Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  април 2016

 ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Поранешни калуѓерки му служат на Јехова

Поранешни калуѓерки му служат на Јехова

ПРЕД многу години, мојата помлада сестра, Арасели, многу се налути, и ми се развика: „Престани! Повеќе не сакам да чујам ниту збор за твојата религија. Ми се гади кога те слушам. Те мразам!“ Овие зборови многу ме повредија. Иако сега имам 91 година, сѐ уште ми одѕвонуваат во ушите. Но, како што вели Проповедник 7:8, „подобар е крајот на една работа отколку нејзиниот почеток“ (Фелиса).

Фелиса: Пораснав во едно сиромашно католичко семејство во Шпанија. Татко ми беше ковач, а мајка ми работеше на нивите. Јас бев најстарото од осумте деца. Бевме многу побожни. Всушност, 13 мои роднини служеа во црквата, а некои од нив беа свештеници. Еден братучед на мајка ми беше свештеник и професор во едно католичко училиште. По неговата смрт, папата Јован Павле II го прогласи за блажен. *

Кога имав 12 години, во Шпанија избувна граѓанска војна. Откако војната заврши, татко ми беше ставен в затвор бидејќи на тогашната диктаторска влада не ѝ се допаѓаа неговите политички идеи. Мајка ми едвај успеваше да нѐ прехрани. Затоа ги испрати моите три помлади сестри — Арасели, Лаури и Рамони — да живеат со калуѓерките во еден манастир во Билбао. Така барем имаа што да јадат.

Арасели: Во тоа време јас имав 14, Лаури 12, а Рамони 10 години. Многу ни недостигаше семејството. Во манастирот бевме задолжени за чистење. Две години подоцна, калуѓерките нѐ испратија во еден голем женски манастир во Сарагоса, каде што беа згрижени остарени лица. Таму имавме задача да ја чистиме кујната. Тоа беше многу напорна работа која нѐ исцрпуваше.

Фелиса: Откако моите сестри беа испратени во манастирот во Сарагоса, мајка ми и вујко ми, кој беше свештеник во нашето место, одлучија  и мене да ме пратат таму. Сакаа да ме тргнат од едно момче на кое му се допаѓав. Се радував што некое време ќе служам во манастир бидејќи го сакав Бог. Секој ден одев во црква, па дури имав желба да станам католички мисионер како еден мој роднина во Африка.

Лево: Манастирот во Сарагоса (Шпанија) Десно: католичкиот превод на Библијата на Накар и Колунга

Но, во манастирот се чувствував како во затвор. Калуѓерките воопшто не ме поттикнуваа да му служам на Бог во друга земја. Затоа, по една година се вратив дома. Се грижев за вујко ми, му ја чистев куќата, и секоја вечер заедно ѝ се молевме на Дева Марија. Исто така, со посебно задоволство ги местев цвеќињата во црквата и ги облекував киповите на Марија и на „светците“.

Арасели: Додека бев во Сарагоса, ги дадов првите завети за да се закалуѓерам. Потоа калуѓерките решија да нѐ разделат нас сестрите. Мене ме испратија во еден манастир во Мадрид, Лаури ја испратија во Валенсија, а Рамони остана во Сарагоса. Во Мадрид дадов уште некои завети за калуѓерка. Бидејќи во тој манастир престојуваа студенти, остарени лица и други посетители, имаше многу работа. Јас работев во манастирската болница.

Во почетокот се радував што ќе станам калуѓерка. Мислев дека поголемиот дел од времето ќе ја читаме Библијата и ќе учиме за неа. Многу се разочарав кога видов дека никој не ја користи. Всушност, речиси никој не ги спомнуваше ниту Бог ниту Исус. Научив малку латински, го проучував животот на католичките „светци“ и ѝ се молев на Дева Марија. Но, главно сѐ се сведуваше на напорна работа.

