Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 4, 2017

Островот Праслин (Сејшелите), кој во 1881 год. генералот Гордон го нарекол рајска градина

Рај на Земјата — дали е само сон?

Рај на Земјата — дали е само сон?

Многу луѓе би сакале да отпатуваат на некое далечно рајско место каде што ќе заборават на сите грижи и проблеми. Сепак, дури и да заминат на еден таков одмор, кога ќе се вратат дома, ги чекаат истите проблеми и обврски.

Како и да е, зборот „рај“ кај многумина создава посебно чувство. Затоа, на место е да се прашаме: Дали рајот е само еден убав сон? Зошто толку многу луѓе се восхитени од оваа идеја? Можно ли е некогаш навистина да има рај на Земјата?

ИДЕЈАТА ЗА РАЈ

Низ вековите, луѓето многу ги интересирало дали некогаш постоела рајска градина. Многумина се заинтересирале за оваа тема поради она што го вели Библијата — дека имало „градина во Еден, кон исток“. Што било посебно во врска со таа градина? Извештајот продолжува: „Јехова Бог направи да никнат од земјата секакви дрвја привлечни за гледање и добри за јадење“. Таа градина била многу пријатно и убаво место, а особено впечатливо било „дрвото на животот среде градината“ (1. Мојсеева 2:8, 9).

Исто така, од извештајот од 1. Мојсеева дознаваме дека од градината истекувале четири реки. Две од нив се познати и денес — Тигар (или Хидекел) и Еуфрат (1. Мојсеева 2:10-14, фуснота). Овие две реки се влеваат во Персискиот Залив, минувајќи низ подрачјето на денешен Ирак кое во минатото било дел од античка Персија.

Затоа е разбирливо што идејата за рај на Земјата зазема значаен дел во персиското културно наследство. На еден персиски килим од 16 век, кој се наоѓа во еден музеј во САД (Philadelphia Museum of Art), е прикажана оградена градина полна со дрвја и цвеќиња. Персискиот збор за „оградена градина“ исто така значи и „рај“, а она што може да се види на килимот потсетува на библискиот опис за прекрасната рајска градина во Еден.

Всушност, во многу култури и јазици низ целиот свет се раскажуваат разни приказни за рајот. Во минатото, кога луѓето се населиле на различни делови на Земјата, со себе го понеле и она што го знаеле за рајот. Како што изминувале вековите, секоја од тие приказни малку по малку се изменила поради влијанието на верувањата и легендите кои се развиле локално. Дури и денес, луѓето од разни делови од светот обично ги нарекуваат „рај“ местата со впечатлива природна убавина.

ПОТРАГАТА ПО РАЈ

Некои истражувачи тврделе дека го пронашле изгубениот рај. На пример, кога британскиот генерал Чарлс Гордон ги посетил Сејшелите во 1881 год. бил толку импресиониран од убавината на местото Вали де Меј — кое сега е дел од светското наследство — што го прогласил за „рајската градина Еден“. Во 15 век, италијанскиот морепловец Кристофер Колумбо мислел дека е многу близу до откривањето на градината Еден кога стигнал на островот Хиспаниола, на кој денес се наоѓаат Доминиканската Република и Хаити.

Една книга по историја содржи информации за повеќе од 190 древни мапи (Mapping Paradise). На многу од нив се прикажани Адам и Ева во рајската градина Еден. Во оваа книга може да се најде и една необична мапа која е дел од ракописот на Беат од Лиебан кој датира од 13 век. На горниот дел од мапата има мал правоаголник на кој во средината е означен рајот. Оттаму течат четири реки, наречени „Тигар“, „Еуфрат“, „Фисон“ и „Геон“, кои завршуваат во секој од четирите агли, наводно претставувајќи го ширењето на христијанството кон сите четири  краеви на Земјата. Ваквите прикази покажуваат дека, иако денес не е познато каде точно се наоѓал првобитниот рај, луѓето не престанале да се интересираат за него.

Џон Милтон, англиски поет од 17 век, е познат по својата поема Загубениот рај, која се темели на извештајот од 1. Мојсеева во кој се опишани гревот на Адам и истерувањето од рајската градина. Во неа го нагласил ветувањето дека рајот на Земјата ќе биде обновен. Тој напишал: „И тогаш целата Земја ќе стане рај“. Милтон подоцна напишал и продолжение на таа поема, со наслов Обновениот рај.

СЀ ПОМАЛ ИНТЕРЕС

Без сомнение, идејата за изгубениот рај на Земјата била многу интересна тема за луѓето низ вековите. Но, зошто денес не е толку популарна? Главно затоа што „теолозите... свесно и намерно ја игнорираат темата за рај на Земјата“ (Mapping Paradise).

Повеќето луѓе што одат во црква се поучувани дека еден ден ќе живеат на небото, а не во рај на Земјата. Меѓутоа, во Псалм 37:29, Библијата вели: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“. Бидејќи денес Земјата е далеку од рај, има ли надеж дека тоа ветување некогаш ќе се исполни? *

МОЖНО ЛИ Е ЦЕЛАТА ЗЕМЈА ДА СТАНЕ РАЈ?

Јехова Бог, кој го создал првобитниот рај, ветил дека повторно ќе го врати она што било изгубено. Како? Исус нѐ поучил да се молиме: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Ова Царство е небесна влада на чело со Исус Христос која ќе го замени човечкото владеење (Даниел 2:44). Под власта на оваа влада ќе се исполни Божјата волја, и целата Земја ќе стане рај.

Уште многу одамна, под водство на Божјиот дух, Исаија опишал каков ќе биде животот на Земјата кога ќе се исполни ветувањето дека таа ќе стане рај и дека ќе исчезнат сите грижи што го мачат човештвото денес (Исаија 11:6-9; 35:5-7; 65:21-23). Зошто не одвоиш малку време за да ги прочиташ овие стихови од твојата Библија? Така лично ќе се увериш дека Бог подготвил нешто многу убаво за луѓето во иднина. Сите што ќе живеат тогаш ќе го имаат она што го изгубил Адам — живот во рајски услови и пријателство со Бог (Откровение 21:3).

Зошто може да бидеме сигурни дека надежта за рај на Земјата не е само сон? Затоа што Библијата вели: „Небесата му припаѓаат на Јехова, а земјата им ја дал на синовите човечки“. Тоа го ветил „Бог, кој не може да лаже“ (Псалм 115:16; Тит 1:2). Колку прекрасна надеж за иднината ни дава Библијата — вечен живот во прекрасен рај!

^ пас. 15 Интересно е тоа што во Коранот, во Ел-Енбија [21]:105 пишува: „Земјата Моите добри робови ќе ја наследат“.