Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 3, 2017

 УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА | САРА

„Знам дека си убава жена“

„Знам дека си убава жена“

САРА стоела среде собата и замислено гледала наоколу. Оваа жена, која била од Блискиот Исток, веројатно имала убави, црни очи. Воопшто не е за изненадување доколку во себе криеле тага. Сара и нејзиниот сакан маж, Авраам, поминале безброј среќни мигови во таа куќа. * Тоа место за нив било топол дом.

Авраам и Сара живееле во Ур, богат град во кој имало секакви занаетчии, мајстори и трговци. Најверојатно тие не биле сиромашни. За Сара, куќата во која живееле не била само место во кое се наоѓало сѐ што поседуваат. Таа куќа била верен чувар на сите среќни и тажни моменти што ги поминала со својот маж. Освен тоа, оттаму многу пати му се молеле на својот Бог, Јехова. Сара имала безброј причини да го сака својот дом.

Сепак, Сара требало да замине од Ур и зад себе да остави сѐ што ѝ било познато. Иако веројатно имала околу 60 години, требало да патува низ непознати предели и да започне со нов период од животот исполнет со многу опасности и тешкотии. Освен тоа, ништо не укажувало дека некогаш ќе се врати назад. Но, како Сара се нашла пред таков крстопат во животот? И што можеме да научиме од нејзината вера?

„ОДИ СИ ОД СВОЈАТА ЗЕМЈА“

Сара веројатно пораснала во Ур. Од овој град, денес се останати само куп урнатини. Но во тоа време, по водите и каналите на реката Еуфрат пловеле голем број трговски бродови кои доаѓале од далечни места и носеле секаква скапоцена стока. Додека влегувале и излегувале од пристаништата, бродовите едвај се разминувале. А тесните и кривулести улички на Ур вриеле од луѓе. На пазарите, пак, можело да се најде речиси сѐ што човек би можел да посака. Замисли си како ѝ било на Сара додека растела во еден таков раздвижен град. Сигурно познавала многу од тамошните жители. Без сомнение и тие ја знаеле неа, бидејќи била посебно убава. А веројатно имала и многу роднини во овој град.

Библијата ја опишува Сара како личност со голема вера, но не во богот на месечината, кој го обожавале многу од жителите на Ур и изградиле висока кула во негова чест. Наместо тоа, Сара му служела на вистинскиот Бог, Јехова. Библијата не кажува како таа ја стекнала својата вера. Барем еден период од својот живот, татко ѝ обожавал идоли. Како и да е, Сара се омажила за Авраам, кој бил десет години постар од неа * (1. Мојсеева 17:17). Подоцна тој станал познат како „татко на сите што веруваат“ (Римјаните 4:11). Тие имале убав и цврст брак, исполнет со почит, отворена комуникација и искрена желба заедно да ги решаваат проблемите. Но, пред сѐ, нивниот брак го красела љубовта кон Јехова Бог.

 Сара и Авраам многу се сакале. Но, кратко откако го започнале својот заеднички живот, се соочиле со разочарување. Библијата вели: „[Сара] беше неротка, немаше деца“ (1. Мојсеева 11:30). Во тоа време и култура, ова било прилично тешка ситуација. Сепак, Сара му останала верна на својот Бог, а и на својот сопруг. Нивниот внук Лот, кој немал татко, им станал како син. Деновите и годините им минувале мирно, сѐ додека во нивниот живот не дошло до една голема пресвртница.

Еден ден, Авраам со брзање дошол кај Сара. На неговото лице можело да се забележи голема возбуда. Дури и самиот едвај можел да поверува што му се случило. Богот на кој му служел му кажал нешто многу важно, па дури и му се појавил, веројатно преку ангел. Замисли колку изненадена мора да била Сара. Веднаш го прашала Авраам: „И? Што ти рече?“ Во тој момент, можеби Авраам седнал за малку да се соземе, а потоа ѝ ги кажал на Сара истите зборови што ги чул од Јехова: „Замини од својата земја и откај своите роднини и појди во земјата што ќе ти ја покажам“ (Дела 7:2, 3). Откако првичната возбуда поминала, тие почнале да размислуваат што сѐ вклучувала задачата што ја добиле од Јехова. Требало да го остават зад себе убавиот и комотен живот и да почнат да живеат во шатори! Авраам внимателно ја набљудувал реакцијата на Сара. Се прашувал дали таа ќе го прифати овој предизвик. Дали ќе му даде целосна поддршка?

