Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 4, 2016

 БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

Успеав после многу падови

Успеав после многу падови
  • РОДЕН: 1953

  • ЗЕМЈА: АВСТРАЛИЈА

  • НЕКОГАШ: ЗАВИСНИК ОД ПОРНОГРАФИЈА

МОЕТО МИНАТО:

Во 1949 год. татко ми се преселил од Германија во Австралија. Таму барал работа во рудниците и во електраните, и се населил во руралниот дел на државата Викторија. Потоа се оженил со мајка ми, а во 1953 год. сум се родил јас.

По само неколку години, мајка ми почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Затоа, библиските учења се дел од моите најрани сеќавања. Но, татко ми беше против сите религии. Стана груб и насилен, и мајка ми многу се плашеше од него. Сепак, таа продолжи тајно да ја проучува Библијата и да ги прифаќа нејзините учења. Кога татко ми не беше дома, мене и на сестра ми ни раскажуваше што научила. Ни кажа дека во иднина на Земјата ќе има рај и дека ќе бидеме среќни ако живееме онака како што кажува Библијата (Псалм 37:10, 29; Исаија 48:17).

Кога имав 18 години, морав да си заминам оддома бидејќи татко ми стана премногу насилен. Верував во она што мајка ми ми го кажуваше од Библијата, но не сфаќав колку многу вреди. Затоа не живеев според тоа. Почнав да работам како електричар во рудниците за јаглен. На 20 години се оженив. По три години се роди нашата ќерка, што ме натера одново да размислам што ми е важно во животот. Бидејќи знаев дека Библијата може да ни биде од голема помош за семејството, почнав да ја проучувам со еден Јеховин сведок. Но, жена ми не ги сакаше Јеховините сведоци. Откако отидов на еден состанок, таа ми рече да бирам — или Библијата или семејството. Се чувствував немоќно, и затоа попуштив на нејзините барања и прекинав да контактирам со Јеховините сведоци. Подоцна многу зажалив што не се борев за она што знаев дека е исправно.

Еден ден, колегите на работа ми покажаа порнографски материјал. Тоа што го видов ми беше истовремено и привлечно и одвратно, и ми остави огромно чувство на вина. Се сетив на она што го имав научено од Библијата, и си реков дека Бог сигурно ќе ме казни. Но, бидејќи колегите почнаа сѐ почесто да ми покажуваат неморални слики, мојот став кон порнографијата почна да се менува. Со текот на времето станав зависник од порнографија.

 Следните 20 години сѐ повеќе се оддалечував од она на што ме поучуваше мајка ми. Работите со кои си го полнев умот почнаа да влијаат врз моето однесување. Се изразував вулгарно и користев непристоен хумор. Стекнав искривено гледиште за сексот. Иако сѐ уште живеев со жена ми, имав врски и со други жени. Еден ден се погледнав во огледало и си реков: „Те мразам“. Мојата самопочит се намали до тој степен што почнав да се гадам од себеси.

Бракот ми се распадна, а животот ми беше хаос. Тогаш му се помолив на Јехова од дното на душата. Иако поминаа 20 години откако прекинав да ја проучувам Библијата, решив повторно да почнам. Во меѓувреме умре татко ми, а мајка ми се крсти како Јеховин сведок.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ:

Мојот начин на живот и праведните библиски мерила беа како небо и земја. Но, овојпат бев цврсто решен да го стекнам внатрешниот мир за кој зборува Библијата. Одлучив да престанам да зборувам вулгарно и да не избувнувам. Исто така, решив повеќе да не живеам неморално, да престанам да се коцкам, да не се опивам и да не крадам од мојот работодавач.

Колегите не можеа да разберат зошто сакав да направам толку големи промени во животот. Три години на секој можен начин се обидуваа да ме вратат на старото. Ако направев и најмал пропуст, на пример, ако избувнев или кажев некој лош збор, ќе извикнеа: „А-ха! Ете го стариот Џо“. Тие зборови многу ме болеа. Често си мислев дека сум изгубен случај.

На работа, на сите страни имаше порнографски материјал, и во електронски и во печатен облик. На колегите им беше најнормално да си праќаат неморални слики преку компјутер, како што претходно правев и јас. Колку повеќе се борев да ја победам мојата зависност, толку повеќе другите ми отежнуваа. Решив да поразговарам со оној со кого ја проучував Библијата за да ми даде некој совет и да ме охрабри. Искрено му кажав сѐ што ме мачеше, а тој стрпливо ме слушаше. Потоа ми прочита неколку библиски стихови за да ми помогне да се изборам со мојата зависност, и ме охрабри постојано да го молам Јехова за помош (Псалм 119:37).

Еден ден, ги повикав сите мои колеги. Кога се собраа, им реков да им дадат пиво на двајца колеги што беа алкохоличари. Сите од групата почнаа да се бунат: „Како можеш така? Знаеш дека се борат со зависност!“ Тогаш им реков: „Да, знам. Исто како и јас“. Од тој ден, сфатија дека навистина сакам да се изборам со зависноста од порнографија, и повеќе не ме ставаа под притисок да го правам она што го правев порано.

Со текот на времето и со голема помош од Јехова, успеав да ја победам мојата зависност од порнографија. Во 1999 год. се крстив како Јеховин сведок. Бев преблагодарен за тоа што добив втора шанса да живеам пристојно и среќно.

Сега ми е јасно зошто Јехова ги мрази работите што јас долго време ги сакав. Како грижлив Татко, тој сакаше да ме заштити од штетата што ја нанесува порнографијата. Сфатив колку се точни зборовите од Изреки 3:5, 6. Таму пишува: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“. Моралните мерила од Библијата не ми беа само заштита туку и сигурен пат до посреќен живот (Псалм 1:1-3).

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА:

Порано се гадев од себеси, но сега имам самопочит и внатрешен мир. Водам чист морален живот и чувствувам дека Јехова ми простил и дека продолжува да ми помага. Во 2000 год. се оженив со Каролин, која го сака Јехова исто колку и јас, што многу ме радува. И двајцата уживаме во нашиот заеднички живот. Голема чест ни е што сме дел од едно меѓународно братство во кое сите водат чист морален живот и покажуваат христијанска љубов.