Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 5, 2016

 УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА | ДАВИД

„Битката е на Јехова“

„Битката е на Јехова“

ДАВИД едвај успевал да остане на нозе поради војниците кои се туркале во него брзајќи да го одминат. Тие бегале од бојното поле, а нивните широко отворени очи биле полни со страв. Што ги исплашило толку многу? Којзнае колкупати Давид ги слушнал како преплашено изговараат еден збор — името на некој човек. Давид продолжил понатаму, и тогаш и самиот го видел — среде долината гордо стоел веројатно најголемиот човек што некогаш го имал видено!

Голијат! Сега му било јасно зошто војниците биле толку исплашени. Голијат навистина бил огромен. Дури и без својот масивен оклоп, веројатно тежел повеќе од двајца крупни мажи. Но, тој бил добро вооружен, а освен тоа бил необично силен и искусен војник. Голијат ја предизвикал израелската војска. Замисли си како неговиот длабок и силен глас одекнува низ ридовите додека ја исмејува војската на Израел и нивниот цар, Саул. Подбивно барал некој да истапи од редовите и да се бори со него гради в гради за да се одреди победникот во војната (1. Самоилова 17:4-10).

Израелците плашливо се криеле. Дури и цар Саул се криел. Давид дознал дека тоа траело повеќе од еден месец! Двете војски, и филистејската и израелската, не мрдале од својата позиција, а Голијат секој ден го повторувал истиот предизвик. Ова многу го разочарало Давид. Колкаво понижување било тоа што израелскиот цар и неговите војници, меѓу кои биле и тројца од постарите браќа на Давид, се треселе од страв пред Голијат! Според Давид, освен што ја понижувал војската на Израел, овој безбожник правел нешто многу полошо — го навредувал Богот на Израел, Јехова! Но, што можел да стори Давид, едно обично момче? И што може да научиме од неговата вера? (1. Самоилова 17:11-14).

„ПОМАЖИ ГО, ЗАШТО ТОА Е ТОЈ!“

Да се вратиме неколку месеци наназад. Ноќта тивко се спуштала додека Давид ги чувал овците на својот татко на падините близу Витлеем. Давид бил убаво градено момче, најверојатно во своите тинејџерски години, со румено лице и со убави, проникливи очи. Кога се одморал, тишината околу него ја разбивал со звуците на својата харфа. Инспириран од убавината на сето она што Бог го создал, Давид уживал во моментите кога свирел на својот инструмент, и така станувал сѐ повешт во својата дарба. Но, оваа вечер, татко му го викнал веднаш да дојде дома (1. Самоилова 16:12).

Кога Давид стигнал дома, неговиот татко, Јесеј, зборувал со еден постар човек. Тоа бил верниот пророк Самоил. Јехова го испратил да помаза еден од синовите на Јесеј за следен цар на Израел. Самоил веќе ги видел седумте постари браќа на Давид, но Јехова јасно му кажал дека не избрал ниту еден од нив. Кога дошол Давид, Јехова му рекол на Самоил: „Помажи го, зашто тоа е тој!“ Пред сите браќа на Давид, Самоил отворил еден шуплив рог полн со посебно приготвено масло и излеал од него врз главата на Давид. Од тој ден, животот на Давид потполно се сменил. Библијата вели: „Јеховиниот дух дојде на Давид и од тој ден остана на него“ (1. Самоилова 16:1, 5-13).

Давид понизно му ја припишал на Јехова заслугата за тоа што ги совладал дивите ѕверови

Дали Давид веднаш почнал желно да го посакува царството? Не, тој бил спремен да чека  Јехова, со својот свет дух, да му покаже кога е време да добие поголеми одговорности. Во меѓувреме, тој скромно продолжил да ги пасе овците на својот татко. Тоа го правел со голема посветеност и храброст. На пример, во две прилики стадото се нашло во голема опасност, еднаш од лав и еднаш од мечка. Наместо само да проба да ги избрка овие грабливци оддалеку, Давид храбро скокнал да се бори со нив за да ги спаси беспомошните овци на својот татко. И едниот и другиот пат, тој со голи раце ги убил овие крволочни ѕверки (1. Самоилова 17:34-36; Исаија 31:4).

По некое време, Давид повторно бил повикан, овојпат во царскиот дворец. Гласот за него стигнал до ушите на цар Саул. Иако Саул сѐ уште бил добар воин, Јехова го отфрлил како цар бидејќи постапил спротивно на неговите упатства. Бидејќи Јехова го повлекол својот дух од Саул, царот честопати бил обземан од лош дух и тогаш станувал гневен, сомничав и насилен. Во таквите моменти го опуштала музиката. Некои од луѓето на Саул слушнале дека Давид знае убаво да свири на харфа и дека е храбар борец. Затоа Саул испратил гласници по Давид, и тој набрзо станал еден од неговите дворски музичари и штитоносци (1. Самоилова 15:26-29; 16:14-23).