По некое време, почна да ме измачува совеста. Наместо да му помагам на семејството, јас напорно работев во манастир за да полнам туѓи џебови. Разговарав за ова со главната калуѓерка, и ѝ кажав дека сакам да си одам. Но, таа ме заклучи во една манастирска ќелија надевајќи се дека ќе се премислам и дека сепак ќе решам да останам.

Другите калуѓерки ме пуштија да излезам од ќелијата, но кога видоа дека сѐ уште сакам да си заминам оттаму, повторно ме заклучија. Ова го направија трипати. На крајот, ми рекоа дека можам да си одам ако ја напишам следнава изјава: „Заминувам бидејќи сакам да му служам на Сатана, а не на Бог“. Бев запрепастена. Иако многу сакав да си одам, немав никаква намера да ги напишам тие зборови. Затоа побарав да разговарам со свештеник, и му раскажав што се случи. Тој доби дозвола од бискупот да ме вратат во манастирот во Сарагоса. Откако таму поминав неколку месеци, ми дозволија да си заминам. По кратко време, и Лаури и Рамони го напуштија манастирот.

 „ЗАБРАНЕТА“ КНИГА КОЈА НЀ РАЗДЕЛИ

Фелиса

Фелиса: Подоцна се омажив и се преселив во Кантабрија, покраина во Шпанија. И таму редовно одев во црква. На една неделна миса, свештеникот гневно извика: „Ја гледате ли оваа книга?“ Тој ја покажа книгата Вистина која води до вечен живот, и рече: „Ако некој ви ја дал, донесете ми ја или веднаш фрлете ја!“

Иако ја немав таа книга, веднаш посакав да ја добијам. По неколку дена, две жени кои беа Јеховини сведоци ми дојдоа на врата и ми ја понудија книгата. Истата ноќ ја прочитав од корица до корица. Кога жените повторно дојдоа кај мене, се согласив да ја проучувам Библијата.

„Забранетата“ книга

Отсекогаш сакав да му служам на Бог. Кога ја дознав вистината за него, го засакав со сета душа и имав желба да им кажувам на сите за она што го учев. Се крстив во 1973 год. Ја користев секоја прилика за да му зборувам на моето семејство за вистината. Но тие, а особено сестра ми Арасели, жестоко се противеа на моите верувања.

Арасели: Бидејќи во манастирот постапуваа толку лошо со мене, бев огорчена на мојата религија. Сепак, продолжив секоја недела да одам во црква и секој ден ѝ се молев на Дева Марија. Во мене сѐ уште гореше желба да ја разберам Библијата, и го молев Бог да ми помогне. Но, кога Фелиса ми зборуваше за своите верувања, тоа го правеше со толкав жар што мислев дека е луда. Воопшто не се сложував со она што го кажуваше.

Арасели

Подоцна најдов работа во Мадрид, и се омажив. Низ годините, гледав дека луѓето кои редовно одеа на миса не живееја во склад со учењата на Исус. Поради тоа престанав да одам во црква. Повеќе не верував ни во „светци“, ни во пекол, ни во тоа дека свештениците можат да простуваат гревови. Дури ги фрлив и сите религиозни предмети што ги имав иако не знаев дали тоа е во ред. Бев разочарана, но продолжив да го молам Бог: „Сакам да те запознаам. Помогни ми!“ Се сеќавам дека Јеховините сведоци повеќе пати дојдоа на мојата врата, но никогаш не им отворив. Немав доверба во ниту една религија.

 Сестра ми Лаури живееше во Франција, а Рамони во Шпанија. Во почетокот на 1980-тите, и двете почнаа да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци. Бев уверена дека и тие, исто како Фелиса, не сфаќаат дека она што го учат се чисти лаги. Подоцна се запознав со една моја сосетка, Анхелинес, и станавме блиски пријателки. И таа беше Јеховин сведок. Анхелинес и маж ѝ многупати ми понудија да ја проучуваат Библијата со мене. Тие сфатија дека сакам да дознаам што учи Божјата Реч, иако тврдев дека религијата воопшто не ме интересира. На крајот им реков: „Добро, ќе проучувам со вас, но само ако го користам моето Свето писмо!“ Тогаш го имав католичкиот превод на Библијата на Накар и Колунга.

