Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  април 2016

Остани неутрален во овој разединет свет

Остани неутрален во овој разединет свет

Вратете му го... Божјето на Бог (МАТ. 22:21)

ПЕСНИ: 33, 137

1. Како можеме да им бидеме послушни и на Бог и на човечките власти?

БИБЛИЈАТА ни заповеда да им бидеме послушни на човечките власти. Но, таа вели и дека мора секогаш да му се покоруваме на Бог (Дела 5:29; Тит 3:1). Иако ова можеби звучи противречно, Исус дал едно начело кое ни помага да ги разбереме и да ги послушаме и двете заповеди. Тој рекол: „Вратете му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог“ [1] (Мат. 22:21). Ние му го враќаме „цезаревото на цезарот“ кога ги почитуваме властите и законите во државата, и кога плаќаме даноци (Рим. 13:7). Но, ако властите побараат да правиме нешто што Јехова не го одобрува, ние со почит одбиваме да го сториме тоа.

2. Како покажуваме дека не заземаме страна во политиката?

2 Еден начин на кој му го враќаме „Божјето на Бог“ е така што не заземаме страна во политиката на светот (Иса. 2:4). Бидејќи Јехова дозволува човечките власти да постојат, ние не им се спротивставуваме. Но, исто така не учествуваме во патриотски или национални активности (Рим. 13:1, 2). Не се обидуваме да ги смениме владите или да  влијаеме врз политичарите. Освен тоа, не се кандидираме и не гласаме на политички избори.

3. Зошто мора да останеме неутрални?

3 Библијата наведува некои причини зошто Бог бара да бидеме неутрални. Една причина е тоа што го следиме примерот на Исус, кој не бил „дел од светот“. Тој никогаш не заземал страна во политиката или во војните (Јован 6:15; 17:16). Друга причина е тоа што ја даваме својата поддршка на Божјето Царство. Затоа што не ги поддржуваме човечките влади, имаме чиста совест кога проповедаме дека само тоа Царство ќе ги реши сите проблеми на човештвото. Бидејќи лажните религии заземаат страна во политиката, нивните верници се поделени. Но, ние сме неутрални, и затоа сме обединети со нашите браќа и сестри низ целиот свет (1. Пет. 2:17).

4. а) Од каде знаеме дека ќе биде сѐ потешко да останеме неутрални? б) Зошто уште сега треба да се подготвиме да останеме неутрални?

4 Можеби живееме во место каде што не мора секој да биде политички определен. Сепак, како што наближува крајот на Сатановиот свет, ќе биде сѐ потешко да останеме неутрални. Уште денес луѓето се „своеглави“ и „неспремни за каков и да било договор“, а со текот на времето светот ќе станува уште поразединет (2. Тим. 3:3, 4). Некои браќа веќе биле погодени од ненадејните политички промени во нивната земја. Затоа, треба уште сега да се подготвиме да останеме неутрални и во многу тешки ситуации. Во спротивно, би можеле да направиме компромис и да ја прекршиме нашата неутралност. Да разгледаме четири работи кои ќе ни помогнат да останеме неутрални во овој разединет свет.

ГЛЕДАЈ НА ЧОВЕЧКИТЕ ВЛАДИ КАКО ШТО ГЛЕДА ЈЕХОВА

5. Како гледа Јехова на човечките влади?

5 Една работа што ќе ни помогне да останеме неутрални е да гледаме на човечките влади како што гледа Јехова. Кога ги создал луѓето, тој не им дал право да владеат едни над други (Ерем. 10:23). Во негови очи, сите се дел од едно семејство. Но, човечките влади предизвикале поделби меѓу луѓето со тоа што тврдат дека нивната нација е подобра од другите. Дури и кога се чини дека некои влади се добри, тие не можат да ги решат сите проблеми. Освен тоа, од 1914 год. човечките влади му се противат на Божјето Царство, кое наскоро ќе изврши суд над нив и ќе ги уништи. (Прочитај Псалм 2:2, 7-9.)

6. Како треба да се однесуваме со оние што имаат власт?

6 Бог дозволува да постојат човечки власти затоа што тие одржуваат извесен ред и мир. Благодарение на тоа, можеме да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство (Рим. 13:3, 4). Бог дури ни вели и да се молиме за оние што имаат власт за да продолжиме да му служиме во мир (1. Тим. 2:1, 2). Кога со нас се постапува неправедно, можеме да бараме помош од властите, исто како што направил Павле (Дела 25:11). Иако Библијата вели дека Сатана ги контролира политичките системи, никаде во неа не пишува дека тој директно влијае врз секој политички водач или службеник (Лука 4:5, 6). Затоа, мора да внимаваме да не оставиме впечаток дека сметаме оти некој претставник на властите е под контрола на Ѓаволот. Библијата вели дека не треба да зборуваме лошо за никого (Тит 3:1, 2).

7. Како не треба да размислуваме?

