Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 2, 2016

Послушај го предупредувањето и спаси си го животот!

Послушај го предупредувањето и спаси си го животот!

НА 26 декември 2004 год., индонезискиот остров Симеулу, кој се наоѓа на северозападниот брег на Суматра, беше погоден од земјотрес со јачина од 9,1 степени според Рихтеровата скала. Луѓето на брегот гледале во морето. Водата почнала да се повлекува со невидена брзина. Сите почнале да трчаат кон ридовите, извикувајќи „Смонг! Смонг!“, што на нивниот јазик значи цунами. За само 30 минути, брегот го прекриле огромни бранови кои ги уништиле повеќето домови и села.

Симеулу бил прв на удар на ова разорно цунами. Од 78.000 жители на овој остров, животот го изгубиле само седуммина, што е прилично мал број. Зошто повеќето успеале да се спасат? * На островот се користи една поговорка која гласи: „Ако земјата се затресе и морето си замине, трчај кон ридовите зашто морето брзо ќе се врати и брегот ќе го голтне“. Искуството ги научило луѓето од островот да препознаат дека наближува цунами според промените на морето. Тоа што го послушале предупредувањето им го спасило животот.

И Библијата кажува дека ни се приближува неволја. Таа е опишана како „голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега, ниту повеќе ќе има“ (Матеј 24:21). Тоа не значи дека поради неодговорноста на луѓето или поради некоја голема природна катастрофа планетата Земја ќе исчезне. Бог рекол дека Земјата ќе остане засекогаш (Проповедник 1:4). Оваа неволја ќе ја предизвика Бог, за „да бидат уништени оние што ја уништуваат земјата“. Со неа тој ќе им стави крај на сета злоба и страдање (Откровение 11:18; Изреки 2:22). Какво олеснување ќе биде тоа!

Освен тоа, при ова уништување нема да умрат невини луѓе како што е случај кога има цунами, земјотрес или вулканска ерупција. Библијата вели: „Бог е љубов“. Неговото име е Јехова, и тој ветил дека „праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (1. Јованово 4:8; Псалм 37:29). Како можеш да ја преживееш оваа голема неволја и да ги доживееш убавите работи што ги ветил Бог? И ти треба да го послушаш предупредувањето.

БУДНО СЛЕДИ ГИ ПРОМЕНИТЕ НА СВЕТСКАТА СЦЕНА

Не можеме да кажеме кога точно ќе им дојде крај на злобата и страдањата, затоа што Исус рекол: „А за тој ден и час никој не знае, ни ангелите на небото ни Синот, туку само Таткото“. Сепак, Исус нѐ поттикнал да останеме будни (Матеј 24:36; 25:13). Зошто? Библијата опишува какви услови ќе владеат во светот пред Бог да му стави крај на злото. Исто како што промената во нивото на водата била знак дека наближува цунами, така и промените на светската сцена се знак  дека крајот е близу. Во рамката од оваа статија се истакнати некои од значајните промени за кои зборува Библијата.

Точно е дека, некои од настаните и состојбите што се наведени во рамката до одреден степен постоеле и во минатото. Но, Исус рекол дека ќе препознаеме дека крајот е близу кога ќе видиме дека се случува „сето тоа“ (Матеј 24:33). Прашај се: „Кога во историјата сите овие работи 1) се случувале низ целиот свет, 2) се случувале истовремено и 3) оделе од лошо на полошо?“ Јасно е дека токму денес живееме во тоа време.

ДОКАЗ ДЕКА БОГ НЀ САКА

„Системите за предупредување што навреме алармираат... спасуваат животи“, рекол еден поранешен претседател на САД. По цунамито од 2004 год., на погоденото подрачје бил поставен систем за предупредување со цел да се спречи загуба на животи во иднина. Слично на тоа, Бог се погрижил луѓето да бидат предупредени пред да дојде крајот. Во Библијата е проречено: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).

Само во текот на минатата година, Јеховините сведоци поминаа над 1,9 милијарди часови проповедајќи ја добрата вест во 240 земји, на повеќе од 700 јазици. Тоа што добрата вест денес се проповеда во толку голем обем, е цврст доказ дека крајот е близу. Од љубов кон луѓето, Јеховините сведоци неуморно ги предупредуваат другите за Божјиот ден на суд што ќе дојде многу брзо (Матеј 22:39). Тоа што и ти имаш можност да слушнеш за ова е доказ дека Јехова те сака. Во Библијата пишува: „[Бог] не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9). Како ќе реагираш на љубовта  што ти ја покажува Бог? Ќе го послушаш ли предупредувањето?

БЕГАЈ ЗА ДА СЕ СПАСИШ!

Кога виделе дека водата се повлекува, жителите на крајбрежните села на островот Симеулу веднаш почнале да бегаат на повисоко место за да се спасат. Тие не чекале водата да се врати па дури тогаш да бегаат. Затоа што брзо реагирале, си го спасиле животот. За да ја преживееш големата неволја што доаѓа, и ти, така да се каже, треба да побегнеш на повисоко, и тоа пред да биде предоцна. Како можеш да го направиш тоа? Бог го водел пророкот Исаија да запише една покана до сите луѓе што ќе живеат во текот на „последните денови“, односно во нашето време. Таа покана гласи: „Дојдете! Да појдеме на Јеховината гора... Тој ќе нѐ поучува за своите патишта, и ќе одиме по неговите патеки“ (Исаија 2:2, 3).

На врвот на една гора можеш да имаш широк видик и да бидеш заштитен. На сличен начин, милиони луѓе низ целиот свет што го запознале Бог преку страниците на Библијата успеале да го сменат својот живот на подобро (2. Тимотеј 3:16, 17). Тие почнале да одат по Божјите патеки и да ја чувствуваат неговата грижа и заштита.

Дали и ти ќе ја прифатиш таа покана? Дали ќе му дозволиш на Бог со љубов да те заштити во овие тешки времиња? Внимателно разгледај ги библиските стихови во рамката од оваа статија кои се доказ дека токму денес живееме во „последните денови“. Слободно замоли некој од Јеховините сведоци во твоето место да поразговара со тебе за овие библиски стихови и за тоа што треба да направи секој од нас. Или побарај ги одговорите на своите прашања на нашата интернет-страница www.jw.org/mk. Оди на БИБЛИСКИ УЧЕЊА > ОДГОВОР НА БИБЛИСКИ ПРАШАЊА.

^ пас. 3 Во ова цунами во 2004 год. животот го изгубија над 220.000 луѓе. Затоа, ова цунами се смета за едно од најразорните во историјата.

Нешто повеќе

ШТО НАВИСТИНА УЧИ БИБЛИЈАТА?

Дали живееме во „последните денови“?

Дознај зошто постапките и ставовите на луѓето околу нас се доказ дека сега живееме во „последните денови“ кои се проречени во Библијата.