Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 1, 2017

Можеш ли сам да ја разбереш Библијата?

Можеш ли сам да ја разбереш Библијата?

Едно мало девојче гледало како од една фабрика излегува густ чад кој се дигал високо на небото и наликувал на облаци. Ова девојче помислило дека тоа е фабрика во која се прават облаци. Кога едно детенце ќе дојде до ваква забуна, може да нѐ насмее. Но, понекогаш еден погрешен заклучок може скапо да нѐ чини. На пример, ако погрешно го прочитаме името на некое лекарство, тоа може да има сериозни последици.

Уште посериозно е да дојдеме до погрешен заклучок во врска со духовните работи. На пример, некои луѓе погрешно разбрале едно учење на Исус (Јован 6:48-68). Наместо да се потрудат да дознаат нешто повеќе за тоа, тие ги отфрлиле сите негови учења. Каква штета!

Ако ја читаш Библијата и сфаќаш дека таа дава исправно водство, тоа е за голема пофалба. Но, може ли погрешно да разбереш нешто од неа? Ова им се случува на многумина. Да разгледаме три примери.

  • Некои погрешно ја сфаќаат библиската заповед „бој се од вистинскиот Бог“. Тие мислат дека се очекува да имаме морбиден страв од Бог (Проповедник 12:13). Но, Бог не сака оние што му служат да му се тресат. Тој вели: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе! Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог! Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам“ (Исаија 41:10). Да се боиме од Бог значи да имаме длабока страхопочит кон него.

  • Дали Земјата ќе биде изгорена?

    Други погрешно ги разбираат зборовите: „Сѐ си има свое време... време за раѓање и време за умирање“. На темел на овие зборови, тие заклучиле дека Бог одредил точно време кога ќе умре секој човек (Проповедник 3:1, 2). Но тука, всушност, станува збор за животниот циклус низ кој минува секој човек, од раѓање до смрт. Исто така, Божјата Реч вели дека нашите одлуки може да влијаат врз тоа колку долго ќе живееме. Во неа пишува дека „стравот од Јехова додава денови“ (Изреки 10:27; Псалм 90:10; Исаија 55:3). Во која смисла? На пример, ако се држиме за Божјите начела нема да се опиваме и нема да вршиме неморал (1. Коринќаните 6:9, 10).

  • Трети, пак, буквално ги разбираат зборовите од 2. Петрово 3:7, каде што се вели дека небесата и земјата „се зачувани за оган“. Тие мислат дека Бог ќе ја уништи целата планета. Но, тој ветува дека Земјата нема никогаш да биде уништена. Во Библијата се вели дека Бог „ја утврди земјата на нејзините темели; нема да се разниша довека, за сета вечност“ (Псалм 104:5; Исаија 45:18). Нашата планета нема да претрпи никаква штета. Денешново расипано општество ќе биде уништено како со оган, односно засекогаш. А што се небесата? Кога се користи дословно, овој збор укажува на синото небо, на вселената или на местото каде што е Бог. Ниедна од овие три работи нема да биде уништена.

ЗОШТО МНОГУМИНА ПОГРЕШНО ЈА РАЗБИРААТ БИБЛИЈАТА?

Овие три примери покажуваат дека луѓето честопати погрешно сфаќаат одредени делови од Библијата. Но, зошто Бог го дозволува тоа? Некој можеби ќе рече: Ако Бог е мудар и знае сѐ, зар не можеше да ни даде книга што ќе биде јасна и разбирлива за сите? Тогаш зошто не го направил тоа? Да разгледаме три причини зошто многумина не ја разбираат Библијата.

  1.   Библијата е книга за понизните и за оние што сакаат да учат. На својот Татко, Исус му рекол: „Те славам, Татко, Господару на небото и на земјата, бидејќи си го скрил ова од мудрите и паметните, а си им го открил на малите деца!“ (Лука 10:21). Библијата е напишана на таков начин што нејзината порака можат да ја разберат само луѓе со исправен став. Оние што се мудри и паметни во очите на овој свет обично се горди, а тоа ги спречува да ја разберат Библијата. Но, оние што се како мали деца, понизни и желни да учат, ја разбираат пораката од Бог. Навистина е неверојатно што Бог ни дал книга која можат да ја разберат само понизните.

  2. Библијата ја разбираат оние што искрено бараат помош од Бог. Исус покажал дека на луѓето ќе им треба помош за да можат добро да ги разберат неговите учења. Како ќе добиеле ваква помош? Исус објаснил: „Помошникот, светиот дух, кого Таткото ќе го испрати во мое име, тој ќе ве поучи за сѐ“ (Јован 14:26). Значи Бог го дава својот свет дух — неговата сила — за да им помогне на луѓето да го разберат она што го читаат во Библијата. Но, Бог не им го дава својот свет дух на оние што не бараат помош од него, па затоа неговата Реч им изгледа неразбирлива. Освен тоа, светиот дух ги поттикнува Божјите слуги кои се добро запознати со Библијата да им помагаат на оние што сакаат подобро да ја разберат (Дела 8:26-35).

  3. Некои делови од Библијата стануваат јасни дури кога ќе дојде време за тоа. На пример, на пророкот Даниел му било кажано да запише порака за иднината. Еден ангел му рекол: „Даниеле, затвори ги овие зборови и запечати ја книгата до времето на крајот!“ Луѓето со векови не можеле да ја разберат библиската книга Даниел. Всушност, ни Даниел не разбирал делови од она што го пишувал. Тој понизно признал: „Јас го чув тоа, но не го разбрав“. Значењето на ова пророштво било откриено, но дури во времето што Бог го одредил за тоа. Ангелот рекол: „Оди, Даниеле, зашто овие зборови се тајна и запечатени се до времето на крајот“. Кој требало да ги разбере Божјите пораки? „Ниту еден зол нема да го разбере тоа, но ќе разберат оние што се разборити“ (Даниел 12:4, 8-10). Значи Бог го открива значењето на некои делови од Библијата дури кога ќе дојде време за тоа.

Понекогаш и Јеховините сведоци погрешно разбрале некои делови од Библијата. Но, кога дошло време Бог да ги разјасни работите, спремно го смениле своето разбирање. Тие веруваат дека така го следат примерот на апостолите на Христос, кои понизно ги менувале своите ставови кога Исус ги исправал (Дела 1:6, 7).

Тоа што девојчето помислило дека облаците настануваат во фабрика е само мала забуна. Но, пораката во Библијата е од големо значење за нас. Затоа, наместо да се обидуваме да ја разбереме сами, треба да побараме помош. Кој може да ни помогне? Оние кои понизно ја проучуваат Библијата, се потпираат на Божјиот свет дух за да ја разберат и се уверени дека живееме во време кога Бог сака да ја разбереме неговата Реч како никогаш порано. Слободно разговарај со Јеховините сведоци или разгледај ги информациите на jw.org/mk, кои се темелно истражени. Библијата ветува: „Ако го повикаш разумот... ќе го пронајдеш знаењето за Бог“ (Изреки 2:3-5).