Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 3, 2016

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | УТЕХА ЗА ОНИЕ ШТО ТАГУВААТ

Како да живееш со тагата

Како да живееш со тагата

На оваа тема постојат безброј совети. За жал, не секој совет е од помош. На пример, некои можеби ќе ти речат дека не треба да плачеш и дека е подобро да ги задржиш чувствата во себе. Други можеби ќе ти речат дека воопшто не треба да ги потиснуваш чувствата. Меѓутоа, гледиштето на Библијата е поурамнотежено и е во склад со најновите истражувања.

Во некои култури се смета дека на еден маж не му доликува да плаче. Но, дали треба да ни биде непријатно да плачеме, сеедно дали насамо или пред другите? Според експертите за ментално здравје, добро е да плачеме кога тагуваме. Тоа може да ни помогне со текот на времето да продолжиме со животот и покрај големата загуба. Од друга страна, потиснувањето на чувствата може да направи повеќе штета отколку добро. Библијата со ништо не покажува дека е погрешно или дека не е машки некој да плаче. Да го земеме за пример Исус. Кога неговиот добар пријател Лазар умрел, тој заплакал пред сите и покрај тоа што имал моќ да ги врати мртвите во живот (Јован 11:33-35).

Кога тагуваме, на моменти може да почувствуваме и гнев, особено ако сме изгубиле некого неочекувано. Гневот може да биде предизвикан од повеќе причини како, на пример, од бесчувствителните и неосновани коментари на некоја почитувана личност. „Имав само 14 години кога умре татко ми“, вели еден човек по име Мајк, од Јужна Африка. „На погребот, англиканскиот свештеник рече дека на Бог му требаат добрите луѓе и затоа ги зема порано. * Тоа ме налути, бидејќи очајно ни беше потребен нашиот татко. И по 63 години, тие зборови сѐ уште ме болат.“

А што е со чувствата на вина? Особено ако смртта била неочекувана, оној што изгубил некого може да го прогонува мислата дека, ако направел нешто, починатиот немало да умре. Или, можеби последниот пат кога сте се виделе со починатиот, сте се расправале за нешто. Тоа може уште повеќе да ги зголеми твоите чувства на вина.

Ако те измачуваат чувства на вина и гнев, многу е важно да не ги потиснуваш во себе. Наместо тоа, зборувај со некој пријател кој ќе те сослуша и ќе ти помогне да сфатиш дека, иако речиси секој поминува низ такви чувства, тие не се основани. Во Библијата пишува: „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (Изреки 17:17).

Најдобриот пријател што може да го има секој што тагува е нашиот Творец, Јехова Бог. Кажи му во молитва како се чувствуваш, затоа што ,тој се грижи за тебе‘ (1. Петрово 5:7). Бог ветил дека сите што му се молат ќе го почувствуваат „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Филипјаните 4:6, 7). Освен тоа, редовно читај ја Библијата. Нејзините утешни зборови можат многу да ти ја ублажат болката. Можеш да си направиш список со стихови што те зајакнуваат. ( Види ја рамката.) Некои стихови можеш да ги научиш и напамет. Тоа што ќе размислуваш  за нив би можело многу да ти помогне кога навечер се чувствуваш осамено и не можеш да заспиеш (Исаија 57:15).

На еден 40-годишен човек, кого ќе го наречеме Џек, неодамна му починала жената од рак. Тој вели дека понекогаш чувствува неподнослива осаменост. Во тие моменти, најмногу му помага молитвата. „Откако ќе му се помолам на Јехова, веќе не се чувствувам осамено“, објаснува Џек. „Често ќе се разбудам среде ноќ, и не можам да заспијам. Тогаш почнувам да читам некои утешни мисли од Библијата и да размислувам за нив, а потоа во молитва му кажувам на Јехова сѐ што чувствувам. Тоа ми дава мир и спокој, па повторно можам да заспијам.“

Откако некое време била болна, мајката на една млада жена по име Ванеса починала. И на Ванеса многу ѝ помогнала молитвата. „Во моментите кога ми беше најтешко, само ќе го изговорев името на Бог и ќе почнев да плачам“, вели таа. „Јехова ги слушаше моите молитви и ме зајакнуваше секогаш кога тоа ми беше потребно.“

Некои стручни лица ги советуваат оние што тагуваат да им помагаат на другите или да волонтираат во некоја граѓанска организација. Тоа може да им донесе радост и да им ја намали тагата (Дела 20:35). Многу христијани што изгубиле некој близок наоѓаат голема утеха така што им помагаат на другите (2. Коринќаните 1:3, 4).

^ пас. 5 Ова не е библиско учење. Библијата кажува од кои три причини луѓето умираат (Проповедник 9:11; Јован 8:44; Римјаните 5:12).