Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  Бр. 1, 2016

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Како се правеле и како се користеле свитоците во библиски времиња?

Подоцнежни свитоци од кожа и пергамент од библиската книга Естира, 18 век од н.е.

Во евангелието според Лука пишува дека Исус го отворил свитокот на Исаија, прочитал дел од него и повторно го свиткал. На крајот од своето евангелие, и Јован спомнува свиток. Тој рекол дека не било можно во еден свиток да ги запише сите чуда што ги направил Исус (Лука 4:16-20; Јован 20:30; 21:25).

Како се правеле свитоците? Најпрво, парчиња од материјали како, на пример, кожа, пергамент и папирус, се лепеле и се составувале во форма на лента или ролна. Понекогаш, споените парчиња се завиткувале околу дрвен цилиндричен држач, при што текстот се наоѓал од внатрешната страна. Текстот бил напишан во кратки вертикални колони по ширината на свитокот. Ако свитокот бил подолг, можел да има држачи од двете страни, при што читателот ќе можел да го одвиткува со едната рака а да го завиткува со другата за да го најде местото што го бара.

Во еден библиски речник пишува: „Предноста на свитокот била во тоа што можел да биде доволно долг [честопати околу 10 метри] за да собере една цела книга, а зафаќал малку простор откако ќе се завиткал“ (The Anchor Bible Dictionary). На пример, се проценува дека за евангелието според Лука би бил потребен свиток долг околу 9 и пол метри. Понекогаш, горниот и долниот раб на свитокот биле потсечувани, шмирглани со рапав камен и боени.

Кои биле „главните свештеници“ што се спомнуваат во Христијанските грчки списи?

Уште од времето кога во израелското општество била воведена свештеничка служба, првосвештеник можел да биде само еден човек, и тоа задолжение отпрвин траело сѐ до неговата смрт (4. Мојсеева 35:25). Арон бил првиот првосвештеник. После неговата смрт, честа да биде првосвештеник обично преминувала на најстариот син (2. Мојсеева 29:9). Од машките потомци на Арон многумина служеле како свештеници, но релативно помал број како првосвештеници.

Кога Израелците биле под власта на други народи, нивните владетели по своја волја одредувале кој ќе биде првосвештеник, а кој ќе биде тргнат од таа положба. Меѓутоа, се чини дека оние што биле поставувани како првосвештеници речиси секогаш потекнувале од избрани угледни семејства, претежно од семејната лоза на Арон. Изразот „главни свештеници“ очигледно се однесува на најистакнатите членови на свештенството. Како главни свештеници можеби служеле поглаварите на 24-те групи свештеници, угледни членови од семејствата на првосвештениците, како и поранешни првосвештеници што биле тргнати од таа положба како, на пример, Ана (1. Летописи 24:1-19; Матеј 2:4; Марко 8:31; Дела 4:6).