Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 5, 2016

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КАДЕ ДА НАЈДЕШ УТЕХА?

Утеха во тешки времиња

Утеха во тешки времиња

Луѓето ги снаоѓаат најразлични тешкотии. Во оваа статија не можеме да ги опфатиме сите, но ќе се навратиме на оние четири примери што ги спомнавме претходно. Да видиме како некои луѓе што доживеале различни животни тешкотии пронашле вистинска утеха кај Бог.

КОГА НЕМАШ РАБОТА

„Научив да прифаќам секаква работа, и престанавме да трошиме пари за непотребни работи“ (Јонатан).

„Со жена ми останавме без работа во исто време“, кажува Сет. * „Две години моравме да преживуваме со парите што ќе ги добиевме од роднините или од некоја ситна работа. Како последица на тоа, жена ми, Присила, падна во депресија, а јас се чувствував безвредно.

Како се справивме со таа ситуација? Присила често се потсетуваше на зборовите што Исус ги кажал во Матеј 6:34. Тој рекол дека не треба да бидеме загрижени за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе си има свои грижи. А нејзините длабоки и искрени молитви ѝ дадоа сила да продолжи понатаму. Мене, пак, ме утешија зборовите од Псалм 55:22. Исто како псалмистот, му ги фрлив своите грижи на Јехова и ја почувствував неговата поткрепа. Иако моментално имам работа, се трудиме да живееме едноставно, според советот што го дал Исус во Матеј 6:20-22. Но, најважно од сѐ, сега се чувствуваме поблиски со Бог и еден со друг.“

Јонатан раскажува: „Кога ни пропадна малиот семеен бизнис, многу се загрижив за иднината. Поради економската криза, 20 години напорна работа отидоа во ветер. Почнавме да се расправаме со жена ми околу парите. Не можевме да купуваме ниту со кредитна картичка, затоа што се плашевме дека ќе ни биде одбиена.

Но, Божјата Реч и неговиот дух ни помогнаа да носиме добри одлуки. Научив да прифаќам секаква работа, и престанавме да трошиме пари за непотребни работи. Бидејќи сме Јеховини сведоци, утеха и помош добивме и од нашите соверници. Тие ни помогнаа да си ја вратиме самодовербата и ни пружија рака кога ни беше најтешко“.

 АКО ТВОЈОТ БРАК ПРОПАДНАЛ

„Кога маж ми неочекувано ме напушти, бев лута и повредена“, се присетува Ракел. „Ме обзеде чувство на ужасна тага. Но, станав уште поблиска со Бог, и тој ме утеши. Секој ден му се молев и чувствував душевен мир. Како тој да го излекува моето скршено срце.

Благодарение на Божјата Реч, Библијата, успеав да ги победам лутината и огорченоста. Ги послушав зборовите на апостол Павле запишани во Римјаните 12:21: ,Не дозволувај да те надвладее злото, туку надвладеј го злото со добро!‘

„Има време кога мора да се помириме со загубата... Сега сум сконцентрирана на многу други работи што сакам да ги правам“ (Ракел).

Еден добар пријател ми помогна да сфатам дека мора да продолжам со животот. Ми ги покажа зборовите од Проповедник 3:6 и љубезно ми рече дека има време кога мора да се помириме со загубата. Не ми беше лесно да го прифатам тој совет, но знаев дека е во право. Сега сум сконцентрирана на многу други работи што сакам да ги правам.“

„Кога бракот ќе ти пропадне, ти треба поддршка“, вели Елизабет. „Имав една добра пријателка која беше тука за мене секогаш кога ќе ми требаше. Таа плачеше со мене, ме тешеше и ми помогна да се чувствувам сакана, а не отфрлена. Уверена сум дека преку неа Јехова ми ги излекува емоционалните рани.“

КОГА БОЛЕСТА И СТАРОСТА ЌЕ ПРИТИСНАТ

„По секоја молитва чувствувам дека Божјиот дух ми дава нови сили“ (Луис).

