Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 2, 2016

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЗОШТО ИСУС СТРАДАЛ И УМРЕЛ?

Дали тоа навистина се случило?

Дали тоа навистина се случило?

Пролетта 33 год. од н.е. бил погубен Исус од Назарет. Тој бил лажно обвинет за побуна, бил сурово измачуван и прикован на столб. Умрел во неподносливи маки. Но, Бог го вратил во живот и, 40 дена подоцна, се вознел на небото.

Овие необични работи ги дознаваме од четирите евангелија од Христијанските грчки списи, наречени и Нов Завет. Дали тие навистина се случиле? Битно е да го знаеме одговорот на ова прашање. Ако не се случиле, верата на христијаните нема никаква смисла и надежта за вечен живот во рај е само пуста желба (1. Коринќаните 15:14). Од друга страна, ако сето тоа навистина се случило, тогаш на човештвото му претстои светла иднина која можеш да ја доживееш и ти. Како да знаеме дали евангелијата се вистина или измислица?

ШТО ПОКАЖУВААТ ФАКТИТЕ

За разлика од измислените легенди, евангелијата изобилуваат со точни и детално прикажани информации. На пример, во нив се спомнуваат многу имиња на вистинити места, од кои голем број постојат и денес. Тие зборуваат и за вистински личности, за кои историчарите потврдуваат дека постоеле (Лука 3:1, 2, 23).

 Самиот Исус го спомнуваат некои световни писатели од првиот и од вториот век. * Она што евангелијата го кажуваат за начинот на кој умрел се совпаѓа со римските методи на погубување од тоа време. Освен тоа, случувањата се изнесени реално и отворено. Запишани се дури и некои од пропустите на учениците на Исус (Матеј 26:56; Лука 22:24-26; Јован 18:10, 11). Сето ова јасно покажува дека писателите на евангелијата биле чесни луѓе и дека она што го напишале за Исус е точно.

ДАЛИ ИСУС НАВИСТИНА ВОСКРЕСНАЛ?

Иако повеќето луѓе веруваат дека Исус живеел и умрел, некои се сомневаат дека тој навистина воскреснал. Дури и неговите апостоли не поверувале кога слушнале дека бил повторно жив (Лука 24:11). Но, нивните сомнежи се расчистиле откако и тие и некои други ученици лично го виделе воскреснатиот Исус во повеќе прилики. На пример, во една прилика го виделе повеќе од 500 души (1. Коринќаните 15:6).

Иако знаеле дека можат да бидат уапсени и убиени, учениците на Исус не се плашеле да кажуваат дека тој воскреснал, па дури и пред оние што го погубиле (Дела 4:1-3, 10, 19, 20; 5:27-32). Дали толку многу ученици ќе можеле да покажат таква огромна храброст ако не биле потполно уверени дека тој навистина воскреснал? Всушност, токму поради тоа што Исус воскреснал, христијанството успеало да изврши толку големо влијание врз луѓето и тогаш и денес.

Евангелијата што ги опишуваат смртта и воскресението на Исус ги содржат сите обележја на еден точен историски извештај. Ако внимателно ги прочиташ, ќе се увериш дека станува збор за вистински настани. А ако разбереш зошто Исус требало да умре и да воскресне, ќе бидеш уште поуверен дека сето тоа навистина се случило. За тоа зборува следната статија.

^ пас. 7 Тацит, кој е роден околу 55 н.е., напишал: „Христос, од кого доаѓа името [христијани], за време на владеењето на Тибериј беше сурово казнет од раката на еден од нашите управители, Понтиј Пилат“. Исус го спомнуваат и Светониј (прв век), еврејскиот историчар Јосиф (прв век) и Плиниј Помладиот, управител на Витинија (почеток на вториот век).