваат голем труд за да му подарат нешто убаво на некој што им значи. Што може да им помогне во тоа? Да разгледаме четири работи кои можат да придонесат подарокот да биде причина за радост.

Желбите. Еден човек од Белфаст (Северна Ирска) рекол дека најубавиот подарок за него бил еден тркачки велосипед што го добил кога имал 10-ина години. Зошто? „Бидејќи тоа ми беше огромна желба“, вели тој. Овој одговор открива дека желбите играат важна улога во тоа дали некому подарокот ќе му се допадне или не. Затоа, внимателно размисли каква личност е оној кому сакаш да му подариш нешто. Потруди се да видиш кои работи му значат, бидејќи тоа е тесно поврзано со неговите желби. На пример, на постарите обично им значи кога поминуваат време со семејството. Можеби имаат желба да бидат со своите деца и внуци што е можно почесто. Затоа, прекрасен подарок за нив би можел да биде еден убав семеен одмор.

За да дознаеш какви желби има некој, потребно е внимателно да го слушаш. Библијата вели: „Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување“ (Јаков 1:19). Од секојдневните разговори со твоите пријатели  и роднини труди се да дознаеш што им се допаѓа, а што не. Така ќе можеш подобро да процениш каков подарок би сакале да добијат.

Потребите. Подарокот не мора да биде скап или голем за да му се допадне некому. Тоа особено важи ако задоволува некоја негова потреба. Но, како да знаеш кои се неговите потреби?

Можеби изгледа наједноставно да го прашаш што му треба во моментот или што би сакал. Меѓутоа, многумина сметаат дека така се губи дел од радоста бидејќи тогаш подарокот веќе нема да биде изненадување. Освен тоа, некои луѓе не сакаат многу да зборуваат за своите желби и потреби.

Затоа размисли какви се околностите на тој човек — дали е помлад или постар, дали е во брак или не, дали му починал сопружникот, дали е вработен или пензионер и слично. Потоа размисли каков подарок би бил практичен за некој во тие околности.

За да увидиш какви потреби има оној кому сакаш да му подариш нешто, би можел да разговараш со некои што се во слични околности. Тие би можеле да ти посочат некои потреби кои не се толку очигледни. Таквите информации може да ти помогнат да избереш практичен или уникатен подарок.

Моментот. Библијата вели: „Збор кажан во право време — колку е добар!“ (Изреки 15:23). Овој стих покажува дека зборовите можат да имаат поголем ефект ако се кажани во вистинскиот момент. Тоа важи и за нашите постапки. Исто како што е убаво да се слушне „збор кажан во право време“, така е убаво и ако подарокот е даден во вистинскиот момент или во соодветна прилика.

Некој пријател прави свадба, еден тинејџер наскоро ќе матурира, еден брачен пар очекува бебе — ова се само неколку прилики кога се даваат подароци. Некои луѓе си ги запишуваат датумите на ваквите посебни настани. Така имаат доволно време за да испланираат што да подарат во тие прилики. *

Се разбира, не значи дека треба да даваме подароци само во посебни прилики. Давањето може да ни носи радост во секое време. Сепак, мора да се биде внимателен. На пример, ако еден маж сака да ѝ подари нешто на една жена без никаков повод, таа би можела да заклучи дека тој се интересира за неа. Ако не сака да остави таков впечаток, треба да има на ум дека тој гест би можел да води до недоразбирања или проблеми. Тоа покажува колку е важно да се земе предвид уште еден фактор — мотивите.

Мотивите. Како што се гледа и од претходниот пример, важно е да размислиме дали има простор другиот погрешно да ги протолкува нашите мотиви. Од друга страна, пред да подариме нешто, треба и самите да си ги преиспитаме мотивите. Иако повеќето луѓе сметаат дека даваат подароци од исправни мотиви, многумина го прават тоа во одредени периоди од годината бидејќи мислат дека тоа се очекува од нив. Освен тоа, некои даваат подароци со надеж дека ќе добијат посебен третман од другите или, пак, дека ќе добијат нешто за возврат.

Што ќе ти помогне да даваш подароци од исправни мотиви? Во Библијата пишува: „Сѐ што правите, правете го со љубов“ (1. Коринќаните 16:14). Ако подаруваш затоа што ги сакаш другите и се грижиш за нив, тие веројатно ќе се радуваат на подарокот, а ќе бидеш радосен и ти. Освен тоа, кога даваме од срце,  се радува и нашиот небесен Татко. Апостол Павле ги пофалил христијаните од древниот Коринт што великодушно и радосно давале прилози за да им помогнат на своите соверници во Јудеја. Тој им рекол: „Бог го сака веселиот дарител“ (2. Коринќаните 9:7).

Она што го разгледавме во оваа статија може да ти помогне да ги радуваш другите со твоите подароци. Овие фактори, како и некои други, може да се забележат и од највредниот дар што Бог им го дал на луѓето. Следната статија објаснува кој е тој дар.

^ пас. 13 Многу луѓе даваат подароци и за родендени и празници. Но, во тие прослави честопати се вклучени работи што се спротивни на она што го учи Библијата. Види ја статијата „Читателите прашуваат... Дали христијаните треба да слават Божиќ?“ во ова списание.