Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 4, 2016

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | БИБЛИЈАТА — КАКО БИЛА ЗАЧУВАНА?

Библијата ги издржала нападите од противниците

Библијата ги издржала нападите од противниците

ЗАКАНА: Многу политички и верски лица имале цели што биле во судир со пораката од Библијата. Честопати, својот авторитет го користеле за да ги спречат луѓето да ја поседуваат, препишуваат или преведуваат Библијата. Да земеме два примера:

  • Околу 167 год. пр.н.е.: Антиох IV (Епифан), кој потекнувал од сириската династија Селеукиди, сакал да им ја наметне грчката религија на Евреите, па затоа наредил да бидат уништени сите примероци на Хебрејските списи. Тој испратил службеници „да ги искинат и да ги изгорат сите свитоци од Законот што ќе ги најдат, и да ги убијат сите што црпеле сила и утеха од него“, напишал историчарот Хајнрих Гретс.

  • Средниот век: Некои католички водачи биле гневни бидејќи обични луѓе го проповедале она што стоело во Библијата а не учењата на католичката црква. Затоа, секој што поседувал било која од библиските книги, освен Псалмите на латински, бил прогласуван за еретик. Еден црковен собор ја спровел на сила оваа одлука така што им наредил на некои свои луѓе „детално, верно и упорно да ги бараат еретиците... така што ќе ја пребаруваат секоја сомнителна куќа и подземна просторија... Куќата во која ќе бил пронајден некој еретик требало да биде уништена“.

Ако непријателите успееле да ја уништат Библијата, нејзината порака ќе била изгубена засекогаш.

Англискиот превод на Библијата од Вилијам Тиндејл опстанал иако бил забранет и многу негови примероци биле запалени, а самиот Тиндејл бил погубен во 1536 год.

КАКО ОПСТАНАЛА БИБЛИЈАТА: Царот Антиох сакал да ги преобрати Евреите што живееле во Израел, но еврејски заедници имало и во многу други земји. Всушност, според проценката на некои изучувачи, до првиот век од н.е. повеќе од 60 отсто Евреи живееле надвор од Израел. Во своите синагоги тие чувале примероци од светите списи — истите списи што ги користеле и многу други генерации по нив, вклучувајќи ги и христијаните (Дела 15:21).

Во текот на средниот век, оние што ја ценеле Библијата продолжиле да ја преведуваат и да прават примероци од неа и покрај прогонството. До средината на 15 век, делови од Библијата веројатно биле достапни на дури 33 јазици — и тоа уште пред да биде измислена печатарската машина со подвижни букви. Според тоа, Библијата била преведувана и умножувана со невидена брзина.

КРАЈНИОТ ИСХОД: И покрај заканите од моќни цареви и свештеници што биле во заблуда, Библијата е најиздаваната и најпреведуваната книга на сите времиња. Таа извршила влијание врз законите и јазиците на некои земји, како и врз животите на милиони луѓе.