Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 1, 2016

 БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

Барем една година да живеам мирно и среќно

Барем една година да живеам мирно и среќно
  • РОДЕН: 1971

  • ЗЕМЈА: ФРАНЦИЈА

  • НЕКОГАШ: ВПЛЕТКАН ВО НАСИЛЕН КРИМИНАЛ, НЕМОРАЛ И ДРОГА

МОЕТО МИНАТО:

Моето семејство живееше во Теланкор, село во североисточна Франција. Татко ми беше французин, а мајка ми е италијанка. Кога имав осум години, се преселивме во една сиромашна населба во Рим, во која живееја луѓе од работничка класа. Животот дома беше тежок затоа што моите постојано се караа околу парите.

Кога имав 15 години, мајка ми често ми велеше дека не треба да седам толку дома, туку да излегувам и да си барам пријатели. Така почнав сѐ поретко да бидам дома. За кратко време фатив лошо друштво. Еден ден, ми пристапи еден човек кој изгледаше пријателски расположен. Ми понуди дрога и јас ја прифатив за да покажам дека не сум дете. Брзо бев вовлечен во светот на дрогата и неморалот. Многу пати бев сексуално злоупотребуван. Животот ми изгуби секаква смисла, не ми беше важно дали ќе бидам жив или мртов. Бев крајно осамен. На 16 години пробав да се самоубијам така што испив шише виски и скокнав во езеро. Завршив во кома, од која се разбудив по три дена.

Почнав да го ценам животот, но се однесував насилно и расипано. Нудев секс, а потоа ја дрогирав личноста во нејзиниот дом за да украдам сѐ што е вредно. Големи криминални организации ме користеа за да разнесувам дрога по цела Италија. Честопати имав проблем со полицијата. Мојот живот беше надвор од контрола и немаше никаква цел. Сепак, верував дека мора да има причина поради која постојам. Го молев Бог барем една година да живеам мирно и среќно.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ:

Кога имав 24 години, решив да се преселам во Англија. Бидејќи бев поврзан со дилери на дрога, животот ми беше во опасност. Пред да заминам, појдов да ја видам мајка ми и се изненадив кога таму го сретнав Анунциато Лугара, кој ѝ зборуваше за Библијата. * Бидејќи знаев колку тежок криминалец беше, се уплашив и го прашав зошто е дојден. Тој ми раскажа дека направил многу промени во својот живот и станал Јеховин сведок. Побара да му ветам дека, откако ќе стигнам во Англија, ќе  разговарам со Јеховините сведоци. Му реков дека ќе го направам тоа. Но, кога стигнав таму продолжив да живеам како и порано.

Еден ден, на една прометна улица во Лондон видов еден Јеховин сведок кој на луѓето им ги нудеше списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Се сетив што му ветив на Анунциато и побарав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци.

Она што го дознав од Библијата навистина ме воодушеви. На пример, до срце ме допреа зборовите од 1. Јованово 1:9, каде што пишува: „Ако ги признаеме своите гревови, Бог ќе ни ги прости и ќе нѐ исчисти од секаква неправедност, бидејќи е верен и праведен“. Тие зборови силно влијаеја врз мене бидејќи се чувствував многу нечист поради животот што го водев. Веднаш почнав да присуствувам на состаноците на Јеховините сведоци. Тие беа многу љубезни кон мене. Кога видов колку блиски пријатели се едни со други, нешто по што отсекогаш копнеев, посакав и јас да бидам дел од таа група луѓе што личеше на големо семејство.

Не ми беше толку тешко да се тргнам од дрогата и неморалот колку што ми беше тешко да се сменам како личност. Сфатив дека треба да ги почитувам луѓето и да бидам обѕирен кон нив. Всушност, сѐ уште се борам со некои свои карактерни црти. Сепак, Јехова ми помогна да сменам многу работи. Шест месеци откако почнав да ја проучувам Библијата, се крстив како Јеховин сведок. Тоа беше во 1997 год.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА:

Некое време откако се крстив, се оженив со Барбара, која стана Јеховин сведок отприлика во исто време со мене. Кога еден од моите поранешни пријатели виде колку се сменив, почна да ја проучува Библијата. И тој и неговата сестра станаа Јеховини сведоци. Исто така, сестра ѝ на баба ми, која имаше преку 80 години, почна да ја проучува Библијата и стана Јеховин сведок.

Сега служам како старешина во собранието на Јеховините сведоци во нашето место, и заедно со жена ми поминуваме 70 часа месечно поучувајќи ги за Библијата оние што зборуваат италијански во Лондон. Одвреме-навреме ми паѓа многу тешко поради она што го правев во минатото, но Барбара ми е огромна поддршка. Конечно имам мирен семеен живот каков што отсекогаш посакував, и добар Татко по каков што отсекогаш копнеев. Го молев Бог барем една година да живеам мирно и среќно, но тој ми даде многу повеќе од тоа!

Конечно имам мирен семеен живот каков што отсекогаш посакував, и добар Татко по каков што отсекогаш копнеев

^ пас. 10 Види ја статијата „Библијата менува животи — Никаде не одев без пиштол“ од Анунциато Лугара, која излезе во Стражарска кула од 1 јули 2014, страници 8-9.