Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 6, 2017

Како изгледал Исус?

Како изгледал Исус?

Не знаеме како точно изгледал Исус затоа што никој не му направил портрет ниту скулптура. Сепак, низ вековите безброј уметници го прикажале во своите дела.

Се разбира, овие уметници не знаеле како изгледал Исус. Тие честопати биле под влијание на културата, верувањата или желбите на луѓето што го нарачале уметничкото дело. Затоа нивните слики или скулптури можат да пренесат искривено, па дури и сосема погрешно гледиште за Исус и за неговите учења.

Некои уметници го претставуваат Исус како слаб и изнемоштен човек со долга коса, ретка брада и тажен израз на лицето. Други го прикажуваат како натприроден лик со ореол околу главата или, пак, со отсутен поглед и без интерес за другите околу него. Дали таквите дела ни даваат точна слика за Исус? Како да го дознаеме тоа? Од помош може да ни биде Библијата — од она што го пишува во неа може да добиеме одредена претстава за изгледот на Исус. Тоа ќе ни помогне да имаме исправно гледиште за него.

„МИ ПОДГОТВИ ТЕЛО“

Овие зборови ги кажал Исус, очигледно во моментот кога се крстил (Евреите 10:5; Матеј 3:13-17). Како изгледало телото што Бог го подготвил за него? Околу 30 години претходно, ангелот Гавриел ѝ рекол на Марија: „Ќе забремениш и ќе родиш син... Син Божји“ (Лука 1:31, 35). Исус бил совршен, исто како Адам во почетокот (Лука 3:38; 1. Коринќаните 15:45). Затоа, сигурно бил добро граден, и најверојатно имал некои црти како мајка му, Марија, која била Еврејка.

За разлика од Римјаните, Исус имал брада бидејќи тоа било вообичаено за Евреите. Брадата била знак за достоинство и почит, и не требало да биде долга и неуредна. Без сомнение, Исус внимавал неговата брада и коса да бидат уредни. Само оние што биле назарејци, како Самсон, не си ја стрижеле косата (4. Мојсеева 6:5; Судиите 13:5).

Поголемиот дел од својот живот, Исус бил дрводелец (Марко 6:3). Тогаш немало современи алати како што има денес. Според тоа, мора да бил физички јак. Во една прилика на почетокот на својата служба, Исус без ничија помош ги истерал од храмот сите што продавале овци и говеда, им ги истурил парите на менувачите на пари и им ги испревртел масите (Јован 2:14-17). Потребна е сила за да се направи такво нешто. Исус го користел своето тело за да ја исполни задачата што ја добил од Бог. Тој рекол: „И на другите градови морам да им ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43). Тоа што Исус пешачел низ цела Палестина за да ја објавува таа вест покажува дека бил неверојатно издржлив.

„ДОЈДЕТЕ КАЈ МЕНЕ... И ЈАС ЌЕ ВЕ ЗАКРЕПНАМ“

Многумина што биле „изморени и оптоварени“ сакале да поминуваат време со Исус, меѓу другото, веројатно и поради неговиот пријатен израз на лицето и неговото убаво однесување (Матеј 11:28-30). Тоа што бил пријатен и љубезен покажува дека навистина сакал да ги закрепне оние што имаат желба да учат од него.  Дури и децата сакале да бидат со Исус. Библијата вели: „Ги зеде децата во прегратка“ (Марко 10:13-16).

Иако е точно дека Исус поминал низ голема душевна болка пред да умре, тој не бил меланхоличен, или постојано тажен. На пример, на една свадба во Кана ја претворил водата во вино, и со тоа придонел за веселбата (Јован 2:1-11). А за време на некои други опуштени прилики кажал важни и незаборавни поуки (Матеј 9:9-13; Јован 12:1-8).

Пред сѐ, радоста на Исус можела да се забележи од неговото проповедање бидејќи им зборувал на луѓето за прекрасната надеж за вечен живот (Јован 11:25, 26; 17:3). Кога 70 негови ученици се вратиле од проповедање и му раскажале како си поминале, тој бил многу радосен и им рекол: „Радувајте се што вашите имиња се запишани на небесата“ (Лука 10:20, 21).

„ВИЕ НЕ БИДЕТЕ ТАКВИ“

Верските водачи од времето на Исус правеле сѐ што можат за да привлечат внимание кон себе и да се истакнат со својот авторитет (4. Мојсеева 15:38-40; Матеј 23:5-7). За разлика од нив, Исус ги поучил апостолите да не господарат над другите (Лука 22:25, 26). Всушност, Исус ги предупредил: „Чувајте се од книжниците, кои сакаат да се шетаат во долги облеки, и сакаат да бидат поздравувани по плоштадите“ (Марко 12:38).

Исус воопшто не бил таков. Тој се движел меѓу народот, и во некои прилики луѓето не го ни препознале (Јован 7:10, 11). Според изгледот, тој не се издвојувал ни од своите 11 верни апостоли. Кога Јуда сакал да го предаде, требало да го бакне за да ѝ покаже на толпата кој е Исус (Марко 14:44, 45).

Што може да заклучиме од сето ова? Иако не знаеме многу детали, Исус очигледно не изгледал како што обично е прикажуван. Но, неговиот физички изглед не е најважното нешто. Многу поважно е каква улога има сега.

„УШТЕ МАЛКУ И СВЕТОТ ПОВЕЌЕ НЕМА ДА МЕ ВИДИ“

Неколку часа откако ги кажал овие зборови, Исус починал и бил погребан (Јован 14:19). Тој го дал својот живот како „откупнина за мнозина“ (Матеј 20:28). На третиот ден, Бог го оживеал Исус „во духот“, односно го воскреснал, и му дозволил „да им се појави“ на некои од учениците (1. Петрово 3:18; Дела 10:40). Како изгледал Исус тогаш? Веројатно доста поразлично од претходно бидејќи ни неговите најблиски ученици не го препознале веднаш. Марија Магдалена помислила дека тој е градинарот, а двајца ученици кои оделе кон Емаус помислиле дека е странец (Лука 24:13-18; Јован 20:1, 14, 15).

Како би требало да си го замислиме Исус денес? Повеќе од 60 години по смртта на Исус, апостол Јован добил виденија во кои бил самиот Исус. Во нив Јован не видел човек распнат на крст. Тој го видел Исус како „Цар над царевите и Господар над господарите“, кој наскоро ќе ги порази Божјите непријатели — демоните и злобните луѓе — и ќе му донесе вечни благослови на човештвото (Откровение 19:16; 21:3, 4).

Нешто повеќе

ОДГОВОР НА БИБЛИСКИ ПРАШАЊА

Дали Исус воскреснал во човечко или во духовно тело?

Библијата вели дека Исус бил „оживеан во духот“. Тогаш како можеле неговите ученици да го видат и да го допрат откако воскреснал?

ИСУС — ПАТОТ, ВИСТИНАТА И ЖИВОТОТ

Патот, вистината и животот

Учењата и делата на Исус за кои се зборува во евангелијата можат да ти го сменат животот.