БИБЛИЈАТА НЀ ОБЕДИНИ

Фелиса: Кога се крстив во 1973 год., имаше околу 70 Јеховини сведоци во Сантандер, главниот град на Кантабрија. Бидејќи имавме огромно подрачје, патувавме прво со автобус, а подоцна и со коли за да им проповедаме на сите луѓе во оваа покраина. Одевме од село до село, и така посетивме стотици села во Кантабрија.

Низ годините, ја проучував Библијата со многу луѓе, од кои 11 се крстија. Повеќето од нив беа католици. Морав да бидам многу стрплива со нив. Исто како и мене, и ним им требаше време да сфатат дека веруваат во религиозни лаги. Знаев дека само Библијата и Јеховиниот свет дух можат да му помогнат некому да го промени размислувањето и да ја разбере вистината (Евр. 4:12). Маж ми, Бјенвенидо, кој порано беше полицаец, се крсти во 1979 год., а мајка ми почна да ја проучува Библијата кратко пред да почине.

Арасели: Кога почнав да проучувам со Јеховините сведоци, мислев дека не можам да им верувам. Но, како што минуваше времето, моите сомнежи постепено исчезнаа. Освен што поучуваа за Библијата, Сведоците живееја според нејзините учења. Мојата вера во Јехова и во Библијата сѐ повеќе растеше и бев многу посреќна. Некои од соседите ја забележаа оваа промена, и ми рекоа: „Арасели, само продолжи по патот што си го избрала!“

Се сеќавам дека се молев: „Фала ти, Јехова, што не крена раце од мене и што секогаш одново ми даваше прилика да го најдам она што го барав — вистината од Библијата“. Побарав прошка и од сестра ми, Фелиса, бидејќи многупати ја имав повредено со она што ѝ го кажував. Оттогаш наваму, повеќе не се расправаме, туку со задоволство зборуваме за Библијата. Се крстив во 1989, на возраст од 61 година.

Фелиса: Сега имам 91 година. Маж ми почина, а јас не можам да правам толку многу како порано. Но, и понатаму ја читам Библијата секој ден, и одам на состаноци и во служба секогаш кога ми дозволува здравјето.

Арасели: Веројатно затоа што бев калуѓерка особено сакам да им сведочам на свештениците и калуѓерките кои ги среќавам во службата. Со некои од нив водев интересни разговори, а на многумина им дадов книги и списанија. Посебно ми остана во сеќавање еден свештеник. Откако разговаравме неколку пати, тој се согласи со тоа што му го кажував. Потоа ми рече: „Ама, што да правам на овие години? Што ќе мислат за мене парохијаните и моето семејство?“ Јас му одговорив: „А што ќе мисли Бог?“ Тој жално кимна со главата, но немаше доволно храброст да продолжи да ја бара вистината.

Никогаш нема да заборавам кога маж ми ми рече дека сака да дојде на состанок со мене. Имаше повеќе од 80 години кога за првпат дојде во нашата сала, и оттогаш не пропушти ниеден состанок. Почна да ја проучува Библијата и стана некрстен објавител. Имам многу спомени од прекрасните моменти кои ги поминавме заедно во службата. Тој почина два месеца пред да се одржи конгресот на кој требаше да се крсти.

Фелиса: Кога почнав да му служам на Јехова, моите три помлади сестри ми се противеа. Но, подоцна и тие ја прифатија вистината. Тоа беше една од најубавите работи што ми се случија во животот. Бевме пресреќни што можеме да поминуваме време заедно и да разговараме за нашиот мил Бог, Јехова, и за неговата Реч. Конечно, сите му служевме обединето! *

^ пас. 5 Во Католичката црква, пред некој да биде прогласен за светец, прво е прогласен за блажен.

^ пас. 29 Арасели (87), Рамони (83) и Фелиса (91) сѐ уште верно му служат на Јехова. И Лаури верно му служеше на Јехова до својата смрт во 1990 год.