Луис, кој беше цитиран во првата статија, има тешко срцево заболување, и во две прилики за малку ќе умрел. Сега мора 16 часа дневно да биде поврзан со апарат за кислород. Тој вели: „Постојано му се молам на Јехова. И по секоја молитва чувствувам дека Божјиот дух ми дава нови сили. Бидејќи имам вера во Бог и знам дека се грижи за мене, молитва ми дава додатна сила да продолжам понатаму“.

Петра, која е во своите 80-ти години, вели: „Сакам да правам многу работи, ама едноставно не можам. Многу ми е тешко кога гледам дека полека ја губам силата. Постојано се чувствувам исцрпено и морам да пијам многу лекови. Често помислувам на ситуацијата кога Исус го молел својот Татко, ако е можно, да го поштеди од една тешкотија. Но, наместо тоа Јехова му дал сила да издржи, исто како што ми дава и мене. Молитвата ми е како лек. Не поминува ден а да не му се  помолам на Бог, и по секоја молитва се чувствувам подобро“ (Матеј 26:39).

Хулијан, кој веќе 30 години се бори со мултиплекс склероза, вели: „Наместо на менаџерската столица, сега седам во инвалидска количка. Но, наоѓам смисла во животот затоа што сум посветен на она што можам да го правам за другите. Кога им помагаме на другите, нашата болка се ублажува. Освен тоа, Јехова нѐ зајакнува секогаш кога е потребно, токму како што ветил. Исто како апостол Павле, и јас можам од срце да кажам: ,Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила‘“ (Филипјаните 4:13).

КОГА ЌЕ ДОЖИВЕЕШ ЗАГУБА

„Кога татко ми почина од сообраќајна несреќа, отпрвин не можев да поверувам“, се сеќава Антонио. „Ми изгледаше како неправда бидејќи тој беше само еден невин пешак. Но, не можев да сменам ништо. Беше во кома пет дена, и потоа умре. Некако успевав да не плачам пред мајка ми, но кога ќе останев сам тагата ме совладуваше. ,Зошто? Зошто?‘, се прашував постојано.

Во текот на тој ужасен период, многу го молев Јехова да ми помага да си ги контролирам чувствата и да ми дава мир. Малку по малку почнав да се смирувам. Се сетив дека на секого од нас може да му се случи нешто непредвидено, како што пишува во Библијата. Бидејќи Бог не може да лаже, уверен сум дека повторно ќе го видам татко ми кога ќе воскресне“ (Проповедник 9:11; Јован 11:25; Тит 1:2).

„Иако авионската несреќа го одзеде животот на нашиот син, ни останаа многу убави спомени од времето кога беше со нас“ (Роберт).

И Роберт, кого го спомнавме во воведната статија, доживеал нешто слично. Тој вели: „Благодарение на молитвите до Јехова, јас и жена ми го почувствувавме внатрешниот мир за кој се зборува во Филипјаните 4:6, 7. Токму тој мир ни помогна да зборуваме со новинарите за нашата надеж во воскресение. Иако авионската несреќа го одзеде животот на нашиот син, ни останаа многу убави спомени од времето кога беше со нас. Се трудиме да мислиме на тие моменти.

Кога некои соверници ни рекоа дека сме биле многу смирени кога на телевизија зборувавме за нашата надеж, им рековме дека тоа мора да се должи на многуте молитви од другите за нас. Сигурен сум дека Јехова ни даваше сила и преку огромниот број утешни пораки“.

Како што видовме од наведените искуства, Бог може да им пружи утеха на сите луѓе, без разлика на нивните проблеми и тешкотии. А како е со тебе? Без оглед на тоа со каква неволја ќе се соочиш во животот, имај на ум дека во секое време можеш да најдеш вистинска утеха што ќе ти помогне да издржиш во тешките ситуации. * Зошто не му се обратиш на Јехова за помош? Тој е „Богот на секоја утеха“ (2. Коринќаните 1:3).

^ пас. 5 Некои имиња во оваа статија се сменети.

^ пас. 23 Ако сакаш некој да ти помогне да станеш поблизок со Бог и да ја почувствуваш неговата утеха, можеш да им се обратиш на Јеховините сведоци во твоето место или да пишеш до нивната подружница во твојата земја.