Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 6, 2016

Штрк

Што учиме од небесните птици

Што учиме од небесните птици

„Прашај ги небесните птици, и ќе ти објаснат. Од создавањето на светот, кој од нив не знае, дека Божјата рака го создаде сѐ тоа“? (Јов 12:7, 9, Превод на д-р Д. Х. Константинов).

ПРЕД повеќе од 3.000 години, верниот Јов сфатил дека можеме многу да научиме за Божјето творештво од птиците. Освен тоа, нивните карактеристики може одлично да послужат за споредби и метафори. Во Библијата честопати се спомнуваат птици, и преку нив добиваме важни поуки за животот и за нашиот однос со Бог. Да разгледаме неколку примери.

ТАМУ КАДЕ ШТО ЛАСТОВИЦИТЕ СИ ПРАВАТ ГНЕЗДА

Ластовица

За жителите на Ерусалим, ластовиците биле честа глетка. Овие птици обично ги прават своите гнезда под стреите на куќите и зградите. Некои ластовици си направиле гнезда во храмот што го изградил Соломон. Тие секоја година доаѓале на ова безбедно место каде што можеле мирно да ги одгледаат своите малечки.

Еден од синовите на Кореј, кој на секои шест месеци служел во храмот по една седмица, го напишал Псалм 84. Тој ги забележал ластовиците во храмот и посакал да биде како нив за да може постојано да живее во Јеховиниот дом. Восхитено рекол: „Колку е прекрасно твоето величествено живеалиште, Јехова над војските! Душава ми копнее и венее по Јеховините дворови... И птицата си наоѓа дом и ластовичката гнездо каде што ги лежи своите пилиња близу до твојот величествен жртвеник, Јехова над војските, Царе мој и Боже мој!“ (Псалм 84:1-3). Дали и ние, заедно со нашите деца, покажуваме слична желба редовно да се собираме со Божјиот народ, и дали ги цениме таквите прилики? (Псалм 26:8, 12).

ШТРКОТ ГО ЗНАЕ СВОЕТО ВРЕМЕ

„Штркот на небото го знае своето време“, напишал пророкот Еремија. Нему сигурно му било познато дека, во текот на својата преселба, штрковите прелетувале преку Ветената земја. Напролет биле изброени преку 300.000 бели штркови кои на својот пат од Африка до Северна Европа преминале преку Јорданската Долина. Нивниот биолошки часовник ги поттикнува да се вратат во својот крај, каде што во текот на летото ќе го подигнат своето потомство. Како и другите птици преселници, тие „се држат за времето кога треба да се вратат“ (Еремија 8:7).

„Вистинско чудо кај преселбата на птиците е тоа што е водена од инстинкт“, вели една книга (Collins Atlas of Bird Migration). На птиците преселници Јехова Бог им дал способност инстинктивно да знаат кое годишно време е, но на човекот му дал способност да разбере какви се времињата во кои живее (Лука 12:54-56). Иако мудроста на штркот е водена од инстинкт, ние луѓето мора да учиме за Бог и за неговите намери за да сфатиме што значат настаните што се случуваат во времето во кое живееме. Израелците во времето на Еремија не обрнале внимание на таквите знаци. Бог објаснил каде лежи проблемот кога рекол: „Ја отфрлија Јеховината  реч, па каква е тогаш нивната мудрост?“ (Еремија 8:9).

Денес гледаме многу докази дека живееме во времето што Библијата го нарекува „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1-5). Дали и ти, по примерот на штркот, забележуваш во кое време живееме?

ОРЕЛОТ ГЛЕДА НА ОГРОМНИ ДАЛЕЧИНИ

Орел

Орелот се спомнува многупати во Библијата. Неговата впечатлива силуета е позната сцена на небото над Ветената земја. Од своето гнездо сместено на високите карпи, орелот „бара храна, неговите очи гледаат далеку“ (Јов 39:27-29). Орелот има толку остар вид што може да забележи зајак на оддалеченост и од еден километар.

Исто како што орелот може да гледа на огромни далечини, така и Јехова може да гледа далеку во иднината. Затоа рекол: „Јас од почетокот го јавувам завршетокот, од дамнина го јавувам она што уште не било“ (Исаија 46:10). За наше добро е да ги слушаме советите од Јехова, кој е помудар од кој и да било друг и може да види што ќе се случи во иднина (Исаија 48:17, 18).

Во Библијата, со орел се споредени и луѓето што веруваат во Бог. „Оние што се надеваат на Јехова добиваат нова сила. Како орли се подигаат на крилја“, пишува во неа (Исаија 40:31). Орелот се издига во висините така што го користи топлиот воздух кој се крева нагоре во воздушни столбови. Кога ќе пронајде таков воздушен столб, тој ги раширува крилјата и почнува да лебди во кругови, издигајќи се сѐ повисоко. За да се вивне во висините или да прелета големи далечини, орелот не се потпира на својата сила. Слично на тоа, и оние што имаат доверба во Јехова можат да се потпрат на него бидејќи тој ветува дека ќе им даде „сила, која ја надминува нормалната“ (2. Коринќаните 4:7, 8).

„КАКО ШТО КВАЧКАТА ГИ СОБИРА СВОИТЕ ПИЛИЊА“

Квачка со пилиња

Кратко пред да умре, на патот што водел кон престолнината на Евреите, Исус запрел на едно место и погледнал кон градот. Со воздишка рекол: „Ерусалиме, Ерусалиме, ти кој ги убиваш пророците и ги каменуваш оние што се испратени кај тебе. Колкупати сакав да ги соберам твоите деца, како што квачката ги собира своите пилиња под крилјата! Но вие не сакавте“ (Матеј 23:37).

Еден од најсилните инстинкти кај птиците е желбата да го заштитат своето потомство. Птиците кои ги несат јајцата на земја како, на пример, квачките, мора да имаат остро око за да можат навреме да ја забележат опасноста. Кога квачката ќе забележи дека над неа кружи сокол, веднаш испушта гласен крик со кој им дава знак на пиленцата брзо да се скријат на безбедно под нејзините крилја. Таму малите пиленца наоѓаат засолниште и од жешкото сонце и од силниот дожд. Слично на тоа, на жителите на Ерусалим Исус сакал да им пружи засолниште и заштита во духовен поглед. Денес Исус и нам ни нуди поткрепа и заштита од секојдневните проблеми и тешкотии (Матеј 11:28, 29).

Навистина има што да се научи од птиците. Затоа, додека понекогаш ги набљудуваш, пробај да се сетиш на библиските споредби кои зборуваат за нив. Ластовицата нека ти помогне да имаш ценење за местата на кои го славиме Јехова. Надежта од Бог нека ти помогне да се издигнеш над проблемите како орел. Духовните вистини од Исус нека те штитат исто како што квачката ги штити своите пилиња. А штркот секогаш нека те потсетува да останеш свесен за значењето на светските настани кои се одигруваат во наше време.

Нешто повеќе

ДОБРА ВЕСТ ОД БОГ!

Како да се зближиш со Бог?

Дознај дали Бог ги слуша сите молитви, како да се молиме и на кој друг начин можеме да се зближиме со Бог.