Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 6, 2017

Како гледаш на грешките?

Како гледаш на грешките?

Дан и Маргарет * уживале во посетата на ќерка им со семејството. За таа убава прилика, Маргарет, која била професионален готвач во пензија, решила да направи еден специјалитет со макарони — омиленото јадење на нејзините двајца внуци.

Сите нестрпливо го чекале ручекот. Кога Маргарет го донела на масата и го кренала капакот, што да видиш — внатре само сос, а од макарони ни трага ни глас. Маргарет го заборавила најважното!

Без оглед на нашата возраст и искуство, сите правиме грешки. Можеби сме кажале нешто непромислено или сме направиле нешто во погрешно време. Или, пак, сме заборавиле да направиме нешто важно. Но, зошто доаѓа до грешки? Како да се справиме со нив? Можеме ли да ги избегнеме? За да добиеме одговор на овие прашања, да видиме како треба да гледаме на грешките.

КАКО ГЛЕДАМЕ НА ГРЕШКИТЕ НИЕ, А КАКО БОГ

Кога ќе направиме нешто добро, се радуваме ако добиеме пофалба и признание, бидејќи имаме чувство дека сме ги заслужиле. Слично на тоа, кога ќе направиме некоја грешка, дури и ако била ненамерна или никој не ја забележал, зарем не треба да ја признаеме? За да го направиме тоа, потребна е понизност.

Ако имаме превисоко мислење за себеси, можеби ќе се обидеме да ја намалиме сериозноста на грешката, да ја префрлиме вината на некој друг, па дури и да одрекуваме дека сме згрешиле. Но, тоа обично води кон полошо. Можеби проблемот сѐ уште не е решен, а би можел и неправедно да биде обвинет некој друг. Дури и ако во моментот сме успеале да ги избегнеме последиците, мора да бидеме свесни дека на крај „секој од нас ќе положи сметка за себе пред Бог“ (Римјаните 14:12).

Бог има исправно гледиште за грешките. Од библиската книга Псалми дознаваме дека тој е „милосрден и добар“ и дека „нема да наоѓа грешки за сите времиња, ниту ќе чувствува гнев довека“. Бог знае дека ние луѓето сме несовршени и имаме слабости, и „си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:8, 9, 14).

Како еден милосрден татко, Бог сака и ние, како негови деца, да гледаме на грешките како што гледа тој (Псалм 130:3). Во својата Реч, тој со љубов ни дал совети и упатства за да ни помогне полесно да се справиме со нашите грешки, како и со грешките на другите.

КАКО ДА СЕ СПРАВИМЕ СО ГРЕШКИТЕ

Кога некој ќе направи грешка, честопати се случува да троши многу време и енергија за да ја префрли вината на некој друг или за да го оправда она што го рекол или направил. Ако си повредил некого, зарем не би било подобро едноставно да му се извиниш, да се потрудиш да ги исправиш работите и да си го зачуваш добриот однос со него? Од друга страна, можеби  си направил нешто погрешно и со тоа си се довел во непријатна ситуација себе или некој друг или, пак, се создале поголеми проблеми. Наместо да се обвинуваш себеси или другите, зошто едноставно не се обидеш да ја поправиш штетата? Ако упорно не ја признаваш својата вина, најверојатно проблемот ќе трае подолго, па дури и ќе стане посериозен. Наместо тоа, учи од грешките, поправи го она што може да се поправи и продолжи понатаму.

Меѓутоа, кога некој друг ќе направи грешка, лесно би можеле да го осудиме и да му го покажеме тоа со нашето однесување. Колку би било подобро да го послушаме следниов совет на Исус Христос: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12). Дури и да си направил мала грешка, сигурно сакаш другите да покажат разбирање, па дури и воопшто да не обрнат внимание на она што се случило. Тогаш, зарем не би било убаво и ти да постапуваш така со другите? (Ефешаните 4:32).

ШТО ЌЕ НИ ПОМОГНЕ ДА ИЗБЕГНЕМЕ НЕКОИ ГРЕШКИ

Според еден речник, грешките се резултат на „погрешна проценка, недоволно знаење или невнимание“. Мора да признаеме дека одвреме-навреме секој човек може да згреши поради една или неколку од овие работи. Сепак, ќе правиме помалку грешки ако ги применуваме начелата од Библијата.

Едно начело се наоѓа во Изреки 18:13, каде стои: „Кој одговара пред да сослуша, тоа е за него глупост и срам“. Ако си одвоиме малку време за да ги ислушаме другите до крај и за да размислиме пред да одговориме, помали се шансите да кажеме или да направиме нешто избрзано и непромислено. Тоа што ќе се потрудиме да стекнеме целосна слика за работите ќе ни помогне да не дојдеме до погрешен заклучок, и да не направиме грешка.

Едно друго начело од Библијата гласи: „Колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18). Давај сѐ од себе за да бидеш мирољубив и лесен за соработка. Кога правиш нешто со другите, биди обѕирен, покажувај почит и труди се да ги пофалуваш и охрабруваш. Во една ваква атмосфера, непромислените зборови и постапки можеби нема да бидат сфатени пресериозно, а поголемите недоразбирања ќе може да се решат на пријателски начин.

Труди се да учиш од грешките. Наместо да си бараш изговори и оправдувања, гледај на грешките како на можност да стекнеш убави особини како, на пример, стрпливост, љубезност, самоконтрола, благост, мирољубивост и љубов (Галатите 5:22, 23). Исто така, размисли што треба да правиш за да не ја повториш истата грешка. Иако не е добро да си неодговорен, немој ни да се сфаќаш пресериозно. Добрата смисла за хумор без сомнение може да ја опушти напнатата ситуација.

КАКО НИ КОРИСТИ ИСПРАВНОТО ГЛЕДИШТЕ

Исправното гледиште за грешките ни помага успешно да се справиме со нив, како и да бидеме во мир со себе и со другите. Ако се трудиме да учиме од своите грешки, ќе станеме помудри и попријатни. Нема да паднеме во очај ниту, пак, ќе имаме лошо мислење за себе. А кога сфаќаме дека и другите се борат со своите грешки, се чувствуваме поблиски со нив. Што е уште поважно, грешките ни даваат прилика да се угледаме на Божјата љубов и да им простуваме на другите како што простува Бог (Колошаните 3:13).

Дали грешката на Маргарет, која ја спомнавме во почетокот, го уништила семејниот ручек? Воопшто не. Сите слатко се насмеале, особено Маргарет, и уживале во храната иако немало макарони! Со години подоцна, двајцата внуци им ја раскажале таа незаборавна случка на своите деца, потсетувајќи се на убавите спомени што ги имале со баба им и дедо им. А сѐ започнало со една грешка!

^ пас. 2 Имињата се сменети.