Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 2, 2016

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Зошто Исус страдал и умрел?

Зошто Исус страдал и умрел?

„Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта“ (Римјаните 5:12)

Што би одговорил ако некој те праша: „Дали би сакал да живееш вечно?“ Повеќето луѓе веројатно би рекле дека сакаат, но дека тоа не е можно. Според нив, смртта е природна работа и, кога-тогаш, на нашето постоење мора да му дојде крај.

Но, да претпоставиме дека прашањето гласи обратно: „Дали си спремен да умреш?“ Во нормални околности, повеќето луѓе би рекле дека не се. Што покажува тоа? Без разлика низ какви тешкотии минуваме, сите ние имаме природна желба да живееме. Библијата покажува дека луѓето сакаат да продолжат да живеат затоа што Бог ги создал со вродена желба за живот. Како што пишува во неа, Бог „вечноста им ја ставил на луѓето в срце“ (Проповедник 3:11).

Сепак, реалноста е дека не живееме вечно. Како дошло до тоа да умираме? И дали Бог направил нешто за да го смени тоа? Одговорите на овие прашања се наоѓаат во Библијата. Тие ќе нѐ охрабрат, а ќе ни покажат и зошто Исус страдал и умрел.

КАКО ДОШЛО ДО ТОА ДА УМИРАМЕ?

Првите три поглавја од библиската книга 1. Мојсеева кажуваат дека Бог ги создал првите луѓе, Адам и Ева, со можност да живеат вечно и им кажал што треба да прават за да не ја изгубат таа можност. За жал, тие не го послушале и го изгубиле вечниот живот. Ова е опишано на толку едноставен начин што за некои звучи како обична прикаска. Но, исто како евангелијата, и книгата 1. Мојсеева ги содржи сите потребни елементи за еден точен историски извештај. *

Што се случило откако Адам не го послушал Бог? Библијата кажува: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Со тоа што не го послушал Бог, Адам направил грев. Така ја изгубил можноста да живее вечно и еден ден умрел. Бидејќи сите ние сме негови потомци, од него сме ја наследиле грешноста и затоа се разболуваме, старееме и умираме.  Ваквото објаснување е во склад со научните сознанија дека некои генетски карактеристики се пренесуваат од родителите на децата. Дали Бог направил нешто за да го смени тоа?

ШТО НАПРАВИЛ БОГ

Бог се погрижил да ни го врати она што Адам ни го одзел — можноста да живееме вечно. Како успеал во тоа?

Во Библијата пишува: „Платата за гревот е смрт“ (Римјаните 6:23). Тоа значи дека секој што греши плаќа со смрт. Адам згрешил, и на крајот умрел. И ние грешиме и на крајот мора да умреме. Сите ние се раѓаме во грев, но не по своја вина. Затоа Бог, од љубов го испратил својот Син, Исус, да плати за нашите гревови. Зошто било потребно такво нешто?

Благодарение на смртта на Исус можеме да имаме вечен и среќен живот

Гревот и смртта ни ги пренел еден совршен човек, Адам, со тоа што бил непослушен. Затоа, од нив можел да нѐ ослободи само друг совршен човек кој ќе му останел послушен на Бог до смрт. Библијата објаснува: „Како што преку непослушноста на еден човек мнозина станаа грешници, така и преку послушноста на еден мнозина ќе станат праведни“ (Римјаните 5:19). Исус бил тој што нѐ спасил со својата послушност. Тој го напуштил небото, станал совршен човек * и умрел за нас. Благодарение на тоа, Бог може да нѐ смета за праведни и имаме можност да живееме вечно.

ЗОШТО ИСУС СТРАДАЛ И УМРЕЛ

Но, зар морало Исус да умре за да се постигне сето тоа? Зар Семоќниот Бог не можел едноставно да одлучи потомците на Адам да живеат вечно? Да, Бог имал право да го направи тоа. Но, така би го погазил законот што самиот го дал — дека плата за гревот е смрт. Тој закон не бил едно небитно правило што лесно би можело да се смени или занемари. Без тој закон нема вистинска правда (Псалм 37:28).

Ако Бог не се држел за правдата во овој случај, со право би можеле да помислиме дека истото ќе го направи и во друга прилика. На пример, дали би бил праведен кога ќе треба да одреди  кој од потомците на Адам ќе живее вечно? Дали ќе си ги исполни и другите ветувања? Тоа што Бог не ја погазил правдата во начинот на кој се погрижил да бидеме спасени е гаранција дека секогаш ќе го прави она што е праведно.

Со тоа што го испратил Исус да умре, Бог ни дал можност да живееме вечно во рај на Земјата. Во Јован 3:16 Исус рекол: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“. Смртта на Исус не само што ни покажува дека Бог никогаш не ја извртува правдата туку е и доказ дека многу ги сака луѓето.

Но, зошто Исус морал да страда и да умре на таков тежок начин како што пишува во евангелијата? Со тоа што прифатил да биде испитан до краен степен и останал верен, Исус еднаш засекогаш го побил тврдењето на Сатана дека луѓето нема да му останат верни на Бог под искушение (Јов 2:4, 5). Навидум изгледало дека Сатана имал право да тврди такво нешто затоа што му успеало да го наведе на грев совршениот Адам. Но, Исус бил совршен како Адам, а сепак му останал послушен на Бог и покрај тоа што бил сурово измачуван (1. Коринќаните 15:45). Со тоа покажал дека и Адам можел да му остане послушен на Бог доколку сакал. Истрајноста на Исус е пример и за нас денес (1. Петрово 2:21). Бог го наградил својот Син за неговата совршена послушност и му подарил бесмртен живот на небото.

КАКВА МОЖНОСТ СТОИ ПРЕД ТЕБЕ

Смртта на Исус не е нешто измислено. Таа ни дава можност да живееме засекогаш. Дали би сакал да живееш вечно? Исус кажал што треба да направиме: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3).

Издавачите на ова списание сакаат да дознаеш повеќе за Јехова, вистинскиот Бог, и за неговиот Син, Исус Христос. Јеховините сведоци во твоето место со задоволство ќе ти помогнат во тоа. Корисни информации можеш да најдеш и на нашата интернет-страница www.jw.org/mk.

^ пас. 8 Види ја статијата „Дали навистина постоела рајската градина?“ во Стражарска кула од 1 јануари 2011, страница 4, издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 13 Кога Бог го пренел животот на својот Син од небото во матката на Марија таа забременила, а светиот дух спречил Исус да наследи несовршеност од Марија (Лука 1:31, 35).

Нешто повеќе

СПОМЕН-СВЕЧЕНОСТ

Сеќавај се на смртта на Исус Христос

Срдечно те покануваме на овој посебен настан. Дознај како животот и смртта на Исус можат да ти користат тебе лично.

ШТО НАВИСТИНА УЧИ БИБЛИЈАТА?

Откупнината — најголемиот дар од Бог

Што е откупнината? Од какво значење е таа за тебе?