Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  април 2016

Дали е важно што си замислуваме?

Дали е важно што си замислуваме?

ЧОВЕЧКИОТ МОЗОК, кој тежи само околу 1,4 килограми, е опишан како „најсложеното нешто од сѐ што досега било откриено во вселената“. Овој орган навистина влева страхопочит. Колку повеќе учиме за него толку повеќе ги цениме Јеховините чудесни дела (Пс. 139:14). Да разгледаме само една од бројните способности на нашиот мозок — неговата моќ да ги замислува работите.

Ние можеме да си создадеме во мислите слика или претстава за нови и интересни работи, или за нешто што сѐ уште не сме го доживеале. Сигурно ќе се согласиш дека прилично често ја користиме оваа способност. На пример, кога ќе слушнеш или ќе прочиташ нешто за некое место во кое никогаш не си бил, дали ти е тешко да си го замислиш? Всушност, нашиот ум си создава одредена претстава секогаш кога мислиме на нешто што не можеме да го видиме, слушнеме, вкусиме, допреме или помирисаме.

Библијата вели дека луѓето се создадени според Божјиот лик (1. Мој. 1:26, 27). Зарем тоа не укажува дека и самиот Јехова може да си создаде слика за работите кои сѐ уште не се случиле? Ако сметал дека е добро и нас да нѐ обдари со таква способност, тој сигурно очекува да ја употребиме за да ја разбереме неговата волја (Проп. 3:11). Тогаш, што треба а што не треба да си замислуваме?

ШТО НЕ ТРЕБА ДА СИ ЗАМИСЛУВАМЕ

1) Не треба да фантазираме во погрешно време или за погрешни работи.

Дали е погрешно да фантазираме? Не. Всушност, тоа може да биде и корисно. Сепак, бидејќи во Проповедник 3:1 пишува дека „сѐ си има свое време“, јасно е дека би можеле да правиме нешто и во погрешно време. На пример, сигурно нема да имаме никаква корист ако дозволиме да ни летаат мислите кога сме на состанок или кога ја проучуваме Библијата. Освен тоа, самиот Исус предупредил дека е опасно да имаме неисправни мисли, на пример, да размислуваме за неморал (Мат. 5:28). Некои работи кои би можеле да си ги замислуваме му се одвратни на Јехова! Неморалните мисли се прв чекор кој може да води до неморални постапки. Затоа, биди решен никогаш да не дозволиш фантазирањето да ти стане замка и да те оддалечи од Јехова!

2) Не треба да си замислуваме дека материјалното богатство може да ни донесе трајна среќа.

Точно е дека материјалните работи се неопходни и корисни. Меѓутоа, сигурно ќе се разочараме ако почнеме да си мислиме дека тие се извор на вистинска среќа и заштита. Мудриот цар Соломон напишал: „Богатството му е утврден град на богатиот и е како висок ѕид во неговото мечтаење (Изр. 18:11). На пример, размисли што се случи кога, во септември 2009 год., главниот град на Филипините, Манила, го зафатија поројни дождови. Дали богатите беа поштедени кога над 80 отсто од градот се најде под вода? Еден богат човек, кој изгубил многу во таа непогода, рекол: „Поплавата ги погоди сите подеднакво — им нанесе тешкотии и страдања и на богатите и на сиромасите“. Иако некој би можел да си мисли дека материјалните работи нудат вистинска заштита и сигурност, фактите го потврдуваат спротивното.

3) Не треба претерано да се грижиме за работи кои можеби никогаш нема да се случат.

Исус нѐ советувал да не бидеме претерано загрижени (Мат. 6:34). Оној што без престан се грижи за сѐ и сешто, сигурно има прилично бујна фантазија! Но, дали тоа му користи? Би можеле да потрошиме многу време и сила размислувајќи за проблеми кои моментално ги немаме или кои никогаш нема да ги имаме. Библијата покажува дека таквата загриженост може да нѐ обесхрабри, па дури и да нѐ фрли во депресија (Изр. 12:25). Многу е важно да го послушаме советот на Исус така што нема претерано да се грижиме и ќе се трудиме да ги решаваме проблемите еден по еден како што ќе доаѓаат.

ШТО ТРЕБА ДА СИ ЗАМИСЛУВАМЕ

1) Треба да се трудиме да ги предвидуваме и да ги избегнуваме опасностите.