7 Ако сакаме да му бидеме послушни на Бог, никогаш не треба да поддржуваме  одредени политичари или партии, без разлика дали нивната политичка програма ни оди во прилог или не. Понекогаш тоа нема да биде лесно. На пример, што ако во земјата се организираат протести за да се смени владата која долго време го угнетувала народот, вклучувајќи нѐ и нас како Јеховини сведоци? Се разбира, во никој случај нема да им се придружиме на демонстрантите. Но, дали можеби длабоко во себе ќе мислиме дека се во право и ќе се надеваме дека ќе успеат да ги остварат своите цели? (Еф. 2:2). Ние мора да останеме неутрални не само во нашите зборови и постапки туку и во нашето срце.

„БИДЕТЕ ПРЕТПАЗЛИВИ КАКО ЗМИИ, А БЕЗОПАСНИ КАКО ГУЛАБИ“

8. Како можеме да бидеме „претпазливи како змии“, а „безопасни како гулаби“ кога е тешко да останеме неутрални?

8 Втор начин да останеме неутрални е да бидеме „претпазливи како змии, а безопасни како гулаби“. (Прочитај Матеј 10:16, 17.) Ќе бидеме „претпазливи како змии“ ако однапред размислуваме за тешките ситуации во кои би можеле да се најдеме. Сепак, ќе покажеме дека сме „безопасни како гулаби“, односно беспрекорни, ако не дозволиме таквите ситуации да ја скршат нашата неутралност. Да разгледаме кои работи би можеле да ни бидат замка, и да видиме како може да ги избегнеме.

9. На што треба да внимаваме кога разговараме со другите?

9 Разговори. Мора да бидеме многу претпазливи кога луѓето зборуваат за политика. На пример, кога им сведочиме на другите, нема ниту да ги фалиме ниту да ги критикуваме идеите или мислењата на некоја политичка партија или водач. Наместо да зборуваме за политички решенија на човечките проблеми, да им покажеме од Библијата како Божјето Царство ќе ги реши еднаш засекогаш. Ако некој сака да зборува на осетлива тема, како што се истополовите бракови или абортусот, да му покажеме што вели Божјата Реч, и да му објасниме како ние се трудиме да живееме во склад со тоа. Доколку некој смета дека одредени закони треба да бидат укинати или изменети, ние не заземаме страна. Сепак, не настојуваме тој да си го смени мислењето и да се согласи со нас.

10. Како можеме да останеме неутрални кога гледаме или читаме нешто во медиумите?

10 Медиуми. Некои информации на вестите се изнесуваат на многу пристрасен начин затоа што многу медиуми се во служба на политиката. Ова е особено случај во земјите каде што средствата за јавно информирање се под контрола на владата. Ако некоја новинска или телевизиска куќа зазема страна, мора да внимаваме да не се поведеме по она што го изнесува таа. На пример, добро е да се прашаш: „Дали сакам да го слушам тој новинар затоа што се согласувам со неговото политичко гледиште?“ За да останеш неутрален, мудро е да избегнуваш да гледаш или да слушаш извештаи кои поддржуваат одредена страна во политичките прашања. Наместо тоа, обиди се да најдеш некој понепристрасен извор на информации. Исто така, секогаш споредувај го она што го слушаш со „здравите зборови“ од Библијата (2. Тим. 1:13).

11. Зошто може да ни биде тешко да останеме неутрални ако материјалните работи ни се многу важни?

11 Материјализам. Ако парите и поседите ни се многу важни, може да ни биде тешко да останеме неутрални. Во 1970-тите, многу Јеховини сведоци во Малави морале да остават сѐ што имале бидејќи одбиле да се зачленат во  тогашната политичка партија. За жал, некои не сакале да се откажат од својот удобен живот. Една сестра по име Рут вели: „Некои беа протерани заедно со нас, но подоцна станаа членови на политичката партија и се вратија дома бидејќи не можеа да ги поднесат лошите услови во кампот за бегалци“. Сепак, повеќето Божји слуги не се такви. Тие остануваат неутрални дури и ако поради тоа мора да живеат со помалку или да изгубат сѐ што имаат (Евр. 10:34).

12, 13. а) Како гледа Јехова на луѓето? б) Што ќе ни покаже дека можеби сме претерано горди на нашето родно место или земја?

12 Гордост. Многу луѓе се гордеат и се фалат со својата раса, племе, култура, град или земја. Меѓутоа, ваквиот став е спротивен на Божјето гледиште за човечкиот род. Во Јеховини очи сите сме еднакви, и ниту еден човек ниту група луѓе не се подобри од другите. Се разбира, тој не очекува да се одречеме од нашата култура. Всушност, културните разлики придонесуваат за прекрасната разноликост на човечкото семејство. Сепак, тоа не ни дава за право да се воздигнуваме над другите (Рим. 10:12).

13 Никогаш не треба толку да се гордееме со нашата земја или нација што ќе мислиме дека е подобра од сите други. Ако имаме такви чувства, може да ни биде многу тешко да останеме неутрални. Ова било случај во првиот век. Некои еврејски христијани не постапувале праведно со грчките вдовици (Дела 6:1). Како може да знаеме дали кај нас почнува да се развива таква гордост? Кога некој брат или сестра од друга земја ќе ти даде предлог, дали веднаш помислуваш „Кај нас работите се прават подобро“, и потоа го отфрлаш предлогот? Ако да, сети се на следниов важен совет: „Од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе“ (Фил. 2:3).

