Досадно? Или интересно? Како ќе го доживееш читањето на Библијата? Тоа во голема мера зависи од начинот на кој ќе ја читаш. Што да направиш за да имаш поголема желба да читаш и тоа да ти биде поинтересно?

Избери точен превод на современ јазик. Ако читаш текст со тешки или застарени изрази, веројатно нема да уживаш во читањето. Затоа, побарај Библија што користи јазик кој е лесен за разбирање и допира до чувствата. Исто така, текстот треба да биде внимателно и точно преведен. *

Користи ја современата технологија. Денес Библијата е достапна и во печатено и во електронско издание. Некои Библии може да се читаат онлајн или да се преземат за да се читаат на компјутер, таблет или на телефон. Некои изданија вклучуваат и дополнителни можности, на пример, на лесен начин да се погледнат други библиски стихови на истата тема, па дури и да се споредат неколку различни преводи на Библијата. Ако повеќе сакаш да слушаш отколку да читаш, на некои јазици Библијата е достапна и во аудиоформат. Многумина ја слушаат Библијата додека користат јавен превоз, вршат некои домашни работи или прават нешто друго што не им пречи во слушањето. Зошто не пробаш некој од овие предлози?

Користи помагала за проучување на Библијата. Со овие помагала можеш да научиш многу повеќе од Библијата. На пример, во географските карти на библиските земји ќе ги најдеш местата за кои читаш и полесно ќе си ги претставиш  настаните. Некои статии, како што се оние што излегуваат во ова списание или во делот „Библиски учења“ на jw.org/mk, можат да ти помогнат подлабоко да го истражиш значењето на многу делови од Библијата.

Читај на различни начини. Ако ти се чини претешко да ја прочиташ Библијата од почеток до крај, зошто не започнеш со некој дел што ти изгледа поинтересен? Ако сакаш да дознаеш повеќе за некоја позната личност од Библијата, прочитај ги извештаите само за таа личност. Една идеја за тоа има во рамката „ Откриј повеќе за Библијата преку луѓето за кои зборува“. Можеш да ја читаш Библијата и по хронолошки редослед на настаните или да прочиташ што зборува на одредена тема. Зошто не пробаш некој од овие предлози?

^ пас. 4 За многумина, Светото писмо — превод Нов свет е превод кој е точен и лесен за читање. Оваа Библија, која ја издаваат Јеховините сведоци, е достапна на преку 130 јазици. Можеш да ја преземеш од интернет-страницата jw.org/mk или така што ќе ја преземеш апликацијата JW Library. Или, ако повеќе ти одговара, Јеховините сведоци може да ти донесат печатен примерок.