Библијата нѐ поттикнува да размислуваме однапред и да бидеме проникливи (Изр. 22:3). Добро е да си ги замислиме можните последици од некоја одлука што треба да ја донесеме. На пример, ако си поканет некаде на забава, како оваа способност ќе ти помогне да одлучиш дали да одиш или не? Откако ќе размислиш за тоа кој друг е поканет, колку луѓе ќе бидат присутни, и кога и каде ќе биде забавата, прашај се: „Што би можело да се случи таму? Дали тоа навистина ќе биде изградувачко дружење во склад со библиските начела?“ Ваквите прашања ќе ти помогнат да си го претставиш настанот во мислите. Така ќе можеш да донесеш мудра одлука, и нема да се најдеш во опасна ситуација која би можела да ти го наруши односот со Јехова.

2) Треба да се обидеме да ги решаваме проблемите во мислите.

Понекогаш способноста да си ги замислуваме работите може многу да ни помогне да се справиме со проблемите. Да речеме дека имаш недоразбирање со некој брат во собранието. Како ќе му пристапиш за да се смириш со него? Треба да земеш предвид повеќе работи: Како обично комуницира тој брат? Кога е најдобро време да  разговарате за проблемот? Што би било најмудро да му кажеш, и со каков тон на гласот? Пробај да си замислиш неколку начини на кои би можел да постапиш во таа ситуација, и избери го оној што ти се чини дека е најдобар и што би можел да допре до срцето на братот (Изр. 15:28). Ако однапред размислуваш како да постапиш во некоја тешка ситуација, ќе придонесеш да се зачува мирот во собранието.

3) Треба да си ги замислуваме настаните за да извлечеме поголема корист од личното читање и проучување на Библијата.

Неопходно е да ја читаме Библијата секој ден. Но, не е доволно само да поминуваме по неколку страници. Треба да размислиме кои практични поуки може да ги извлечеме од она што го читаме, и треба да бидеме мотивирани да ги примениме. Исто така, читањето на Библијата треба да го зголеми нашето ценење за Божјите мерила и постапки. Тоа ќе ни користи уште повеќе ако си го замислуваме она што го читаме. Како? Да ја земеме за пример книгата Угледајте се на нивната вера. Извештаите во неа можат да ни помогнат да си ги замислиме местата и околностите во кои живееле некои верни Божји слуги во минатото. Можеме живо да си ги претставиме настаните, како лично да го гледаме и слушаме она што се случувало. Треба да се обидеме да си замислиме и како се чувствувале лицата за кои читаме. На тој начин ќе извлечеме прекрасни поуки и ќе најдеме охрабрувачки мисли дури и во библиските извештаи кои ни се чини дека веќе добро ги знаеме.

4) Треба да се трудиме да развиеме и да покажуваме сочувство.

Сочувството е прекрасна особина која е опишана како способност да ја чувствуваме болката на другиот во нашето срце. Бидејќи и Јехова и Исус се сочувствителни, добро е да го следиме нивниот пример (2. Мој. 3:7; Пс. 72:13). Во тоа може многу да ни помогне способноста да си ги замислуваме работите. Иако можеби никогаш не сме го доживеале она што му се случува на некој наш брат или сестра, може да се прашаме: „Како ќе се чувствував да бев на негово место? Што ќе ми беше потребно?“ Ваквите прашања ќе ни помогнат да се соживееме со него, и да покажеме поголемо сочувство. Всушност, тоа што ќе бидеме сочувствителни ќе ни користи на секое поле од животот — како во службата, така и во односите со соверниците.

5) Треба да си го замислуваме животот во новиот свет.

Библијата ни црта живописна и детална слика за животот во Божјиот нов свет (Иса. 35:5-7; 65:21-25; Отк. 21:3, 4). Во нашите публикации има прекрасни цртежи кои ги надополнуваат таквите описи. Тие ја разгоруваат нашата фантазија и ни помагаат да се замислиме во новиот свет. Јехова најдобро знае колку голема моќ има оваа способност. Кога ја користиме за да размислуваме за неговите ветувања, тоа ни влева доверба дека сигурно ќе се исполнат. Исто така, ни помага да му останеме верни, и покрај тоа што денес се соочуваме со многу тешкотии и проблеми.

Јехова со љубов ни дал способност да си ги замислуваме работите. Таа навистина може многу да ни помогне додека му служиме. Да му покажеме дека од срце сме благодарни за овој скапоцен дар така што мудро ќе го користиме секој ден.