Особено младите денес можат многу да научат од верата на Давид. Забележи дека тој го исполнувал слободното време со активности што го зближувале со Јехова. Освен тоа, стрпливо развивал работни вештини што го оспособиле на многу полиња. Но, најважно од сѐ, дозволил да го води Јеховиниот свет дух. Давид навистина е извонреден пример! (Проповедник 12:1).

„НИКОМУ НЕКА НЕ МУ МАЛАКСА СРЦЕТО“

Иако му служел на Саул, Давид честопати се враќал дома за да ги чува овците, понекогаш и на подолг период. Во еден таков период, Јесеј го испратил Давид да види како се неговите тројца постари синови кои служеле во војската на Саул. Давид го послушал својот татко и, откако зел сѐ што требало да им однесе на своите браќа, тргнал кон долината Ила. Кога стигнал таму, ја затекнал ситуацијата што беше опишана во почетокот. Се зачудил што двете војски стоеле улогорени една спроти друга на падините од широката долина без никој да започне битка (1. Самоилова 17:1-3, 15-19).

Во очите на Давид, она што се случувало било неприфатливо. Како смеела војската на живиот Бог, Јехова, преплашено да бега од еден обичен човек, а згора на тоа и безбожник? За Давид, навредите на Голијат биле упатени директно до Јехова. Затоа, веднаш почнал да ги убедува војниците дека треба да му се спротивстават на Голијат. По кратко време, Елијав, неговиот најстар брат, слушнал што вели Давид. Тој строго го прекорил и го обвинил дека дошол само за да ја гледа битката. Но, Давид му одговорил: „Што сум направил сега? Само прашав!“ Потоа решително продолжил да ги уверува другите дека можат да го победат Голијат. Тие зборови стигнале и до цар Саул, кој наредил да го доведат Давид кај него (1. Самоилова 17:23-31).

Давид го охрабрил царот, и во врска со Голијат му рекол: „Никому нека не му малакса срцето“. На Саул и на неговите војници срцето навистина им било скаменето од страв. Можеби направиле една грешка својствена за луѓето и се споредиле себеси со тој огромен човек. Се замислиле  покрај овој џин кому едвај му стигале до појасот или до градите и сфатиле дека може да ги среди пред да трепнат. Но, Давид не размислувал како нив. Како што ќе видиме, тој на проблемот гледал од сосема поинаква перспектива. Затоа се понудил тој да се бори со Голијат (1. Самоилова 17:32).

Саул му рекол: „Не можеш ти да одиш против тој Филистеец и да се бориш со него, зашто ти си уште дете, а тој е воин од својата младост“. Дали Давид навистина бил дете? Не. Сепак, бил премлад за да ѝ се придружи на војската, а можеби и изгледал младолико. Но, Давид бил храбар јунак и во тоа време веројатно бил во доцните тинејџерски години (1. Самоилова 16:18; 17:33).

За да го убеди дека може да се бори, Давид му раскажал на Саул како убил лав и мечка. Дали тоа било фалење? Не. Давид добро знаел зошто успеал да ги победи овие животни. Тој рекол: „Јехова, кој ме избави од шепите на лавот и на мечката, ќе ме избави и од рацете на тој Филистеец!“ Најпосле, Саул рекол: „Оди, и Јехова нека биде со тебе!“ (1. Самоилова 17:37).

Би сакал ли и ти да имаш силна вера како Давид? Забележи дека верата на Давид не била фантазија. Неговата вера во Бог се темелела на знаење и на искуство. Знаел дека Јехова со љубов се грижи за своите слуги и дека секогаш си стои на зборот. Ако сакаме и ние да стекнеме таква вера, мора и понатаму да учиме за Богот за кој зборува Библијата. А ако живееме според она што го учиме, добрите резултати што ќе следат уште повеќе ќе ни ја зајакнат верата (Евреите 11:1).

„ЈЕХОВА ЌЕ ТЕ ПРЕДАДЕ ВО МОИ РАЦЕ“

Отпрвин, Саул му ја дал на Давид својата воена опрема. Таа била многу слична на опремата што ја носел Голијат. Била направена од бакар и веројатно вклучувала голем оклоп со метални лушпи што се преклопуваат. Но, Давид едвај можел да мрда со таа тешка и неудобна опрема. Бидејќи немал воена обука, не бил навикнат да носи оклоп, особено не оклопот на Саул, највисокиот човек меѓу Израелците (1. Самоилова 9:2). Затоа го извадил од себе и наместо него го облекол она на што бил навикнат — облеката со која лесно можел да се движи додека го штител своето стадо (1. Самоилова 17:38-40).