Можеби не ни е лесно да сфатиме пред колку тешка одлука стоела Сара. Впрочем, Бог никогаш не побарал такво нешто од нас денес. Сепак, во извесна смисла, и ние стоиме пред сличен избор. Во светот во кој живееме сѐ се врти околу материјалните работи, и се наоѓаме на искушение најважни да ни станат удобноста, сигурноста и финансиската состојба. Но, Библијата нѐ советува да избереме нешто друго — духовните работи да ни бидат на прво место и поважно да ни биде да му угодиме на Бог отколку себеси (Матеј 6:33). Додека полека дознаваме како постапила Сара, добро е да се прашаме: „Што ќе изберам јас во животот?“

ЗАМИНАЛЕ ОД РОДНИОТ КРАЈ

Сара почнала да ги пакува работите. Сигурно не ѝ било лесно да одлучи што да земе, а што да остави. Не можела да понесе големи работи бидејќи требало да патуваат со магариња и камили и да се селат од едно место на друго. Затоа, многу од работите морале или да ги продадат или да ги подарат. Освен тоа, Сара требало да се збогува и со градскиот начин на живот и да заборави на пазарите каде што можела да купи секакви житарици, овошје, месо, облека — едноставно, сѐ што ќе ѝ затребало.

Сара имала толку силна вера што спремно го оставила својот дом зад себе

Сепак, можеби најтешко ѝ паѓала помислата дека ќе треба да си замине од својот дом. Ако нивната куќа била како повеќето други во Ур  кои ги откриле археолозите, Сара требало да се откаже од многу удобности. Некои од тие куќи имале по повеќе од десет соби, водовод и свежа вода за пиење. Дури и поскромните куќи имале цврст кров, ѕидови и врата што можела да се заклучи. Дали еден шатор може да го понуди истото? Би можел ли да ги заштити од крадци или, пак, од лавовите, леопардите, мечките и волците кои живееле на тоа подрачје?

Исто така, Сара ја чекало уште една разделба. Како што видовме, Бог им заповедал да заминат „од својата земја и откај своите роднини“. Дали тоа било едноставно? Сара можеби имала многу браќа, сестри, внуци, тетки и други роднини. Како добра и срдечна жена, веројатно била блиска со нив. Сепак, и покрај сите измешани чувства и помислата дека можеби никогаш повеќе нема да ги види, Сара продолжила да се спрема за далечниот пат што ја чекал.

Времето брзо одминало, и конечно дошол денот да тргнат. Како поглавар на семејството, и Тара тргнал со нив, иако имал околу 200 години (1. Мојсеева 11:31). Сара сигурно многу се грижела за остарениот родител во текот на патувањето. Со нив тргнал и Лот. На тој начин, сите тие го послушале Јехова и заминале „од халдејската земја“ (Дела 7:4).

Најпрво се упатиле кон Харан, на околу 1.000 километри на северозапад, движејќи се крај реката Еуфрат. Некое време останале таму. Можеби Тара немал сила да продолжи со патувањето. На возраст од 205 години, тој умрел. Пред семејството да продолжи со патувањето, Јехова повторно му се обратил на Авраам и уште еднаш му кажал да замине од таа земја и да оди во земјата што ќе му ја покаже. Но, овојпат Бог му дал и едно прекрасно ветување: „Од тебе ќе направам голем народ“ (1. Мојсеева 12:2-4). Кога заминале од Харан, Авраам имал 75, а Сара 65 години. Но, немале деца. Како ќе можел да настане голем народ од него? Дали така што ќе има деца од друга жена? Во тоа време полигамијата била вообичаена, па Сара помислувала и на такво нешто.

По некое време, тие го оставиле Харан зад себе и продолжиле понатаму. Но, им се придружиле и други луѓе. Библијата вели дека семејството на Авраам заминало со сиот имот што го спечалило таму, како и со луѓето што станале дел од нивното домаќинство (1. Мојсеева 12:5). Кои биле тие? Најверојатно им биле слуги. Авраам и Сара без сомнение зборувале за своите верувања со сите што сакале да слушаат. Според некои еврејски слободни преводи од минатото, луѓето спомнати во тој стих биле преобратеници кои поверувале во Јехова. Ако било така, Сара сигурно со увереност им зборувала на другите за својот Бог и за својата надеж за иднината. Тоа е убав пример за нас, бидејќи живееме во време кога верата и надежта се сѐ поретки. Кога ќе научиш нешто од Библијата, би можел ли да го споделиш со некого?

ОД ХАНААН ВО ЕГИПЕТ

Откако Авраам и сите што биле со него ја преминале реката Еуфрат, веројатно на 14 нисан 1943 год. пр.н.е., продолжиле на југ кон земјата што му ја ветил Јехова (2. Мојсеева 12:40, 41). Замисли си ја Сара како одушевено разгледува околу себе, занемена од убавината, климата и разноликоста на оваа нова земја. Во близина на големите дрвја во местото Море, близу Сихем, Јехова одново му се појавил на Авраам и му рекол: „На твоето потомство ќе му ја дадам оваа земја“. „Потомство“ — овој збор имал големо значење за Авраам! Веројатно веднаш помислил на ветувањето што Јехова го дал во рајската градина дека, еден ден, „потомството“ ќе му стави крај на Сатана. А Јехова веќе му рекол дека преку народот што ќе настане од него ќе бидат благословени сите луѓе на Земјата (1. Мојсеева 3:15; 12:2, 3, 6, 7).

