Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 6, 2017

Најдобриот можен подарок е откупнината, бидејќи ни овозможува да добиеме вечен живот

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КОЈ Е НАЈДОБРИОТ ПОДАРОК?

Кој е најдобриот подарок?

Кој е најдобриот подарок?

„Секој добар дар и секој совршен подарок е одозгора, зашто слегува од Таткото на небесните светла“ (Јаков 1:17). Овој стих зборува за дарежливоста на нашиот небесен Татко, Јехова Бог. Меѓутоа, од многуте дарови што Бог им ги дава на луѓето, еден се издвојува. Кој е тој дар? Одговорот го дознаваме од зборовите на Исус кои се запишани во Јован 3:16: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“.

Тоа што Бог го дал својот единороден син е најдобриот подарок што би можеле да го добиеме, бидејќи нѐ ослободува од ропството на гревот, староста и смртта (Псалм 51:5; Јован 8:34). Колку и да се трудиме, со свои сили никогаш не би можеле да се ослободиме од тоа ропство. Затоа Бог, поттикнат од љубов, го направил тоа за нас. Со тоа што го дал како откупнина својот единороден Син, Исус Христос, Јехова Бог им дал можност на луѓето да живеат вечно. Но што, всушност, е откупнината? Зошто ни е неопходна? Како може да ни користи и нам лично?

Откупнина е цена што се плаќа за да се откупи нешто што било изгубено или заробено. Библијата вели дека нашите први родители, Адам и Ева, биле создадени како безгрешни, со можност да живеат засекогаш во рај на Земјата заедно со своите потомци (1. Мојсеева 1:26-28). За жал, тие го прокоцкале сето тоа — намерно не го послушале Бог и станале грешници. Со какви последици? Библијата вели: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Наместо да им пренесе совршен живот на своите потомци, Адам им пренел грев и смрт.

Вредноста на она што се дава како откупнина мора да биде еднаква на вредноста на она што треба да се откупи. Кога Адам одлучил да не го послуша Бог, тој направил грев и го изгубил својот совршен човечки живот. Библијата објаснува дека поради тоа сите негови потомци станале робови на гревот и на смртта. Затоа, како откупна жртва било потребно да се даде друг совршен човечки живот — животот на Исус — за да се овозможи ослободување од тоа ропство (Римјаните 5:19; Ефешаните 1:7). Така, благодарение на оваа откупнина која Бог со љубов ја дал, луѓето имаат можност да го добијат она што го изгубиле Адам и Ева — вечен живот во рај на Земјата (Откровение 21:3-5).

Имајќи на ум што сѐ се постигнува со откупнината, нема сомнение дека овој дар од Бог е најдобриот можен подарок. За да се увериме дека откупнината навистина е „совршен подарок“, да видиме на кој начин ги одразува истите работи што ги разгледавме во претходната статија, а кои ни помагаат и нам луѓето да избереме добар подарок.

Желбите. Луѓето имаат вродена желба да живеат вечно (Проповедник 3:11). Ние самите не можеме да ја задоволиме таа желба, но Бог може — преку откупнината. Во Библијата  пишува: „Платата за гревот е смрт, а дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господар“ (Римјаните 6:23).

Потребите. Ниеден човек не може да обезбеди откупнина за гревот. Библијата вели: „Никој не може да го откупи братот, и не може да му даде на Бог откуп за него“ (Псалм 49:7). Имало голема потреба Бог да направи нешто за да нѐ ослободи од ропството на гревот и смртта. Библијата вели: „[Луѓето] се прогласени за праведни затоа што се ослободени со откупнината што ја плати Христос Исус“ (Римјаните 3:23, 24).

Моментот. Од Библијата дознаваме: „Христос умре за нас уште додека бевме грешници“ (Римјаните 5:8). Тоа што откупнината била дадена во вистинскиот момент, односно „уште додека бевме грешници“, нѐ уверува дека Бог многу нѐ сака иако сме несовршени. А тоа ни дава и надеж за подобра иднина, иако моментално мора да ги трпиме последиците од гревот.

Мотивите. Библијата истакнува дека Бог го дал својот Син како откупна жртва од чисти и несебични мотиви. Во неа пишува: „Божјата љубов се покажа на нас во ова: Бог го испрати својот единороден Син во светот, за да добиеме живот преку него. Љубовта се состои во ова: не го сакавме ние Бог, туку тој нѐ сакаше нас“ (1. Јованово 4:9, 10).

Како може да покажеш дека го цениш најдобриот можен подарок? Како што видовме, во Јован 3:16 пишува дека ќе биде спасен секој што има вера. Според Библијата, „верата е цврста увереност дека ќе се случи она на кое се надеваме“ (Евреите 11:1). А за да бидеме уверени во нешто, мора да имаме точни сознанија. Затоа, те поттикнуваме да научиш нешто повеќе за Јехова Бог, оној што ни го дал тој „совршен подарок“, и да дознаеш што треба да правиш за да добиеш вечен живот на темел на откупната жртва на Исус.

Во тоа можат да ти помогнат библиските содржини кои се наоѓаат на www.jw.org/mk, а на располагање ти е и помошта од Јеховините сведоци. Додека дознаваш сѐ повеќе за најдобриот подарок од Бог, сигурно и ти ќе бидеш поттикнат да кажеш: „Му благодарам на Бог преку Исус Христос, нашиот Господар“ (Римјаните 7:25).