ЈЕХОВА ЌЕ ТИ ДАДЕ СИЛА

14. Како може да ни помогне молитвата, и кој пример од Библијата го покажува тоа?

14 Трета работа што ќе ни помогне да останеме неутрални е тоа што ќе се потпираме на Јехова. Моли се за свет дух, кој може да ти даде стрпливост и самосовладување, особини кои ќе ти бидат потребни ако властите постапуваат нечесно или неправедно. Исто така, барај мудрост од Јехова за да предвидиш во која ситуација ќе ти биде тешко да останеш неутрален, и моли го да ти помогне да постапиш исправно (Јак. 1:5). А ако те затворат или те казнат на друг начин бидејќи цврсто стоиш на Јеховината страна, моли се да имаш храброст за да ја одбраниш својата вера и да истраеш сеедно што ќе се случи. (Прочитај Дела 4:27-31.)

15. Како може Библијата да ни помогне да останеме неутрални? (Види ја и рамката „Божјата Реч ја зацврстила нивната решеност“.)

15 Јехова може да нѐ зајакне преку својата Реч. Затоа, размислувај за стихови што ќе ти помогнат да останеш неутрален. Потруди се да ги запамтиш бидејќи ќе ти дадат сила ако еден ден останеш без Библија. Божјата Реч може уште повеќе да ја зацврсти твојата надеж во идните благослови што ќе ги донесе Царството. Таа надеж ни е неопходна за да истраеме ако сме прогонувани (Рим. 8:25). Избери си стихови што ги опишуваат благословите кои со душа ги очекуваш, и замисли си дека веќе уживаш во нив во новиот свет.

ПРИМЕРОТ НА ВЕРНИТЕ БОЖЈИ СЛУГИ МОЖЕ ДА ТИ ПОМОГНЕ

16, 17. Што може да научиме од примерот на верните Божји слуги кои останале неутрални во тешки ситуации? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

16 Четврта работа која ќе ни помогне да останеме неутрални е тоа што ќе  размислуваме за верните Божји слуги. Нивниот пример може да ни даде мудрост и сила за да истраеме. Размисли за Седрах, Мисах и Авденаго, кои одбиле да му се поклонат на кипот што бил симбол на Вавилонското Царство. (Прочитај Даниел 3:16-18.) Овој библиски извештај им влева храброст на многу Сведоци денес да одбијат да го поздрават знамето на земјата во која живеат. Исус не се мешал во политика и не заземал страна во општествените прашања. Тој знаел дека со својот добар пример ќе им помогне на учениците. Затоа ги поттикнал: „Бидете храбри, јас го победив светот!“ (Јован 16:33).

17 Многу Сведоци во нашево време останале неутрални иако биле мачени, затворани, па дури и убиени затоа што му останале верни на Јехова. Нивниот пример може да ни помогне исто како што му помогнал на Бариш од Турција, кој рекол: „Франц Рајтер бил млад брат кој бил погубен затоа што одбил да служи во војската на Хитлер. Писмото што ѝ го напишал на мајка му ноќта пред да умре открива дека имал огромна вера и доверба во Јехова. И јас бев решен да го следам неговиот пример ако се најдам во слична ситуација“. [2]

18, 19. а) Како можат браќата и сестрите во собранието да ти помогнат да останеш неутрален? б) Што си решен да правиш?

18 Браќата и сестрите во твоето собрание можат да ти помогнат да останеш неутрален. Слободно кажи им на старешините ако се наоѓаш во некоја тешка ситуација. Тие можат да ти дадат добри совети од Библијата. Освен тоа, ако и други во собранието се свесни за предизвикот со кој се соочуваш, ќе можат да те охрабрат. Замоли ги да те спомнуваат во молитвите. Но, добро е и самиот да им помагаш на браќата и да се молиш за нив (Мат. 7:12). На jw.org (на српски), во статијата „Јеховини сведоци затворени због својих веровања — разне земље“, можеш да најдеш список со имиња на браќата кои се во затвор. Оваа статија се наоѓа во делот ВЕСТИ > ПРАВНА ПИТАЊА. Избери неколку имиња, и моли го Јехова да им помогне на тие браќа и сестри да бидат храбри и да му останат верни (Еф. 6:19, 20).

19 Додека се ближи крајот, може да очекуваме човечките влади да вршат сѐ поголем притисок врз нас за да застанеме на нивна страна. Затоа е многу важно уште денес да се подготвиме да останеме неутрални во овој разединет свет!

^ [1] (пасус 1) Кога го спомнал цезарот, Исус мислел на властите. Во тоа време, цезарот бил владетел кој имал највисока положба во општеството.

^ [2] (пасус 17) Види во книгата Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство, стр. 662 (англ.); и види ја рамката „Со својата смрт го прослави Бог“ во 14. поглавје од книгата Божјето Царство владее!