Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 1, 2017

 БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

Не сакав да умрам!

Не сакав да умрам!
  • РОДЕНА: 1964

  • ЗЕМЈА: АНГЛИЈА

  • НЕКОГАШ: БУНТОВНА МАЛОЛЕТНА МАЈКА

МОЕТО МИНАТО

Родена сум во Падингтон, густо населен дел од Лондон. Живеев со мајка ми и моите три постари сестри. Бидејќи татко ми беше алкохоличар, живееше со нас само повремено.

Уште додека бев мала, мајка ми ме научи секоја вечер да се молам. Имав мала Библија која ги содржеше само Псалмите, и сама си измислував мелодии за да можам да ги пеам. Еднаш, во една друга книга ја прочитав реченицата: „Еден ден веќе нема да има утре“. Таа ми се врежа толку длабоко во мислите што не можев да спијам. Не можев да не размислувам за иднината. „Животот мора да има некаква цел“, си мислев. „Зошто постојам?“ Не сакав да умрам!

Почнав да се интересирам за спиритизам. Се обидував да комуницирам со мртвите, одев на гробишта со другари од училиште и гледав хорор филмови заедно со нив. Тоа ни беше и интересно и страшно.

Станав бунтовна уште на десет години. Почнав да пушам цигари, и за кратко време станав зависник. Подоцна преминав на марихуана. Уште пред да наполнам 11 години, почнав да експериментирам со алкохол. Не го сакав вкусот, но ми се допаѓаше чувството да бидам пијана. Многу сакав да слушам музика и да играм. Ја користев секоја прилика за да отидам на некоја забава или во ноќен клуб. Навечер скришно излегував од дома и се враќав пред зори без никој да ме види. Бидејќи следниот ден бев уморна, честопати не одев на училиште. А кога ќе отидев, обично пиев алкохол меѓу часовите.

Последната година на училиште ја завршив со многу слаби оценки. Бидејќи мајка ми главно не беше свесна за моето бунтовно однесување, беше многу разочарана и лута кога ги виде оценките. Се скаравме, и јас избегав од дома. Некое време живеев со мојот дечко, Тони, кој во тоа време беше растафаријанец. Тој беше вмешан во ситен криминал и продажба на дрога и важеше за многу насилен. По кратко време забременив и, кога имав само 16 години, го родив нашиот син.

 КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ

Првпат ги сретнав Јеховините сведоци додека живеев во едно прифатилиште за малолетни мајки и нивните бебиња. Таму добив соба од службите за социјална работа. Две жени кои беа Јеховини сведоци редовно посетуваа некои од младите мајки. Еден ден, се вклучив во заедничката дискусија со цел да им докажам дека не се во право. Сепак, на секое од моите бројни прашања, тие смирено ми даваа јасен одговор од Библијата. Ми се допадна тоа што беа фини и љубезни. Затоа, се согласив да ја проучувам Библијата со нив.

По кратко време, во Библијата открив нешто што ми го смени животот. Уште од дете се плашев од смртта, а сега дознав дека ќе има воскресение, според она што го кажал Исус (Јован 5:28, 29). Освен тоа, дознав дека сум му важна на Бог (1. Петрово 5:7). Посебно ме трогнаа зборовите од Еремија 29:11, каде што стои: „‚Добро знам какви се моите намери со вас,‘ вели Јехова, ‚намери за мир, а не за неволја, за да ви дадам иднина и надеж‘“. Почнав да верувам дека еден ден и јас ќе можам да живеам вечно во рајот на Земјата (Псалм 37:29).

Јеховините сведоци ми покажаа искрена љубов. Кога за првпат присуствував на еден од нивните состаноци, имаше пријатна атмосфера и сите беа многу срдечни (Јован 13:34, 35). Тоа беше сосема поинаку од начинот на кој се однесуваа со мене во една друга црква во истото место. Јеховините сведоци ме прифатија и покрај тоа што знаеја каква е мојата ситуација. Ми посветија време, грижа и внимание, и ми помогнаа околу многу работи. Се чувствував како да сум дел од едно големо семејство во кое сите се сакаат и се почитуваат.

Како што ја проучував Библијата, сфатив дека ќе треба да направам одредени промени за да живеам според Божјите високи морални мерила. Не ми беше лесно да се откажам од цигарите. Освен тоа, сфатив дека одредена музика ми ја зголемува желбата да пушам марихуана, па затоа почнав да внимавам каква музика слушам. Бидејќи повеќе не сакав да се опивам, престанав да одам на забави и во ноќни клубови каде што тоа лесно можеше да се случи. Исто така, се трудев да стекнам нови пријатели кои добро ќе влијаат врз мене и ќе ми помогнат да ги направам потребните промени (Изреки 13:20).

Во меѓувреме, и Тони почна да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Бидејќи на неговите прашања тие му одговараа користејќи стихови од Библијата, и тој се увери дека она што го учи е вистина. Тони направи големи промени во животот — го остави лошото и насилно друштво, престана да краде и се откажа од пушењето марихуана. Бидејќи сакавме Јехова да биде задоволен со нас и нашиот син да расте во стабилно семејство, сфативме дека треба да направиме уште една промена во нашиот живот. Затоа, во 1982 год. се венчавме.

„Повеќе не лежам будна во текот на ноќта плашејќи се од иднината или од смртта“

Се сеќавам дека во списанијата Стражарска кула и Разбудете се! * барав статии со искуства од луѓе кои успеале да ги направат истите промени што сакав да ги направам и јас. Нивниот пример ми беше од голема помош! Бев уште порешена да не се откажувам, туку да продолжам да се борам. Постојано го молев Јехова да не крева раце од мене. Заедно со Тони се крстивме како Јеховини сведоци во јули 1982 год.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА

Тоа што станав блиска со Јехова Бог ми го спаси животот. Освен тоа, видовме дека Јехова е спремен да ни помогне во тешки времиња. Научивме во тешкотиите да се потпираме на Бог, и уверени сме дека тој постојано се грижи за нашето семејство (Псалм 55:22).

Среќна сум што можев да им помогнам на нашиот син и ќерка да го запознаат Јехова. А ме радува и тоа што гледам дека сега и нивните деца учат за Бог.

Повеќе не лежам будна во текот на ноќта плашејќи се од иднината или од смртта. Јас и Тони имаме многу исполнет распоред затоа што секоја седмица посетуваме некое од собранијата на Јеховините сведоци за да ги охрабриме. Ги користиме тие прилики за да поучуваме и други луѓе дека, ако имаат вера во Исус, ќе можат да добијат вечен живот.

^ пас. 19 Издадени од Јеховините сведоци.