Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 1, 2016

 СОВЕТИ ШТО НИКОГАШ НЕ ЗАСТАРУВААТ

Не бидете загрижени

Не бидете загрижени

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Не бидете загрижени за својот живот“ (Матеј 6:25).

Што значи тоа? Овие зборови ги кажал Исус во својата Проповед на гората. Според еден библиски речник, грчкиот глагол кој е преведен со „да се биде загрижен“ може да се однесува на „природната реакција кај човекот кога ќе го погодат сиромаштија, глад и други тешкотии од секојдневниот живот“. Загриженоста честопати вклучува грижа за она што можеби ќе се случи во иднина. Секако, нормално е да размислуваме за нашите материјални потреби и за доброто на нашите најблиски (Филипјаните 2:20). Но, кога Исус рекол „немојте да бидете загрижени“, на своите следбеници сакал да им каже да не се грижат непотребно, односно да не бидат толку исплашени за иднината што ќе пропуштат да ѝ се радуваат на сегашноста (Матеј 6:31, 34).

Дали ни користи денес? Советот на Исус може многу да ни помогне. Зошто? Во некои прирачници за здравје пишува дека, кога луѓето се претерано загрижени, нивниот симпатички нервен систем е постојано активен, што „води до здравствени проблеми како, на пример, чиреви, срцеви заболувања и астма“.

Исус дал силна причина зошто не треба да бидеме претерано загрижени: Со тоа нема да постигнеме ништо. „Кој од вас може со својата загриженост да го продолжи својот животен век макар малку?“, прашал Исус (Матеј 6:27). Тоа што постојано ќе мислиме на она што нѐ загрижува нема да ни го продолжи животот ни за делче од секундата, а уште помалку да ни го подобри. Освен тоа, на крајот работите честопати не излегуваат онака како што сме мислеле. Еден изучувач рекол: „Загриженоста за иднината е залудно потрошено време, бидејќи иднината е ретко толку лоша во реалноста како што е во нашите стравови“.

Како да престанеме претерано да се грижиме? Најпрво, имај доверба во Бог. Ако Бог ги храни птиците и ги облекува цвеќињата во убавина, зар нема да им го даде она што им е потребно на луѓето што му служат со цело срце? (Матеј 6:25, 26, 28-30). Второ, не грижи се за она што уште не дошло. Исус рекол: „Не бидете загрижени за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе си има свои грижи“. Зарем нема да се согласиш дека „на секој ден му е доволно неговото зло“? (Матеј 6:34).

Ако го послушаме мудриот совет што го дал Исус, ќе се поштедиме од некои негативни последици по нашето физичко здравје. Освен тоа, ќе имаме внатрешен мир — она што Библијата го нарекува, „мирот Божји“ (Филипјаните 4:6, 7).