Сепак, Авраам и неговото семејството не биле заштитени од сите проблеми што ги носи животот. Во земјата Ханаан завладеал глад, па тој одлучил да заминат во Египет. Додека патувале, помислил на една опасност со која би можеле да се соочат таму. Тој ѝ рекол на Сара: „Послушај ме, те молам! Знам дека си убава жена. Кога ќе те видат, Египќаните ќе речат: ‚Таа му е жена‘, и мене ќе ме убијат, а тебе ќе те остават жива. Затоа те молам, речи дека си ми сестра за да ми биде добро поради тебе и да ми ја остават душата жива“ (1. Мојсеева 12:10-13). Зошто Авраам побарал такво нешто од Сара?

 Авраам не бил ниту лажливец ниту кукавица, како што велат некои критичари. Она што го кажал не било лага, бидејќи Сара му била полусестра. Освен тоа, имал основа да биде претпазлив. Тој и Сара знаеле дека најважно од сѐ било да се исполни Божјата намера во врска со потомството и со народот кој требало да настане од Авраам. Затоа, неговата безбедност била многу важна. Археолошките докази покажуваат дека во тоа време се случувало моќни луѓе од Египет да си земат нечија жена, а нејзиниот маж да го убијат. Затоа Авраам постапил мудро, а Сара понизно ја поддржала неговата одлука.

По кратко време, се покажало дека стравовите на Авраам биле оправдани. Иако не била млада, Сара била толку убава што ја забележале и некои од кнезовите на фараонот. Тоа брзо стигнало до ушите на фараонот, и тој веднаш наредил да му ја доведат! Колку мора да бил загрижен Авраам. А не ѝ било лесно ни на Сара — сигурно била многу исплашена. Сепак, се чини дека кон неа не се однесувале како кон заробеник, туку како кон почесен гостин. Можеби фараонот сакал да ја импресионира со своето богатство и со својата моќ, и потоа да му каже на нејзиниот „брат“ дека ќе ја земе за жена (1. Мојсеева 12:14-16).

Претстави си ја Сара како стои на некоја тераса од палатата и замислено гледа во далечината. Повторно се наоѓала во цврста градба и имала кров над главата. Освен тоа, таму имало изобилство вкусни јадења. Дали тој живот, кој можеби бил уште пораскошен и од оној што го имала во Ур, ѝ претставувал искушение? Замисли колку ќе бил задоволен Сатана доколку Сара го оставела Авраам за да му стане жена на фараонот! Но, Сара не ни помислувала на такво нешто. Таа им била верна на Бог и на својот маж, и имала голема почит кон бракот. Колку би било убаво ако секој што е во брак му е верен на својот сопружник! Можеш ли да го следиш примерот на Сара и да покажуваш верност кон твоите најблиски?

И покрај искушенијата во палатата на фараонот, Сара му останала верна на својот маж

За да ја заштити Сара, Јехова му нанел неволји на фараонот и на сите во неговиот дом. Кога фараонот дознал дека Сара му е жена на Авраам, ја вратил кај него и им рекол да си заминат од Египет (1. Мојсеева 12:17-20). Можеме да си замислиме колку бил среќен Авраам што повторно бил со својата сакана Сара! Како што видовме, пред да стигнат во Египет, тој ѝ рекол: „Знам дека си убава жена“. Но, освен надворешната убавина, Авраам многу ја ценел и нејзината внатрешна убавина. Сара имала прекрасни особини, кои многу ги ценел и Јехова (1. Петрово 3:1-5). Такви особини можеме да стекнеме и ние. Ако духовните работи ни се поважни од материјалните, ако им кажуваме на другите за Бог и ако верно се држиме за Божјите морални мерила кога се соочуваме со искушенија, ќе покажеме дека сакаме да имаме вера каква што имала Сара.

^ пас. 3 Тие во почетокот се викале Аврам и Сараја, но попознати се според имињата што подоцна им ги дал Јехова (1. Мојсеева 17:5, 15).

^ пас. 8 Сара му била полусестра на Авраам. И на двајцата им бил татко Тара, но имале различна мајка (1. Мојсеева 20:12). Денес е неприфатливо да се склопи таков брак, но треба да имаме на ум како стоеле работите тогаш. Во тоа време, луѓето биле многу поблиску до совршенството што го имале Адам и Ева пред да му згрешат на Бог. Бидејќи биле прилично здрави, бракот меѓу блиски роднини очигледно не претставувал опасност по здравјето на децата. Но, околу 400 години подоцна, луѓето веќе биле далеку од совршенството. Тогаш Јехова го дал Мојсеевиот закон, кој забранувал интимни односи меѓу блиски роднини (3. Мојсеева 18:6).