Давид ја префрлил својата овчарска торба преку рамото, а во раката ја зел својата праќа. На прв поглед, праќата можеби не остава впечаток, но таа била моќно оружје. Направена од две долги кожни ремчиња поврзани со мало парче кожа или платно, таа била одлично оружје за еден пастир. Во парчето кожа пастирот ставал камен и потоа со голема брзина ја вртел праќата над својата глава. Потоа го испуштал едното ремче, при што каменот излетувал со неверојатна брзина, прецизно погодувајќи ја целта. Ова оружје било толку ефикасно што војските понекогаш имале цели единици од фрлачи со праќа.

Вака опремен, Давид се упатил кон својот непријател. Сигурно многу се молел додека одел кон сувото речно корито во долината. Откако од него избрал пет мали, мазни камења, храбро излегол на бојното поле, и тоа трчајќи!

Што помислил Голијат кога го видел својот противник? Во извештајот читаме: „Го погледна со презир, зашто уште беше дете, румен и со прекрасна става“. Голијат извикал: „Зар сум куче, па доаѓаш против мене со стапови?“ Очигледно, Голијат видел дека Давид носи стап, но не видел дека носи и праќа. Тогаш почнал да го колне во името на своите богови и самоуверено да тврди дека неговото мртво тело ќе им го даде на птиците и на полските ѕверови (1. Самоилова 17:41-44).

До ден-денес, одговорот на Давид е извонреден доказ за вера. Замисли си како ова младо момче му вели на Голијат: „Ти доаѓаш против мене со меч, со долго и со кратко копје, а јас доаѓам против тебе во името на Јехова над војските, Богот на четите на Израел, кому ти му се потсмеваше“. Давид знаел дека човечката сила и опрема не вредат многу. Голијат покажал непочитување кон Јехова Бог, а тој немало да премине преку навредата. Затоа Давид рекол: „Битката е на Јехова“ (1. Самоилова 17:45-47).

Се разбира, Давид бил свесен дека Голијат е огромен човек и дека носи смртоносно оружје. Сепак, не дозволил тоа да го исплаши. Не ја направил истата грешка како Саул и неговите војници. Давид не се споредил себеси со Голијат.  Наместо тоа, го споредил Голијат со Јехова. Иако бил висок околу 2,9 метри и се издигал како кула над својот штитоносец, Голијат бил ништо во споредба со Јехова, Севишниот владетел на вселената. За Јехова, Голијат бил како ситен инсект кој лесно можел да го згази.

Давид се стрчал кон својот непријател и од торбата извадил еден камен. Го наместил на праќата и почнал да ја врти над главата додека замавнувањето не почнало да го сече воздухот со остар звук. И Голијат се приближувал кон Давид, веројатно стоејќи зад својот штитоносец. Во овој случај, висината на Голијат повеќе била недостаток отколку предност, бидејќи еден штитоносец со просечна висина тешко дека можел да го држи штитот доволно високо за да му ја заштити главата. А токму таа била целта на Давид (1. Самоилова 17:41).

Давид знаел дека и еден голем џин е ништо во споредба со Јехова Бог

Давид го отпуштил каменот. Замисли си ја тишината што владеела додека каменот летал кон целта. Без сомнение, Јехова се погрижил Давид да биде доволно прецизен за да не мора да гаѓа по вторпат. Каменот се забил токму таму каде што требало, во челото на Голијат. Големиот воин се срушил на земјата. Штитоносецот веројатно преплашено побегнал. Тогаш Давид дошол до Голијат, го зел неговиот меч и му ја отсекол главата (1. Самоилова 17:48-51).

Конечно, Саул и неговите војници собрале храброст. Со силен воен извик, се стрчале кон Филистејците. Битката завршила токму онака како што Давид му рекол на Голијат: „Јехова... [сите] ќе ве предаде во наши раце“ (1. Самоилова 17:47, 52, 53).

Денес, Божјите слуги не учествуваат во војни. Тие времиња се минато (Матеј 26:52). Сепак, многу е важно да се угледаме на верата на Давид. Јехова мора и нам да ни биде реална личност — мора да ни биде единствениот Бог кому ќе му служиме и кон кого ќе имаме страхопочит. Можеби понекогаш се чувствуваме мали во споредба со големината на нашите проблеми. Но, колку и да се големи, Јеховината неограничена моќ е далеку поголема од нив. Ако го избереме Јехова за свој Бог и ако имаме вера во него како што имал Давид, ниту една тешкотија или проблем нема да нѐ исплаши. Ништо не може да го спречи Јехова да извојува победа!