Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  април 2016

Дали твојата служба е како роса?

Дали твојата служба е како роса?

НАШАТА служба е скапоцена и многу важна. Но, тоа не го разбираат сите на кои им проповедаме. Дури и некои од оние што се заинтересирани за библиската порака мислат дека не мора да ја проучуваат Божјата Реч со нас.

Ова било случај и со Гевин, кој почнал да оди на состаноци, но не сакал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Тој вели дека многу малку го познавал Светото писмо и не сакал другите да го дознаат тоа. Освен тоа, се плашел дека од него ќе се бара да се зачлени во некоја религија, и не сакал да биде измамен. Дали ти би кренал раце од Гевин мислејќи дека никогаш нема да се согласи да проучува? Размисли за тоа колку добро може да влијаат библиските поуки врз некого. Јехова им рекол на Израелците: „Моите зборови ќе паѓаат како роса, како ситен дождец по тревата“ (5. Мој. 31:19, 30; 32:2). Да разгледаме некои факти за росата кои покажуваат како можеме со нашата служба да им помагаме на „најразлични луѓе“ (1. Тим. 2:3, 4).

 ВО КОЈА СМИСЛА НАШАТА СЛУЖБА МОЖЕ ДА БИДЕ КАКО РОСА?

Капките роса се нежни. Росата се создава постепено кога влагата во воздухот се претвора во ситни капки вода. Во која смисла зборовите на Јехова паѓале како роса? Тој му се обратил на својот народ со љубезни, обѕирни и нежни зборови. Ние го следиме неговиот пример кога покажуваме почит кон верувањата на другите. Ги поттикнуваме луѓето самите да размислуваат и да донесат свои заклучоци. Кога покажуваме таков интерес за нив, тие се поспремни да го прифатат она што им го кажуваме, и нашата служба е поделотворна.

Росата освежува. Нашата служба ќе ги освежи другите ако однапред размислуваме на кои сѐ начини можеме да им помогнеме да дознаат нешто повеќе за вистината. Еден брат по име Крис, кој прв му предложил на Гевин да ја проучува Библијата, не му вршел никаков притисок. Наместо тоа, се трудел на разни начини да го вклучи во интересни разговори за Божјата Реч. Тој му кажал на Гевин дека во целата Библија се зборува за една важна порака, и дека ќе му биде полесно да ги разбере состаноците ако дознае нешто повеќе за неа. Потоа Крис му објаснил дека библиските пророштва го увериле него лично дека она што го пишува во Библијата е вистина. Како резултат на тоа, имале многу разговори за исполнувањето на некои пророштва. Таквите дискусии претставувале вистинско освежување за Гевин. На крајот, тој се согласил да проучува.

Росата е неопходна за живот. За време на жешкиот, сушен период во Израел, понекогаш со месеци не паѓа ни капка дожд. Без влага од росата, растенијата венеат и потполно се сушат. Јехова прорекол дека нашево време ќе биде како период на суша затоа што луѓето ќе бидат жедни за слушање на неговите зборови (Амос 8:11). Но, исто така ветил дека помазаниците ќе бидат „како роса од Јехова“ додека ја проповедаат добрата вест за Царството заедно со „другите овци“ (Мих. 5:7; Јован 10:16). Преку пораката што ја проповедаме, Бог сака да им даде живот на оние кои се жедни за вистината. Дали ја цениме оваа порака?

Росата е благослов од Јехова. (5. Мој. 33:13). Нашата служба може да биде вистински благослов за оние што ќе ја прифатат добрата вест. Тоа што Гевин ја проучувал Библијата бил голем благослов за него затоа што му помогнало да најде одговор на сите свои прашања. Тој брзо напредувал, се крстил, и сега со радост ја проповеда добрата вест заедно со својата жена, Џојс.

Јеховините сведоци ја „натопуваат“ Земјата како роса така што насекаде ја објавуваат добрата вест

ЦЕНИ ЈА СВОЈАТА СЛУЖБА

Ако размислуваме за капките роса, ќе сфатиме колку е скапоцен трудот што секој од нас го вложува во службата. Во кој поглед? Само една капка вода не значи речиси ништо, но кога има милиони капки роса, земјата се натопува со влага. Слично на тоа, она што секој од нас поединечно го прави во службата можеби ни изгледа безначајно. Сепак, благодарение на трудот што заедно го вложуваат милиони Јеховини слуги, им се дава сведоштво „на сите народи“ (Мат. 24:14). Дали нашата служба ќе биде благослов од Јехова за другите? Да, нашата порака ќе биде иста како капките роса, кои се нежни, освежувачки и животоважни!